Славеј песна запејало

СЛАВЕЈ ПЕСНА ЗАПЕЈАЛО

Славеј песна запејало, песна пее, нарачува:
-Ја, бегајте стари, млади, Турци земја ќе попленат.
Што е старо - ќе загубат, што е младо - ќе потурчат,
мали деца ќе одведат, Турска земја да ги турчат.

Уште славеј не допеја, пристигнале јаничари,
наша земја попленија, старците ги загубија,
младите ги потурчија, децата ги одведоја,
ми зедоја два близнака, брат и сестра Јане и Јанка.

Јанета го одведоја кај што сонце ми огрева,
Јанка ми ја однесоа кај што сонце ми зајдува.
Нивна мајка солзи рони, солзи рони, коси корне,
си остана да си кука како црна кукавица.
Ми раснаа два близнака, настанаја за женење,
Јане појде да се жени, нигде мома не бендиса,
кај што сонце ми заоѓа, па ја виде лична Јана
Јана грее како сонце.

Јане сестра не си познал, си ја зеде за невеста,
постигнаја машко дете, машко дете, лута змија.
Дење-ноќе се да плаче, проговара лична Јана:
-Ејди, Јане, домаќине, иди Јане, на нов пазар.

Иди, Јане, на нов пазар, да си купиш измеќарка,
да го лула машко дете, да го лула, да го бања.
Јане ојде на нов пазар, па си купи измеќарка,
не ми била измеќарка, туку била нивна мајка.

Мајка и Јане го познала, па отиде да му лула,
да му лула машко дете, машко дете, нејно внуче.
Па избања машко дете и го лула и си пее:
-Нани, нани, мило внуче, од моите два близнака.
Јана платно ми ткаеше, па заслуша измеќарка
каква песна она пее, па му кажа на Јанета:
-Ејди Јане, домаќине, слушај Јане, измеќарка
каква песна она пее, песна пее, солзи лее.

Кога Јане ми ја дочул, ја распраша стара мајка,
стара мајка му кажала: - Јане сине, Јано ќерко,
јас сум, Јане, ваша мајка, тогаш ми се прегрнале,
дробни солзи пролеале, и среќно си живејале.

Васка Илиева

No comments: