Повеќето од оние кои што некогаш слушнале за најпознатиот таен агент во светот Џејмс Бонд (James Bond), веројатно знаат дека тој поседува дозвола за убивање, постојано е опкружен со убави жени и обожава да пие вотка мартини. Сепак за нас Македонците многу поинтересна е една друга, не толку позната негова навика. Во романите за овој таен агент, повеќе пати, е спомнато дека Бонд е и страстен пушач, и тоа не на било какви, туку на рачно изработени цигари со специјална македонска смеса (Macedonian Blend) на тутун [1][2].
Шон Конери (Sean Connery) како Џејмс Бонд, во првиот филм од серијалот од 1962 година, насловен како Д-р Но (Dr. No)
На почетокот од „Мунрејкер“ (Moonraker), третиот по ред роман за агентот 007 кој што има и филмска верзија со Роџер Мур (Roger Moore) во главната улога, цигарите кои што ги пуши Џејмс Бонд се детално опишани [3]:
„Бонд ја извади својата црна бронзена кутија за цигари и својата црна оксидирана Ронсон запалка и ги стави на полицата покрај него. Тој запали цигара, една од оние со македонска смеса тутун, со три златни прстени на крајот, кои што Морландс од улицата Гросвенор ги произведуваше за него...“
Лого на специјализираната продавница Морландс (Morlands)
Локацијата каде што сега непостоечката продавница се наоѓала, на аголот помеѓу улиците Гросвенор и Њу Бонд, во Лондон [4].
Ваквите цигари се екстра јаки [1], со повисока количина на никотин од обичните [5] и немаат филтер [6]. Македонската смеса за цигарите се состоела од турски и балкански тутун [6], од кои последниот веројатно бил произведуван во Македонија по што и смесата го добива називот. Во металната кутија на Џејмс Бонд собирало вкупно 50 од овие цигари [7].
Дека тој пуши цигари произведени од Морландс е спомнато и во воопшто првиот роман од серијалот за него „Казино Ројал“ (Casino Royale), а според романот „Тандербол“ (Thundrball) од 1961 година, навиката да пуши цигари Бонд ја стекнал во своите тинејџерски години [6].
Дека тој пуши цигари произведени од Морландс е спомнато и во воопшто првиот роман од серијалот за него „Казино Ројал“ (Casino Royale), а според романот „Тандербол“ (Thundrball) од 1961 година, навиката да пуши цигари Бонд ја стекнал во своите тинејџерски години [6].
И самиот креатор на агентот 007, писателот Иан Флеминг (Ian Fleming), уште од триесетите години на минатиот век пушел исти такви рачно изработени цигари, кои што исто како Џејмс Бонд, ги набавувал од Морландс [5], специјализирана продавница за тутун од улицата Гросвенор број 83, во Лондон. Трите златни прстени на цигарите биле поставени за време на Втората светска војна за да корелираат со командантскиот чин на Флеминг [5], чин кој што го има и неговата креација Џејмс Бонд.
Иан Флеминг пушел и до 80 цигари на ден [8], што се смета дека е главна причина за неговата смрт. Сепак случајот со Џејмс Бонд е малку поинаков, па така навиката да пуши нему дури и му го спасува животот. Во романот „Од Русија со љубов“ (From Russia with Love) единствена пречка на патот на куршумот наменет да заврши во неговото срце е металната кутија со цигари и една книга [9].
Во филмските верзии со Шон Конери во главната улога, иако Бонд пуши цигари, тоа не е ни приближно колку што е опишано во романите на Иан Флеминг [10]. Традицијата на пушење цигари ја продолжува и Џејмс Бонд на Џорџ Лејзенби (George Lazenby), како и оној толкуван од актерот Тимоти Далтон (Timothy Dalton). Со преземањето на главната улога од страна на Роџер Мур, наместо цигари, Џејмс Бонд започнува да пуши пури. Мур дури и во својот договор со продуцентите издејствувал да биде вметната посебна клаузула со која што би му се овозможила бесплатна достава на пури за време на снимањето [11].
Во времето кога Иан Флеминг ги пишувал романите за Џејмс Бонд пушењето било сметано за џентлменска навика, но денес, кога штетното влијание на цигарите е докажано, ситуацијата е многу поразлична. Па така Бонд интерпретиран од Даниел Крејг (Daniel Craig), како и од Пирс Броснан (Pierce Brosnan) претходно, воопшто и не пуши. За оваа одлука на продуцентите, самиот Крејг има изјавено: „Можам да разнесам нечија глава, но не смеам да запалам добра пура.“ [12]
[1] Christopher Wood James Bond, The Spy I Loved: "His Bond was a man who proclaimed his status by his possessions - the supercharged Bentley, the Macedonian blend extra-strength cigarettes with three gold rings round the butt specially made for him by Morlands of Grosvenor Street..."
[2] Macedonian natural tobacco - Good smoke for good folk, Macedonian Moon: "...James Bond smoked Macedonian smokes. An excerpt of Ian Fleming's description of the character: "James Bond smoked specially made cigarettes from Morlands of Grovenor street - a Macedonian blend with three gold rings around the butt. He carries them in a wide gunmetal case. He lights them with a battered black oxidized Ronson lighter "
[3] оригиналниот цитат на англиски јазик од романот Moonraker: "Bond took out his, black gunmetal cigarette-box and his black-oxidized Ronson lighter and put them on the desk beside him. He lit a cigarette, one of the Macedonian blend with the three gold rings round the butt that Morlands of Grosvenor Street made for him..."
[4] From Russia with Love (1957) - Ian Fleming: "Former site of Morland's Cigarettes on the corner of Grosvenor Street - and New Bond Street - , London, England"[5] Henry Chancellor (2005) James Bond: The Man and His World. London: John Murray. ISBN 978-0-7195-6815-2. p. 70.[6] John Griswold, Ian Fleming's James Bond, стр. 47.[7] Casino Royale (1953) by Ian Fleming: "Bond's gunmetal cigarette case, containing fifty of his specially made Morland cigarettes"[8] John F. Burns (19 May 2008). "Remembering Fleming, Ian Fleming". The New York Times. Retrieved 22 November 2011.[9] From Russia with Love (1957) - Ian Fleming: "It had all depended on the man's accuracy. Nash had said that Bond would get one bullet through the heart. Bond had taken the gamble that Nash's aim was as good as he said it was. And it had been.Bond lay like a dead man lies. Before the bullet, he had recalled the corpses he had seen-how their bodies had looked in death. Now he lay totally collapsed, like a broken doll, his arms and legs carefully outflung. He explored his sensations. Where the bullet had crashed into the book, his ribs were on fire. The bullet must have gone through the cigarette case and then through the other half of the book. "[10] 10 Things You Probably Don’t Know About Bond: "In the Bond Novels, James was a shameless chain smoker, who enjoyed over 70 cigarettes a day. In the first films, Sean Connery’s Bond didn’t smoke that much, but occasionally lit up a cigarette."[11] 10 Things You Probably Don’t Know About Bond: "When it came time for Roger Moore to start playing the British Agent, he wanted to differentiate himself from Connery’s Bond as much as possible. So, instead of cigarettes he decided he’d smoke cigars. Moore was a well known cigar aficionado, and actually had a clause added to his contract giving him an unlimited supply of cigars on set."[12] Craig's James Bond Smoking Ban: Film bosses have removed offending scenes from CASINO ROYALE, in which 007 enjoyed puffing on cigars, as they don't want to glamorise the habit. Craig says, "I can blow someone's head off but I can't light a good cigar."
No comments:
Post a Comment