Кон крајот на 11-ти век и почетокот на
12-ти век, во Македонија, согласно со византиската аграрна политика на
владеачката династија Комнени, се повеќе зајакнувало и било прифатено
пронијарството. Пронијарството се карактеризирало со давање земјиште
(Пронија) на богатите феудалци, додека пронијарите биле должни во случај
на војна да учествуваат со својата војска на страната на Византија.
Во една таква ситуација, голем број на крупни феудалци чија владеачка моќ константно растела, добивале можност да се отцепат од централната власт на Византија, додека византиските императори не биле во можност да одговорат на сите предизвици во тој поглед.
Во Македонија, еден таков моќен феудалец, Добромир Хрис (Х`рс), максимално користејќи ги внатрешните и надворешните проблеми на византиската власт, успеал да загосподари со значајна македонска територија, првенствено во околината на Струмица, но набрзо потоа неговото кнежество доживеало експанзија кога ја заземал и тврдината Просек во денешна Демир Капија како и околните области. Осамостојувањето на Хрис во Струмица се одвивало некаде околу 1185 година, годината кога Солун „...метрополата на Македонците“` (како што е опишан Солун од византискиот писател Ефрем во 1185 година) привремено бил заземен од Норманите.
Истовремено, српскиот владетел Стефан Немања не ја признавал византиската власт, и во Бугарија започнал процес на формирање на т.н. Второ Бугарско царство преку востание. На почетокот овој „мал дебеличок влав“ (како што е опишан Добромир Хрис кај неговиот визaнтиски современик, Никита Хонијат), се борел против бугарските востаници и бил верен на византискиот император, но подоцна почнал да им помага, со интенција да ја прошири својата владеачка територија на сметка на Византија. Успеал да ја завземе тврдината Просек, за која како што оставил запис Теодор Скутариот, „Одамна неа Ромеите (Византијците) ја беа запоставиле и ја оставиле пуста. Х`рс, пак, откако се погрижи за неа, ја имаше како неосвојливо седиште против Ромеите... Како нејзин господар Хрс воопшто не беше загрижен за нападот“. Кога византискиот император го нападнал Просек (1199 година), набрзо воочил дека оваа тврдина, под чии ѕидини и карпи тече Вардар, е речиси невозможно да се освои по пат на сила. Извонредната стратегиска локација, цврстата фортификација и природната заштита (високите карпи) биле енормен предизвик при освојувачкиот поход на Византијците. Византиската војска користела голем број на опсадни справи, кои биле уништени кога според Никита Хонијат, „Преку ноќ излегоа варварите од тврдината и им ги искршија на Ромеите направите за фрлање...“ додека од друга страна, „Направите за фрлање, со кои се служеа варварите, отепаа многу наши, бидејќи тие можеа лесно да стрелаат одозгора“.
По неуспешната опсада, византискиот император бил приморан да склучи примирје со Добромир Хрис, додека истовремено од Цариград му била испратена на Хриз за сопруга, девојка од благородничко потекло. На свадбената гозба „...невестата не јадела и не пиела како младоженецот, и од тоа му било (на Добромир Хрис) јад... Тој пак откако промрморил нешто по варварски (македонски), рекол потоа не јади и не пиј!“.
Хрис во 1201 година го отфрлил мирот со Византија и заедно со протостраторот Мануил Камица (чија ќерка била сопругата на Хрис, и кој претходно се побунил против Византијците затоа што не го откупиле од Бугарите кај кои бил во заробеништво, туку тоа го направил неговиот зет, Добромир Хрис) „ја потчини Пелагонија и Прилеп“ како и други области од Македонија, по што византискиот император Алексиј III бил приморан воено да интервенира и притоа успеал да го раскине сојузот на Хрис и Камица.
Императорот Алексиј, му испратил на Хрис нова девојка, исто така убава византиска благородничка, која овој ја прифатил за сопруга, и накратко му биле признати освоените територии. Оставен сам на себе, Камица морал извесно време да се крие во градот Стан, но не се знае конкретно што се случило со него подоцна, односно изворните податоци за него по 1201 година целосно молчат.
Во 1202 година, Хрис за последен пат се споменува во историските извори, и тоа во случај кога е наведено дека византискиот император му ги одзел териториите вклучувајќи ја и Струмица и соседните области, што укажува на тоа дека Византија успеала целосно да ја реставрира власта на просторите каде што владеел македонскиот феудалец. Како и за Камица, по овие настани не е позната судбината на овој крупен феудален владетел. Што се однесува до потеклото на Хрис, евидентно е дека во еден изворен податок е споменат како „Влав“, но со какво значење го навел под ова име Никита Хонијат, не може точно да се утврди.
Постојат голем број на претпоставки во историската наука за етничкото потекло на Хрис, но според податоците кои се на располагање, најточно би било доколку се третира како припадник на богато македонско феудално семејство. Приближно поминале четири години откога Хрис ја загубил Просек, кога еден друг феудалец, Добромир Стрез, ја зазел тврдината во 1207 година каде што се утврдил со својата војска и се осамостоил.
No comments:
Post a Comment