March 15, 2013

Лазарските песни во костурско Пополје 3. дел

Александра ПОПВАСИЛЕВА (Скопје)

Лазарските песни во костурско Пополје (Егејска Македонија)

За малу поголемо дете се пеело:

„Бре ти малечко писано,
Дал' си от мајка родено,
Ил' си от земја никнато,
Ил' си от Бога паднато?“

„Нит` сом от Бога паднато,
Нит` от земја никнато,
Тук' сом от мајка родено;
Co бистра вода к'пано,
Co слатко млеко доено!“

(К. А. Шапкарев, цит. дело, кн. I, 1891 г. стр. 94)

За девојче се пеело:

Мор момиче, петличе,
бре стребрено петличе,
кама ти го кафтано?
— Ми го зеела мајка ми,
ми го скрила на сендук,
за братово женетје,
за сестрино мажејне!

(Пеела Динка Гимандова, 60 години, од с. Куманичево, 1968 година)

За машко дете се пеело:

Има мајка мило сине,
мило сине Костадине,
промени го, накити го,
да го пушчиш на скојле,
да се учи бела книга,
бела книга, црно писмо!

(Пеела Слободанка Зисова, 59 години, од с. Желини, 1968 година)

Лазаровден се споредува со првите предвесници на пролетта — кокичето и качунката. На пат од една кука до друга лазарките пеат за себе:

Кукај, кука], коковице,
да и разбиеш лазарките,
Лазар не е ката дена,
туку еднаш на година,
като качка на копачка,
като гротвец на планина!

(Пееле Динка Гимандова, 60 години, Слобода Попвасилева, 58 години, од с. Куманичево, Костурско, 1968 година)

Најмногу лазарски песни се пееле за девојките и момчињата, но тие песни повеќе личат на љубовни, отколку на обредни. Обично момчето и девојката се сретнуваат во друмиштата и на селската чешма и тука со исполнуваат соништата на момчето, а девојката бива изненадена. За момче и девојка се пеело:

Лудо греди одозгора,
мома греди одоздола,
се стретие стреде п'то,
ми 'и фати патишчата,
патишчата, друмишчата.
— Пуш ми, лудо, патишчата,
ако ти сум па к'смето —
сама дома ќе ти дојда,
на карекла ќе ти седна!

(Пееле Динка Гимандова, 60 години, Слобода Попвасилева, 58 години, од с. Куманичево, Костурско, 1968 година)

Или:

Лудо греди одозгора,
мома греди одоздола,
се стретие на чешмата,
на чешмата стреде село.

Момчето побарува вода, девојката „се измами, па му даде“, но момчето на место да ја фати малата стомна, ја фати момата за рака и ја фрлил на брзиот коњ. И така завршува оваа идилична слика, така мајсторски дадена од народниот пејач:

Като ветер што дуеше
така лудо ми бегаше,
като с'нце што грееше
така лудо се смееше,
като роса што росеше
така мома ми плачеше!

(Пееше Слобода Попвасилева, 58 години, од с. Куманичево, Костурско, 1968 година)

Храброста и убавината на момчето не можат да се замислат без „брза коња“, „тенка пушка“ и „фино фесо“. Само за момче се пеело:

Вјана лудо коњата,
шетало горе-долу,
низ зелените ливади
и студените извори.
Намерви мома на п'то,
два бели коња сопкаше,
со копринени пајвани.
Му одговори лудото:
— Моме, жити, моме,
сопни ми и мојта коња!

(Пееше Слободанка Зисова, 59 години, од с. Желини, 1968 година)

Или:

Крепа лудо тенка пушка,
се рашета горе-долу,
крај скалиње, крај смалињв,
крај црвени трандафили,
крај момините дворови.

(Пееше Динка Гимандова, 60 години, од с. Куманичево, Костурско, 1968)

Или:

Лудо седи на дуќано,
фино фесо на колено
да 'и чека лазарките,
да му пее лепа песна,
лепа песна гласовита,
коа да го поареса.
Танчарката го ареса.

(Пееше Олга Чулева, 68 години, од с. Вобишча, Костурско, 1968 год.)

No comments: