January 1, 2013

Драмата на Егејците 1

Драмата на Егејците (1)

Mајките ги испраќаат своите деца до југословенската граница, пешки преку тешкопроодните планински патишта

Македонска голгота - 60 години протерани

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Александра Цветаноска, по 54 години, го пронајде својот брат Ѓорѓи во далечната Австралија. Тоа дека има брат го дознала откако детството и младоста ги поминала во домови во Полска, каде што била однесена кога имала само две и пол години заедно со другите деца-бегалци од Штрково.

Доца Гогаревска од Шештево никогаш не ја видела мајка си. По масовната евакуација на децата од Егејска Македонија во 1948 година, нејзината мајка починала од мака неколку години подоцна откако грчките војници и' ги зеле сопругот и двете поголеми ќерки и ги интернирале на некои острови. Двете сестри денес живеат во Грција, постариот брат е во Чешка, а помалиот е со неа во Полска.

„Првата средба со моите родители беше по осум години. Кога ги видов првпат, не ги чувствував како мајка и татко, ниту брат ми како брат. Растена по домови, го загубив тоа чувство“, вели Васка Петровска.

Кога на Софија Ристовска и' соопштиле дека треба да замине кај родителите во Полска, посакала и натаму да остане во домот за децата-бегалци во Романија.

Фана Мартинова, Лена Миљова, Милка Дамовска и Ксантипа Кирова, како десетгодишни девојчиња од Поздивишта, Костурско, пролетта 1948 година се качиле на селската камбана и ја запеале песната „Збогум, мајко, збогум, татко, збогум, мили роднини, јас одам на далечен крај“. Никогаш повеќе нема да се вратат дома. По годините поминати во детските домови во Романија и Полска, заминале на различни страни во светот. Лена отишла во Торонто, Канада, Ксантипа се омажила за Полјак и останала во Полска, Милка заминала кај својот татко во Ташкент, а Фана си дошла во Македонија. Се виделе повторно дури по 40 години. Јане Бендевски, кога го посетил родното Орово, не нашол ни трага од селото. Темелите на својата куќа ги пронашол според една карта што ја нацртал некој по сеќавања.

Ова се само некои епизоди од големата драма што ја преживеале децата-бегалци и нивните родители од Егејска Македонија за време и по Граѓанската војна во Грција од 1946 до 1949 година, која како да продолжува и денес. Оваа пролет се навршија 60 години од оваа голема бегалска драма која е влезена во колективното сеќавање на Македонците. „Утрински весник“ ги истражуваше подолго време не само драматичните судбини на одведените деца туку и причините што доведоа до овој голем егзодус. Во наредниов месец ќе прочитате за десетици и десетици човечки драми кои можеби личат една на друга, но секоја за себе претставува посебна потресна приказна.

Македонците во Граѓанската војна во Грција платија највисока цена. Меѓу 25.000 и 30.000 деца од Егејскиот дел на Македонија беа одвоени од своите родители и одведени во тогаш т.н. демократски држави на комунистичкиот блок. Сите тие немаа вистинско детство, најдобрите години од животот ги поминаа по домови, без родителска љубов. Меѓу нив имаше и Македончиња и Грчиња, чии татковци и мајки, браќа и сестри останаа да се борат во војната која беше предодредено да ја загубат. Исто толку деца, околу 30.000, главно од Егејскиот дел на Македонија, насила беа одвоени од своите мајки од грчката армија и полиција и под покровителство на тогашната кралица Фредерика, одведени во домови и елинизирани.

Кога малите дечиња по налог на Комунистичката партија на Грција биле префрлани преку границата, пеш со бовчички и крвави ножиња, водени од своите нови „мајки“, за време на трагичните разделби им било говорено дека ќе се вратат брзо, зашто нивните ќе победат. Но, не се вратија, ниту по година, ниту по десет, ниту по шеесет години. Се вратија само Грчињата, но не и Македончињата, зашто не беа Грци по род.

Повеќе од половина век не им беше дозволено да ги видат ниту местата каде што го поминале детството. Обидите да влезат во државата која беше нивна татковина завршуваа на самата граница, беа враќани назад од грчките власти. Пред неколку години, грчката влада ја подотвори границата и им дозволува да влезат само на тие во чии пасоши нема да стои македонското име на нивното село. Другите се' уште тажат за родните места, чекајќи да се смилуваат грчките власти за да ги посетат гробовите на своите татковци и мајки, на своите дедовци и баби. Многумина од нив не доживеаја уште еднаш да ги видат местата каде што го поминале детството.

Според податоците на Комунистичката партија на Грција, по поразот во Граѓанската војна, околу 50.000 бегалци - Грци и Македонци морале да ги напуштат родните огништа. Од нив, околу 30.000 се нашле во Југославија, а повеќе од 20.000 во источноевропските земји - околу 4.000 во Романија, 3.800 во Чехословачка, 5.479 во Полска, 3.299 во Унгарија, близу 3.000 во тогашниот Советски Сојуз и 380 во Бугарија. Меѓутоа, нивниот број е поголем. Од полски извори се дознава дека таму биле префрлени околу 12.000 бегалци.

Подоцна, повеќето бегалци-Македонци се прибраа во Македонија, помал број останаа во бившите комунистички држави, а трети заминаа во Канада, Австралија и Америка. Нивните родни места опустеа. На картата за време на првиот попис по Граѓанската војна биле избришани 40 села во кои главно живееле Македонци.

Децата-бегалци, име по кое ги препознаваме, а кое многумина од нив денес не сакаат да го прифатат и тврдат дека тие не бегале туку ги одвеле преку граница, немаа вистинско детство, иако во домовите каде што ги сместуваа имаа многу добри услови за живеење и школување. Тие беа најголеми жртви не само во Граѓанската војна туку и подоцна, за време на Информбирото кога се скараа Тито и Сталин и за време на студената војна. Нивната детска судбина стаса и пред Обединетите нации, каде што беа донесени неколку резолуции за нивно враќање, но сето тоа не им го врати вистинското детство.

Денес, шест децении подоцна, постојат различни мислења дали децата биле евакуирани од хумани причини или, пак, перфидно протерани, дали тие биле префрлени во комунистичките држави за да се спасат од бомбите што паѓале врз нивните домови или, пак, тоа била акција за етнички да се исчистат тие простори на кои живееше главно македонско население. Македонците што беа на раководни функции за време на војната, која истовремено беше и војна за остварување на нивните национални права, и кои активно учествуваа во убедувањето на родителите, велат дека таа била хумана акција за децата да се спасат од бомбардирањата. Меѓутоа, во последно време се' погласни се оние што го тврдат спротивното и кои сметаат дека грчките комунисти не биле докрај искрени спрема македонскиот народ и дека зад таа хумана акција се крие намерата на националистите да ги исчистат етнички просторите каде што живееле Македонците.

Егејската голгота е голема и остави трајни белези врз сите кои на еден или на друг начин беа инволвирани во војната, но најмногу врз нежните детски души. Само човек што ѕирнал во нивниот интимен живот, човек на кого му го отвориле срцето, ќе сфати зошто отворените рани се' уште ги печат некогаш малечките деца, а денес возрасни луѓе со внуци.

Ги болат исто толку многу како и во годините кога растеле по домови и за време на средбите кога не ги препознавале своите мајки и кога не ги чувствувале како свои. Таа болка се ширела како зараза и се пренесувала и на нивните деца и внуци, кои исто така ја преживуваат големата егејска драма. Нивната голема болка треба да се разбере, зашто тоа е нивниот живот и мора да се раскаже нивната тажна приказна онаква каква што е.

(продолжува)

No comments:

Post a Comment