September 24, 2013

Карпошевото востание 10. дел

Драган Ташковски КАРПОШЕВОТО ВОСТАНИЕ

Турската казнена експедиција, која ја освои Крива Паланка, веднаш тргна на Куманово, каде дојде до сукоб помеѓу турските војски и востаниците. Востаничката војска на чело со Карпош храбро се бореше на уште порано соградени палисади, но пред бројно и технички надмоќниот непријател мораше да подлегне.

„На исламската војска — пишува Рашид-паша — ѝ послужи среќа, Таа тргна од Крива Паланка и дојде до Куманово. Во борбите пред Куманово неверничката сила се скрши пред славната верна војска и се предаде во ропство. Во ропство падна и проклетиот Карпош со многу илјади неверници. Потоа, победничката војска јуришаше на крепоста и сите внатре најдени невернички граѓани и селани ги исече со сабји.“

По заземањето на Куманово победничките турски војски тргнаа за Скопје. „Ајдуците — како вели Рашид — што се држеа уште во Скопје и каде што беа утврдени, штом разбраа што стана во Куманово и кога приметија дека на нив иде победничката војска, сосем се разбегаа од таму“. Со бегството на овие востанички одреди беа уништени и последните остатоци на ова селанско-рударско востание.

Турците, кои што пред себе немаа никакви озбилни востанички сили, додека австриските војски се наоѓаа од другата страна на Качаничката Клисура, победоносно влегоа во Скопје, водејќи го со себе заробениот Карпош и цела низа други востаници. Рашид-паша по овој случај го пишува следното:

„Победоносните борци влегоа во Скопје, каде во Куманово фатениот Карпош го набија на кол на скопскиот мост. И кога лажливата вредност на неговата грешна душа се вина во царството небесно, хитрите како вихор Татари ги подложија лажливите телесни остатоци на нишан на своите остри сечива.“

Камениот мост во Скопје и дрвото кое, спрема народното раскажување, е обесен Карпош.

Искасапениот Карпош, „књаз од Куманово“, беше фрлен од камениот скопски мост во Вардар, додека голем број на востаниците ја изгубија главата.

Турците и Татарите, кои по овие победи крстареа во околијата на Скопје, заробија околу 6.000 селани со жени и деца, околните села ги попалија, а потоа тргнаа по патот за Качаник во потера по австриската војска и разбиените востаници. На 4 јануари 1690 година турските војски се судрија со австриските на Косово. Битката беше очајна. Австријанците беа во самиот почеток на борбата напуштени од Латините и Србите, кои ги држеа крилата. Латините, за разлика, од Србите кои се разбегнаа, во договор со Турците го свртеа своето оружје против австриските војски, кои претрпеа страшен пораз. На бојното поле покрај хановерскиот принц Карло, грофовите Штурм, Кронсфелд и Ауерсперг загина и самиот Штрасер. По овој пораз Австријанците дефинитивно се повлекоа од Косово.

Неколку месеци по овој пораз на Косово, австрискиот цар на предлог на: патерот Тома, едно од лицата што работеа околу привлекувањето на Албанците католици кон австриските војски, издаде манифест на 6 април, со кој ги повикуваше Србите, Македонците, Арнаутите, Бугарите и др. да се дигнат на оружје, ветувајќи им привилегии што ги предложи патерот Тома во својот меморијал до Леополд

Во манифестот се ветуваше право на вероисповест, слобода на бирање војводи, ослободување од секој јавен терет и данок, осем во случај на воена потреба итн. Ни ваков манифест не можеше да најде одзив меѓу поразените маси. Во Македонија, каде пред неколку месеци востанието беше на врвот, како и во другите востанички краишта (Косово и Метохија), силите на отпорот беа разбиени и десетковани. На 14 август 1690 година австриските војски под командата на генералот Ветерани, потиснати од Турците, мораа да го напуштат Ниш и да се повлечат од Србија. Како последица на поразот на востанието во Македонија и повлекувањето на австриските војски од Србија, настапија многу тешки денови за христијанското население во овие краишта. Татарските ловечки одреди, наречени „авџитабори“, предводени од кримскиот хан Наредин, со припомош на турските башибозуци и обесни Арнаути, колеа и пустошеа беспоштедно низ востаничките краишта. Турците и Татарите жестоко се светеа на населението од овие краишта. Всушност ова беа и најцрните денови што ги преживуваше населението од овие краишта.

„Во легото 1690 година — пишува во еден сочуван запис — тогаш разби Халил-паша со војска Скопје и Качаник и сече скопска нахија. Тогаш беше зло и скапотија исто," (14)

Бесот на турската казнена експедиција со својата најголема жестина се истури во североисточните краишта на Македонија. Татарските и турски башибозуци 1и запалија сите рударски населби во кратовскиот крај, така што овие краишта станаа права пустош и пепелишта. Народот од овие краишта очајнички отстапуваше пред навалата на азијатите, бидејќи сето она што не можеше да бега пред нив беше ставано под нож. За овој колеж во еден од сочуваните записи во манастирот Дечани пишува:

„Во летото од Адама 1690, беше голема војна и плен по целата српска земја, и, дојдоа Немци и Маџари близу до Штип, близу Дупница, и Турците избегаа и пак се вратија и ги отераа преку Дунав.

Ох! Ох! Уви ја, лут страв и беда тогаш стана. Мајките од децата се разделуваа, а татковците од синовите, младите ги робеа, а старите ги сечеа и давеа. Тогаш луѓето ја призиваа смртта на, себе, а не животот од проклетите Турци и Татари.“ (15)

Зулумите што ги вршеа Татарите, башибозуците и Арнаутите што крстареа по овие бунтовнички краишта, го присилија големиот дел на населението од овие краишта да бега на север, каде се приклучуваше кон Србите кои под раководството на патријархот Арсение III Чарноевиќ отстапуваа преку Сава и Дунав, зад австриските војски. Опустошените и испразнети краишта Турците ги пополнуваа со Турци и Арнаути за сметка на македонското, а на Косово и Метохија за сметка на српското население.

На тој начин и ова селанско востание во Македонија, кое што беше уперено против ропството и свирепоста на турскиот феудален систем, како и сите селански востанија во средните векови во Европа, заврши со пораз. Така и Карпош, како селански крал, како и сите селански кралеви, заврши трагично. Идеалите за кои се бореа храбрите македонски востаници не се остварија. Наместо слобода тие добија двоен притисок и тешки контрибуции. Изгорените селишта и опустелите краишта долго време сведочеа за оваа крвава епопеја на нашиот народ, кој ги даваше животите за слободата и независноста на својата напатена земја.

Крај

14. Љуб. Стојановиќ, „Стари српски записи и написи“, кн. I. Белград 1902, стр. 453.
15. Јор. Иванов, „Б'лгарски старини низ Македонија", стр. 116 точ. 27.

No comments: