December 23, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 18

Славата, митот и крвта на ВМРО (18)

Во ВМРО немало само комити

Во остварувањето на целите на ВМРО биле вклучени универзитетски професори, академици, дипломати, писатели, судии

Виктор Цветаноски (Утрински весник)

Македонското револуционерно национално движење опфаќа широк круг луѓе, не само револуционери, комити и војводи, туку еден мошне голем круг интелектуалци, кои што се школуваа и работеа во Бугарија. За македонското дело не се бореле само тие што имале пушка в рака. ВМРО ги сплоти, собра и ги организира најголемиот број македонски бегалци и емигранти, создавајќи голем број на роднокрајски братства, разни друштва и организации, вклучувајќи ги и женските организации. Сите тие не можеа да се помират со распарчена и неослободена Македонија. Нивната улога беше најмногу културно-просветна, афирмација на македонската борба и продолжување на македонските традиции, организирање на разни културни манифестации и помагање на сиромашните семејства.

„ВМРО за време на своето постоење, посебно по Првата светска војна, ги мобилизира сите слоеви, организации, друштва и братства на македонската емиграција во Бугарија, како што биле: Македонскиот национален комитет (со околу 120 братства), Сојузот на македонските студентски организации, Илинденската организација со преку 201 друштва и со околу 20.000 членови, Македонскиот женски сојуз (со околу 4.250 членови и 45 друштва). Исто така, во остварувањето на политичката програма на ВМРО се ангажираа многубројни македонски дејци и интелектуалци, професори, академици, политичари, дипломати, писатели, судии од сите македонски организации, структури и идејни струи, од десницата и левицата (санданисти, федералисти и комунисти) како што биле: Љубомир Милетич, Иван Георгов, Никола Милев, Симеон Радев, Иван Снегаров, Александар Балабанов, д-р Владимир Руменов, Павел Шатев, Димо Хаџи Димов, Димитар Влахов, Владислав Ковачев, Арсениј Јовков, Симеон Кавракиров, Тодор Паница, Георги Кулишев и многу други“, вели д-р Зоран Тодорвски.

Активноста на македонските интелектуалци во Софија се гледа и за време на Балканските и Првата светска војна. Тие преговараат со претставници на европските држави за статусот на Македонија, барајќи решавање на македонското прашање. Посебна е улогата на Милетиќ, на Ѓоргов, на Балабанов кои пред Првата светска војна кога ги посетуваат најголемите европски центри, Виена, Москва, Париз, Лондон и др. за да го сондираат мислењето на големите сили и каков став да заземе организацијата пред претстојната војна.

„ВМРО уште од своето основање го интернационализира македонското дело, ја натера Европа и светот да обрнат внимание кон Македонија, кон нерешеното македонско прашање и кон поробениот и обесправен македонски народ, одржувајќи постојани контакти со европските политички, дипломатски, културни и научни средини. За таа цел Организацијата изгради вистински дипломатски кадри од свои членови и симпатизери, експерти за одделни држави, а ангажира и истакнати професори, докторанти на познатите европски универзитети, доверувајќи им специјални мисии во Париз, Лондон, Виена, Рим, Петроград, Берлин и Белград“, додава македонскиот историчар.

Според него, главен орган што ја спроведувал надворешната политика на организацијата било Задграничното претставништво на ВМРО, кое било задолжено за пропагандната и издавачката дејност, ги раководело сите политички и дипломатски мисии во странство и ги одржувало контактите со сите ослободителни организации во Европа и на Балканот. Од 1925 година Задграничното претставништво почнало да испраќа постојани и повремени свои претставници во специјални мисии во европските метрополи: Париз, Рим, Виена, Лондон и Берлин. Со испраќањето на ваквите мисии во странство, ВМРО за кратко време успеала да организира и своја надворешно политичко-дипломатска мрежа со развиена информативна служба и во најголемите центри во Европа: Виена, Тирана Истанбул, Париз, Прага, Загреб, Белград, Солун и др. градови, а во Рим бил основан „Италијанско-македонски комитет“.

„Најголема улога во пропагирањето на македонското дело и во афирмацијата на македонската ослободителна борба имале бројните гласила, весници и списанија, што поголемиот број од нив ВМРО ги издавала во Софија со свои средства. Нивниот број изнесува повеќе од 150, а некои од нив излегувале во повеќе европски центри на соодветните јазици: Женева, Лозана, Париз, Виена, Петроград, Солун, Загреб, Белград и во САД“, вели нашиот историчар.

Кога говори за македонската револуционерна борба и ВМРО д-р Зоран Тодоровски нагласува дека македонските состојби се многу комплексни и не се едноставни за објаснување и во никој случај не можат да се гледаат црно-бело. Во револуционерното движење имало и ривалство и борба за раководни места и наметнување на своите политички платформи и идејни ставови за ослободување на Македонија.

„Нашата историографија еднострано ги оцени активностите на македонските револуционери, не навлегувајќи подлабоко во суштината на нивната борба. Според мене, таа многу работи ги прикриваше и ги селектираше. Кога би се навлегло подлабоко во минатото би се дознале многу други вистини за наши личности од минатото. Тоа е наше минато и ние треба сите наши личности да ги прикажеме онакви какви што биле и нивната револуционерна борба да ја претставиме во вистинската светлина. Треба да се претстават нештата онакви какви што се, да се види и другата страна на медалот“, вели тој.

Според него, за многу револуционери биле создадени митови, а тие митови денес многу тешко се уриваат. „За време на социјализмот и во македонската и во бугарската историографија улогата и значењето на некои личности се предимензионираше и митологизираше. На пример, Јане Сандански и во Бугарија и во Македонија беше величан, а дејствувањето на Сандански треба да се гледа и од друг аспект. Тој многу се поврзал економски со младотурците, запоставувајќи ја револуционерната борба. Тогашната турска власт на располагање му доделила шуми и рудници на експлоатација. Има многу извештаи за негово поинакво дејствување. Во Серско правеше што сака заедно со Тодор Паница, за што организацијата многу му забележа“, подвлекува Тодоровски.

Додека во тоа време во Софија револуционерите на левите сили посебно Јане Сандански се глорифицирале, за Христо Матов, Тодор Александров, Иван Михајлов, кои припаѓале на десните се пишувале се' најлошо. Дури од 1989 година понагласено се пишува за Александров и Михајлов во што, смета Тодоровски, се претерувало.

Според него, македонската историографија извршила еден вид диференцијација на личностите во македонското револуционерно движење, а на сето тоа влијаело и времето кога се пишувала таа историја. „Се разбира, историчарите за да и' се додворат на власта ги фаворизираа пред се' левите струи во организацијата, со тоа што ги запоставуваа и ги маргинализираа таканаречените десни струи. И покрај тоа што во таа организација сите припаѓале на едно движење, се бореле за една идеа, меѓутоа, како и денес, тие се разликувале со своите ставови и погледи. Од таа таканаречена десница израснаа голем број врвни револуционери, идеолози и интелектуалци. Меѓутоа, епитетот што им беше ставен како неоврховисти ќе ги следи се' до денес. Голем број од нив со текот на времето од десничари станале левичари, како што е случајот со д-р Христо Татарчев, Владислав Ковачев, Ѓорче Петров... Ако се проучи целокупната активност на Сандански ќе се види дека и тој во почетокот бил врховист“, вели македонскиот историчар.

(Продолжува)

No comments: