November 4, 2012

Вистините за Венко Марковски 12

Вистините и контроверзиите за Венко Марковски (12)


Го понижија, мереше жито на пазарчето во Ѓорче

[„’Вие сте државни непријатели и нема да ви дозволам да учите во гимназија која го носи името на Јосип Броз Тито‘, ни рече Мито Хаџивасилев-Јасмин кога не повика на сослушување, мене и синот на Венко, Миле“, вели Бранислава Бојчин; најмалата сестра на Венко, Дока, со неговата ќерка Султана и синот на Миле Марковски]

Баба ми Љуба препека за него, чекаше да се врати од Голи Оток, па да си умре, раскажува внуката на Венко

Виктор Цветаноски

Венко се вратил од Голи Оток во 1961 година. Одлежал точно пет години, до последен ден. Од пустиот каменест остров имал право да се јавува само еднаш месечно, и тоа со писмо на мало ливче хартија со дванаесет реда. Не смеел да пишува од другата страна. На ливчето кое го добивала неговата сопруга Филимена најчесто пишувал поезија. „Додека беше на Голи Оток, мајка ми отиде двапати да си го посети братот. Од една таква посета се врати многу разочарана и депримирана. Ни кажуваше дека на неговата глава забележала длабока рана долга околу 12 сантиметри. Најверојатно бил тепан. Со вујко ми не можела да разговара зашто за цело време до нив стоел полицаец.

Кога се вратил Венко од Голи Оток, не контактирал со никого. Три години му биле укинати сите граѓански права. За да го понижат, го вработиле на пазарчето во Ѓорче Петров да мери жито на големо. Работата ја прифатил и таму останал до 1964 година. Неговата внука вели дека нему повеќето проблеми му ги создавал Лазар Колишевски отколку Тито.

„Баба ми Љуба препека додека не се врати од Голи Оток.

Беше многу мирна жена, синот на Венко, Миле, беше на неа. Откако го затворија, пропуши. Никому не му се жалеше. Чекаше да се врати, па да си умре. Кога си дојде во 1961 година, многу му се израдува. Потоа почна да одбива храна, престана да јаде и почина наредната година. На мајка ми во една прилика и' се исповедала: ’Одбивам да јадам, зашто претчувствувам дека Венко повторно нешто ќе го снајде, не можам да издржам уште една таква несреќа’. А, дедо Милан почина многу рано, од инфаркт кога дознал дека Бугарите го затвориле вујко ми во ’Ени Ќој’“, додава неговата внука.

Таа објаснува дека Венко ништо не говорел за Голи Оток. Само еднаш прозборел, а за тоа виновна била таа. „Бев на втора година на Правниот факултет, подготвував уставно право. Учев од една огромна книга на Ѓорѓевиќ, многу тешка за учење. Ќе почнев да ја читам, ќе се изнервирав и ќе ја фрлев во едно ќоше, па пак ќе ја земев. И така неколкупати. Кога еднаш ја фрлив, влезе вујко ми и ми вели: ’Што ти е виновна книгата’. ’Многу е тешка и голема, не можам да ја научам’ , му се пожалив. ’Слушај, ми вели, сега си рекла и никогаш повеќе да не те чујам. А, знаеш што значи да ти ја отвораат устата и да ти викаат: ’Сакаш да пееш Венјамине, ајде пеј’ и да ти плукаат во уста“, раскажува Бранислава Бојчин.

Тоа се случило првите месеци откако се вратил, а потоа занемел. Кај нив никој не доаѓал, ниту, пак, тој одел некаде. А, пред да го осудат, навраќале Бранко Варошлија и композиторот Властимир Николовски. „Кога Властимир Николовски еднаш замина од дома, му реков на вујко ми: ’Каков музичар е тој кога седнува на клавирот и лактите ги потпира на клавијатурата. Како тогаш тој создава музика’. Тогаш налутено ми се обрати: ’Ти да молчиш, тој има задача, па затоа доаѓа тука и внимавај што зборуваш пред него’. Знаеше дека Властимир Николовски го кодоши“, вели таа.

Семејството Бојчин и Филимена, сопругата на Венко, денес немаат никакви контакти. Ги влошиле односите по една нејзина изјава дека вујко и' Венко одел кај Вера Талеска, сопругата на Властимир Николовски, за таа да го моли Крсте Црвенковски да му дадат задграничен пасош да избега во странство и дека нивната ќерка Султана била малтретирана во Македонија. „Ниту тогаш имаше задгранични пасоши ниту, пак, вујко ми Венко молел да му дадат пасош. Се знае која беше Вера Талеска. Нејзин брат беше Благој Талески, претседател на тогашното Собрание на Македонија. ’Ако не знаеш, молчи, немој да измислуваш’, и' реков. Изјавуваше дека вујко ми Венко спасил некој бугарски адвокат од затвор во Бугарија. Не е точно. Од затвор е спасен од Петре Богданов-Кочко и од Кузман Јосифовски-Питу, кои заедно со Филимена и Миле ги префрлиле во партизани“, подвлекува неговата внука.

Венко бил бунтовен, отворен и вистината ја кажувал в очи, но за дипломатија не го бидувало, па затоа настрадал, смета неговата внука. Ја прашуваме зошто нејзиниот вујко откако отишол во Софија се декларирал како Бугарин и постојано пишувал антимакедонски книги. „Тие што го критикуваат нека се стават во неговата кожа, не дај боже да им го убијат детето, па да видам како ќе се однесуваат, дали нема да пишуваат нешто по порачка. Сите тие работи ги напиша по смртта на синот Миле. Некои овде денес за ситни пари се продаваат, а не да ти убијат дете. Се знаат неговите национални чувства. Тој си беше Македонец. За него беа главни Егеј, Пирин и Вардар“, вели таа и ни ги рецитира познати стихови на Венко: „Да сетиш Егеј да те гали/да знаеш Вардар како дише/да видиш ноќ на свети скали/под сводот Пирин што ги виши/О, нема ли да бидеш горд“.

Вујко и' Венко не бил вмровец, но бил член на ТМРО. Бил добар пријател со Мирослав Крлежа. Се запознале кога имал 15-16 години кога во Скопје се изведувале некои драми на хрватскиот писател. Кога дошол во Скопје, Крлежа побарал да се види со авторот на песната „Жетварите“. Се запознале во хотел „Турист“ и оттогаш станале големи пријатели. Во тоа време Венко го затвориле како член на ТМРО и го суделе, а Крлежа го обезбедил и платил да го брани Анте Павелиќ, тогаш најдобриот адвокат од Хрватска, кој издејствувал ослободителна пресуда за сите членови на ТМРО што биле судени. Венко Марковски со помош на Крлежа пребегал за Бугарија во 1927 година, преку Хрватска и Австрија. Со него за цело време биле во контакт. И додека го следеле за време на Информбирото, и во месеците кога бил под истраги. Венко бил уапсен во Загреб кај Мирослав Крлежа додека подготвувале некаков лексикон.

Со заминувањето на Венко на Голи Оток, не завршиле и маките на неговите најблиски. Власта се свртела и кон неговото семејство. „Јас имав 16 години, а син му Миле 17. Двајцата не' повика Мито Хаџивасилев-Јасмин во Министерството за образование. Истапи многу лошо, некултурно, простачки, силеџиски. Ни рече: ’Вие сте државни непријатели и нема да ви дозволам да учите во гимназија која го носи името на Јосип Броз Тито. Миле, кој по природа беше многу мирен и неконфликтен, ја прифати одлуката без никаков поговор, за разлика од мене, која сум импулсивна и тврдоглава, и тогаш му се спротивставив на Јасмин. Му велам: ’Зошто да не се запишам во ’Јосип Броз Тито’, сите оценки ми се петки, немам ниту една четворка, а таму учат повторувачи’. Ми одговори: ’Ти си внука на оној гад Венко Марковски, крвта не е вода’. И натаму останав на своето и се запишав во гимназијата ’Јосип Броз Тито’. Никој не ми направи никаков проблем, веројатно директорот се' уште немаше добиено директива како со мене да постапува ако се обидам да се запишам. Миле се потчини на наредбата и се запиша во гимназијата ’Цветан Димов’. Тогаш си реков, готово е, нема да ми прават повеќе проблеми. Но, не беше така. Првиот ден кога отидов на училиште, ме пречека на скалите човек од Министерството и ми врачи решение дека сум исклучена од седми клас гимназија. Со решението ми беше забранет пристап во просториите на гимназијата поради, како што стоеше во него, антидржавно дејствување. Па, така, морав да го продолжам школувањето во ’Цветан Димов‘. Со нас тогаш се дружеше и Иван Тулевски, денес познат психијатар. Поради нас и тој настрада, го исклучија и него од младинската организација, чиј претседател беше. По гимназијата се запишав на Правен факултет, положив адвокатски испит. Но, тогаш беа затворени сите врати за мене. Судија не можев да бидам, не бев подобна, не ми дадоа дозвола да отворам ниту адвокатска канцеларија“, раскажува Бранислава Бојчин.

Таа вели дека тие години биле опколени од агенти. Ќе одела на училиште и често некој удбаш без причина ќе и' ја проверувал чантата само за да ја малтретира. Ги малтретирале две години - 1956 и 1957 година. Потоа престанале.

(Продолжува)

No comments:

Post a Comment