December 3, 2012

Егејска Македонија 1900-13 (1)

Егејскиот дел на Македонија (1913-1989) Стојан Киселиновски

ПРЕДГОВОР

Историскиот детерминизам влијае негативно или позитивно врз историската судбина на народите. Балканскиот историски детерминизам, детерминиран од европскиот, сериозно влијаеше врз историската судбина на македонскиот народ.

Co Букурешкиот мировен договор од 1913 година, во историјата на македонскиот народ завршува „историскиот“ и почнува „праисторискиот“ период. Негативниот грчки историски детерминизам крајно негативно влијаеше врз историската судбина на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Co своето појавување на историскиот терен во егејскиот дел на Македонија, грчкиот политички историски детерминизам, со својот екслузивен грчки национализам, ја стави под прашање и биолошката егзистенција на македонскиот народ.

Co желба да создаде „една држава, со една нација“, грчкиот историски политички фактор ја почна својата геноцидна политика против македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија. Протерувањето, угнетувањето и асимилацијата на македонското население, колонизацијата на немакедонското население (грчко и негрчко), отпорот на македонскиот народ, афирмацијата на македонските национално-културни вредности во егејскиот дел на Македонија, политичкото третирање на македонското национално прашање од страна на КПГ, е всушност предмет на овој труд.

При обработката на темата „Егејскиот дел на Македонија (1913-1989)“ на самиот почеток треба да се истакне дека имаше објективни тешкотии. Архивите на соседните земји (особено грчките), кој несомнено кријат драгоцени историски податоци, што би овозможиле посестрано, поаргументирано и пообјективно презентирање на дадената проблематика, беа недостапни.

Во отсуството на архивските материјали од соседните земји, поголемо внимание се обрна на публикуваните архивски извори, на архивот на Македонија и на соодветната историска литература.

Се стремевме, во рамките на постоечките можности, да го објективизираме историското минато на македонскиот народ од егејскиот дел на Македонија, народ кој, како никој друг, страдаше како во услови на мир, така и во услови на војна...

АВТОРОТ

ГЛАВА ПРВА НАЦИОНАЛНАТА СТРУКТУРА НА НАСЕЛЕНИЕТО ВО ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ НА МАКЕДОНИЈА ВО ПОЧЕТОКОТ HA XX ВЕК

(1900-1913)

Населението што живееше во Македонија имаше различно потекло, различна црковна припадност, а беше различно и по својата бројност. За бројноста и националната припадност на населението што живееше во Македонија, односно егејскиот дел на Македонија, постои обемна и разновидна литература.

Соседните балкански држави, со желба да ги оправдаат своите територијални претензии спрема Македонија, ја користеле историската наука како силен аргумент со кој ги оправдуваа своите историски и национални интереси во однос на Македонија. Интелектуалните сили на овие балкански држави беа ставени во служба за докажувањето на божемниот грчки, српски и бугарски карактер на Македонија.

Статистиките што беа создадени за докажувањето на бројноста и националната структура на населението во егејскиот дел на Македонија, поради различните државни интереси на претендентите на Македонија, беа многу различни и секогаш контрадикторни.

Критикувајќи ја научноста на балканските статистики Wurbain Andre констатира дека тие биле „намерно фалсификувани“ (1). Сепак постои една историска вистина, една реалност, која во поголема или помала мера треба да биде присутна. Она што се забележува во статистиките за националната структура на населението во Македонија е разликата во теоретските принципи што стојат во темелот на грчките, српските и бугарските статистики. Ние ќе ги прегледаме и ќе се обидеме да извлечеме заклучоци не врз основа на едноставното прифаќање на еден или друг заклучок (Васил К'нчов или Јован Цвииќ), туку ќе се обидеме, врз основа на научноста на употребените принципи што ги користеле за докажувањето на грчкиот, бугарскиот и српскиот карактер на Македонија, да се доближиме до релативната етничка состојба во егејскиот дел на Македонија. Ова е можниот и логичен начин да се доближиме до една мината историска реалност, да се доближиме макар до релативната историска вистинитост.

1. Andre Wurbain, L'echange greco — bulgare des minorites ethnique, Loussane.1930, p. 23.

No comments:

Post a Comment