October 8, 2013

Војводите позирале пред да одат во битка

Повеќето македонски војводи биле претпазливи околу фотографирањето, иако некои биле вистински позери, како што би ги нарекле денес, а други, пак, биле фотографи или барем се обидувале да бидат. За да се направи слика од вооружените чети во планините, пак, било потребно да се изведе една цела мала операција
Една историска фотографија кажува многу повеќе од илјада збора, таа е вистински времеплов, кој на истражувачот му овозможува контакт со едно време за кое веќе нема живи сведоци. Така е и со фотографиите од македонското револуционерно движење и од славниот илинденски период, вели професорот Ванчо Ѓорѓиев од Институтот за историја при Филозофскиот факултет во Скопје.
- Тие не само што ни овозможуваат да го видиме вистинскиот лик на револуционерот, на четникот, на војводата, туку и опремата, вооружувањето, облеката, понекогаш и бројноста на четите, потоа епилогот од многу борби, последиците и многу други вредни податоци - додава Ѓорѓиев.

Епохата на македонското револуционерно движење, на Илинденското востание, за подоцнежните години оставила значителна фотодокументација, од класични студиски портрети и овековечени градски сцени до слики од вооружените војводи и четите во планините. Од денешен аспект ни се чини дека пред 100-120 години да се има фотоапарат во рурална Македонија било како да се има спејс-шатл. Тогаш, кој и како ги овековечил сите тие кадри во шумите и во горите?

- Кон крајот на 19 век, иако Македонија се третира како мошне заостаната провинција на Османлиската Империја, сепак во неа продреле техничко-технолошките достигнувања на Западот, особено во градовите. Има железница, пошта, телеграф, па во тој контекст е присутна и фотографијата. Во секој град имало градски фотограф, нешто што е иницирано, меѓу другото, и од законот што предвидувал секој што сака да ја напушти земјата да поседува патна исправа, т.н. тескере, а во него да има слика. Фотографијата не е ништо необично, но сепак како нов производ што стигнал на овие простори, не е ниту масовно застапена - продолжува професорот Ѓорѓиев.

ФОТОСЕСИИ И ВО МАКЕДОНИЈА И ВО БУГАРИЈА

Сите претставници на револуционерното движење што ќе биле фатени им било судено за дејства против државата во согласност со османлискиот кривичен закон. Поради тоа, тие избегнувале премногу често да се фотографираат. Сепак, има доста фотографии од почетоците, кога тие иако биле членови на илегална организација, сѐ уште вршеле и легални дејности, на пример како учители, па во рамките на тоа се сликале. Голем број портрети што сѐ уште се користат во учебниците се направени во тој период во градските студија. Веќе по 1900-тата година, како што се зголемувала бројноста на четите и како што зачестувале судирите со османлиите, почнуваат да се гледаат македонските револуционери во нивната вистинска форма - во планина и вооружени. Таа појава се засилува во 1902 и во 1903 година. Но поголем дел од тие слики биле направени во Бугарија.

- Четите преминувале во Бугарија за да презимат, да се екипираат, да се снабдат со оружје, да се излекуваат ранетите итн. Таму имале кампови. Пред да се вратат во Македонија често се фотографирале таму, при што ги викале фотографите да дојдат на планините, за да се долови амбиентот. Познато е дека во ќустендилскиот пункт, пунктовиот началник ја сликал секоја чета пред да ја испрати назад во Македонија. Овие фотографии од неодамна во Бугарија се објавени во посебна публикација - додава професорот.

Други слики, пак, биле направени во Македонија. Во тие случаи градскиот фотограф морал да ја прошверцува тогашната кабеста опрема надвор од добро обезбедуваните градови, веројатно да ја натовари на магаре или на коњ иако нема податоци како се одвивало сето тоа, да замине во планините и да фотографира. Притоа, обично се ваделе малку слики, по една или две, бидејќи ако власта пронајде таков материјал, ќе го осуди фотографот како соучесник.

Во основа, четите се фотографирале илегално, внатре во Македонија, или надвор од империјата до 1908 година, кога по Младотурската револуција биле легализирани, па се симнале во градовите со коњи и со оружје, парадирале, или, како што вели Ѓорѓиев, неколку дена глумеле братство и единство со Турците. Тогаш сосема легално биле направени повеќе фотографии на чето во разни градови низ Македонија.

СЛИКАЛЕ МАНАКИ, НОВИНАРИТЕ, НО И ВОЈВОДИТЕ

Бидејќи недостига детално истражување за фотографијата во илинденскиот период, ретки се приказните за тоа како настанале конкретни слики, кој ги направил, со каква опрема, како стигнал до местото, или како стапил во контакт со четите итн. Сепак познати се добар дел од луѓето што се заслужни за овековечувањето на овие големи моменти од македонската историја. Милтон Манаки, секако, бил еден од најистакнатите, во неговата колекција имало слики од македонски чети, од грчки андартски чети, но и од важни настани во империјата. Особено интересен примерок е фотографијата од судскиот процес за Попставревата провала, во која требало да му се суди и на Дамјан Груев во 1901 година. Интересот за настанот бил огромен, Турците, наводно поради немање доволно голема просторија за јавно да го одржат официјалниот дел од судскиот процес, за задоволување на интересот на јавноста, изнајмиле циркуски шатор под кој се одржал процесот. Манаки го фотодокументирал сето тоа, а на фотографијата меѓу осудениците се гледа и Дамјан Груев.

Странските новинари (американски, руски, француски и други) што биле заинтересирани за македонското револуционерно движење, преку македонските иселеници стапувале во контакт со водачите за да можат да се сретнат со четите, па дури и да ги  фотографираат. Најзначаен пример е американскиот новинар Алберт Сониксен, познат по својата книга „Исповед на еден македонски четник“. Тој направил повеќе фотографии, а во делото објавил само дел од нив. Меѓу другото, Сониксен во првите поглавја од својата книга опишува како стапил во контакт со четите. Бил во Воден, морал да излезе среде ноќ со двајца придружници, да се движи низ црна темница долго време, додека не излегле од добро обезбедуваниот град, а потоа забележал пет силуети на коњаници за кои претпоставил дека се комити.

- Сониксен во книгата опишува и дека Ташко Арсов, четник од Охридско, бил опседнат од моќта на фотографијата и постојано се обидувал да фотографира нешто со примитивна опрема, но сето тоа било безуспешно - вели Ѓорѓиев.

За разлика од него, пак, Анастас Лозанчев, инаку претседател на Битолскиот окружен комитет и член на Главниот штаб на Илинденското востание, по професија бил фотограф. Таа дејност му давала можност легално да се движи низ вилаетот и да исполнува организациски активности. Тој бил еден од организаторите на Смилевскиот конгрес, на кој била донесена одлуката за Илинденското востание. Тогаш го носел својот апарат, при што направил неколку снимки, но четникот на кој му го дал материјалот да го чува и да го однесе за развивање во Битола го оштетил материјалот. На тој начин пропаднала веќе создадената фотодокументација од овој значаен настан.

По Илинденското востание, под странски притисок, настапуваат Мирцштетските реформи, кои имаат за цел да ја смират состојбата во Македонија, но и да го елиминираат револуционерното движење. Во тие рамки турската држава создала специјални единици, добро обучени од странски инструктори, кои требало брзо и ефикасно да ги елиминираат револуционерните чети. Тие честопати со себе воделе фотографи за да ги фотодокументираат своите постапки, или пак по некоја значајна акција ги ангажирале локалните фотографи. Фотографиите настанати на тој начин имале повеќекратна намена, да се регистрира извршеното, да се оправда акцијата за употребата на сила, да се идентификуваат жртвите, но и пред надворешниот свет да се покаже дека не употребиле прекумерна сила во борбата против бунтовниците.
- На тој начин настанале многу фотографии од немили сцени. На пример таа од убиениот Дамјан Груев, кој загинал во Русиново во декември 1906 година. Всушност, властите прво не знаеле дека го елиминирале него, но подоцна, откако се расчуло дека можеби меѓу убиените има важни личности, било наредено да се изврши ексхумација. Притоа бил донесен фотограф, кој го сликал телото на покојниот Груев од две различни позиции. Тие фотографии му биле испратени на генералниот инспектор за македонските вилаети Хусеин Хилми-паша, кој од своја страна примероци од нив им поделил на дипломатските претставници во Солун - раскажува професорот Ѓорѓиев. 

На таков начин настанале фотографиите од бесењата на Александар Турунџе во Битола и на Ристо Василев од Струмица.

СВЕСТ ЗА ИСТОРИСКАТА ВАЖНОСТ

Уште во годините пред востанието, кога зачестиле судирите со Турците, членовите на организацијата станувале свесни дека тоа што го прават е од историска важност, но и дека во секој момент кој било од нив може да загине, па затоа сакале да остават нешто зад себе и почесто се фотографирале. Сето тоа се случувало спонтано, во зависност од околностите, а фотографиите завршувале кај приватни лица, блиски роднини, или пријатели.

- Сепак, повеќето илегални раководители настојувале фотографиите да не бидат многу размножувани и раздавани, па затоа денес имаме многу малку слики од некои личности. Повеќето биле дискретни, познато е дека Гоце Делчев од конспиративни причини строго се однесувал кон објавувањето и растурањето на неговиот портрет. За разлика од него, Апостол Петков, кој е познат како Ениџевардарско сонце, многу сакал да се фотографира и да се гордее со својот портрет. Негови слики виселе во софиските кафеани, каде што им биле на очиглед на турските агенти, додека тој се борел во Македонија. А. Петков со себе постојано носел повеќе примероци од својот портрет. По битката кај Смол на 1 март 1905 година, кога загинал Сава Михајлов, а А. Петков преживеал, истражителите на теренот пронашле четириесетина портрети што за време на битката биле запленети меѓу воен материјал што го загубила четата. Апостол Петков дури го поставил на дописна поштенска картичка, која ја испраќал до своите пријатели. При разни истраги во Ениџевардарско кај повеќе луѓе биле пронаоѓани неговите што сам ги делел. Се разбира, сопствениците на портретите биле земани на одговорност поради врски со војводата. Навистина многу сакал да се истакнува - објаснува Ѓорѓиев.

Една мошне интересна графика од фотографијата на А. Петков била објавена во 1944 година во локален весник во едно гратче во Јужна Каролина, САД, во рубриката „Верувале или не“. Покрај тоа стои текст дека тој убил 2.400 Турци со сопствени раце, а султанот му плаќал пари за да се преправа дека е мртов.
Спонтаното и илегално фотографирање, додава професорот, траело во целиот предилинденски и постилинденски период, но поголем ангажман за зачувувањето на тие документи бил преземен по Балканските војни и особено меѓу двете светски војни, од македонската емиграција во Бугарија, каде што била најмногубројна и во која се нашле многу поранешни членови на Македонската револуционерна организација.

- Погодена од своите патриотски побуди, таа таму почнала да трага по сопственото минато, да ги собира материјалите, да ги објавува во списанија и весници, но и да подготвува албуми - вели професорот Ѓорѓиев.

 Оригинали има во архивите, музеите и кај приватни лица

Без истражување нема ниту посебна каталогизација на илинденските фотографии. Некои од оригиналите се чуваат во архивското одделение на Институтот за национална историја, потоа во разни фондови и збирки на Државниот архив на Македонија, во фондот на Милтон Манаки, во музеите во Крушево и во другите локални музеи во повеќе градови, но и кај приватни лица. Музеите обично изложуваат репродукции, за да го заштитат оригиналот.
- Некои слики сѐ уште се кај приватни лица, кои поседуваат такви материјали поради сопствените интереси, но сигурно има и такви што не знаат дека нивните предци биле активни во револуционерното движење и дека фотографиите што ги зачувале од нив имаат историска вредност - истакнува Ѓорѓиев.
Ванчо Ѓорѓиев - во постојана потрага по нов материјал

Ванчо Ѓорѓиев, кој предава македонска историја на Институтот за историја при Филозофскиот факултет уште од 1992 година, е еден од најдобрите познавачи на македонското револуционерно движење, на Илинденското востание и на настаните што се случиле пред и по него, со шеесетина наслови од оваа област, меѓу кои има и пет монографии на оваа тема.
Професорот Ѓорѓиев многу се интересира токму за фотографиите и вели дека постојано се труди да најде нови слики за да ги илустрира своите трудови, наместо да ги користи оние што постојано се вртат. Тоа јасно се забележува во неговите книги.
- Луѓето често се вчудовидени кога ќе видат дека сум го објавил Делчев со шапка, каде што речиси не може да го препознаат, потоа Јане Сандански со коса, во помлади години, или Даме Груев без брада, исто така додека бил помлад - вели професорот.
Тој е познат и по разоткривањето на аферата со една фалсификувана фотографија од Делчев пред неколку години, која во јавноста ја презентира жена што се претставуваше како негова внука. Веднаш забележал дека портретот е изваден од групна слика што добро ја познавал и дека бил многу невешто обработен во фотошоп.
- Опремата во тие времиња била кабеста, но создавала фотографии со исклучително добар квалитет. Затоа фотомонтажите и фалсификувањето е лесно да се откријат - додава тој.
  • Милтон Манаки го овековечил судењето на Даме Груев во циркуски шатор
  • Материјалот од Смилевскиот конгрес е неповратно загубен поради невнимателниот четник што го чувал
  • Гоце Делчев и повеќето други дејци биле мошне дискретни, но имало личности како Апостол Петков, кој си носел десетици портрети од себе и ги делел насекаде
  • Македонските фотографи морале да се кријат и да ја шверцуваат опремата за да ги сликаат четите во горите, па повеќето такви фотографии се направени во Бугарија

Автор: Гоце Трпковски (извор: Нова Македонија)

No comments:

Post a Comment