December 26, 2012

ПО ТРАГИТЕ НА ЕДНА СТАРА ФОТОГРАФИЈА

Пред извесно време, на facebook профилот „Прилеп Стари Фотографии“, една стара фотографија предизвика интерес кај повеќемина Прилепчани. Имено, оваа фотографија како да беше падната во заборав, па благодарение на љубителите на стари фотографии од градот Прилеп имаме можност повторно да ја видиме и да се потсетиме на еден интересен настан, за кој таа ни говори. Фотографијата ни сведочи за еден редок и несекојдневен настан од 1913 година, односно, за враќање во прадедовската вера на двајца Македонци со исламска вероисповед и нивно крштевање.

Петвековното ропство под Османлиите било не само економско, туку и духовно. За да го одржат голиот живот, цели села морале да го сменат своето религиозно убедување и да ја примат исламската вера. Првите податоци за исламизирањето во Македонија датираат некаде од средината на XV век. Најпрво, примањето на исламот било доброволно и најчесто во ислам преминувале оние луѓе, кои имале големи имоти и кои биле побогати, со цел да ги зачуваат своите имоти и богатства од одземање од страна на Турците. Еден дел од Македонците христијани го примиле исламот, со цел да ја задржат земјата и имотот, за и понатаму братски во задруги да ја обработуваат со своите роднини, кои останале христијани. Со примањето на исламот на побогатите Македонци, Турците во прво време сметале дека тоа ќе послужи за пример на останатото население во Македонија да ја прими исламската вера. Подоцна, откако доброволното примање на исламот земало многу мали размери, Турците започнале и со насилна исламизација на македонското население, која се остварувала или преку директно исламизирање, или преку принуда, најчесто со киднапирање на женски членови на семејствата, ослободување од плаќање на даноци итн. Македонците-муслимани, иако ја смениле својата вера, тие низ вековите не го примиле турскиот јазик и го задржале македонскиот јазик, а останале и македонските обичаи и традиции (прослава на Ѓурѓовден, посета и дарување во христијански храм кога се има болно дете, а во некои куќи на Македонци-муслимани сѐ уште се чуваат православни икони итн.).

Исламизацијата, односно ширењето на исламот сред христијанското население во Македонија, започнало во XV век, иако во почетокот течело бавно и се ограничило речиси исклучиво на градовите. Според пописите на населението од 1445, 1452/53, 1465, 1467/68 година, во повеќето од македонските градови не биле регистрирани исламизирани христијани, а исклучок биле неколку поединечни случаи во Драма, Сер, Тетово, Скопје и Битола. Исламизацијата продолжувала со сè посилно темпо, а најсилниот бран се случил во втората половина на XVI век. Според пописите од 1569/70 година, во градовите Скопје, Тетово, Кичево, Прилеп, Битола, Лерин, Костур, Бер, Ениџе Вардар, Серфиџе, Солун, Демир Хисар, Неврокоп, Сер, Драма, Кавала, Штип, Струмица, Дојран и Кратово биле регистрирани вкупно 3.019 исламизирани лица, што во однос на регистрираните муслимани изнесувало нешто повеќе од една третина. Во Дебарската каза од Охридскиот санџак, според пописот од 1583 година, тој процент бил уште повисок. Се смета дека процентот на исламизираните христијани по градовите кон крајот на XVI век изнесувал една четвртина од градската популација. За разлика од градовите, во истиот период процентот на исламизираното христијанско население во селата на ниво на Македонија изнесувал само 3% од вкупното селско население. Исламизацијата во Македонија не се одвивала рамномерно, ниту територијално, ниту временски. Како карактеристични примери, каде што исламизацијата имала масовен карактер, може да се издвојат Родопскиот крај во југоисточна Македонија и Дебарскиот крај во Западниот дел на Македонија. Исламизацијата продолжила и во натамошните векови од османлиското владеење, со побавно темпо, но засилувајќи се посебно во кризните години и во времето на воените судири.

Во историската наука се вели дека не постоела единствена причина за примањето на исламот, туку се спомнуваат повеќе поводи. Како главен секогаш се наведува потребата од заштита на населението, особено она од Реканскиот крај, од дивеењето на албанските банди, кои секојдневно упаѓале од Албанија и зулумќареле низ западна Македонија. Всушност, единствен излез од тешката состојба изразена со грабежи и пљачки од албанските качаци, претежно од Љума и Мат, кои ја одземале стоката и неретко убивале луѓе, било прифаќањето на исламот, бидејќи само во тој случај турската империја давала поефикасна заштита на населението. Исто така, стратешка цел на Турците во доцното средновековие била и создавање на муслимански појас меѓу бунтовните Албанци и битните клисури (Реканската и Кичевско-Јамската).

Покрај овие причини, се наведуваат уште неколку помали, кои влијаеле врз Македонците за прифаќање на исламот:

Откажувањето од христијанството на немажените девојки преку мажење за турски бегови и за властодршци влијаело за создавање на роднинска блискост со семејствата на исламизираните девојки, со што омекнувале религиските ставови и се менувале конфесиите; Одењето на печалба на Мијаците во Турција, Мала Азија или други краишта, каде мнозинство биле муслимани, исто така е еден од факторите за исламизацијата во Река. Практично, кога печалбарите се враќале дома, тие веќе биле исламизирани и го пренесувале исламот на своите семејства во селата;

Примањето на исламот влијаело одделни семејства да бидат ослободувани од тешки даноци, а со тоа добивале и можност за повисоко искачување на општествените скалила. Кои и да се причините за исламизирањето на Македонците-муслимани, останува фактот дека, Македонците-муслимани никогаш не се откажале од македонскиот етнос, а исто така секогаш се чуствувале поврзани со одделни христијански празници и верувања како што се Ѓурѓовден, Митровден, Петковден, Варвара или Летник.

Затоа, не е чудно што враќањето во христијанството на двајца Македонци-муслимани од Прилеп, пред манастирската црква „Свети Архангел Михаил“ било празник на градот и населбата Варош.

Во историјата на Македонија познати се уште два такви случаја: покрстувањето на една жена, за кој чин бил приготвен голем кршталник, но било осуетено од Турците. Вториот случај се спомнува во книгата „Манастирите во Македонија“, кога се покрстени двајца Македонци-муслимани, на кои подоцна Турците им ги извадиле забите, со кои јаделе свинско месо.

Според ракописните податоци на покојниот протоереј-ставрофор Борка Талески, оваа фотографија на враќање во прадедовската вера на двајца муслимани, пронајдена е во куќата на Иванка Дамеска од Прилеп.

Сликата е направена во 1913 година од Христо Димкар, основоположникот на македонската фотографија (1883-1920). Фотографијата е изработена на француски материјал со американска подлога.

На покрстувањето двајцата муслимани добиле нови имиња. Вукашин и Марко.

На Вукашин кум му бил Петре Димитриевиќ – Србинот, а на Марко, синот на Петре – Јордан Петровиќ, кој подоцна бил директор на Гимназијата во Крагуевац. На оваа фотографија, покрај другите, присутни се: Роканчето – кмет на Прилеп и околискиот управник Брајовиќ.

Од граѓаните, присутни се  неколку црковни одборници, меѓу кои: Диме Сусуле, Стерју Ѓорѓиоски, Стеван Десоски трговецот, кој бил брат на Петре Димшоски, Андон Ѓупчето свирачот, Ордан Дајпопе, Владо Чкатра кафеџијата, Ордан Локвенец книжарот и Атанас Шемкоски мутавџијата. Покрстувањето било разгласено низ Прилеп и населбата Варош и масовно било посетено.  Вукашин бил момок и тутунски работник кај Тутевци, а подоцна бил шанкуш и во 1941 година неговата трага се губи од Прилеп.

Марко бил на Солунскиот фронт во 1922 година. Бил под истрага за убиството на ученикот Балабаноски. Бил оженет со вдовицата Гена, родена Корнушоска, а по маж Атанасоска, со која немал деца, а живеел во една трошна куќа во Вишне маало. Во 1943 година се губи и неговата трага од Прилеп. Марко и Вукашин со сигурност биле Торбеши, зашто, според сведочењата на старите Прилепчани, одлично говореле македонски.

Во горниот дел од сликата, две деца држат едно прасенце, со кое сакаат да покажат дека на покрстените ќе му се даде да јадат и свинско месо. По покрстувањето, многу прилепчани посведочиле дека Марко и Вукашин каснале од свинското, но по јадењето долго време повраќале и имале стомачни проблеми.

Од свештениците присутни се: отец Михајло Караџиќ, како член на Духовниот суд при Битолската епархија; отец Јован Смичкоски, отец Дамјан Пеливаноски, ѓаконот Никола Смичкоски и еден мохан со византиска камилавка, најверојатно од манастирот „Свети Архангел Михаил“.

ПРОТОЕРЕЈ  Златко Ангелески (Македонска Ризница, бр. 4)

1 comment:

  1. Ви благодарам за објавувањето на мојот текст!

    ReplyDelete