December 31, 2015

Македонците се натрапници во српска покраина!?

Не можам да примам и да спроведам документ во кој за нашиот народ се зборува како за натрапник во една наша покраина, пишува Андриќ за петицијата на Македонците упатена до Лигата на народите во Женева, во декември 1932 година


Строго доверливи дипломатски извештаи на Иво Андриќ

„Господине министер, како што веќе имав чест да ве известам за време на вашиот последен престој во Женева, Секретаријатот на Лигата на народите, на 17 ноември, поради евентуални забелешки на нашата влада, на нашата постојана делегација и достави една петиција потпишана од дванаесетмина македонски бегалци во Софија. Веднаш констатирав дека во петицијата се наоѓаат значителен број исклучително навредливи изрази (така, на пример, нашиот режим во јужна Србија се карактеризира како „domination serbe“ (српска доминација), а за нашето население таму се зборува како за „des intrus serbes corrompus“ (расипани српски натрапници) и затоа решив да протестирам до надлежната секција на Секретаријатот, да свртам внимание на последиците што петицијава може да ги има врз целата малцинска процедура со доставување вакви документи до владите.

Инаку, самиот факт дека Секретаријатот на Лигата на народите ни ја достави ваквата петиција, значи дека наведените изрази не ги смета за особено навредливи и дека на некој начин се солидаризира со ваквиот тон на преписка меѓу потписниците на петицијата и Секретаријатот, односно одделните влади“, пишува на 28 декември 1932 година Иво Андриќ, шеф на постојаната делегација на Кралството Југославија во Лигата на народите во Женева, во извештајот до својот министер за надворешни работи Богољуб Јевтиќ.

Во истиот извештај амбасадорот на Кралството Југославија, подоцна писател и добитник на Нобеловата награда за книжевност, подробно го известува министерот и за тоа дека директорот на Секцијата за малцинства лично го известил дека генералниот секретар ја проучил петицијата и решил да им ја достави, па затоа сега е незгодно нашиот претставник да ја враќа пред да ја достави до својата влада, која секогаш има право и можност да ја одбие поради навредливи изрази во неа.

„Јас одговорив - пишува Андриќ - дека ми жал што морам да останам на својот став и дека не можам да примам и да проследам никаков документ во кој за нашиот народ се говори како за натрапник во една наша покраина, која ни припадна врз основа на меѓународни договори, оние исти договори кои Лигата на народите е должна да ги брани. Генералниот секретар потоа побара петицијата да му се врати, да ја разгледа уште еднаш и да ја достави за анализа до правната секција на Секретаријатот. За ова му реферирав на г. К. Фотиќ, помошник министер, кој во тоа време престојуваше во Женева, а по вашето доаѓање во Женева вие ја одобривте мојата постапка“.

„Вчера - продолжува Андриќ - ме побара директорот на Секцијата за малцинства и ми соопшти дека генералниот секретар дошол до уверување дека, во спомнатите изрази, нашата влада навистина може да види навреда и затоа отстапува од својата намера петицијата да ни ја упати како на Влада, па можеме да сметаме како и воопшто да не ни е доставена. Известувајќи за ова, чест ми е да ви доставам во прилог еден препис на петицијата за која станува збор“, завршува овој извештај од Женева, испратен од амбасадорот Иво Андриќ до Министерството за надворешни работи во Белград.

„ВАРДАРСКА ДОЛИНА“ ОДБИЕНА ОД ЛИГАТА НА НАРОДИТЕ ПРЕД ОСУМДЕСЕТ ГОДИНИ!?

Како отправник на работите во постојаната делегација на Кралството Југославија во Лигата на народите во Женева, Иво Андриќ во април 1932 година испраќа мошне интересен извештај поврзан со Македонија за проект кој и денес е актуелен, проектот „Вардарска долина“.

Андриќ известува за работата на Комитетот за јавни работи, кој заседавал претходната недела во Париз, при што биле разгледувани тринаесет проекти предложени од Грција, Бугарија, Летонија, Полска и од Југославија. Според извештајот на Андриќ, Грција имала предложено изградба на патишта и проекти за одводнување на долината на Вардар и Струма. Прифатено е само исушувањето на сливот на Струма, но по претходна експертиза на самото место. Бугарија не добила пари за железничко поврзување со Романија; Летонија добила за патишта, Полска од десет проекти за пруги добила пари за две, а Југославија од пет предлози, добила четири. Одбиен е само предлогот за Вардарска долина.

- Проектот на каналот Морава - Вардар - Егејско Море, Комитетот не можеше да го усвои затоа што неговата евентуална изградба не изгледа ни технички ни економски оправдана според принципите на оваа меѓународна акција, а тоа особено се однесува на потегот од Сталаќ до Егејското Море - известува Андриќ.

Тој со задоволство известува дека Комитетот го прифатил проектот за исушување на Скадарското Езеро и проектот за системот патишта од Австриската граница преку Љубљана, Загреб, Белград и Ниш до Солун. Зошто Андриќ во овој патен правец не спомнува ниту еден македонски град, иако трасата бездруго минува по должината на цела Македонија од Прешево до Солун – не се знае. Можеби затоа што за него Македонија е „провинција добиена со договор“, каде што за „нашето население се зборува како за расипани српски натрапници“.

Меѓу другите извештаи на Андриќ за Македонија и македонското прашање е и неговиот извештај во својство на в.д. началник на политичкото одделение на Министерството на надворешни работи на Кралството Југославија, подготвен во соработка со амбасадата во Лондон, а во врска со активностите на Македонците во Америка. Извештајот е од 14 октомври 1936 година, а се однесува на Конгресот на, како што вели, Македонската политичка организација во Индијанополис, САД: „Чест ми е да известам дека органот на Македонската политичка организација (МПО) во Соединетите Американски Држави и Канада, МАКЕДОНСКА ТРИБУНА, која излегува во Индијанополис, Соединетите Американски Држави, посветува цел број од 19 септември на Конгресот на македонските братства одржан на 5, 6 и на 7 претходниот месец во Торонто. На Конгресот, според весникот, присуствувале околу 5.000 македонски и бугарски печалбари, чија манифестација ја потсилиле и хрватските сепаратисти во Канада. Конгресот заседавал три дена и на него, меѓу другото, била донесена одлука да се упати резолуција до сите држави во Лигата на народите против теророт што го врши српската власт во Македонија. Исто така е одлучено нивниот орган во емиграција, МАКЕДОНСКА ТРИБУНА, да се издава двапати неделно на шест страници.

СТРОГО ДОВЕРЛИВИ ИЗВЕШТАИ ЗА ВАНЧО МИХАЈЛОВ!

Во својство на помошник-министер, всушност втор човек во Министерството за надворешни работи на Кралството Југославија, Иво Андриќ, во извештај од 24 октомври 1938 година, а врз основа на разузнавачки податоци, го третира и заминувањето на Ванчо Михајлов од Турција во Полска: „Уште пред една година турските власти официјално нé информираа дека Ванчо Михајлов не сака повеќе да остане во Турција, каде што од 1934 година престојува под надзор на власта, пишува Андриќ. - Истовремено - продолжува тој - веќе ни е ставено до знаење дека турската влада нема законска основа по која еден странски државјанин, против негова категорично изнесена желба, може да го држи и понатаму на своја територија. Сепак, турската влада го задржа Михајлов уште некое време, но бидејќи понатамошниот негов престој во Турција создава само тешкотии за тамошната Влада, одлучено е да му се дозволи заминување од земјата штом биде обезбедена влезна виза на некоја друга држава. Нас пак ни е ветено дека благовремено ќе бидеме известени кога и во која земја Михајлов патува. Инаку, по добиеното начелно одобрение, Михајлов во текот на неколку месеци се обидувал да добие влезна виза на некоја држава, но во тоа не успевал. Имено, САД, Англија, Швајцарија и Романија одбиле да го примат - пишува Андриќ - додавајќи дека најпосле се обратил до Полска, од каде што, по претходно дадена изјава дека ќе се воздржува од секаква политичка дејност, добил дозвола да се насели. По ветувањето што ни го даде Турција - пишува Андриќ - ние бевме известени дека на Иван Михајлов и на неговата жена Менча Карничева веќе им е издаден турски пасош со ознака „бугарски емигрант“, и дека тој пасош е визиран од страна на полскиот конзулат во Цариград. Снабден со пасош и уредна полска виза, Ванчо Михајлов заедно со сопругата на 20 август се качува во полскиот полутоварен параброд „Левант“ во Цариград и на 23 септември стигнува во пристаништето во Гдињ. Полските власти, кои се детално запознати со поранешната злосторничка дејност на Иван Михајлов, дадоа ветување дека тој ќе биде интерниран во централните предели на државата, далеку од сообраќајните врски и патишта, како и дека постојано ќе вршат најстрог надзор над него за да не може да дојде во допир со своите приврзаници и да преземе каква било политичка акција.

Известувајќи за ова, Министерството за надворешни работи има чест да замоли кралското претставништво во Полска да обрне големо внимание на работата и движењето на Ванчо Михајлов во своето подрачје. Особено е потребно Министерството итно да биде информирано ако се забележи дека некој од приврзаниците успеал да воспостави писмена врска или, пак, се обидува да дојде до личен контакт во Ванчо Михајлов - пишува Иво Андриќ во својство на помошник-министер за надворешни работи на Кралството Југославија во 1938 година.

ЈУГОСЛОВЕНСКИ АМБАСАДОР ВО ФАШИСТИЧКА ГЕРМАНИЈА!

Идниот нобеловец, писателот Иво Андриќ, станува амбасадор во Хитлерова, фашистичка Германија и во Берлин останува од 1939 до 1941 година. Должноста амбасадор во Берлин ја презема на 10 април 1939 година, а во мисијата, освен него, работеле уште 15 лица. Според Миладин Милошевиќ, кој детално го истражувал дипломатскиот ангажман на Иво Андриќ, мисијата во Третиот рајх била особено тешка и деликатна, а подоцна и самиот Андриќ многупати ќе изјави дека тие години биле најмачните години во неговиот живот. Откако дознал дека делегација од Југославија тајно се состанува со Хитлер и со негови доверливи луѓе, а тој како амбасадор не добива никакво известување за тоа, Андриќ упатува писмо до Цицар-Марковиќ во кое протестира што е заобиколен како амбасадор. Добива извинување, а две недели подоцна е повикан да присуствува на церемонијата на потпишување на документот за пристапување на Југославија кон Тројниот пакт. Андриќ со луѓето од амбасадата во Берлин го напушта градот на 7 април 1941 година.

Автор: Блаже Миневски (извор: Нова Македонија)

No comments: