August 10, 2013

Драмата на Егејците 22

Драмата на Егејците (22)

Многу деца-бегалци своите родители ги видоа по десетина години, а на некои им се загубија сите траги.

Нема сили да го посети родното Шештево

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Доца и Леонидас Гогаровски судбината ќе ги одведе во полската држава каде што ќе свијат семејно гнездо и во која ќе ја гледаат иднината, а нивните родни места Шештево и Герман се далечен спомен што ќе ги носат до гроба. Доца никогаш досега не била во Шештево каде што го поминала детството. Нема сили да стаса дотаму, зашто, како што вели, се плаши дека ќе и' препукне срцето од напливот на спомените. Леонидас во Герман беше пред три години, но кога стасал таму, не го видел истото село што го познавал од детството, оној Герман од пред 60 години.

Доца Гогаровска - Алексовска не знае да каже точно колку години имала кога ја одвеле од Шештево, 12 или 13, зашто и ден-денес нема никаков документ од кој може да види кога е родена. Сестра и' Цила, која живее во Вишини, под планината Вичо, и' рекла дека Грците ги изгореле сите документи. „Затоа на секој оној што ќе ме праша му велам дека сум вечно млада“, вели таа и се смее додека разговараме преку телефон. Но, затоа точно го памети денот 25 март 1948 година кога заминале сите деца од Шештево. „Не' собраа пред школата и на нашите мајки им рекоа: ’Ако сакате да ги куртулите вашите деца од смртта, морате да ги пратите во демократските држави, далеку од војната’“.

Доца Гогаровска подробно раскажува за долгиот пат што го поминале. „Сестра ми Цила ме зеде мене и помалиот брат Мито, не' качи на магарчето и тргна пеш кон Желево. Поминавме покрај Малиот Камен, каде што се наоѓа раката на Крале Марко (така ни велеа), потоа поминавме низ многу други села и стигнавме во Желево. Таму преспавме сите во една соба на катот. Кога се разбудивме, Цила веќе ја немаше, заминала кога ние спиевме. Оттаму, тргнавме пеш кон границата на Југославија. Патувавме ноќе, зашто дење авионите бомбардираа, а ние се плашевме“, вели таа. Притоа, ни го раскажува случајот со нејзиниот братучед Младо, кој откако ја преминале границата и стасале до Преспанско Езеро, преморен и ненаспан од долгото мачно патување по планинските беспаќа, почнал да вика: „Ене таму гледам има пат“ и се стрчал кон езерото и влегол во водата, мислејќи дека е пат.

Мајка ми Софија умрела од мака, се разболела откако грчките војници ги интернирале татко ми и двете мои сестри на некои острови, раскажува Доца Гогаровска, која денес живее во Полска; деца-бегалци од костурското село Крчишта снимени во Солице-Здуи во Полска во 1949 година

Најпрво ги пречекале во селата Долно Дупени и Љубојно, а оттука ги однеле во Браилово, Прилепско, каде што ги качиле на воз. Неа и братот преку Белград ги однеле во Романија, каде што останале седум месеци, а потоа ги сместиле во Полска. „Во домовите во Полска ни беше многу убаво, во Романија беше малку потешко зашто државата беше посиромашна. Ама и тие правеа многу за да ни ги олеснат маките. Ни даваа колку што можеа. И самите немаа повеќе“.

Доца во Полска завршила педагошка академија и 30 години работела како наставничка по руски јазик на полски, македонски и на грчки деца. Вели дека нема сили да отиде во родното Шештево и да ги види местата каде што го поминала детството. „Не можам да ги контролирам емоциите и се плашам дека во мене ќе се скрши нешто. Ќе почнам да плачам, зашто секој камен на кој сум стапнала како дете, секое дрво покрај кое сум минувала ќе ме врати во годините на детството, кои колку и да ми беа сиромашни, мене ми се многу драги. Мислам дека средбата со Шештево нема да ја издржам“.

Со мајка и' не се видела по бегството во 1948 година. „Мајка ми Софија умрела од мака, се разболела откако грчките војници ги зеле мојот татко и двете поголеми сестри и ги интернирале на некои острови. Останала сама со стоката. Ми раскажуваа дека претрпела многу. Не можела да издржи без своите деца, и' препукнало срцето. Почина во 1952 година. За среќа, сестрите тогаш се вратиле од интернација, па имало кој да ја погреба. Татко ми, откако го пуштиле од заточеништво, се вратил во Шештево и по 17 години од разделбата, дојде кај нас во Полска за да не' види. Двете сестри, Цила и Тома, живеат во Грција, постариот брат Јани е во Чешка, а помалиот Мито во Полска.

Со Леонидас имаат син и ќерка. Синот го крстиле Ристо, а ќерката Лена. Синот е оженет за Полјачка и со нејзиното семејство, како што вели, живеат многу добро. На внучињата им дала македонски имиња - Златко и Петре. Во Македонија дошла само еднаш во 1988 година за време на првата Средба на децата-бегалци во Скопје. „Ќе дојдам со ќерка ми на годинашнава Средба по повод 60-годишнината од нашата разделба“, вели Доца Гогаревска.

Целото нејзино семејство никогаш не седнало на една софра. Со сестрите кои живеат во Грција се слуша преку телефон. И двете се омажиле за Македонци. И на двете сопрузите не им биле живи. „Јас не го знам добро грчкиот јазик, а нивните деца македонскиот. Еднаш еден внук ми се јави на телефон и почна да ми зборува грчки. Му велам разбирам, ама не можам да ти вратам на грчки. Му предложив јас да зборувам на македонски, а тој на грчки. И така си направивме убав муабет“, раскажува Доца и посебно нагласува дека за се' што се случувало и се случува грчкиот народ не е виновен, туку политичарите, дека имаат многу добри пријатели Грци.

Нејзиниот сопруг Леонидас имал 14 години кога ноќта од Герман тргнале пеш преку граница. Вели дека авионите постојано бомбардирале, а од граната било погодено и новото училиште. Го прашуваме дали нивните мајки и татковци доброволно ги испратиле во другите држави или, пак, тоа било резултат на пропагандата на комунистите. „Објективно да ви кажам, немаше друг излез. Авионите постојано надлетуваа и бомбардира, така што децата мораа да ги испратат на посигурно“, објаснува тој.

Во семејството Гогаровци биле тројца браќа и една сестра и сите биле во долгите колони на децата-бегалци. Тој и еден од браќата ги качиле во вагонот што заминал за Романија, сестра му во друг за Чехословачка, а третиот брат останал во Југославија, во Бела Црква. Зошто ги делеле братчињата и сестричките, зошто уште повеќе им го отежнувале и без тоа тешкото детство, далеку од семејното огниште, Леонидас не може да ни објасни. Вели дека се спасил од мобилизацијата на децата од домовите што биле испраќани на боиштето поради тоа што бил низок по раст, иако бил меѓу постарите. „Ги одбираа според височината, а не според годината на раѓање. Ќе видеа дека некој е височок и ќе му речеа дека може да носи пушка. Да знаеја кога сум роден, најверојатно, ќе ме земеа и мене“, вели Леонидас.

Неговото семејство не се распрсна во повеќе држави во светот како повеќето егејски фамилии, туку и двајцата браќа и сестрата живеат во Полска. Така им е полесно да ја надминат носталгијата и оддалеченоста од родното Герман. Сите завршиле школи. „Од многуте Македонци што стасаа во Полска, останаа многу малку. Во Шчечин каде што живееме нема ни триесетина Македонци“, додава Леонидас.

Ни објаснува дека за трагичната судбина на Егејците можат да се пишуваат истории. Кога отишол во Герман, не нашол ниту еден роднина. Се сретнал само со еден Македонец, постар човек, кој за време на војната не побегнал со мажите од селото, туку останал таму. Не се сеќавал на него, зашто кога го однеле со другите деца, не бил во селото. Претпоставува дека бил мобилизиран од Грчката армија и кога завршила војната, се вратил дома, што не им било дозволено на другите Македонци што се бореле на страната на Демократската армија на Грција. Со него разговарале за Герман пред шеесетина години, за војната и неговото опустошување. „Жална е сликата на Герман, кое тогаш имаше околу 3.500 жители, а сега кога го посетив, живеат само 150 души и тоа само Грци. Имаше и неколкумина Власи со кои добро се разбирав зашто говореа македонски“, раскажува Леонидас.

(Продолжува)

No comments:

Post a Comment