August 21, 2008

Носија - Битолско Поле

Македонска народна носија - Битолско Поле

Wikipedia: Народната носија во пределот Поле (Прилепско, Битолско), голем рамничарски предел во средниот дел на Брсјачката етничка област, по бројноста на облеките и нивното украсување е позната по тоа што во минатото била една од најдекоративните, но во исто време и најтешките носии што ги носеле жените во Македонија.

Долгите платнени туниковидни кошули се украсени со густо извезени мотиви во разни бон, меѓу кои доминира црвената во сите нијанси. Богатството и разновидноста на извезените мотиви, нивната складност и прецизност, ги карактеризираат везбените украси како едни од најубавите и најдекоративните во Македонија.

Платнената летна саја и зимскиот волнен бел клашеник, украсени со извезени мотиви, срма и монистра, ткаената волнена, ситно орнаментирана скутина - опрегач, усогласени по боја, начин на украсување и орнаментика, чинат една целина со останатите делови на носијата.

Зимска облека е валанка, изработена е од дебела црна клашна, украсена со карактеристични украси од гајтани, ширити и монистра. Волнени, плетени, вкусно шарени чорапи и калци (волнени чорапи без стапало), со опинци, го оформуваат обувањето на нозете.

Најдекоративна и највпечатлива е невестинската носија, со посебно украсената невестинска скутина чултар, украсот коцле од волнени црни рески, извезената покривка за глава обрус, чии ткаени краишта се со декоративна геометриска орнаментика и рески, и специјалната богато извезена покривка за глава сокај. Во обликувањето на облеките импресионира богатиот народен вез во карактеристична гобленска техника, со изобилно богатство на форми и доминантна црвена боја. И народниот накит, масивен, разновиден и многуброен, ја дополнува целокупната носија, придавајќи и посебна декоративност.

Машката носија во Прилепско - Битолското Поле ја сочинуваат бројни облеки: аба - од бела тенка волнена ткаенина, кошула од платно со везени украси, џамадан од црна клашна, појас ткаен од темно црвена волна, како и ресачка - горна облека од црна клашна, долга до колена. Специфичност на носијата од овој регион е употребата на скутина - унечка, како составен дел на машката носија.

Зимската машка носија е сета од волнена валана ткаенина шаек, порано во бела, потоа во црна, а како моден тренд, особено за помладите, во темноцрвена боја. Бројните облеки што влегуваат во составот на оваа носија - минтан, елек, џамадан, бечви - украсени со црни оптоки, се дополнуваат со разнобојниот пругасто - шарен волнен појас. На нозете се носат волнени, плетени чорапи и кожни чевли, а на главата шубара од јагнешка кожа.

Headdress "ubrus" Bitola, Macedonia - 1899-1900s. Linen, flax thread, silk thread, wool thread, beads, bullion, braid:


Belt, Bitola, Macedonia - 1899-1900s. Flax thread, wool fabric:

Apron "bofcha" Bitola, Macedonia - 1899-1900s. Wool fabric, bullion, copper: