Драмата на Егејците (20)
Мајка Стоја за цело време била со децата, од формирањето на првите домови во Бела Црква во Војводина, па се' до нивното затворање; деца-бегалци со нивни „мајки“ и воспитувачки во Бела Црква
Стоја беше мајка на сите егејски деца
Виктор Цветаноски (Утрински весник)
„Кај мене како да е заробена некоја рана. Како да има некаков часовник, кој при секоја средба со моите деца проработува и ми ги буди спомените на годините поминати во тие мачни времиња. Многу ми е тешко да ви опишам како плачеа мајките, прегрнувајќи ги своите рожби, како ни останаа куќите празни, дворовите и улиците пусти без детска смеа, без детска радост“. Стоја Јанковска или „мајка Стоја“, име по кое ја препознаваат децата-бегалци, со овие зборови ни ја пренесува драмата што таа лично ја преживеала во тие тешки години. Додека ни раскажува, се труди да ги скрие солзите, но тие навираат и не секнуваат. Чувствуваме дека во неа пак чука оној ист часовник и ги буди спомените од пред 60 години.
Таа вели дека тогаш цел народ бил напоен со борбата за национална слобода и сите тие верувале во таа борба. Затоа и мајките се согласиле да се одвојат од своите рожби сигурни дека тие брзо, по победата, ќе се вратат. „Кога на границата не' испраќаше учителот Лазо Ангеловски, ни рече за три месеци ќе се вратите со црвено знаме. И ние верувавме. И чекавме, чекавме, но не дочекавме. Јас отидов во родното место по 55 години, заедно со мојот брат“, раскажува мајка Стоја, која помина цели дваесет години со децата што и' ги довериле мајките.
Мајка Стоја за цело време била со децата, од формирањето на првите домови во Бела Црква во Војводина, па се' до нивното затворање. Останале четириесетина деца без родители и нив во 1958 година ги префрлиле во Скопје во домот „11 Октомври“. Со нив останала се' додека не завршиле средни училишта. Таа и натаму продолжила да работи како воспитувачка.
Мајка Стоја посебно нагласува дека животот на децата во домовите им бил добар, дека сите имале добри услови за школување. „Тоа беа деца од селата, деца на земјоделци и сточари, на овчари, на шнајдери, на самарџии, на ѕидари. Онака облечени во селски алишта и извалкани од долгото и мачно патување, секој што ќе ги видеше ќе заплачеше. Тие првпат се качија на воз, првпат во домовите видоа бањи. Навистина беа без своите родители, но повеќето завршија факултети, некои станаа доктори на науки“, раскажува Стоја Јанковска.
Таа со љубов ни ги покажува портретите на нејзините деца снимени деновите кога стасале во домовите. За секое дете ни раскажува по нешто интересно. На ниту едно не му го заборавила името. Меѓу нив има и грчки деца. Вели дека не правеле разлика дали некое е Македонче или Грче. „За нас сите беа исти. Ние им бевме ’мајки‘, сите беа наши деца“. Кога си заминало последното дете, управникот и' рекол да ги понесе во Македонија за да им ги даде на децата кога ќе се види со нив, за спомен од нивниот заеднички живот. Со некои се видела и им ги дала, некои не знае каде се. Се надева дека до крајот на животот ќе се види со сите.
Големата мајка на децата-бегалци има добиено многу признанија од југословенската држава и од Црвен крст за закрилата и топлината што им ја давала, но вели дека за неа најголемо признание е благодарноста и почитта што тие ја имаат спрема неа. „Чекам еден ден автобус и слушам како еден помлад човек кого не го познав ме прашува дали сум јас воспитувачката Стоја. ’Да, му велам, ама не можам да се сетам на тебе’. ’Јас сум Лазе Шопов’. Кога ми кажа, го прегрнав. Ме прашуваше каде живеам. Му велам дека ми дадоа еднособно станче. Знаете што ми одговори. ’Тебе требаше вила да ти изградат. Осум години без пари ни ги заменуваше мајките’“, се сеќава на таа драга средба со Лазе, која никогаш не ја заборава.
„Еднаш Кире Секулов, мое дете од домот, ме сретна и ме прашува каде одам и дали имам само петнаесетина минути да ме запознае со своите другари. Ме однесе во канцеларијата кај неговите колеги и колешки и им вели: ’Да ви ја претставам мојата мајка Тереза’. Се расплакав. Тие зборови за мене вредеа повеќе од се' на светот’“, раскажува осумдесетгодишната Стоја.
Големата македонска мајка неизмерно ги сака децата. Вели дека тие и' го продолжиле животот. „Ми доаѓаат во посета, а тие што заминаа во странство ми пишуваат писма. ’Драга најсакана Стојне. Многу ми е тешко да пишувам писма на најсаканите луѓе, бидејќи требаше сите да бидеме во едно место и да се гледаме се' додека сме живи. Ама не било така, судбината не' однесе многу далеку за да пишуваме писма со солзи на очите“, и' пишува Томка Пандова од Трсје, преселена во далечната Австралија. Таа и' ја кажува нејзината најголема желба - кога ќе умре, сака во гробот да и' ги стават писмата од неа и заедничките слики.
Сите нејзини деца-бегалци и' се обраќаат на Стоја Јанковска со мајко, а таа вели дека тие биле најголемите жртви не само за време на војната, туку и по нејзиното завршување, за време на Информбирото и студента војна. Се сеќава дека Резолуцијата на ИБ ја затекнала во Романија каде што заедно со триесетина „мајки“ посетувале тримесечен курс за учителки. Тогаш грчкиот учител што им предавал им рекол: „Вие, учителките, нема да се вратите во Југославија, зашто ќе ги земеме оттаму сите деца“. „Не остануваме овде - ако треба, пеш ќе се вратиме кај децата. Мајките ни ги бацуваа рацете за да им ги чуваме, а ние сега нема да ги оставиме“, му велиме. Извесно време откако се вратиле во Бела Црква, една ноќ им ја снемало единаесетгодишната Антигони Хасу, Влаинка од Псодери. Цела година не знаеле каде е. По една година, им јавиле македонските учители од Чехословачка дека е таму.
Мајка Стоја работела осум години како народен учител. Во 1956 година се омажила и пред да се земат со сопругот, му поставила еден услов. „Му реков - ако дојде да живее во домот, ќе се земиме. Јас не можам да ги оставам децата сами, треба некој да ги чува и да биде со нив кога ќе се будат. Во домот ни дадоа една соба и во неа живеевме до неговото затворање“, вели таа.
Еднаш го посетила своето родно место Рудари. Таму сретнала тројца свои ученици од Бела Црква, кои се вратиле во 1950 година. Михали и Аристотел имале формирано семејства, добиле и внуци, Јанчо починал. Го посетила неговиот гроб и долго плачела. „Потресна беше средбата со Михали и Аристотел, плачев и јас, плачеа и тие. Тешко е, но, сепак, е убаво да се сретнеш по толку многу години со луѓето што ги сакаш. Сите што останаа по војната таму не' покануваа дома. Во 1950 година во Грција испративме околу 500 деца. Од нив, околу 450 беа Македончиња, кои таму имаа свои роднини“, се потсетува таа на тие тешки времиња.
Од домот во Бела Црква само пет-шест деца биле мобилизирани во Демократската армија во познатата антихумана акција. „Дојде Гркот Георгијадис и ги мобилизира повозрасните. Ги однел во Булкес, населба со грчки бегалци во Војводина. Мислевме дека ги носи на работа и дека ќе ги врати, ама погрешно сме мислеле. Од нив, три деца загинале. Се сеќавам само на името на Стефче, другите не ги помнам“, раскажува Стоја Јанковска една од многуте епизода на големата егејска драма.
Кога во 1948 година заедно со децата тргнале од родното Рудари по патот без враќање, имала дваесет години. Од нејзиното семејство, таму останале татко и' и најстариот брат Васил за да се борат. Со неа заминале двајцата помали браќа Ристо и Гоче. Сестрата Александра ја однеле со други деца во Романија. Веднаш по поразот, татко и' и мајка и' со најмалиот брат Никола побегнале со брод преку Албанија за Полска. Наскоро по пристигнувањето, татко и' починал од тешките рани и е погребан во Полска. Најстариот брат Васил, кој четири пати бил ранет, по поразот пребегнал во Русија, каде што подоцна во Ташкент ја зел мајка си, братчето и сестри си од Полска. По сите патешествија, семејството, конечно, во шеесеттите години се собрало во Македонија.
(Продолжува)

No comments:
Post a Comment