January 6, 2013

Четирите македонско – римски војни

Четирите македонско – римски војни (178 п.н.е.- 168 п.н.е.)

С. Бенџамин Трејси

Третиот чин од театарската драма во која се одиграле четирите војни помеѓу Македонија, предводена од Антигонидите, и Рим (201 п.н.е. – 148 п.н.е.), ги донесува на сцена востанието и последниот крал од династијата на Антигонидите, Персеј (212п.н.е. – 166 п.н.е.). Декадата на новото владеење по смртта на кралот Филип V повторно ги соочува Рим и Македонија во жестока битка и натпревар за превласт и опстанок. Новиот крал на тронот и неговото огорчено чувство за Рим предизвикале противникот да си го преиспита мислењето за силата и спремноста на Македонија, па така и двете нации извршиле реорганизација во домашните редови, спремајќи се за воен судир.

Ако се навратиме кон крајот на Втората македонска војна (поразот на Филип V и примирјето со Рим, на чело со Тит Квинциј Фламинин), градовите-држави останале да делуваат како протекторат на Рим, додека Македонија и Рим склучиле договор за мир (179 п.н.е.). Неочекуваната предвремена смрт на Филип му ставила крај на мировниот договор, затоа што неговиот посвоен син и наследник Персеј, ја наследил и повторно ја оживеал војната со Римјаните. Голем број претходни фактори го воскреснале судирот, меѓутоа омразата на триесет и четиригодишниот крал кон римските барањата несомнено го поттикнале, бидејќи компромисите од примирјето ја потчинувале и парализирале неговата македонска земја. Персеј, како и неговиот татко, ниту им верувал на мотивите на Рим ниту пак на римското пристуство во хеленските градови-држави. Како последница на недовербата, Персеј ја поттикнал својата нација да се крене против Римјаните, за да си ја поврати репутацијата и моќта и да го продолжи отпорот против непријателската окупација. (Постојат голем број пишани материјали за карактерот, делото и животот на Персеј, од перото на Ливиј, Плутарх и Полибиј. На читателите кои се заинтересирани да дознаат повеќе за него им се препорачува да ги истражат записите на овие автори. Како и да е, во овој текст е претставена скратената верзија од неговите воени судири со Рим.)

За да ја поврати империската моќ на Македонија, како и контролата на териториите превземена од страна на Рим со мировниот договор, единствената стратегија на Персеј била да го поткопа и поништи с.то она кое го уредувал Рим. Тој веднаш извршил напад врз териториите на север од Македонија и на југ кон хеленските градови- држави, проширувајќи ги границите на македонската земја и обезбедувајќи пријателски односи (тактика која била запоставена од Филип). Неговите постапки ги прекршувале условите од договорот за мир, пркосејќи . на римската доминација и превласт на Хеленскиот Полуостров. Заедно со известувањето за непочитување на примирјето, во Рим пристигнале и шпионски информации за сојузот на Персеј со Илирија, успешното маневрирање на македонскиот крал во Византиум и Азија, како и обвинувањето според кое тој го органиризал неуспешниот атентат на кралот Еумен од Пергам, сојузникот на Империјата. Деланијата на Персеј им биле сомнителни на Сенатот и народот на Рим, па дури и покрај длабокото жалење заради новото потенцијално влегувањето во уште една војна, тие реагирале брзо, верувајќи дека на македонскиот крал „оваа војна му била оставена во аманет од неговиот татко, заедно со тронот... (Персеј) цело време ја мислел и обмислувал, пресметувајќи ги деталите, с. дури истата не дошла до прагот на реализација,“ (Ливиј, Ab Urbe Condita 42.11). Згора на тоа, Персеј имал толку големи национални и транснационални воени набавки и војска, залихи на жито и економска сигурност што бил целосно независен и со цврсто упориште. На римскиот империјализам сега му се наметнувала многу посериозна закана, бидејќи „македонското кралство беше единствената голема сила во близина на Рим и единствениот непријател кој се чинеше дека може, доколку среќата го изневери Рим, да го воскресне во неговите кралеви, духот на античка Македонија.“(Ливиј, Ab Urbe Condita 42.50)

Римски емисари биле испратени во Македонија. Тие го повлекле договорот за мир и од Персеј побарале обештетување. Му ги изложиле своите обвинувања и го информирале дека условите од примирјето склучено претходно со неговиот татко ќе бидат реактивирани и во новото владеење. Во неговиот бесен монолог, Персеј „со безмилосни зборови, распламтен од гнев, ги обвинил Римјаните за алчност и ароганција, префрлувајќи им со повишен тон на делегациите дека доаѓале една по друга само за да го шпионираат секој негов збор и потег, под образложение дека Римјаните „сметале оти е праведно,“ кралот секогаш послушно да им се покорува на нивните услови при секоја негова изјава и акција.“ (Livy, Ab Urbe Condita 42.25). Во неговото наредно писмено обраќање до Римјаните, Персеј им ставил на знаење дека со неговото доаѓање на тронот примирјето се поништува, затоа што истото немало „никаква врска со него...тој допуштил договорот да биде реобновен, но не затоа што го одобрувал, туку поради фактот дека морал да проголта с. во паќет, во моментот кога стапнал на тронот.“ Персеј ќе се сложел со ревидирана верзија на договорот за мир, но под негови услови. Следно што сторил кралот, „им наредил да ги напуштат границите на неговото кралство во рок од три дена,“ наредба со која тие се сложиле, одбивајќи ги неговите услови за мир. По овој судир на интереси, римските емисари биле испратени кај нивните лојални сојузници (Пегам, Египет, Сирија, Родос и градовите-држави), за да ги повикаат кон зацврстување на дипломатската поддршка и безбедноста, предлог кој бил колективно прифатен. На тој начин, Рим и Македонија постепено ги утврдувале своите позиции една против друга, на сцената од воениот театар.

Римските единици биле распоредени во Епир и во Илирија за да се утврди планот за инвазија и за да се постават гарнизони со пешадија и коњаница на териториите на Аполонија, Хискана и други клучни локации помеѓу двете нации. За време на зимата се одржало и големо заседание помеѓу кралот Персеј и римскиот конзул Марциј Филип за да се дискутира за мотивите и обвинувањата против македонскиот врв. Обвинувањата биле изложени и дискутирани, при што истата вечер двајцата лидери се разделиле со уверување дека нивните земји се на прагот од војна.

Песеј одржал собрание со својот совет во античката палата на македонските кралеви во Пела. На советот му соопштил дека или ќе ја преживее војната како што му доликува на еден храбар човек, без разлика на тежината на поразот, или ќе биде херојот кој ќе го ослободи светот од римското зло. „Ајде тогаш, со добредојдената помош од боговите, да влеземе во војна, рече Персеј, затоа што таа опција ми се чини најдобра“ (Ливиј, Ab Urbe Condita 42.51). Македонскиот град Китион бил избран за центар каде ќе се соберат сите негови благородници, телохранители, коњаницата и македонската војска, заедно со сојузниците Тракијци, Гали, Агријани, Критијци, Пајонци, Етолијци, Беотијци и Хелени од најразлични раси. Огромната бројка на соберени војници достигнала скоро 67 илјади, вклучувајќи ја и агемата, возобновената чета од најдобите млади воини. „Насекаде се зборувало дека никој од претходните македонските кралеви немал толку голема војска, освен силата со која Александар Велики кренал во освојување на Азија.“

Точно за време на зимската рамноденица, искачен на пиедесталот, придружуван од неговите двајца млади синови, Филип (посвоениот син од брат му) и Александар, Персеј одржал говор за своите трупи. Се повикал на неправдите и навредите кои Рим . ги нанел на Македонија, ја извеличал големината и моќта на македонската армија и повторно го оживеал во нив „духот со кој битисувале нивните предци кои откако ја потчиниле цела Европа, преминале во Азија и со сопствените раце откриле цел нов свет... сепак во тој момент, Фортуна организирала натпревар, но не за најдалечните брегови на Азија, туку за тоа кој да ја поседува Македонија... Римјаните отворено сакале да ја поробат.“(Ливиј, Ab Urbe Condita 42.52).

Персеј напредувал во територијата на Илирија и притоа ги освојувал и имобилизирал римските гарнизони од кои земал и затвореници. По неколку успешни пресметки на пат кон палатата на илирскиот крал Генциј од Лабеатите, Персеј ги испратил своите емисари со предлог за сојузништво кое биле одбиено поради недостатокот од финансиски средства на илирската страна. Персеј се вратил во Македонија без посакуваната алијанса, меѓутоа со илирските гарнизони под негов надзор. Во текот на десетгодишниот судир со Рим, Персеј не само што го зголемил бројот на гарнизоните, војската и моќта, туку и богатството и сопствената гордост. Последните две лични придобивки прераснале во негова слабост, затоа што неговата лакомост и ароганција се соединиле во Ахиловата пета која му нанела пораз и крај на династијата во војната против Римјаните.

Понудата за мир преку обештетување со посредство на кралот Еумен, понудата за сојуз со Кралот Генциј од Илирија и понудата за помош од војската на Галите, сите заедно биле отфрлени, затоа што лакомоста на Персеј била поголема од неговата мудрост. Што се однесува до предлогот на Клондикус, поглаварот на Галите, „(Персеј) подобро си го исчувал богатството, одошто кралството, брборејќи за превртливоста и дивјачакиот дух на Галите.“ Неговата конфронтацијата ги натерала Галите да се повлечат во нивната земја, оставајќи го Персеј самиот на себе (Ливиј, Ab Urbe Condita 44.27).

За време на последните четири години од војната и по неколку меѓусебни судири, Македонија и Рим (под водство на генералот Луциј Емилиј Павел), на 22 Јуни, 168 п.н.е., се пресметале во решавачката измамничка битка кај Пидна. Павел и римската војска се искрале низ полето помеѓу Хераклеја и Либертрум и му се доближиле на Персеј од зад грб, изненадувајќи ја македонската војска, со која тој морал да се повлекува кон Пинда. Уште еднаш, иновативните и крајно флексибилни воени маневри на Римјаните ја надминале легендарната македонска фаланга и нејзините сариси. Користењето на слонови од страна на Павел (оваа тактика ја имале присвоено од битките со кралот Пир Епирски, пред еден век) исто така се покажало како деструктивно за македонската пешадија која повлекувајќи се го барала брегот како единствена опција за спас. Тој ден, земајќи го во предвид нерамниот терен и недостатокот на место за повлекување, освен морето кое го контролирале Римјаните, Персеј и неговата војска немале никакви шанси за победа.

Македонската армија била уништена и сојузниците на Персеј од регионот му се потчиниле на Рим, оставајќи го кралот без никаква друга алтернатива, освен да се предаде и да се повлече. Огромна толпа од локални мештани се насобрала покрај Виа Сакра [1] во Рим, но не само за да ја проследи триумфалната процесија на Павел, туку и за да го види Персеј, неговите тројца синови и остатокот од македонската воена сила и пленот, кои го оставиле секој Римјанин со измешани емоции во срцето. „Никогаш порано и никаде не се собрала толкава толпа, за било каков спектакал... затоа што Персеј бил причината и центарот на војната, но не само поради сопствена слава и таа на татко му, неговиот дедо, и другите со кои бил крвно и расно поврзан. С.то тоа го направило интересна личност за јавноста. Славата на Филип и Александар Велики, кои го претвориле македонското кралство во најголемата империјалистичка сила на земјата, се разлевала над него.“ (Ливиј, Ab Urbe Condita 45.7). Со ова и завршува записот на Ливиј.

Плутарх ја опишува процесијата во Рим со победоносната двоколка на Павел на чело, како што наложувал римскиот обичај при победничките паради, а позади него Персеј. По завршувањето на победничкиот марш, Персеј и неговите деца биле протерани во еден мал град наречен Алба Фуценс (притвор за поразените), каде македонскиот крал починал две години подоцна. „Две од неговите три деца, исто така починале. Но третото, Александар, се вели дека станал експерт за тореутика [2], односно уметноста на ковење метали. Тој исто така научил да го пишува и зборува латинскиот јазик, па работел како секретар за магистратите судии во чии канцеларии се докажал како доста елегантен восвојата вештина.“ (Плутарх, Емилиј Павел 37.3)

Рим изгласал да не ја поробува Македонија и да ја остави слободна, меѓутоа под негова администрација. Било решено македонската нација да се подели на четири области од кои секоја посебно ќе биде управувана од страна на римски магистрат. Оваа одлука се базирала на загриженоста на Рим поради големината на Македонија и цврстата волја на нејзиниот народ – динамика која оставала простор за нов бунт. Предвудувањата на Римјаните се покажале како точни, бидејќи по цели осумнаесет години, Македонците повторно се кренале на востание и со тоа го започнале првиот чин од четвртата македонска војна, предводена од страна на Андрикус, владетелот на Адримитум во Еолида (западна Анатолија), кој себе си се прогласил за Филип VI.

Во 2005 година, македонски и италијански археолози го открија гробот на кралот Персеј на локацијата Алба Фуценс, 100 километри источно од Рим, долж патот Виа Валерија во близина на Маљано де’ Марси (Аквила), Италија. По покана од италијанска страна, македонските археолози имасистираа во опширното истражување. Македонското научно друштво и Здружението за македонско-италијанско пријателство во Битола, открија дека последното прибежиште на Персеј бил градот начие место денес се наоѓа селото Црнобуки, на десната страна од патот Битола – Демир Хисар.

Превод: Дарко Миовски

1 Via Sacra – Светиот пат, главната улица во антички Рим, која водела од ридот Капитол до Колосеумот.
2 Вештина на изработување на предмети со ковење метали (злато и сребро) и гравура.

No comments:

Post a Comment