October 22, 2013

Комитите пукале со црногорски пиштоли и виеле сириски јатагани

Оние што турскиот аскер го гледале преку своите нишани најчесто во рацете држеле пушки познати во народните песни како „малихерки“ „берданки“ и имале скромен арсенал од црешови домашни топови направени по босански терк, кои во неколку пригоди револуционерите всушност и успеале да ги насочат против Отоманската Империја

 Во битките против Турците и сите непријатели за слобода на Македонија македонските комити користеле незабележливо, мало, лесно, тивко, но истовремено прецизно и молскавично оружје. Врз основа на историски факти и документи, 110 години од Илинденското востание, може да се заклучи оти македонските комитски чети во својот арсенал користеле оружје што главно било од австриско потекло, но се користело и германско, руско, црногорско, бугарско, па дури и турско оружје.

Комитите најголем мерак имале по лесни и релативно мали револвери, на кои искусен војник можел да им „верува“ и кои можеле да се скријат секаде во облеката, но истовремено сакале да парадираат и со наострени светкави сабји и накитени ножеви околу појасите.

Оние што турскиот аскер го гледале преку своите нишани најчесто во рацете држеле пушки познати во народните песни како „малихерки“, „берданки“ и имале скромен арсенал од црешови домашни топчиња направени по босански терк, кои во неколку пригоди револуционерите всушност и успеале да ги насочат против аскерот на Отоманската Империја.

Фази на еволуција

- Оружјето што било употребувано во борбата против османлиите, ако историски го анализираме, всушност еволуирало на идентичен начин како што еволуирале и потребите на оние што се бореле за ослободување на поробената Македонија - објаснува професор д-р Александар Стојчев од Воениот музеј на Македонија.
Стојчев појаснува дека гледано низ призмата на историјата слободно може да се заклучи оти постојат три фази на комплетно различно лично и формациско вооружување на македонските борци за слобода што војувале против моќната турска држава.

- Првата фаза го опфаќа периодот кога всушност не постоеле единствени координирани комитски чети. Втората фаза трае непосредно до Илинденското востание, а за третата и финална етапа се смета периодот за време на крушевскиот бој - вели Стојчев.

Тој истакнува дека на самиот почеток од првата фаза, од 1880-тите, па сѐ до 1890-тите, односно во времето кога истовремено паралелно дејствуваат централниот комитет на ТМОРО и македонскиот врховен комитет, битката против османлиите се водела тајно и практично терористички со употреба на убојни, брзи и кратки напади во урбани средини.

- Токму поради ваквиот начин на војување во своите акции од тој период Македонците најмногу ги користеле револверите. Од досега утврдените историски факти повеќе од јасно е дека нашите борци во најголем дел користеле црногорски пиштоли „кардел“, односно тамошна верзија на рускиот револвер „нагант“, кои по разни шверц-канали стигнувале во Македонија од Црна Гора преку Албанија - објаснува Стојчев.

Тој истакнува дека иако помалку по број од „карделите“, револуционерите го употребувале и австрискиот револвер „гасер“, кој всушност бил поскап и потешко се набавувал, но истовремено бил и помал во димензии и полесен за носење.

Оружјето како занает

Д-р Стојчев истакнува дека како што подоцна се разгорувала организираната битка против османлиите така во втората историска етапа истовремено се зголемувала и потребата за повеќебројно, поевтино и поинакво вооружување.

Со оглед на тешките економски услови, набавката на оружјето била навистина тешка, а и постојаното набљудување од страна на османлиските власти придонело Македонците да почнат сами да произведуваат свое оружје, кое се изработувало во тајни работилници што тешко можеле да се откријат.
Експертот објаснува дека најдобри услови за изработка на оружје имало во селските работилници, каде што и се зародил занаетот на македонското военоконструктроско дело.

- Поради фактот дека оружјето било барано на пазарот, постапно почнале да се формираат дури и засебни оружарски професии: ножарство, туфекџирство (пушкарство), бомболеарство, а подоцна биле регистрирани и мајстори што изработувале дрвени топови. Оружјето се изработувало тајно и главно во ковачките, коларските и кожарските работилници - вели Стојчев.

Нашиот соговорник истакнува дека комитите во овој период до Илинденското востание сакале да користат отрови, ножеви, јатагани и сабји како моделот „димискија“, кој бил изработен во Дамаск, и „френгијата“, која била од француско потекло.

Црешовите топови

- Третата и финална фаза за која е карактеристично времето на крушевското востание без сомнение е обележена од употребата на таканаречените пропагандни оружја, односно дрвените топови - подвлекува соговорникот.

Тој истакнува дека изработката на дрвените топови кај нас имала солидна подлога, а оружјата биле засновани на постојни вакви босански орудија.

- Цевките на топовите биле изработувани од стебло од тврдо дрво (цреша, брест, див бадем, орев), оковано со железни обрачи. Овие топови главно биле мајсторија на занаетчиите бочвари, ковачи и колари. За време на Илинденското востание во 1903 година за два месеца биле направени 17 дрвени топа - раскажува Стојчев.

Тој објаснува дека сите имале различни димензии. Должината им била од 80 до 150 сантиметри, а тежината се движела од 20 до 70 килограми.

- Калибарот на топовите варирал во зависност од муницијата што ја користеле, а ѓулињата биле изработувани од различни метални предмети, кои можеле најлесно да се набават. Најпознатата бомболеарница „Новак“ била лоцирана во Битола, а цевките на топовите изработени таму имале пречник од околу 9 сантиметри - вели соговорникот.

Професорот резимира дека за време на Илинденското востание, покрај топовите, незаменливи обележја на комитите се и пушките „малихерки“ и „берданки“. Првите биле од австриско, а вторите од руско производство.

Автор: Александар Србиновски (извор: Нова Македонија)

3 comments:

Anonymous said...

Не ме сфаќајте погрешно, не намерувам да навредам некого со коментаров, но принуден сум бидејќи се кажани погрешни информации.

Прво, таканаречените „кардел“ револвери се всушност австриски револвери познати по името Гасер, модел од 1870 а кај комитите биле познати како кардалии. Револверите се набавени од Австрија за во Црна Гора и одтаму стигнале до Македонија. Револверот од овој тип воопшто не е лесен, тежејќи килограм и неколку стотини грама наполнет, но претставува многу моќно оружје поради калибарот од 11,25мм.

Второ, во однос на револверите од типот Нагант - Црна Гора воопшто нема набавено такви револвери, но блискиот сосед Србија ги има набавено во голем број во 1890тите, па претпоставувам одтаму го нашле патот до Македонија.

И уште едно нешто - правилното име на пушките е маНлихера, доаѓајќи од името на произведувачот Австриски Манлихер. Пушката е модел од 1895та и на Балканот е користена од Бугарија, но и оригинални Австриски пушки биле набавени од Организацијата. Сепак, знаеме дека често во народните песни имињата на оружјата се често погрешно опеани (мамѕерки, ливорвери итн.).

Поздрав и само напред.

Macedonian Documents said...

Огромно благодарам за коментарот и за исправките.

Поздрав и секое добро.

Петар said...

Браво за твојот коментар момче баш е добро да се знае.