October 10, 2012

Славата, митот и крвта на ВМРО 10

Славата, митот и крвта на ВМРО (10)

[За да го понижат Дејан Димитров, Турците го шетале низ Дебарца како мечка: четата на Дејан Димитров]

Војводите што беа гордост на Илинден

Дејан Димитров од Дебарца, Јордан Пиперката од Демирхисарско и Иван Попов од Неврокопско предизвикувале восхит кај народот

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Македонската револуционерна борба познава многу војводи, кои со својата чесност и искрена љубов кон Македонија, оставија неизбришливи траги во нашето минато. Тоа биле обични луѓе од народот, незаразени од интригите и пресметките во македонското движење, револуционери, кои со својот личен пример предизвикувале восхит кај народот. Меѓу нив спаѓаат Дејан Димитров од Дебарца, Охридско, Јордан Пиперката од Демирхисарско и Иван Попов од Лески, Неврокопско.

Потрагичен не можеше да биде крајот на Дејан Димитров, најхрабриот, најсаканиот и најславниот војвода во Дебарца, Охридско, кој на Македонија гледаше како на икона и само пред неа се крстеше. Ги преживеа сите крвави битки пред и за време на Илинденското востанието, а својот живот го заврши затоа што наивно им поверува на младотурците по прогласувањето на амнестијата. Веруваше во нивниот збор и затоа слезе од планините и ја фрли пушката.

[Јордан Пиперката беше страв и трепет за турскиот аскер во Демирхисарско] Но, османлиите не можеа да му простат за жртвите што ги дадоа во борбите со неговата чета, за понижувањата што ги доживуваа борејќи се со него и затоа чекаа погоден момент да му се одмаздат. Додека имал пушка в рака, за нив бил недофатлив, ја добивал секоја битка со нив, умешно ја избегнувал секоја потера. Дејан беше човекот што ја раководеше познатата битка кај Арбиново неколку месеци пред големиот Илинден, која ја сметаат за пробно востание пред востанието и еден од војводите што ги водеше четите во Охридско.

Еден ден додека со воловската кола носел земја за новата куќа во родното Лактиње, го пресретнале неколкумина Турци и му се нафрлиле. Без оружје немал никаква шанса да им се спротивстави. Го врзале и го затвориле. Старите илинденци од Дебарца раскажувале дека она што го преживеал големиот војвода последните денови од животот не можат да го издржат и најсилните мажи. Турците му ги кршеле забите, му ги корнеле мустаќите. За да го понижат пред луѓето на Дебарца, кои во него гледале како на Господ, на вилицата му ставиле алка како на мечка и го воделе од село во село, од место во место. Откако му го покажале на сиот народ на Дебарца, го качиле на висока карпа над една рекичка во околината на селото Песочан, го врзале за половината со јаже и го спуштале и кревале во водата се' додека не се онесвестил. На крајот го закачиле на стожерот на еден лисник и жив го изгореле.

Софискиот професор Љубомир Милетиќ, кој ќе ги запише спомените на Дејан по востанието, вели дека тој му оставил многу силен впечаток. „Беше буен, енергичен, гореше од патриотизам - вистински, силен, кој целосно ја обзел неговата груба, нерасипана душа. Неговиот збор беше збор; наредбата од началството на кое тој како четник и војвода му бил потчинет - ја спроведувал целосно - во името на делото. А Дејан беше го прифатил делото со религиозно и длабоко почитување“, пишува Милетиќ

Духот на Јордан Силјанов-Пиперката и по сто и осум години од неговото загинување се' уште е присутен во Демирхисарско. И ден-денес народот со восхит ги прераскажува неговите подвизи, зашто тој беше симбол на борбата на овој револуционерен крај. Од Пиперката трепереле сите душмани. Турците се плашеле од неговото име, а Арнаутите кога ќе забележеле дека некој од нив личи на него, му викале: „Бре, бре, целиот Пиперката“. Бил многу храбар и снаодлив. Немало турска потера што не ја надитрил, немало аскерски обрач што не го пробил.

Се раскажува дека еднаш Турците го опколиле во Брезово со тројца четници, а комитските чети од Битолскиот, Ресенскиот и од Охридскиот реон кога слушнале за опсадата, се организирале за да му помогнат. Но, додека се собирале, Пиперката успеал сам да се извлече од опколената куќа. Штом настапила ноќта, од прозорците почнал да фрла разни предмети. Фрлил и една запалена печка, а тоа ги збунило војниците, па со уште еден четник исчезнал во ноќта и стасал во Велмевци и таму ја известил организацијата дека е безбеден и дека нема потреба од помош.

[Иван Попов откако ги преживеа Илинденското востание, Балканските војни и Првата светска војна, сам си го одзеде животот. Неговата чета снимена во Клисура]

Брзоногиот, итриот и до неизмерност храбриот Јордан Пиперката, кој го водеше востанието во Демирхисарско, загина во близината на Цер за време на борбите. Предводејќи група востаници, тргнал да им помогне на церчани, кои со семејствата побегнале в планина откако Турците им го запалиле селото. Меѓутоа, на полпат биле пресретнати од силен аскер со кој почнале жестока битка. Војводата и неговите другари се бореле до доцна во ноќта, а аскерот и башибузукот употребиле и топови. По паѓањето на првиот мрак, четниците еден по еден се извлекувале од опсадата. На бојното поле останале труповите на славниот војвода Пиперката и на уште тројца комити - Милош Трајковски и Кузман Тодоровски од Бабино и Ѓорѓи Бошковски од Мало Црско.

Тажната вест како молња се проширила во целиот крај, а народот заплакал за војвода кој го штител од душманите. Истата ноќ мртвите тела биле пренесени во селото Велмевци и таму погребани. Дошло и старо и младо да им оддаде почит на хероите. Луѓето го бакнувале студеното лице на Пиперката, збогувајќи се од човекот за кого уште додека беше жив се прераскажувале легенди.

Јордан Пиперката бил без образование, но со несомнени умствени дарби и војни потфати. Турците не можеле да ја разберат неговата тактика и верувале оти го заштитувале духови. Роден е во с. Козица, Кичевско во јуни 1870 година.

Првите двајца македонски херои својот живот го завршија во борба со Турците, а костурскиот војвода Иван Попов, откако ги преживеа Илинденското востание, Балканските и Првата светска војна во кои учествувал, сам си го одзеде животот во близина на Софија. Овчарчиња го нашле неговиот полураспаднат труп во спилите над Драгалевскиот манастир. Љубомир Милетиќ, кој лично го познавал и кој ги забележал неговите спомени за востанието, вели дека никогаш не се дознало што го натерало костурскиот војвода со голема душа да се определи за таков крај. Според него, тој имал материјални проблеми, во животот морал од се' да се откажува, а имал и душевни маки.

Иван Попов е роден 1871 година во селото Лески, Неврокопско, бил убав, висок и силен маж, со руси коси и со изразито благ поглед. Во Илинденското востание бил војвода од прва рака, а по поразот со 16 свои четници стасал во Бугарија. Со голема доблест го носел тешкиот крст на идеалист-поборник за македонската слобода! Со својата чета учествувал во ослободувањето на Невеска и Клисура

„Во борбите со Турците тој е ненадминат јунак, ладнокрвен, спокоен, подготвен со радост, со песна на уста да го положи својот живот како жртва на народниот олтар на слободата. Без двоумење можам да речам дека меѓу многуте први македонски јунаци, во најблагородна смисла на зборот, Иван Попов е меѓу најпрвите“, ќе запише Милетиќ.

Од Илинденското востание се раскажува за едно 15-годишно момче од селото В'мбел, Костурско, кое преживеало благодарение на големата храброст. Бегајќи од аскерот во една пештера над селото прибежиште нашле 18 лица. Турците ја откриле скривницата и за да ги задушат фрлале во пештерата запалена слама. Некои востаници се самозастрелале, некои се задушиле. Само момчето се обидело да избега и бегајќи го погодил еден куршум. Паднало до еден ѕид и се преправало дека е мртво. Турците му го исекле едното уво и го фрлиле „трупот“ зад ѕидот. За да се спаси, момчето требало без да офне и да трепне да ги истрпи болките од раната, од сечењето на увото и од фрлањето преку ѕид. Ги истрпело и останало живо.

(Продолжува)

No comments:

Post a Comment