August 24, 2016

Геноцидот врз Македонците во текот на Македонската борба (1904-1908)

Македонската борба го означува временскиот интервал од 1904 до 1908 год., период непосредно по завршувањето на Илинденското востание од 1903 год., по кое грчката држава одлучила вооружено, со паравоени формации испратени од Kралството Грција да интервенира во делови на османлиска Македонија.

Грчката Македонска борба имала геноциден карактер кон дел од етничкото македонско население. Таа произлегла и се водела од страна на самата грчката држава, со грчко оружје и финансии, со грчки наемници и неформална османлиска согласност, но и помош. Целта на оваа вооружена интервенција, која во најголема мерка била насочена против Македонската револуционерна организација и кон дел од христијанското македонско население, произлегувала од познатата Мегали идеја. Накратко, оваа големодржавна програма предвидувала, покрај останатото, и проширување на грчката држава кон територии во кои немало грчко население или доколку го имало, тоа било во минимални бројки. Прва територија, покрај островот Крит, кон која Грција покажувала територијални аспирации по проширувањето на грчката држава во Тесалија и дел од Епир во 1881 год., била Македонија.

Зошто геноцид? Според основната дефиниција геноцидот е насочен кон целосно и систематско уништување, делумно или целосно, на дадена национална, етничка, расна или религиозна група. Средства за спроведувањето на ваквото дело се: убиство на членовите на соодветната група; предизвикување на тешки оштетувања на здраствената состојба; насилно попречување на нивната репродукција; предизвикување на било какви тешки услови за живот, со цел уништување на групата. Тргнувајќи од овие основни елементи кој го обликуваат геноцидот, најголем дел од истите биле и практикувани во текот на Македонската борба.

Грчката вооружена интервенција во Македонија имала за цел етничко чистење на секој оној кој немало да се декларира како Грк, пред сѐ насочено кон дел од македонското христијанско, албанско и влашко население во османлиска Македонија. Користејќи  православието, а не јазикот - кој не бил во корист на грчката национална идеологија, како критериум за одредување на етничката припадност, грчката пропаганда ги прогласила оние Македонци патријаршисти како дел од грчката нација во Македонија. Оттука, преминувањето на македонското население кон Егзархијата, првенствено словенска црква во која литургијата се изведувала на словенски јазик, преставувала смртна закана за грчките интереси во Македонија. Грчката држава настојувала со помошта на оружјето и заканите со смрт да ги врати Македонците во рамките на Патријаршијата, кој како што видовме во тоа време ја означувала грчкоста на Македонија, доколку тоа не били направено, стапувало на сцена измачувањата, теророт и убиствата на сите оние кои немале на се декларираат како Грци-патријаршисти.

Па така, според член 2 од Уствот на Македонскиот комитет, формиран во Атина во мај 1904 год., стои дека неговата цел била: „одбрана на грцизмот во Македонија, Тракија, Епир и Албанија, и враќање во редовите на Патријаршијата на селата и поединците кои ја напуштиле истата. Јасно станува збор дека изборот бил мал, т.е. и дека не постоел, или си дел од Патријаршијата, односно си Грк, или, пак, си непријател на грцизмот и кон тебе се постапува со сите дозволени и недозволени мерки, а најчест исход била смртта. Во јуни 1904 г. со посебна прокламација Македонскиот комитет го соопштил своето формирање. Документот бил полн со измислици и омраза кон ВМРО и спрема македонското население кое не сакало да ја прифати Патријаршијата како своја црква. На крај од прокламацијата стоело дека Македонскиот комитет ги повикува сите Грци на соработка и помош, а секој оној кој би се покажал индиферентен кон оваа покана, се прогласувал за „недостоен да живее“.

Првите поголеми напади на грчките вооружени чети врз Македонците, со крајен резултат – убиство на недолжно македонско население, се случиле уште во есента 1904 год., а со поголем интензитет и во наредните години. Со добропознатите напади на с. Зеленич (Леринско) од 13 ноември 1904 год., или попзнат како Крвава зеленичка свадба, потоа со нападот на с. Загоричани од 25 март 1905 год, како и за време на нападот на втората крвава свадба во с. Неволјани од октомври 1905 год., биле убиени околу 110 Македонци. Постепено нападите се прошириле и во сите делови на јужна и централна Македонија. А грчките чети во остварување на посочените цели се однесувале се пожестоко и поагресивно кон мирното македонско селско население.

Од пролетта 1905 год. од грчката држава засилено се испраќаат чети во Централна и Источна Македонија. Овие чети требало да го покријат реониуте на Караџова, Негуш, селата од Ѓолот, Воден, Владово, Месимер и Граматиково, Острово. Помали чети пристигнале во Серско, Зрново и Зихна.

Посебно жестоки беа борбите во Ѓолот (Ениџевардарското блато) меѓу грчките андарти и четите на ВМРО предводени од Апостол Петков Терзиев потпомогнати од селското население. Грчките чети обидувајќи се да го обезбедат овој реон вршеле постојани напади како кон четите на Македонската организација, така и врз мирното население, сѐ со цел со помошта на оружјето да ја добијат наклонетоста на населението, т.е. да станат Грци. Андартите во зимата 1906 год. ги нападнале селата Бозоец и Горно Куфалово, во кои биле убиени неколку Македонци и изгорени куќи.

Кратко време по нападот на Загоричани, на пл. Вичо се случило уште едно ладнокрвно убиство на македонско население. Критјанинот и водач на чета Георгиос Макрис, заедно со капетанот Филотас, фатиле 18 селани од с. Блаца и Вишени, кои за Макрис, за да го оправда своето дело, биле комити. Филотас сметал дека селаните не трабло да бидат убиени, но Макрис настојувал на тоа. На крај дошле до соломонско решение – си ги поделиле луѓето, како да станува збор за предмети, и делот на Макрис, девет на број, веднаш биле убиени, додека Филотас ги ослободил неговите.

Посебно со својата суровост кон месното македоноско население се истакнувал поп Дракос, свештено лице кое библијата ја замени со пушка. Од спомените на Макрис дознаваме за еден немилосрден настан во македонското село Либишево (Кастенаријата), во кој учествувал и самиот Дракос. Голема грчка чета влегла во селото по информации на митрополитот Каравангелис, мислејќи дека во него била засолнета четата на месниот војвода на Организацијата, Костанцов. Макрис во спомените вели:

„се доближавме до селото... јас и Вангелис Гаљанос, критјанин и тој капетан, и го донесовме до таму, мислејќи на месен жител кој со закана под оружје мораше да им ја каже куќата. Така ни ја покажа куќата тресејќи се. Веднаш ја заобиколивме – и не требаше да губиме време за да не нѐ видат и избегат. Јас со Вангели стигнавме и чукнавме на портата и тогаш однатре пукаа и пред да успееме да се повлечеме еден куршум ја погоди левата дланка на Вангели... Штом видовме така, ја запаливме куќата од прозорите и од покривот... прскавме партали со нафта, ги запалувавме и го фрлавме во куќата. Во покривот запали оган поп Дракос од задната страна на куќата, каде што немаше ниту порта, ниту прозор, (…)

По кратко време се струши и куќата. Тие беа повлечени во скривницата, како што дознавме потоа, под оџакот на куќата. Куќата беше на една вдовица, која имаше и две деца, едно девојче – 12 годишно и едно машко, постаро. Се задушија сите заедно во скривницата, Констанцов со 7-те негови борци, вдовицата и нејзините деца.

Таму каде што бевме собрани, околу куќата што гореше, дојде некој си и му покажа на поп Дракос еден младич до 20 години, велејќи му дека тој ги водеше во селото чети. Детето во тој момент, кое стоеше до мене и го гледаше како и ние огинот, но кога ги натеравме да копаат на неколку точки околу куќата со замислата да не случајно скривницата е надвор и така да можеме да ги најдеме, во моментот што јас го потурнав и му реков „побрзај да завршуваме и бегаме“, тој се исправи и ми кажа: „еве копам“. Во тој момент ми се приближи поп Дракос и без никој да го забележи пукна во детето и тој падна во дупката што ја копаше. Поп Дракос се повлече набрзина, додека јас ја држев пушката во раце и ми викна: „браво Макри, браво Макри. Така да ги убиваш предавниците, затоа што тие носат внатре во селото чети“. Јас не одговорив. И подоцна ми објасни, бидејќи тој е поп, не сакаше да изгледа дека тој го уби и ме замоли да кажам јас го сторив тоа (…). Неделата утрото отидовме сите во црквата со селаните и двајцата попови, но литургијата ја држеше поп Дракос кој беше со нас.

Но штом го видов да ги дига светите предмети, јас што знаев дека вчера со своја рака убие едно дете, бев изненаден. И кога излеговме надвор му реков и за малку ќе се скаравме. „Не пречи“, ми кажа, „како не пречи? Вчера да убиеш човек, а денес да ги дигаш со раце светите предмети?“ Но беше многу образован и голем јунак и како што беше огромен, ги дигаше не смелите попови каде што одеше и ги стресуваше. „Што поп си ти бре?“, им велеше. „Зошто ве имаме овде?“

Во ноември 1904 год. во Воденско дејствуваше четата на капетан Епаминондас. Во с. Теово неговите андарти убија 3 селани. Четата на Мазаракис на 5 јули 1905 год. го обиколи Месимерскиот манастир и откако во него влегоа селаните, андартите ги нападнаа и убија околу 8 луѓе. Четата на Георги Гјагли го изврши најголемиот колеж во источна Македонија. Неговите андарти облечени во турска униформа влегова во с. Долно Караџова, ги собраа селаните и убија над 35 невини луѓе, додека другите селани се спасија со бегство.

Грчките чети пред да стапат во акција, т.е. да извршуваат убиства, честопати прво испраќале предупредување до одредено село. Предупредувањето, односно ултиматумот до селаните се однесувал на барањето тие пред турските власти да се изјаснат како патријаршисти, т.е. Грци. Ако во одреден рок не добиле позтивен одговор, тогаш следела нивната одмазничка акција, во која убиство на неколку селани требало да им биде лекција на останатите жители, но и на околните села што ќе им се случи доколку не прифатат да бидат Грци. Во целиот период на Македонската борба биле убиени од 3500 до 4000 етнички Македонци, што ако се земе предвит тогашната бројност на населението и фактот дека овие акции не се одвивале на целата територија на Македонија, тогаш навистина бројот на убиени Македонци не е воопшто мал.

На крај, дали една држава која се декларира како лулка на демократијата во Европа од еден ваков историски период требаше да изгради мит? Зарем убиствата и убијците на невиното македонско население, кое единствен грев им беше тоа што не беа Грци по род, треба денес да се слави. И како ли се осеќаат потомците на убиените од овие напади кои сѐ уште живеат во Грција, кога гледат како се слават убијците на нивните предци, а денес вие им велите, тоа не било ништо, заборавете го, тоа не е дел од вашата историја, вие немате ништо со нив, едноставно вие сте Грци!!! Но дали е тоа навистина така и до каде ќе оди тоа негирање на македонскиот етнички идентитет и слепоста на грчкиот национализам!?!

Како заклучок сосема на кратко ќе додадеме. Од Македонската борба во Грција е изграден култ. Учесниците во оваа несфатлива „војна“ се сместени во Пантеонот за најслужните борци на грчкиот народ, но историска вистина е дека нивната слава е продукт на политиката. Грчката политика имала потреба да престави каква било раволуционерна борба во Македонија. Сепак, улогата на оваа борба била минимална во остварувањето на големогрчката државна идеологија. Мегали идеја се оствари со Балканските војни (1912-1913), што и беше целта, а целта на Македонската борба останува да биде препознаена во насловот на овој текст.

Димитар Љоровски Вамваковски
Авторот е магистер по Историја.

Македонска Искра

No comments: