Филип V Македонски: Втор дел

Филип V Македонски: Втор дел

Прва и втора римско- македонска војна (214 п.н.е.- 179 п.н.е.)

Вториот чин од воениот театар помеѓу Македонија и Рим (197 п.н.е. – 148 п.н.е.) го воведува читателот во античките историски сцени испреплетени со билатерални преговори, политички интриги и воени алијанси, предавства и поделби. Во декадите по смртта на Филип (македонските кралеви Персеј 178 п.н.е.- 168 п.н.е. и Андриск „кралот Филип VI“ 150 п.н.е.– 148 п.н.е.) се случиле две пресвртници: првата, која резултира со поделба на Македонија на четири области од страна на римските освојувачи во 168 п.н.е., и втората, македонско востание кое привремено ги обединило четирите области против Рим и со кое Македонците извојувале победа над римската армија во 149 п.н.е., со што го прошириле македонското владеење над Тесалија. По таа битка, Рим ја признава и прифаќа Македонија како суверена нација чија сила е непобедлива. Поради таа причина, Сенатот и народот на Рим, спремајќи се да го спречат оживувањето на Македонија и Картагина и во исто време нивното сојузништво, изгласале нова војска и избрале нов пратор, Квинт Сесилиј Метел, со цел брзо задушување на секој отпор. Една година подоцна, Квинт Метел го поразил Андриск кај Пинда (каде кралот Персеј претрпел загуба пред дваесет години) и од страна на Сенатот бил одликуван со титулата Македонец, со што ја збришал независноста на Македонија, а нацијата ја реорганизирал во прва источна провинција на Рим.

Римската империја повторно ја осигурала нејзината контрола над Македонија и ја поделила на четири републики, назначувајќи римски гувернери во секоја од нив. Веднаш потоа била уништена и Картагина, а следи вакумот во кој запаѓа Рим, претходно предвиденод страна на Филип V, триесетина години наназад - Елада. Рим се изборил за целосна внатрешна контрола и ги исцедил сите градови држави. Уште во времето на Филип, македонскиот кралот ги предупредил за римскиот modus operandi: инсинуација на нивната влијателна моќ со цел да се држат спротивставените страни во војна, сѐ дури не дојде вистинскиот моментот за целосно потчинување.

Гледано наназад, дури уште пред Втората македонско-римска војна, Хелените и нивните сојузници му се имале обратено на Рим за воена поддршка против Филип. Римските амбасадори во посета на македонскиот крал, полемизирале дека римското присуство во градовите држави не значело окупација како што наведувале обвинувањата, туку одбрамбена реакција за заштита на нивниот протекторат, предизвикана од македонското воено освојување. Филип го отфрлил нивниот аргумент, воочувајќи го скриениот мотив: поробување на Истокот. На ова следеле безброј преговори и делегации помеѓу Филип и Хелените, во кои македонскиот крал се обидувал да ги убеди соседите во вистинските мотиви на Рим. За време на еден состанок на Панетолијскиот конгрес, македонските емисари, небаре видовити, ги предупредиле хеленските делегати за целта на Римјаните: да им дозволите на странските легионери (Римјаните) да се доселат во овие краишта и вашиот товар да го понесат на нивни рамења. Е дури тогаш ќе биде предоцна и бадијала да го викнете Филип на помош, оти Римјаните веќе ќе ви станат господари (Ливиј, Ab Urbe Condita 31.29). Тие им го посочиле примерот со империјата кога ја окупирал Сиракуза под изговор дека му понудила на градот ослободување од картагинското ропство. Сепак, вековите поминати во недоверба, ривалствата и вооружените битки помеѓу македонската империја и хеленските градови-држави предизвикале овие вторите и нивните сојузници да побараат билатерални односи со Рим, затоа што во западната имерија стекнале доверба. Со тој чин се зајакнале и политичките и воените сојузи помеѓу коалициите од Елада, сојузниците од Пергам и Родос, и Сенатот и народот на Рим, против воените сили на Македонија. Со овие случувања, во летото од 200 п.н.е., се огласила увертирата од стапнувањето на римската империја на Исток.

Македонските воини, хелеските градови-држави и нивните сојузници, источно од Егејот, никогаш порано немале видено сила каква што била римската армија: ново непознато оружје (на пр. шпанскиот меч, остар како жилет, или лесниот оклоп за тело), системски распоред на војската, поделба во специјализирани единици, со редици воени логори на еднакви интервали и нови воени техники (тестудо –желка формација, овен – справа за рушење врати и ѕидови). Според Ливиј, традиционалните балисти [1] и пелтасти [2] од редовите на македонската војска и источните армии не можеле ни да се споредат со римската воена спрема и маневарска способност. Воените тактики на Римјаните на голема врата внеле конфузија во стратегиите и тактиките на Филип и смртно го преплашиле целиот Исток. Македонскиот крал лично изјавил дека никој не можел да поверува оти една таква армија во своите редови рекрутирала варвари за војници. (Ливиј, Ab Urbe Condita 31.35) Во неговиот осврт, (томови - 31-45) Ливиј, сосема спротивно, пишува за несркшливиот дух, јунаштвото и со векови докажаната остроумност на македонската војска, нивните црвено златни оклопи светнати од далеку, нивните огромни сариси, легиите од стотици воини јурнати напред со својата природна предиспозиција и воена интелигенција против римските сили, максимизирајќи ги сопствените психолошки и воени тактики. Шаторот на кралот бил поставен пред стратегиски најважните борбени редови на непријателскиот отпор, со цел да му влее страв на непријателот и да ја поттикне надежта кај сопствените војници, преку истакнување на сопствената самодоверба. (Ливиј, Ab Urbe Condita 32.5)

Ливиј ги опишува безбројните битки, делегациски средби и политички караници помеѓу Македонија и нејзините противници, Елада и Рим. Од неговите детално разработени сцени, како историски најинтригирачка и најжестока се издвојува средбата помеѓу кралот Филип, хеленските емисари и триесетгодишниот римски генерал/советник, Тит Квинциј Фламинин (198 п.н.е.), одржана на брегот на Малијакскиот залив во близина на Никеја. Секоја од засегнатите страни била зактовена близу брегот и од својот воен брод ги извикувала и бранела своите ставови. (Ab Urbe Condita32.32) Кога Фламинин побарал од Филип да се симне на брегот, за многу позгодно да се сослушаат и да разговараат, кралот одбил. По неговата реакција, римскиот советник го прашал, „Од кого тогаш се плашиш?“ Филип му возвратил, покажувајќи го својот горделив и кралски дух, „Јас не се плашам од никого, освен од бесмртните богови, меѓутоа не ѝ верувам на добрата волја што сега ми ја презентирате, а најмалку од сѐ пак им верувам на Етолците.“ 

„Но тоа,“ му одговорил Фламиниј, „е опасноста која подеднакво ја чувствува секој оној што дошол да преговара со непријател, доколку не постои добра волја.“ 

„Како и да е, Тит,“ го демантирал Филип, „ти забораваш дека главите на Филип и Финеј (етолскиот магистрат) немаат иста вредност, доколку се случи некој од нив да биде предаден. На Етолците нема да им биде ни приближно тешко да изберат друг магистрат, колку што на Македонците ќе им биде невозможно да најдат крал кој ќе ме замени.“ Кога емисарите и Фламинин му наредиле на Филип да се повлече од Елада, овој им возбратил со аргументот дека и самите не знаеле да му кажат каде биле границите на Грција... затоа што во самата Етолија, Агреја, Аподотија, Анфилохија, кои сочинувале голем дел од нејзината територија, не биле во Грција. Аргументите само го разгорувале непријателскиот однос помеѓу Македонија и Рим, ескалирајќи во последната голема битка која се одиграла на високо брдо кај Киноскефала. Бруталниот судир, отежнат од ненадејна магла, накрај завршил со пораз за Македонија и високата цена која ја платила со големиот број жртви. Битката кај Киноскефала (197 п.н.е.) резултирала со примирје кое го побарал Филип и негово експресно одобрување од страна на Фламинин, иако неговата одлука наишла на разочарување кај Етолците. Тие упатиле протесна нота и го предизвикале римскиот советник, кој веднаш ги укорил. По примирјето следеле долги и опширни состаноци со многу попровокативни дијалози и преговори помеѓу Фламинин, Филип (кој се придржувал до условите на Рим), и хеленските емисари. Градовите-држави останеле да функционираат како протекторат на Римјаните, додека Македонија и Империјата потпишале примирје кое траело сѐ до прераната смрт на Филип во 179 п.н.е., кога тој ја напушта театарската сцена и ги остава новите чинови за неговиот посвоен син и наследник, Персеј. Новиот млад крал ги презирал парализирачките компромиси вметнати во примиријето и затоа ја кренал нацијата на ново востание против Рим и неговиот протекторат, за да ја поврати славата и моќта, а со тоа ја поставил на театарската бина, третата од четирите македонски војни против Рим. На овој начин, денешниот читател е воведен во последните две сцени од вториот чин за отпорот на античка Македонија против непријателската окупација.

Превод: Дарко Миовски

1 Балиста – античко артилериско оружје кое се користело за лансирање / испалување на проектили во облик на тешки камења.
2 Пелтаст – во античка Грција бил прекар за припадниците на лесната пешадија специјализирана за фрлање копје.

No comments: