Славата, митот и крвта на ВМРО 8

Славата, митот и крвта на ВМРО (8)

[По задушувањето на Илинденското востание комитите с` уште се бореа против аскерот, но немаа веќе сили, а македонските селани беа во збегови]

По востанието, Македонија беше натопена во крв

Како Англичанецот Хенри Ноел Брејлсфорд ја доживеа драмата на востаниците и на бегалците по поразот на Илинденското востание

Виктор Цветаноски (Утрински Весник)

Aнгличанецот Хенри Ноел Брејлсфорд повеќе од кој и да е странец што за време на илинденскиот период ја посетил Македонија, ја разбрал суштината на македонската револуционерна борба, сочувствувал повеќе од кој и да е туѓинец со маките на македонскиот селанец и востаник. Книгата „Македонија“ што напишал веднаш по востанието откако ќе престојува неколку месеци во Битолскиот округ, делејќи ја помошта што Англија ќе му ја испрати на настраданото население, претставува автентично сведоштво на драмата во таа страшна 1903 година.

Тој смета дека востанието било нешто многу повеќе од едно активно воено движење. Тоа, според него, воено било пасивно бунтување во кое учествувало сето селско население. Опишувајќи го животот на бегалците и на востаниците, распоредени во околу дванаесетина логори на планините, тој проценува дека нивниот број изнесувал близу 60.000 души.

„За време на жештините, во првите две-три недели на август, тие мора да живееле во релативна удобност и изобилство, уживајќи во сопствената краткотрајна слобода, дочекувајќи ги како јунаци четите што доаѓале и си заминувале, поздравувајќи ги нивните успеси и распрашувајќи се за секое претерано гласиште за помошта што требало да дојде од Европа или од Русија. Потоа следел вториот период, од можеби две недели, кога тие се' уште уживале релативна безбедност: имале храна дури и во планините не страдале многу од студ.

[По задушувањето на Илинденското востание комитите с` уште се бореа против аскерот, но немаа веќе сили, а македонските селани беа во збегови]

Но, долу, под нив, гореле нивните села. Веќе не слушале претерани приказни за славни победи, туку гласишта за колежи и мачења. Биле опседнати од истрелите што ги слушале и често се случувало некоја млада жена, која се осмелила да појде назад во селото за да види што останало од нејзиниот дом или, пак, да го провери скривалиштето каде што го скрила својот свечен фустан, воопшто да не се врати или, пак, се довлечкувала назад за да почине, повредена и обесчестена. Момчињата што ги паселе овците на бегалците ако се осмелиле да се симнат во долините, биле заробувани, а понекогаш изгладнетите деца, заскитувајќи до полињата со пченка, се враќале назад без моќ за говор ментално нарушени“, пишува Брејлсфорд за ужасите што ги преживувало македонското население додека востаниците воделе борба со аскерот и со башибозуците.

Познатиот англиски хуманист и публицист со многу емоција и мошне пластично го опишува трагичниот крај на востанието и последиците од него. „Кордоните го стегале обрачот околу планините и селаните од нивните високи гнезда наеднаш станувале свесни за црвените риги по зелените подножја на брдата или, пак, во ветрот ги наслушнувале извиците на гоначите што го терале добитокот натоварен со ридските топови што требало да истурат оган врз засолништата. Од средината на септември, па натаму, бегалците биле гонети од гора до планина и од врв на врв. Единствено биле безбедни да ги следат сега веќе збиените чети, а се случувало борбата да беснее околу дувлото каде што се криеле жените и децата, додека мажите со сета своја машкост се бореле да одбранат некој плиток ров, знаејќи дека зад нив се туткаат од страв и жените и децата, очекувајќи да бидат заклани ако ним им снема храброст или ако куршумите ја промашат целта. Постојано во бегство, тие набргу зад себе си ги оставале залихите храна и стоката“, пишува Брејлсфорд.

[Востанието е вистинско македонско движење, подготвувано од Македонци, водено од Македонци, вели Хенри Ноел Брејлсфорд] Според него, многу бегалци останале под отворено небо. Цели села со денови се хранеле само со корење и треви. Помалите деца во голем број умирале, а мажите и жените се групирале според степенот на заразите што ги десеткувале оние што ги поштедиле Турците. Често големите логори се растурале во раштркани групи од изгладнети и преплашени бегалци, кои на крајот се враќале меѓу пеплиштата на своите домови за да се предадат. Понекогаш се случувало тие да налетаат на војници или, пак, на ограбувачкиот башибозук. Петнаесетмина селани од едно село во близина на Ресен влечејќи се кон градот на чело со нивниот поп, биле заклани. Помладите жени минувале најлошо бидејќи кога војниците ќе ги фателе, често ги носеле во турските логори и таму ги држеле неколку дена се' додека и последниот силеџија што ги посакувал не си го направел ќефот. Многумина биле застрелани додека се затскривале зад востаниците за време на подоцнежните престрелки, во септември и во октомври, а понекогаш со ист куршум биле погодени и мајката и нејзиното бебе. Брејлсфорд подвлекува дека Турците војувале и со жените и децата и дека градовите биле преполни со немоќни толпи изгладнети жени, кои од порта до порта питале за леб.

Тој вели дека само фотографија можела вистински да го прикаже впечатокот за пустошот зашто селата биле само купиша гламји и црносан камен, закопани под црвен прав што дождот го престорувал во кал. „Онаму каде што црквите не изгореле, биле изрешетени со куршуми, исцрнети од логорски огнови, ограбени, осквернавени и загадени со смрдеата на логор. Бунарите понекогаш беа затрупани под шутот од срушените куќи, а барем еден од нив загаден од мрши“, пишува британскиот публицист.

Брејлсфорд ќе ја пренесе и невидената суровост на турските војници кон селаните на битолското село Могила. Подвлекувајќи дека секаде каде што аскерот доаѓал оставал крвави траги и дека селаните страдале повеќе отколку востаниците, тој ќе напише:

„Крајот стигнал пред зори, кога со плотун од топовите поставени на ридот било запалено малото утврдување на одметниците. Истовремено Турците во селото запалиле уште седумнаесет куќи за да им послужат како ламби за нивната стрелачка вештина - човек се присетува на Нероновите факели од христијани. Еден по еден, како што истрчувале надвор, преживеаните од малата чета биле убивани во заградениот простор. Кога јас стигнав, земјата се' уште беше натопена со крв, ѕидовите од кал се' уште чадеа и жареа, а еден штрк залудно си го бараше вообичаениот покрив стоејќи врз столбот на еден трошен калкан, а воздухот беше исполнет со смрдеа од изгорено месо. Во дворот на црквата се одвиваше последната сцена на трагедијата: селаните ја закопуваа содржината на две големи коли - трупови гламјосано и обесчестено месо, но фрлени без ред. Имаше единаесет мртви востаници; телата им беа голи и осакатени од страна на нивните диви и невитешки непријатели, потоа четворица невини селани од селото и две млади жени, застрелани додека траело пребарувањето по оружје. Меѓу расплаканата толпа мајки и вдовици од селото стоеја и две девојченца, повредени без никакво размислување. Попот од местото, еден изнемоштен старец, лежеше умирајќи на куп слама нем и парализиран а селаните без богослужба и молитва ги пренесуваа мртвите бунтовници во нивните последни ровови“, пишува Брејлсфорд.

Англискиот хуманист и публицист посебно подвлекува дека Илинденското востание е македонско а не бугарско. „Востаничкото движење во стварноста е вистинско македонско движење, подготвувано од Македонци, водено од Македонци и потпомогнато од страсното сочувствување на огромното мнозинство словенско население“, пишува тој, додавајќи дека Словените од европска Турција немаат страст за нивната националност, туку за нивната земја. „Тие се народ врзан за почвата, вкостени во своите исконски села, со ограничен опсег на чувства кои побожно се вртат околу нивните планини, нивните реки и нивните древни цркви. Нација на селани што тргнува со вакви конзервативни одлики, бргу ќе развие вистински локален патриотизам. И ова фактички се случило, наспроти спротивставувачките околности. Нивните балади за бунт, во кои зборот Македонија се јавува во секој рефрен, докажуваат дека тие веќе имаат татковина“, нагласува Брејлсфорд и констатира „доколку тие воопшто размислуваат за далечната иднина, нивниот сон бил Македонија да биде словенска, но не и бугарска земја“.

Според него, во 1905 се размислувало за наметнување на македонскиот словенски дијалект наместо литературниот бугарски како јазик во сите егзархистички училишта во Македонија. „Се зборува дека за таа цел се печатени граматики. Ова, ми се чини, ја докажува искреноста на локалниот автономистички патриотизам“ ќе заклучи Брејлсфорд.

(Продолжува)

No comments: