April 8, 2012

Учи ме Мајко, карај ме

Автор: Ѓорѓи МАРКОВ

„Еееј, учи ме мамо, карај ме
како да ја земам Лилјана
Лилјана мома убава
Лилјана тенка висока
Лилјана бела црвена
Лилјана ситен босилок
Лилјана една на мајка.

Учам те синко карам те
како да ја земиш Лилјана
повикај триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани ќе дојдат
и Лилјанини другачки
ем сите калеш невести
белким Лилјана ќе дојде.

Послуша Стојан мајка си
повика триста мајстори
направи чешма шарена
наврати вода студена
сите селани дојдоа
и Лилјанини другарки
ем сите калеш невести
кучка Лилјана не дојде.“

Многумина ги знаат зборовите од оваа позната Македонска Народна Песна. Во повеќето верзии станува збор за Стојан, во ретки за Кољо. Поради тоа што се работи за песна која не беше забранета за време на СФРЈ (напротив, постојат многу снимани материјали од тој период од различни интерпретатори, на пример од Сариевски, Ансамблот Теодосиевски и др.), како и денешните генерации деца, и јас ја слушав уште од дете.

(Александар Сариевски)



Имав некаде околу 8 , најмногу 9 години, кога со Татко ми отидовме „за Денот“ (за 2ри Август / Илинден) на гости во Градешница - Мариово. Тоа не ми беше прв пат да одам таму за тој празник, но е првиот пат на кој што се сеќавам релативно добро. Илинден, покрај тоа што е сè-Македонски и сè-Мариовски Празник, е и главен празник на селото Градешница. На местото / локацијата наречено „Брен“ од памтивек се собираат Градевци, други Мариовци и разни нивни роднини, сватови, пријатели, да прослават и се повеселат заедно.

Таа година имаше најмалку 5-6 „музики“ (групи музичари) , и неколку ора. Во текот на годините имаше и повеќе и помалце, во зависност од многу работи, а „приказните“ кажуваат за прослави каде посетителите броеле и далеку преку 5000 луѓе. Во летото за кое ви раскажувам, имаше околу илјада, илјада и нешто луѓе на тој ден во и околу Градешница.

Народот од раните утрински часови „течеше“ во една непрекината колона од луѓе, кучиња и магариња од Градешница кон ливадите околу Црквичето, а повремено и од околните ридови се покажуваше по некоја точка, која „прераснуваше“ во човек или животинче (оние кои доаѓаа од соседните села).

Се поздравуваше, се правеше муабет, се гушкаше, се пееше (и пиеше), луѓето без никакво туркање влегуваа во некаква за мене тогаш чудна хармонија во Црквата, палеа свеќи,оставаа дарови, па купуваа од тоа што оставиле други, се послужи ручек, ручавме, па пак шетање, пак муабети, нови гушкања, нови песни...

Попладнето постарите жени, претежно со помалите (женски) деца се прибираа накај селото, а останатите беа во вистинско расположение (со помош на домашните ракија и вино).

Татко ми, Братучед ми Слободан (кој е неколку години постар од мене, тамам за да смее да ги проба „првите“ пива и да биде поднапиен) и јас, ги сретнавме Стрико ми Илија со фамилијата и уште некои роднини разиграни, распеани и распиени, и со задоволство им се придруживме. Една од групите музичари беше со нив, повеќето испоседнати да одморат, каснат, пивнат, само тапанџијата придружен со еден дедо на гајда го одржуваше орото. После многу муабети, песни, ора, јадење, пиење (јас не знам колку сокчиња морав да испијам, да наздравувам повремено со нив), орото броеше тројца упорни и по некој од нас децата повремено, а почна и да притемнува.

После секоја песна имаше дискусија која да биде следна, и за да се слушни песна по желба не одлучуваше дали имаш пари и дали ќе му „залепиш“ на Музичарот, туку колку си стар, колку си почитуван, и колку си снаодлив да најдиш пијачка за некој од Музичарите.

Некој изрази желба да ја слушни „Учи ме Мајко Карај ме“.

Предлогот беше добро прифатен од повеќето присутни, но почна кратка дискусија кој да ја пее. Сумирано, муабетот беше дека Музичарите не ја знаат цела, па затоа некој само нека свири „пратња“, а ќе ја испејат еден дедо и еден постар чичко.

И ја почнаа. И ја пееја. Учи ме Мајко Карај Ме, Како да ја земам ЛилЈана... (повремено ги пратеше и една постара тетка)

Ја испеаа цела. А цела кажува малку поинаква приказна. После „завршувањето“ на она што ние денес го знаеме, значи, „кучка ЛилЈана не дојде“, Мајката го советува да повика 300-500 Мајстора (едниот пее 300 другиот 500), да направи Црква Крстена / Светена покрај Чешмата, па „белким ЛилЈана ќе дојде“.

Арно ама, ЛилЈана пак не дошла.

Во третиот дел, Мајката го советува да се преправа дека „од мерак умре“, да легнел мртов во Црквата покрај Чешмата, па сите во село ќе дошле, белким ЛилЈана ќе дојде.

И дошла ЛилЈана. Дали си живееле среќно до крајот на животот не знам, ама знам дека многу слична верзија со многу сличен текст слушнав 10на години подоцна, во Селото Ракитец, Радовишко.

Тој ден, а посебно тоа попладне и таа вечер, слушнав неколку песни прв пат во мојот живот, и неколку кои ги знаев во поинакво издание. Во тие моменти воопшто ниту ми беше важно ниту јасно значењето на сето тоа.

Има времиња за приказни, и има времиња за ЛилЈани. Сè во Свое Време.

За мене, тоа беше време кога постарите пееа (поеа), а ние помладите ги учевме песните од нив, исто како што тие ги учеле на исти такви Слави, од своите татковци и дедовци.

Продолжува...

No comments: