December 2, 2024

Не очекуваме помош од Европа, ќе победиме со сопствени сили

   – Ние не очекуваме помош од Европа; ние се надеваме да победиме со сопствени сили и веруваме дека не е далеку часот кога над облеаната со крв Македонија ќе засвети сонцето на слободата!

Пишува: Блаже Миневски

       Пред 115 години, во екот на најголемиот масакар при задушувањето на Илинденското востание, Даме Груев пишува писмо до Хилми паша за ѕверствата што ги прават османлиските војници и башибозук во Македонија. Денес, кога името на Хилми паша случајно би се заменило со името на Зоран Заев, писмото на водачот на востанието звучи застрашувачки актуелно и жестоко:

„Паша ефенди…! Се обраќам кон Вас, не дека ми е пријатно и дека нешто сакам од Вас – да не даде Алах да сакам нешто од турски паша! – не, јас едноставно Ви препорачувам да обрнете внимание на моите зборови. Можам да Ве уверам дека нема да ги повторувам“, вака Даме Груев го почнува своето писмено обраќање до Хилми Паша, поранешен Голем везир и актуелен Генерален инспектор на Македонија. Во писмото тој бара прекинување на масакрот што го врши османлиската војска и башибозук, известувајќи го Хилми паша дека дал наредба никој во Македонија да не го слуша и да не му верува, а доколку некој го послуша – ќе плати со живот. Според некои записи, писмото на Груев е испратено кон крајот на септември 1903 година, но престижниот американски весник „The New York Times“ знае за него уште на 1 септември 1903 година, затоа што во бројот од втори септември објавува дека „…водачот на револуционерите, Даме Груев, со писмо побара од Хилми Паша да ги прекине варварските акти на османлиските војници и башибозукот…“ Ако „The New York Times“ на 2 септември објавува дека постои такво писмо, тогаш писмото мора да е испратено пред втори септември, значи во време на најжестоките акции за задушување на вoстанието. Во истата статија се опишани и дел од варварските акти на османлиската војска и башибозукот врз македонското цивилно население. А само во  Битолскиот вилает се воделе 150 борби со 19.152 востаници против 292.735 турски војници. Во тие борби се убиени или ранети 746 востаници и 3.087 Турци, запалени се 122 села со 8.646 куќи а без покрив останале 51.606 жители. Бројот на убиени или заклани цивили е 1.779 души. Во Солунскиот вилает, од 2 до 8 септември 1903 години дошло до 32 борби во кои паднале 109 востаници, додека во Скопскиот, во неколку борби, од  14 август до 14 ноември 1903 паднале 93 четника.  Во сите три вилаети во текот на востанието биле убиени  949 востаници во 197 борби. Во текот на востанието настрадале 16 околии со 201 населено место. Биле изгорени 12.400 куќи, без покрив останале 70.836 лица, биле убиени 8.816 мажи, жени и деца а 30.000 луѓе ги напуштиле своите родни места…Даме Груев и Главниот востанички штаб знаеле за сите масакри што ги вршела турската војска и башибозук. Затоа решиле директно да му се обратат на Хилми Паша, барајќи веднаш да го прекине крвавиот пир на војската:

„Вие сте виновни за сите ужаси и насилства вршени по Ваша заповед!“

„Паша ефенди, Вам Ви беше познато дека општото востание се крена по Ваша вина. Вие, и само Вие сте виновни за сите ужаси и насилства вршени по Ваша заповед. Ние долго и многу трпевме, и нашето трпение заврши. Ве предупредувам дека ако до септември не наредите да се прекине со насилствата, грабежите, клањето на мирното немуслиманско население, ние, со волјата на Семоќниот создател, ќе се покориме на злата неопходност, и ќе извршиме такви ужаси над муслиманското население што косата на главата ќе ви се крене. Вие можете да ги уверите претставниците на  европските држави дека сте го задушиле востанието. Можете да кажувате се и сешто; можете да кажувате што сакате, но Вие никогаш нема да не убедите дека, откако ќе се покориме и го положиме нашето оружје, ќе имаме гаранции за нашиот живот и имот. Јас веќе дадов наредба во цела Македонија на никој начин да не Ве слушаат и да не Ви веруваат, а кој ќе Ве послуша ќе плати со живот. Вие сте должни со нас да водите правилна војна, бидејќи во спротивен случај ние ќе ги опожариме сите турски села и ќе ги истребиме нивните жители. Ние не очекуваме помош од Европа. Ние се надеваме со нашите сопствени сили да ги уништиме Вашите храбри војници и можеби не е далеку часот кога над облеаната со крв Македонија ќе засвети сонцето на слободата. Имајте предвид дека нашите чети се снабдени со доволно количество на потребности и ние ќе умееме да се бориме со Вас десетици години… Ако Бурите го стаписаа светот со борбата против Англија, ние уште повече ќе го стаписаме и зачудиме. Јас Ви кажав. Ваша работа е да ми поверувате на зборовите.“

Хилми Паша

Според „The New York Times“, со оглед на тоа „водачот на револуционерите, Даме Груев, со писмо побара од Хилми Паша да ги прекине варварските акти на османлиските војници и башибозукот…“, а изворот на информацијата е „офиџијален“, Хилми Паша го добил писмото но одговорил со уште „поварварски акти“. Кој бил всушност Хусен Хилми Паша? Османлиски воен командант и државник, во два мандати Голем везир и османлиски администратор во Европска Турција во почетокот на 20 век. Во времето кога Даме Груев му го пишува писмото со набој на гордост и достоинство, без да молење и понижување,  со тон што личи на командант на силна војска а не на десеткратно помала  и слабо вооружени востаничка војска, Хилми паша имал 48 години и бил на позицијата Генерален инспектор на Македонија. Всушност на оваа функција дошол една година порано а останува се до 1908 година, две години по убиството на Даме Груев, кога станува османлиски министер за внатрешни работи. Потоа, од 1912 до 1918 година, Хилми Паша е амбасадор во Виена. Притоа не бил Турчин туку Грк од Лезбос, потомок на семејство што примило ислам. Завршува основно образование на Лезбос, а француски јазик знае уште од најрана возраст. Сосема млад почнал да работи като чиновник во Османлискиот државен апарат, напредувајќи многу брзо до валија на Адана а во 1898 година и на Јеменскиот вилает. Во 1902 година со одлука на султанот Абдул Хамид II и со согласност на Големите сили е назначен за Генерален инспектор на Солунскиот, Косовскиот и Битолскиот вилает. Подоцна во два наврати бил Голем везир, а во октомври 1912 година е назначен за амбасадор на Османлиската империја во Виена, Австро-Унгарија, каде што останува до крајот на Првата светска војна. Според едно негово интервју од 1914 година, Македонија останала негова ноќна мора: „Никогаш не помислив дека Македонија некогаш може да стане  српска, дека Грците ќе заавладеат со Солун, но судбината, знаете, често дозволува и најневеројатни нешта… Во револуционерните времиња, Грците и Србоманите, верувајте, секогаш беа заедно со нас, Турците, против комитетите. И мене и мојата полиција тие не информираа за се, тие беа наши шпиони, пријатели и поддржувачи… Но какви и да се Србите и Грците, виновни сме ние зашто не се разбравме навреме со Бугарите. За Турција ќе беше најдобро да беше заедно со Бугарија…“ Воениот злосторник Хилми Паша, еден од виновниците за геноцидот врз Македонците на почетокот од минатгиот век, истиот оној на кој Даме Груев во 1903 година му пишува дека македонските чети се снабдени со доволно оружје и муниција за да се борат десетици години, останува во Виена до смртта во 1922 година. Сепак, иако  е Грк, погребан е во Бешикташ,  во Истанбул.

Подземната република на Груев!

А дека Даме Груев не се шегувал со писмото до Хилми паша зборува и едно негово интервју од февруари 1906 година. Во тоа време Даме ја обиколувал Македонија и во кратовските планини имал средба со еден шкотски новинар, дописник на единбуршкото списание Blackwood’s Magazine. Средбата е организирана од ВМРО а разговорот со овој новинар е објавен  споменатото шкотското списание под наслов An Underground Republik. Во текстот, анонимниот шкотски новинар напишал дека при неговиот престој на организациската територија имал доживување како да се наоѓа на територијата на една слободна подземна република каде турската власт немала никакви ингеренции. Даме во интервјуто меѓудругото истакнал: „Организацијата го претставува административниот механизам на една подземна Република, којашто се градеше за заштита од турската тиранија. Регуларните чети се полициски сили на оваа република. Тие ги извршуваат повелбите на цивилните судови. Во секое село има локален суд. Потоа, ние имаме подвижни судови, што ја обиколуваат земјата и одлучуваат за расправиите помеѓу луѓето од различни села. Месните комитети ги претставуваат цивилните локални власи, зад нив се наоѓаат силите на четите. Локалните комитети се избираат од селаните. Тие не ја злоупотербуваат ниваната доверба.“ Во продолжение Груев го информирал новинарот за децентрализацијата на Организацијата и начинот на борба против османлиската власт. На прашањето што мисли за бугарската пропаганда во Македонија, Даме одговорил: „Ако постои грчка и српска пропаганда, зошто да не може да постои и бугарска… Таа постои. Има бугарски политичари кои не се поголеми наши пријатели од Грците. Под имињата на мошне познати шефови, тие се обидуваат да испраќаат чети во Македонија да агитираат за анексионистичката идеја… Тука има место само за една организација, а таа е народна организација. Ниту Цончев, ниту Сарафов не се избрани од народот, иако се обидуваат да преминат ваму, да присвојат самоволна сила со оружје. Ние што го претставуваме народот, мора да ги пресретнеме со иста сила, која тие ја применуваат против нас.“

Десет месеци подоцна  Груев заедно со својата придружба ја минал Беласица, упатувајќи се кон Малешевско. На 23 декември стигнале во Русиново, во куќата на Алаѓозови, каде што случајно влегле двајца Турци, кои качувајќи се по скалите ги виделе низ отворената врата комитите кои разговарале во собата на горниот кат. Турците наместо да побегнат, се наместиле под скалите и отвориле оган. Прв слегол по скалата Сандо Китанов, но не бил погоден. По него се симнал Даме, кој бил со рана во десната нога. Сепак успеал да излезе надвор од селото но раната која крвавела оставала траги во снегот. Следниот ден, на 24 декември турските воени власти наредиле убиените да се кренат од местото на погубувањето и да бидат погребани. Селаните ги погребале Даме Груев, Сандо Китанов, Ѓорѓи Карчов во еден гроб кај русинската црква. Подоцна, по утврдувањето на идентитетот на убиените, главниот инспектор Хусеин Хилми паша на 10 јануари 1907 година го известил Големиот везир дека е убиен Даме Груев,  оној што му напиша дека се обраќа кон него не дека му е пријатно и дека нешто сака од него, „да не даде Алах да сакам нешто од турски паша“, туку  „едноставно Ви препорачувам да обрнете внимание на моите зборови.“ А тие зборови Хилми паша веројатно не ги заборави се до смртта во Виена дваесет години подоцна.

Извор: Денешен

No comments: