September 9, 2013

Черепот со вкрстени коски како симбол на македонските револуционери

Денес, за повеќето од нас, прва асоцијација на знамето со череп и вкрстени коски се пиратите, но ваквото знаме во повеќе варијанти се користело и од страна на македонските револуционери.

Во статија[1]  посветена на Балканот, а пред сè на Македонија, од австралискиот весник „Sunday Times“[2], oд 2. јуни 1940 година, е даден оскуден опис на знамето на Тајната македонско – одринска револуционерна организација:

Реконструкција на знамето, вер. 1 (бои според извор 4)
Реконструкција на знамето, вер. 2 (бои според извор 5)
Статијата во „Sunday Times“








„...Во 1896 година, ја формираа ВМРО – Внатрешната македонска револуционерна организација[3], избирајќи го за свое знаме типичниот мелодраматичен црвен череп со вкрстени коски...“

Истата информација, со дополнително појаснување дека знамето било црно, е објавена и во книгата „Герилска борба: Историска и критичка студија“[4]

 „…мотото на ВМРО беше „Слобода или смрт“, а нејзиното знаме беше црно со црвен череп и вкрстени коски...“

Опишувајќи ја состојбата за време на Илинденското востание, односно превземањето на градот Крушево од страна на македонските револуционери, во книгата „Македонија – нејзините луѓе и историја“[5], исто така е спомнато ваквото знаме:

„...над градот Крушево сега се вееше црвеното знаме наместо она црно-бело знаме со череп и крстосани коски, кое беше симбол на востанието.“

За веродостојноста на овие, тврдења за изгледот на знамето, индиректно може да посведочи тоа што на капите на неколку македонски револуционери во периодот на Илинденското востание, меѓу кои и на војводата Питу Гули, се видливи претстави на мртовечки череп над вкрстени коски.

Питу Гули
Всушност, ова не претставува единствен пример на знаме со овој симбол кога се во прашање знамињата на македонските револуционери.

За време на Илинденското востание, на горниот крај на држалката на востаничкото знаме, веено над училишната зграда во Крушево, во која што бил сместен и заседавал Советот на месната револуционерна власт[6], имало претстава на череп и вкрстени коски.

За тоа, како изгледало ова знаме, дознаваме благодарение на описот што го дал македонскиот револуционер и автор на Крушевскиот манифест - Никола Киров Мајски:

„Знамето е од црвена свила, обшиено со жолта срма. На средината со златеникава свила се извезени две раце кои се ракуваат над палмов венец, а над рацете има запален факел. Околу сето тоа има натпис: „Слобода или смрт - знаме на Крушовската чета“. Наоколу, целото знаме е обшиено со златеникави срмени реси, а по краевите висат големи срмени пискули. На горниот крај на држалката има мртовечка глава над две вкрстени коски, а над главата крст - сето тоа е позлатено.“

Никола Киров Мајски соопштува и дека ова знаме било носено од одредот на војводата Питу Гули, а знаменосец бил Георги Димев. При враќањето на одредот, од селото Света во Гумења, целото крушевско население го бакнало и благословило знамето и поминале под него. Ова е пренесено во статијата „Град Крушево и неговите борби за слобода“ (ориг. Градъ Крушово и борбить му за свобода), стр. 16, во весникот „Илустрација Илинден“ (ориг. Илюстрация Илинден)[7], книга 1 (61), година VIII, од ноември 1934 година. На повеќе броеви, на самата насловна страна од овој весник, во долниот дел може да се види знаме припишано на Илинденското востание, на кое е испишан текстот:

„Независна Македонија
–за неа ние се бориме,
за неа ние умираме.“

(ориг. „Независима Македония - за нея ние се боримъ, за нея ние мремъ“)

На горниот крај на држалката на ова знаме, исто како и на знамето на Крушевската чета, може да се забележи мртовечка глава со вкрстени коски.

„Илустрација Илинден“ 1927 година
Таков е случајот и со илустрацијата на знаме (дел од самото лого на весникот), прикажана на насловната страна од весникот на македонската емиграција во Бугарија –„Слобода или смрт“ (ориг. „Свобода или смърть“)[8].

На него е испишан знаменитиот слоган на македонските револуционери, кој воедно бил и назив на овој весник, а на горниот крај на држалката на знамето, исто како и во двата претходно споменати примери, е прикажана мртовечка глава над две вкрстени коски.

Знамето од првиот број на списанието (10 декември 1924)





Знамето од број 86 на списанието (18 јануари 1929)



Черепот со вкрстени коски е присутен и на задната страна на Кратовското илинденско знаме.[9]

Кратовско Илинденско знаме
Во овој случај симболот е поставен на црна позадина, а специфично за него е тоа што двете вкрстени коски може да се препознае дека се до висок степен анатомско правилни бедрени (надколени) коски (лат. femur).

Черепот со вкрстени коски е присутен и на неколку значки на ВМРО од периодот по 1919 година.

Значни на ВМРО од периодот по 1919 година
За присуството на овој симбол меѓу припадниците на ВМРО во триесетите години од минатиот век соопштува францускиот новинар и писател Албер Лондр (Albert Londres) при средбата со, во тоа време раководителот на ВМРО, Ванчо Михајлов:

„Зад нив тројца, насликано на ѕидот имаше црно знаме со череп и девизата „Слобода или смрт“ оддолу.“ [10]

Овој симбол станал толку многу карактеристичен и препознатлив за ВМРО, па така, главен показател по кој властите разбрале дека Владо Черноземски, атентаторот на југословенскиот крал Александар Караѓорѓевиќ во 1934 година, бил член на оваа македонска организација, била тетоважата на неговата рака на која покрај иницијалите на ВМРО имало череп со вкрстени коски и натпис „Слобода или смрт“.[11]

Класификацијата на симболот череп со вкрстени коски од македонските знамиња, илустрации на припишани знамиња од весници, значки и др., главно може да се изврши по два параметри и тоа:

1. Присуство односно недостаток на долна вилица (лат. mandibula), при што:
- черепот има долна вилица, каков што е примерот со кратовското илинденско знаме.
- черепот нема долна вилица, каков што е примерот со значките на ВМРО по 1919 година.
2. По местоположбата на двете крстосани коски, при што тие може да се наоѓаат:
- зад черепот каков што е примерот со значките на ВМРО по 1919 година.
- непосредно под черепот, каков што е примерот со знамето на крушевската чета и со кратовското илинденско знаме.

Причината, поради кои македонските револуционери избрале да го постават черепот со вкрстени коски на своите знамиња, не ни е позната со сигурност, но таа сигурно кореспондира со причините поради кои овој симбол генерално се користел и сè уште се користи. Па така, познато е дека пиратите го користеле знамето со вкрстени коски за да ги уплашат посадите на бродовите на кои што ќе наиделе. Самиот череп со вкрстени коски со векови наназад претставува алегорија на смртта, а исто така сè уште служи како универзален симбол за смртносно отровни супстанци. Според ова, една од причините поради кои македонските револуционери го поставиле на своите знамиња најверојатно била со цел психолошка војна, односно заплашување на противниците.[12]

Друга причина може да се бара во знаменитиот бескомпромисен слоган на македонските револуционери „Слобода или смрт“, според кој, борбата за Македонија требало да се води до последниот здив и до последниот човек, сè додека не се ослободи. Сличен пример во светски рамки е региментот на британската кралска војска со прекар „Death or Glory Boys“ (момчиња за смрт или слава), сличен на македонскиот слоган, кој исто така за свој амблем го има черепот со вкрстени коски.

Александар Стеванов, објавено во Македонски Хералд, број 6 

[1] Насловот на статијата е „Balkan Hurdy Gurdy“ (стр. 16s), а нејзин автор е Џон Дигби (John Digby).
[2] Весникот е основан во февруари 1897 година, во Перт, Западна Австралија, под називот „West Australian Sunday Times“. Денес сè уште се издава.
[3] Иако е општопозната под називот ВМРО, во 1896 година, на Конгресот во Солун, на кој што меѓу другите учествувале и Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров, официјално била наречена Тајна македонско – одринска револуционерна организација (ТМОРО). Темелите на организацијата се удрени на 23. октомври 1893 година, при што е договорено новата револуционерна организацијатата да биде тајна и да се вика Внатрешна. Во октомври 1905 година на Рилскиот конгрес, организацијата покрај нов Устав го добива и новото име Внатрешна македонско-одринска револуционерна организација (ВМОРО).
[4] Laqueur, Walter „Герилска борба: Историска и критичка студија“ (ориг. „Warfare: A historical & critical study“), стр. 182, седма едиција 2009, оригинално објавена во 1976 година.
[5] Прибичевиќ, Стојан „Македонија – нејзините луѓе и историја“ (ориг. „Macedonia, its people and history”), стр. 128, 1982 година, Пенсилванија (1990 година, Скопје).
[6] Зографски, Данчо „Националните и идејните насоки и достигања на Илинден“ стр. 17, 1968 година, Скопје.
[7] весник на македонската емиграција во Бугарија, коj изобилува со написи за Македонија и Македонците од илинденскиот период. Излегува во Софија, од април 1927 до мај 1944 година.
[8] со поднаслов „Револуционерен лист“ (ориг. „Революционен лист“) е весник на македонската емиграција во Бугарија, илегален орган на ВМРО. Весникот излегува од 1924, па сè до забраната на ВМРО од Деветнаесетомајската влада во 1934 година.
[9] Миљковиќ, Ѓорѓе, „Илинденските знамиња и печати“ стр. 68, 2003 година, Скопје, по повод стогодишнината од Илинденското востание (фотографија: Софиски музеј). За знамето авторот вели: „На задната страна на знамето, на црна основа, исто така во средината на квадратот е претставена мртовечка глава со две попречни коски под вилицата што ја симболизира смртта.“
[10] Лондр, Албер (Londres, Albert) „Комитите или тероризмот на Балканот“ (ориг. Les Comitadjis ou Le terrorisme dans les Balkans), стр. 11, 1932 година, Париз.
[11] Греам, Стивен (Graham, Stephen) „Александар од Југославија: приказната за кралот кој беше убиен во Марсеј“ (ориг. „Alexander of Yugoslavia: the story of the king who was murdered at Marseilles“), стр. 260, 1972, оригинално објавена во 1939 година, Њу Хеван.
[12] За застрашувачкото значење на овој симбол на ВМРО, во книгата од 1993 година „Балкански дух: патување низ историјата“ (ориг. „Balkan ghosts: a journey through history“), на американскиот новинар Роберт Дејвид Каплан (Robert David Kaplan), пишува (стр. 65-66): „ВМРО, која дополнително се радикализираше по поразите од 1913 и 1918 година, стана терористичка држава во државата и, со помош на својата инсигнија - черепот со крстосани коски, во надворешниот свет стана синоним за омраза и насилствен нихилизам.“

No comments: