Александар Македонски на фреска во црквата Свети Ѓорѓи

На падините на Скопска Црна Гора се наоѓа селото Бањани, во општината Чучер Сандево. Тоа е одалечено околу 15 километри од центарот на Скопје. Во него се наоѓа малата црква, посветена на светецот Ѓорѓи. Во внатрешната страна на црквата стои напис од кој дознаваме дека црквата е завршена во 1548/49 година, во време на султанот Сулејман.


На влезот во црквата Свети Ѓорѓи,  на целиот фронт од источниот ѕид на припратата, е насликана композицијата „Страшниот суд“ од познатиот мајстор на иконописот Дичо Зограф чиј потпис стои над западната врата која води до иконостасот. На фреската „Страшниот суд“, која изобилува со динамика и колирит, е насликан и познатиот крал Александар Македонски заедно со кралевите Дариј, Пор и Кир. А дека се работи токму за тие кралеви авторот на делото се погрижил на секој поединечно над главата да го напише неговото име: Цар Пор, Цар Дариј, Цар Кир и Цар Александар. Под нозете на секој од кралевите ги насликал митолошките суштества кои ги симболизираат царствата: Римско, Вавилонско, Персиско и Македонско. Под нозете на Цар Александар е прикажан лав над кој пишува  Македонско царство. Целиот приказ е толку добро насликан и јасен што не остава простор за сомнеж дека Дичо Зограф го насликал токму Александар Македонски.

Но, она што не изненади е тоа што човекот кој 20 години ја одржува црквата, 80-годишниот Воислав Ковачевиќ не знаеше дека на ѕидот на храмот за кој две децении се грижи, од раката на познатиот зограф, е насликан македонскиот крал.

- Иако сум 20 години задолжен за црквата, а и тука сум роден во селото, не знаев дека на фреската е ликот на Александар Македонски. Сега забележав дека пишува Македонско царство. Да. Еве погоре пишува Цар Александар, вели збунетиот Ковачевиќ. Тој се одалечуваше па се приближуваше до фреската за уште еднаш да се увери дека така пишува.

- Знам дека е дело на Дичо Зограф. Еве го и неговиот потпис, но не сум го загледал толку добро. Сам се грижам за црквата, како и за другите свети храмови кои ги има многу во Бањани, а отворена е само недела и за време на верските празници. Ја отворам и ако некој ме повика од дома. Изградена е во 16 век, во време на султанот Сулејман, раскажува Ковачевиќ. Тој е задолжен и за другите цркви во селото кои ги има многу, Свети Јован, Свети Спас, Богородица, Благовештие, како и манастирот Свети  Илија.

Познатата црква Свети Никита, која е само на еден километар од Свети Ѓорѓи, спаѓа во село Горњани и Ковачевиќ за неа не е задолжен. Црквите во овој дел од Скопје ги опслужува само еден поп. Селото е мало, со околу 150 куќи.

Ковачевиќ не е единствениот кој не забележал дека во црквата Свети Ѓорѓи е насликан ликот на Александар Македонски. Мештаните кои ги сретнавме по пат и тие не знаеја дека во нивната селска црква стои ликот на големиот војсководец. – Не знам. Кога ќе влезам во црква во очи ми паѓа големата змија. Не сум забележал дека го има ликот на Александар Македонски, вели Мирче Горанчиќ.

Зошто го ставил Дичо Зограф македонскиот крал Александар Македонски на фреска ни објасни византологот д-р Сашо Цветковски. – Делото „Страшниот суд“ е новина во поствизантискиот период и го има во многу цркви. Означува дека по четирите царства доаѓа Христовото царство. Тоа што е насликан Александар Македонски, пред се’ е од религиски мотив, односно дека по Римското, Вавилонското, Персиското доаѓа Христовото царство. Големата змија со која е заобиколена композицијата излегува од адот. Таа е преполна со гревови и минува низ 24 митарства за душата да оди во рајот, вели д-р Цветковски. Тој забележува дека „Страшниот суд“, кој бил многу  сликан во поствизантискиот период, денес не е дело кое го сликаат фрескописците.

Како Дичо Зограф се нашол во Бањани?

Димитрија Крстевич, познат како Дичо Зограф (1819-1872), е еден од  најистакнатите македонски зографи, со импресивен творечки опус создаден во текот на бурниот деветнаесетти век. Овој зограф, роден во Тресонче, во својот работен век од триесетина години изработил над 2.000 икони, го следиме насекаде низ Македонија, но и во соседните Србија, Бугарија и Албанија.

Својата дејност во скопската област ја започнува во 1843 година во селото Кучевиште, кое во тој период е мошне важен регионален културно-просветен центар кон кој гравитираат околните села. Тука, во црквата Света Богородица го обновува иконостасот, забележува историчарот на уметност Емил Алексиев во својата книга посветена на Дичо Зограф. Но, голем број од иконите изработени во Света Богородица  се уништени во пожарот од 1983 година. Денес е тешко да се утврди кои икони се насликани од неговата рака. Прекрасните дела кои ги насликал во Кучевиште, на Дичо Зограф  му овозможуваат да ја добие и првата поголема порачка – изработката на иконите за иконостасот во црквата Свети Ѓорѓи, во село Бањани. Зимата 1845-46 година тој ги изработил престолните икони за оваа црква. Од негова рака се и иконите на апостолите со композицијата на деисисот и празничните икони. Тој работи во црквата Свети Илија во истото село и Свети Никита во Горњани.

Црквата Свети Ѓорѓија, која датира од шеснаесетти век, е доградена во осуманесеттиот век. Во 1847 година, по доградбата на храмот повторно е ангажиран мајсторот на иконографијата.  Од двете страни на влезот, тој ги насликал фреско-иконите Свети Ѓорѓи, Свети Богородица Одигитрија, Исус Христос Седржител, Свети Јован Претеча и Свети Димитри победи зверја, забележува во книгата Алексиев.

Иако многумина веруваат дека Дичо Зограф го создава и „Страшниот суд“ во Свети Ѓорѓи, Емил Алексиев се сомнева дека токму Дичо го насликал ова дело.

Сепак, според стилските карактеристики и иконографското решение на композицијата со сигурност може да се тврди дека е дело на Дичо Зограф, а воедно е и единствениот досега откриен примерок во ваква форма во ѕидното сликарство насликан од овој зограф.

Композицијата „Страшниот суд“ на која е насликан и Александар Македонски, не е единствената на која се наоѓа ликот на славниот војсководец. Фреската со светиот Сисое над гробот на војсководецот се наоѓа во манастирот Рождество на Пресвета Богородица во село Сливница во Ресен. Таа е идентична на онаа од Варлам на Метеорите насликани во 17 век, а се верува дека фреските ги работел македонскиот зограф Никола. А, историчарите на уметност велат дека најмалку во дваесетина храмови во нашата земја има фрески на кои е прикажан свети Сисое над гробот на античкиот војсководец.

За дел од стручните лица, фреските се само мала епизода од жешкото прашање каде е гробот на војсководецот со кој народот на овие простори бил опседнат со векови, а за други, тоа што војсководец се појавува на  фреска ја има симболиката која се однесува на минливоста на земниот живот.

Фреска на која е насликан Александар Велики со круна на главата има и во околината на Пустец, Албанија.

Александар Македонски – вечна инспирација

Несомнено дека големиот војсководец останал во колективната свест на македонскиот народ, а тоа, покрај фреските, се гледа и во народното  творештво.

Во Зборникот на браќата Миладиновци стои запишано предание за Александар Македонски. Истото е насловено „Цар Александар“ и гласи: – Цар Александар сакаше да ходит да земит бесмртна вода. Но, кој одеше, никој не се врашчаше назад, зашчо дури да стигнит некој до неа, требаше да патуват три дни се во ношна темнина, во која љугето се заскитвеха и не можеха да се вратат на бел ден. Цар Александар зеде со себе си кобили и ждребина. Во темнината врза кобила и в растојање шчо можит да се чует гласот, врза ждребе. Потамо кобила, после ждребе, и така подалеку дури стигна до бесмртната вода, која стоеше меѓу две планини, кои се отвораха и затвораха. Тој со голема брзина нацрпи едно шише и по гласовите од кобилите и ждребината, кои ржеха, находваше патот и така се врати на бел ден. Шишето остави на прозорецот за да се напие утрината во недеља и нарача на сестра му да вардит, да не некако истурит бесмртната вода.

Сестра му метеешчем не догледа и скрши шишето. Цар Александар кога чу това, страшно се наљути, а сестра му, избегвеешчем љутината негова, се фрли в море и се престори делфин, кој, кога чует Александровото име, се криет во морските глобини! – пишувале Димитар и Константин Миладинов за Александар Македонски. За големиот војсководец и неговиот татко Филип пишувал песни и македонскиот писател и револуционер Ѓорѓија Пулевски.

Извор: Курир

No comments: