November 20, 2012

Карпошовото востание 1689 година

б) Карпошовото востание 1689 година

- Одломка од делото [„Историја на Силахдер“/„Хрониката на Силахдер“] на Силахдер Финдиклили Мехмед Ага (1658-1725), учесник во австро-турската војна од 1683 до 1699 година.

Кога касабата Ниш пријде во рацете на непријателот наместо утврдувањето што порано го подигна сераскерот (192) Реџеп паша, создадена е мошна земјана тврдина, којашто со длабоки и широки ендеци, ѕидови и безбројни ровови стана цврсто упориште. Поставени беа 20 топови што беа запленети од исламската војска или пак веќе постоеја во нивната војска и биле донесени од Белград и приготвена беше доволна количина муниција и храна. На чело од околу 10.000 борци. Германци, Унгарци и гранична раја, определен е германскиот генерал Ветерани. Тој се занесуваше со илузијата дека ќе ја заземе цела Румелија и затоа тајно пратил повици за покорност на кнезовите, свештениците и истакнатите личности од сите села, градови и касарни, а овие на тоа помислиле: свршено е со Османлиското царство, сега настапи нашиот момент. Заради пораките што беа испраќани дури во Истанбул, се побуни отпрвин рајата од Софија и Пловдив и откажа послушност. Тогаш од сите села, касаби и градови дојдоа неверничките првенци и свештеници во Ниш, каде што Германците зедоа за себе старешини, подигнаа германски знамиња со крстови и тргнаа пред нив.

Неверникот по име Карпош како скопски мартолос одгоен со многу добрини на владетелот ја погази таа добрина; уште пред тоа побегнал и станал водач на повеќе од 3.000 неверници, раја и воени дезертери и тогаш тргнал на Скопје. Серхатли Мехмед паша бил определен за одбрана на вилаетот. На местото каде што се надевал дека ќе дојде непријателот тој поставил 500 сегбани (193) пешаци и коњаници, што со пари ги запишал од граѓаните. Кога Карпош ја добил таа вест, преминал преку брегот каде што не бил очекуван, слегол во долината и тргнал кон градот.

Ден пред тоа жителите од градот (Скопје) дошле кај Мехмед паша и замолиле куќите да им се испразнат и семејствата да им се спасат; но бидејќи тој тоа не го допуштил, некои поистакнати граѓани скришум го поткупиле. Тогаш тој, лаком, им допуштил да ги земат своите семејства и да избегаат, а оние што имале среќа ја натовариле на коли својата покуќнина. Но кога тргнувале дошле две чети неверници, едната во градот, а едната пред колите што оделе напред. Секој престанал да мисли на покуќнината и се обидел да си ја спаси главата, пеш или на коњ, а оние нежни створови (жените и децата) голоноги и босоноги се распрснале по ридовите и поголемиот број биле заробени, додека којзнае колку старци и жени со златни дечиња биле отепани. Недостојниот паша со својата свита и градските жители способни за коњ и оружје побегнале кон Серез и Софија. На тој начин другите скопски жители што останале со жените и децата биле исечени со сабји и заробени, а кога нечистите го грабале градот и колите, ја запалиле чаршијата и некои маала.

Една чета неверници ја нападнала касабата Штип и сите тамошни луѓе. Го испотепала Мехмедовиот народ, а нивните покуќнини ги плачкосала и разграбила. Тогаш уште околу 3.000 побунето Арнаути слегле од (Скопска) Црна Гора и ја зазеле касабата Пеќ. Еден дел од граѓаните се спасил, а мнозина од нив биле заробени и истепани со сабја... Настана црна несреќа каква што од настанокот на Османската империја не видел Мехмедовиот народ!

Во саботата на осмиот ден од месецот шевал (јули) тргнал од Крим честитиот Селим Гирај, кримскиот хан, со 30.000 татарски војници и со принцовите, синовите на својот брат Бахт Гирај, Саадет Гирај, Гази Гирај и Токтаниш Гирај... Кога дошол на границата од Влашка чул за поразот кај Баточина и по доаѓањето во Никопол за поразот кај Ниш, и многу се ожалостил, па плачејќи во саботата другиот ден од месецот шафер пристигнал во Софија, во царската армија. Сите прваци ја дочекале татарската војска и во парада дошле до чадорот на сераскерот, везирот Махмуж паша. Исламските војници ги обземала радост, а имало и веселби. И по престојот од четири дена, на седмиот ден по советувањето, тргнал со чесниот барјак сераскерот, везир Коџа Махмуд паша со исламската војска што постоела и со свита од честитиот хан и татарските војници упатувајќи се кон Скопје со намера да ги заземе исламските земји.

На едниот брег блиску Ќустендил наишол на околу стотина ајдуци и сите ги исекол со сабја. А кога го прешол Кустендил и кога дошла веста дека во касабата Паланка се затворил голем број Германци, прискокнале татарските војски и ги уништиле. Потоа стигнале во паланката Егри лере, па биле исечени со сабја Германците, Унгарците и ајдучките разбојници што се утврдиле таму. При слегувањето кон Скопје чуле за местото каде што се наоѓал хајдукот Карпош, па затоа биле одредени мнозина Татари, постигнато било да се исечат околу 200 невернички бунтовници што биле со него и да се добие безгранично голем плен. Самиот тој, кога врзан дошол пред ханот (Селим Гирај), без милост бил набиен на кол. И уште е фатен еден свештеник што се појавил од градот Монастир со претензии на кралство, па е обесен.

192 Командант на армија.
193 Војник од јаничарските баталјони; милиција собирана по потреба.

„Одбрани текстови...“, I, стр. 314-316.

No comments:

Post a Comment