July 13, 2013

Барем гробот им го видов

Пред 100 години, исправен над рововите напуштени од турската војска во безглавото повлекување, погоден од турски куршум, загина Мисалје Ѓурчинов Јовески. Според сведоштвото на негови соборци од     Македоно-Одринското Ополчение, на повиците да залегне како и другите во напуштените ровови оти ќе загине, одговорил:

„Ако, барем грбот им го видов!“

И така и загинал-тој им го виде грбот, тие му го видоа гробот.

Поранешен војвода и реонски началник на Рабетинкол (Кичевско), Мисајле денес е сосема заборавен и речиси затрупан под купот податоци од бурното време на неговото делување во Македонското ослободително дело 1893-1912, од кои само неколку посредно и нејасно упатуваат на него. Приказните за него останаа само во прераскажуваните случки на неговите современици, запомнети од само неколку негови внуци, истражувани и докажувани од негови правнуци, сè и сè-во потрага по вистината.

...Пред неколку недели, по објавата на „Општиот азбучен список на загинатите во војната 1912/1913“ на интернет, го пронајдов под името Михаил Ѓурчинов. Загинал на 15 ноември (стар стил), односно 28 ноември (нов стил) 1912 година, во Кешанско (Кешан, Keşan, Источна Тракија или Одринско, како што се нарекуваше во негово време), и бил погребан некаде во Кешанско, со други зборови, гробот не му се знае. Загинал пет дена пред првото примирје помеѓу завојуваните балкански сојузници и Отоманската Империја.

Следните неколку месеци, селото Кешан и околината станале соборно место за Македоно-Одринското ополчение, пред нападот на Стамбол, кај Чаталџа, како и појдовна точка за одбивање и разбивање на десантот на турската војска предводена од Мустафа Кемал Паша (попознат како Ататурк) кај Булаир-Галиполе (26 јануари 1913), Шарќој (9-11 февруари 1913). Истиот тој Ататурк, кај истото тоа Галиполе, само три години подоцна ќе ја порази моќта на Британската империјална армија, а види-ваму во Балканската војна е поразен и разбиен на своја територија од на две-на-три собрана и вооружена војска од доброволци, поранешни комити, војводи и дејци на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација...

Приказната за учеството на Мисајле во ослободителните борби на Македонија, започнува 19 години порано. На 29 јули 1893 година, се случува колежот во неговото родно село Латово, кога од страна на качаците на Исљам Гарани, пред очите на турските собирачи на данок, со секири се исклани 6-мина селани, меѓу кои и неговиот татко Ѓурчин Лазоров Јовески. Иако причините за колежот во Латово се поинакви, непосредна причина за тоа бил настан  во пролетта таа 1893 година, во кој биле замешани двајцата браќа Мисајле и Божин, но тоа е долга приказна за некој следен број.

Иако Мисајле за влакно ја избегнал судбината на татко си, за него враќањето во поранешниот начин на живот било невозможно. И да сакал да се смири и помири со горката судбина, не можел. Заминува во Бугарија, каде што се вклучува во работата на Задграничниот Комитет на ТМОРО. Според сведоштвото на неговиот брат Божин, носител на Илинденска Споменица, тој постојано патувал за Македонија и назад за Софија. Во 1900 година, во нивната родна куќа се формира месен комитет на ТМОРО од војводите Стојан Донски и Кочо Куршумот. По нивното залагање бил воспоставен еден од организационите канали за безбедно внесување чети во Македонија кој што врвел преку Латовската Гора-северните падини на Бушева Планина, како што сведочи во своите спомени Славејко Арсов. Не е забележено, ни запаметено да се случило предавство на ниедна чета што минувала преку овој пат.

Почетокот на Илинденското Востание го затекнало во подготовка на чета за „внатре“. Четата со која што тој пристигнал во Македонија, била дел од гломазната чета од 138 комити предводена од Ѓорче Петров, која пристигнала на востаничката територија по објавата на востанието. Групата од комити по потекло од охридско, демир-хисарско и кичевско, броела 45 души, според спомените на Ѓорче, и тие по преминот на Вардар во велешко се одделиле од него кај селото Степанци, и заминале секој на својот синор. Групата за кичевско, била предводена од Петар (Панчо) Радев, подоцна наречен Пешо Пашата. Оваа чета, во која што бил и Мисајле Ѓурчинов, била вооружена со пушки „манлихери“, кои што во тоа време биле ценети како подобро и побрзометно оружје од „мартинките-капсалии“ или од грчките „гра“ пушки, кои биле главно вооружување на востаниците.

Брат му Божин откако учествувал во нападот и заземањето на Крушево во селската чета предводена од војводата Ванчо Митрески (во „Протоколите на Смилевскиот Конгрес“ забележан како Иван Димитров, делегат од Крушевско, заедно со Никола Карев), бил задолжен за прибирање на интендантски потреби по Порече и христијанските села на Долно Кичево. Веќе неколку дена ги слушале татнежите откај Крушево, и не биле свесни дека Републиката е загушена во пламен и крв. Враќајќи се од поречките села, кај Девини Кули, над село Девич, забележале поголема вооружена група која што била облечена во некакви униформи, но без ознаки. Знаеле само дека сигурно не е турска војска, оти носеле каскети, а не фесови. Откако биле забележани, од групата се издвоил еден комита, во кого Божин го препознал својот брат Мисајле. Но, додека траело меѓусебното поздравување, од кон Текија-Брод (денешен Македонски Брод) се слушнале пукотници. Група востаници се повлекувала пред помногубројна турска потера. Дојдената чета, веднаш се подготвила за помош. Со брза стрелба од манлихерите ги натерале Турците во повлекување во Брод-доволно за сите да се извлечат кон височините на Песјак и Добра Вода. Вестите што им ги донеле гонетите востаници не биле добри: им раскажале за крајот на Крушевската Република, и дека тие се дел од отстапницата на главната востаничка група која што со пробој се извлекла од турскиот обрач и заминала преку Бушева Планина.

Четата на Пешо Радев-Пашата до крајот на Востанието, ја насочила својата активност во реоните на Рабетин-Кол (Рабетинска Река), Долно Кичево и Порече во заштита на христијанските села и таму останала во следните два месеци, сè до издавањето на наредбата на Главниот штаб за прекин на востаничките дејства. Војводата Пешо Пашата го заменил на теренот како реонски началник војводата Ванчо Србакот, кој што заминал во реонот на неговото родно село Вранештица и околината, за таму да раководи со востаниците. Според „Мемоарот на Внатрешната Организација“ издаден во 1904 година, како и извештаите на конзулите, заедно со други војводи или како одделно, Мисајле се спомнува во битките кај: Патеец, 10 август (стар стил); и онаа на врв Песјак, Планина Чаљоица, 26-27 август (стар стил), кога 180 востаници воделе 24-часовна битка со 16000 аскер и башибозук.
 
Во 1905 година повторно заминува за Македонија, во четата на соборецот од Илинденското Востание, војводата Пешо Пашата. На позадината на фотографијата што ја направиле пред заминување, според изворникот, стои датумот 4 јуни 1905. За жал, освен за војводата, нема податок кој е кој на фотографијата.

Веднаш се вкучуваат во одбрана на населението од „мршојадците“ од сите страни. За Пешо Пашата има и неколку народни песни од тоа време, а изворите што ги користел Петар Поповски, за неговата двотомна историја „Крваво досие...“, том први, стр. 585, го наведуваат војводата Мијајле Латовчето, „кој бил голем заштитник на христијаните во кичевско од теророт на разбојниците“. Заради итна потреба на Организацијата, веднаш по пристигањето, во втората половина на јуни 1905, Пешо Пашата бил испратен на помош во велешко, каде се јавило ново жариште на српската пропаганда, а Мисајле бил определен за реонски началник на Рабетин Кол.

Истата година, во втората половина на септември во селото Латово престојувал со своја чета и Ѓорѓи Сугарев. На пат од Порече, преку врските во село Сланско, една квечерина слегол во селото. Таму го пречекал реонскиот началник, воојводата Мисајле, а набрзо им се придружиле и други чети од крушевско и кичевско. Селаните го пречекале Сугарев во празнични облеки, и иако притиснати од сите страни, иако поразени во востанието, со жар ги раскажувале судирите и битките со Турците во кои што учествувале.

Комитите ги имале потпрено своите пушки една до друга на еден сувоѕид на средселото. Кратко пред заминување, се случило една од пушките да падне врз следната и така сите од прва до последна попаѓале како домино. Кога го виделе селаните, завртеле со главите, и го замолиле војводата Ѓорѓи Сугарев да се чува, оти „ова со паѓањето на пушките не е добар знак, не е на арно“. За паѓањето на пушките, секако, историските свидетелства не говорат, но на неколку места се запишани зборовите што Сугарев тогаш ги упатил кон насобраните:

-Борбата ќе се води до крај и никакви пречки не треба да нè плашат. Ако треба да се умре, ќе умреме, зашто и затоа тргнавме... Не треба повеќе да ви објаснувам... Ајде до гледање... Брзото повикување во битолско ме загрижува и треба веднаш да заминам. За 10-15 дена чекајте ме!

Но веќе никогаш не се вратил. Предаден уште од Битола, од кодошот Петре Лигушот од Гени-маале, Сугарев загинува на 11 март (24 март-нов стил) 1906 над селото Паралово со сета своја чета. Следната 1907 година, на 25 мај, крај соседното на Латово, село Русјаци, убиен подло и од заседа, загинува и војводата Пешо Пашата.

Во врска со животописот на Мисајле, годините помеѓу Уриетот и почетокот на Балканските војни се обвиени во целосен мрак. Но неколку податоци од самиот крај на неговиот живот, фрлаат неколку зраци светлина: во споменатиот попис на мртвите војници, Мисајле е заведен како обичен војник. Тоа е чудно! Неговиот соселанец Зарија (Захарија), кој што бил обичен комита за време на Востанието, за време на Првата Балканска војна, имал офицерски чин во огнестрелниот полк на Македоно-Одринското Ополчение, а ваму поранешен реонски началник, војвода од Востанието и потоа, раководител со огромно искуство-најобичен регрут во истото тоа Ополчение.

Друг необичен податок од пописот на загинатите војници е што Мисајле бил вклучен во Четвртата (Битолска) дружина на     Македоно-Одринското Ополчение, составена од членови на Битолското, Прилепското и Тетовското Братство на македонските емигранти. Значи, не му било дозволено ниту учество во дружина составена од доброволци од неговиот-кичевскиот крај од каде што потекнувал - Долно Кичево (каква што била 6-та Охридска дружина), и каде што толку години бил реонски началник-Рабетин Кол.

Очигледно е дека Мисајле не се помирил со фактот што Организацијата се ресцепила на два дела и тоа што почнале безумни атентати на сите страни. Четите повеќе време губеле на ликвидирање на неистомисленици, отколку во борбата за ослободување на Македонија. Тоа што не му било дозволено да состави чета за да замине за Македонија, зборува дека одродените раководители на Организацијата кои што го формирале Ополчението, немале доверба дека тој ќе ги следи нивните упатства диктирани од Меѓусојузничкиот Договор за разделување на Македонија. Затоа, му дозволиле да учествува во единица за која што знаеле дека нема да биде упатена за Македонија, ами далеку во Одринско-Тракија. Таа единица била Македоно-Одринското Ополчение.
 
Во него, од 14670 доброволци, над 12000 биле Македонци. Со таков јад, чемер и мрачно претчувство, Мисајле заминал во последниот бој...

Веста за неговото загинување, неговите браќа  распрснати на печалба по Србија, Бугарија и Романија, ја примиле по завршувањето на Првата Балканска војна и успеале, во неколкуте недели до започнувањето на Втората Балканска кланица да се состанат на „неутрален“ терен, во Романија, во Турну Северин, и таму да направат заедничка фотографија за спомен. За да им биде бројот на фотографијата пополнет, го замолиле еден нивни соселанец-Никола Стефаноски, кој бил таму на печалба да го заземе местото на нивниот паднат брат Мисјале...

...Тоа им била и последната заедничка средба. Сакајќи или не, ја споделиле судбината со родната Македонија, распарчена и повторно поробена во тројно ропство. Се растуриле на сите страни на окрвавениот Балкан, и никогаш повеќе не се собрале заедно...

Ѓорѓи Ѓурчиновски

Hundred years ago, standing straight above trenches that Turkish army had just abandoned, hit by a Turkish bullet, fell Misajle Gjurchinov Joveski. According to the witnesses present on the spot, his fellow comrades from the Macedonian-Adriаnopolitan Volunteer Corps, he stood deaf to their cries to lie down in the abandoned trenches or he will face death, he just replied: “It does not matter; I am pleased to see their back, to see them fleeing!”

And that is how he perished-he saw their back, they saw his grave.

Former Vojvoda (leader of the Revolutionary group) and county chief of Rabetinkol (Kichevo region), Misajle today is totally forgotten and almost buried under the pile of multitude of other information from that stormy period of his participation in the Macedonian liberation cause from 1893 to 1912. Only few reports and really not explicit ones are pointing toward him. But the stories of his life were repeatedly told by his contemporaries, remembered by few of his grandchildren, and explored and proved by his great-grandchildren, with one and only goal-pursuit of truth!

This humble text is an attempt to throw more light on his story!

Gorgi Gurcinovski

No comments:

Post a Comment