December 5, 2012

Егејска Македонија 1900-13 (2)

Егејскиот дел на Македонија (1913-1989) Стојан Киселиновски

1. БУГАРСКИТЕ СТАТИСТИКИ ЗА НАЦИОНАЛНАТА СТРУКТУРА НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА

Бугарските автори, како на пример - Васил К'нчов, Д. М. Бранков, Јордан Иванов и Владимир Руменов - секако имаа големо влијание врз научниот свет, и нивните дела не ретко се употребувани за докажувањето на бугарскиот карактер на Македонија (2). Ние ќе се обидеме да ги анализираме трудовите на В. К'нчов и Д. М. Бранков зашто етничките податоци на овие двајца бугарски автори се сметаат како најверодостојни и другите бугарски автори настојуваат да ја потврдат етничката состојба на Македонија, цитирајќи или земајќи ги како мериторен доказ.

Статистиката на Васил К'нчов за етничката состојба во егејскиот дел на Македонија не е заснована врз црковната припадност или јазичната припадност според јазикот во наставата (грчки, српски или бугарски), туку според јазичната припадност во семејството. Затоа за К'нчов куќата, со соодветниот говорен јазик во семејството, е основниот елемент за определување на населението на една националност (3). Според К'нчов, врз основа на јазикот што се зборувал во куќата, во егејскиот дел на Македонија живееле 358.290 или 49,92%, Бугари, 218.742 или 30,48% Грци, 59.720 или 8,32% Евреи, 34.427 или 4,80% Власи, 30.726 или 4,29% Роми, 6.875 или 0,95% Албанци и 8.910 или 1,24% различно население по потекло и јазик (4). На исти заклучоци за националната структура на населението во денешна Егејска Македонија дојдоа и Д. М. Бранков и Владимир Руменов (5).

Како што видовме, принципот што го употребувале бугарските автори, за разлика од грчките, е јазикот како елемент за национално определување на населението. Македонците под егзархиска или патријаршиска црковна припадност со говорен „бугарски јазик“ во семејството биле сметани за Бугари. Принципот, народот со ист јазик, но со различна црковна припадност да му припаѓа на ист етност, не е само научен, туку точен и логичен. Унгарскиот народ е единствен, иако според црковната припадност тие се католици или протестанти. Баварските Германци се католици, но тоа не им пречи да бидат исто така Германци како и северните протестанти Германци.

Бугарската држава беше не малку заинтересирана за Македонија. Овој великодржавен интерес го заштитуваше и бугарската историографска наука и затоа кај бугарските историчари има неточности, и јазикот на кој што зборувале Македонците тие го сметале за бугарски, a со тоа и населението беше сметано за бугарско.

Основниот пропуст на бугарските автори се состои од тоа што тие сметале дека македонскиот јазик е дел од бугарскиот. Никој не негира, и ќе биде антинаучно да се негира, дека не постоеле и дека не постојат заеднички елементи со бугарскиот јазик и со народот, но исто така македонскиот јазик има заеднички елементи со други словенски балкански јазици. Ова зближување е природно поради заедничкото словенско потекло и не треба да се извлекуваат политички, туку научни заклучоци. И Украинците имаат општи црти со Русите и никој не ги смета за Руси. Белорусите исто така се блиски со Русите, но никој денеска не им го оспорува самостојното постоење како различен народ од Русите и Украинците. Иста е положбата на словачкиот народ и јазик со чешкиот народ и чешкиот јазик. Заедничките особини, заедничката историја во минатото, словачкиот народ како и македонскиот народ и јазик, ги негуваше во себе и тие посебни белези што му го гарантираа објективното постоење, истите му даваат морално историско право да се сметаат за посебна нација Затоа К. П. Мисирков се залагаше за зачувањето на тој народен, македонски јазик, кој Бугарите го нарекуваат бугарски и кој бил присутен само во просветата и егзархиската црква, а не и во секојдневниот живот (куќата, пазарот, свадби, седенки итн). Затоа Крсте Мисирков е и првиот македонски историчар кој се обиде да создаде и една етничка статистика за приморска Македонија врз основа на македонскиот јазик, кој всушност и беше присутен во куќата, т.е. во семејството (6).

Ако од една страна, докажувањето на бугарските автори за бројноста на еден етнички елемент над другиот врз основа на јазикот кој се зборувал во семејството е точно, од друга страна, тие прават еден компромис со великобугарската политика, сметајќи го македонскиот јазик за бугарски и со тоа македонскиот народ за дел од бугарскиот народ. Затоа, кога станува збор за бугарски народ во Македонија, тој нема етнички и национален карактер, туку само политички и реално, под тој збор се крие друга националност, co иста и точна бројност што ја даваат, но со македонски национален карактер. Co употребувањето на јазикот како елемент за национално определување, со соодветните научни оградувања за бугарскиот карактер на македонскиот јазик, тие сепак најповеќе се доближуваат до историската вистина и даваат една пореална слика за етничкиот лик на денешна Егејска Македонија.

Странските научници го прифатиле ова гледиште. Леон Ламуш, Е. Купер, М. Иречек, Вејган и Верковиќ констатирале дека словенското население беше најмногубројно во Македонија.

2 Особсно делата на В. К'нчов имаа посебно влијание.
3 Овој принцип кажи за цела Македонија, но ние ќе се задржиме само на оние делови од Македонија што по 1913 година паднале под грчка политичко-административна управа.
4 Васил К’нчов. Избрани произвиденија, Софија 1970, том.2, стр. 440-581. По поделбата на Македонија од 1913 година незначителен број од оваа население влезе во составот на Бугарија и Југославија, но без да влијае сериозно врз етничката состојба на Егејска Македонија. Покрај христијанското население во Македонија живеело и муслиманско население, главно турско.
5 Во 1905 година во Париз. Д. М. Бранков ја публикува својата книга „La Маcedoine et ѕа population Chretienne". Според Бранков во денешна Егејска Македонија живееле 382.054 Бугари, 133.782 Грци, 26.153 Власи, 2.994 Албанци, 9.632 Роми или вкупно 554.615 жители. Статистиката на Бранков го опфаќа само христијанското население што живеело во Македонија.
Според Владимир Руменов во егејскиот дел на Македонија пo 1913 година живееле 339.369 Бугари, 314.854 Турци, 245.251 Грци. 68.206 Евреи, 44.414 Власи, 25.308 Роми, 15.108 Албанци и 8.016 различно население.
6 Blaze Ristovski, Prvata nacionalna etnografska statistkia na Makedoncite, Etnoloski Pregled br. 8-9, Beograd, 1969, p. 65-70.

No comments:

Post a Comment