Македонците знаеле кои се и што се уште пред ВМРО

-Нема заблуди ниту фалсификати, oрганизацијата е резултат на стремежите и борбата за слобода на Македонците, а не нешто што им било наметнато однадвор, вели историчарот Ѓорѓиев, објаснувајќи дека во последните децении од 19 век, преку испреплетувањето на многу фактори, се создале услови и потреба да се основа едно автохтоно македонско револуционерно движење - Ако ги погледнеме документите, архивите на организацијата, ќе видиме дека таа се борела за Македонија на Македонците и никако поинаку.



Проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев е редовен професор на Филозофскиот факултет, на Катедрата за историја, и важи за еден од најголемите познавачи на илинденскиот период, како и на периодите пред и по него. Во рамките на серијата текстови со еминентни познавачи на оваа материја, во интервјуто со проф. Ѓорѓиев разговаравме за околностите што доведоа до создавање на Македонската револуционерна организација.

Кои биле предусловите во Османлиската Империја, како и во нејзините меѓународни и регионални односи, што создале предуслови за основање на Македонската револуционерна организација?
- За да се разберат процесите во Македонија и она што претставува револуционерна борба од крајот на 19 и почетокот на 20 век, треба да се навлезе многу подлабоко во севкупните општествено-политички и економски односи. Како прво треба да имаме предвид дека Османлиската Империја функционирала врз поинакви принципи за разлика од европските држави. Таа е апсолутистичка монархија, со доминантна исламска религија. Потоа, таа е империја во повлекување, бидејќи целиот 19 век е проследен со откинување парчиња од нејзиниот европски дел, на чие место се создаваат нови држави. Големите промени што настанаа по источната криза, особено по Берлинскиот конгрес како нејзино дипломатско финале, го навестиле крајот на османлиската доминација на Балканот. Некои држави како Србија, Црна Гора и Романија добија политичка независност, Австро-Унгарија доби право да ја окупира Босна и Херцеговина, се создадоа две бугарски области (Кнежеството Бугарија и автономната провинција Источна Румелија), кои набрзо потоа се обединија во единствен политички субјект. На империјата на Балканот ѝ останаа само Македонија, Албанија, Косово и еден тесен појас во Тракија, со кој тие се поврзани со престолнината во Истанбул. Овој стратегиски тешко одбранлив простор, во чиј центар е Македонија, е опколен со неколку млади, еуфорични и амбициозни држави: Србија, Бугарија и Грција, со изразени територијални претензии кон османлиското наследство на Балканот. Од друга страна, големите сили по Берлинскиот конгрес, зафатени во трката по колонии низ светот постепено ги оцртуваат контурите на два спротивставени блока, кои подоцна ќе ја донесат првата глобална војна, во контекст на Балканот демонстрираат и поддржуваат политика на статус кво. Османлиската Империја вешто ги користи противречностите помеѓу големите сили и балканските држави и го манипулира спроведувањето на реформите што ѝ биле наметнати со Берлинскиот договор, а, згора на тоа, во Македонија протежира политика на раздели и владеј.

Какви биле локалните околности?
- Населението било во специфична положба. Османлиската Империја очигледно немала стратегија од своите поданици да направи лојални граѓани, кои сами ќе се грижат за нејзиниот суверенитет. Напротив, таа како да ги туркала да бараат сојузници надвор. Населението генерално се идентификувало врз верска основа како муслимани и христијани. Притоа сите што биле муслимани биле запишувани и се идентификувале како Турци, независно од нивната етничка припадност. Така, како Турци биле Албанците, Бошњаците, Македонците, Ромите и сите други муслимани. Но бидејќи зборот „Турчин“ подразбирал припадност кон доминантната вероисповед, на тој начин тие како да имале поголема одговорност да ја бранат државата. Од друга страна, христијанското население било страшно поделено.

Тука имале влијание и пропагандите на соседните цркви?
- Во почетокот на 19 век православните верници на Балканот биле под духовна јурисдикција на Цариградската патријаршија, а во согласност со милет-системот биле евидентирани како „Рум милет“. Под овој термин во прво време биле евидентирани сите православни, без разлика на нивната етничка припадност, дали се Грци, Македонци, Бугари, Срби, Власи, Албанци итн. По создавањето на Кралството Грција во 1830-тите, Цариградската патријаршија станала основен инструмент на грчкиот национализам, при што терминот „Рум милет“ станал синоним за Грк, иако под истиот термин и понатаму биле опфатени сите православни. Во 1870 година била формирана Бугарската егзархија, при што нејзините верници, во согласност со милет-системот биле евидентирани како „булгар милет“, што повторно не означува етничка, туку конфесионална припадност. Така што и овој термин, како и рум-милетот не претставува етноним, туку синоним за припадност кон одредена признаена црква. Грција и Бугарија вешто го користеле милет-системот на пропаганден план за докажување на своите права врз Македонија. За разлика од овие две земји, Србија била во инфериорна положба, бидејќи немала признаена црква со свој предзнак во Османлиската Империја. Затоа, пак, Србите нашле заеднички интерес со Грција, преку Цариградската патријаршија да се назначуваат српски свештеници и учители, претежно во северот од Македонија. Признаените цркви имале право да организираат образование за своите верници. Црквата и образованието се два многу моќни медиума што ги обликуваат животот и свеста на верниците. Во трката по верници, т.е. приврзаници, во Македонија настанала општа борба кој ќе понуди повеќе. Во таа игра влегле и големи пари од соодветните влади, а преминувањата од една во друга црква биле толку чести што луѓе од исти семејства им припаѓале на различни цркви, а со тоа биле заведувани и како да се од различен народ, Бугари, Грци или Срби. Имало дури и случаи кога едно македонско семејство се обратило во протестантска мисија во Битола, за да праша колку пари би добило за да се запишат како Американци. Оттука, не случајно, францускиот конзул во Битола на шега велел дека со соодветен буџет би ја направил Македонија француска, со пуштање на приказната дека крстоносците во средниот век го освоиле Солун, а франците ќе го стореле преостанатото. Но токму овие преминувања се показател дека термините „Грк“, „Бугарин“, „Србин“ и други не означуваат етничка припадност, туку припадност кон одредена црква. Тоа е јасен показател дека народот не чувствувал ништо кон имињата со кои бил маркиран, па затоа многу лесно преоѓал од едно во друго, сепак грижливо чувајќи го своето. На пример, каде што немало ниту цркви ниту училишта, луѓето едноставно се идентификувале како христијани.

Дали тоа значи дека пропагандите не биле доволно успешни?
- Од една страна, соседните земји, насетувајќи дека ѝ доаѓа крајот на Османлиската Империја и дека ќе треба да се подели тоа што остана од неа на Балканот, градат стратегии и сите се обидуваат да покажат дека имаат некакво историско право врз Македонија, односно дека населението, а со тоа и територијата, се нивни. Но, од друга страна, насетувале дека тоа население си поигрува со нив, дека менувањето на црквите станало начин на преживување и дека не може да сметаат на неговата лојалност. Исто така, знаеле дека самите не можат да ја освојат земјата. Затоа биле принудени да почнат преговори за поделба на Македонија, прво како сфери на влијание, кој до каде да оди, а потоа и територијално. Тука јасно се гледа еден голем парадокс, бидејќи со влегувањето во преговорите за поделба на Македонија, тие сами ги депласирале сопствените тези дека таа земја и народ им припаѓаат токму ним. Кој е тој што би прифатил да дели нешто свое?! Токму тоа ги покажува нивните завојувачки интереси кон земјата и народот за кои тврделе дека се нивни, а всушност биле подготвени да ги поделат со другите.

Како тоа создало услови за создавање на Македонската револуционерна организација?
- Во 70-тите и во 80-тите години на 19 век се појавуваат и луѓе што ја афирмираат македонската идеја, на пример тука е Ѓорѓија Пулески со неговата „Славјано-македонска историја“. Да не зборуваме, пак, за Крсте Петков Мисирков, чија книга „За македонцките работи“ била запленета уште во печатницата итн. Во основа, приказните за посебноста на Македонците не наидоа на никаква поддршка кај соседите. Тука се вбројува и списанието „Лоза“, кое во 1892 година го издавало Македонското студентско друштво во Софија. Оваа списание поради своите определби и специфичниот јазик и правопис, кој е различен од бугарскиот, било квалификувано како сепаратистичко и забрането. Официјалниот весник „Слобода“, на владејачката гарнитура, оди дотаму што пишува дека лозарите се занесувале дека еден ден некој од нив ќе дојде во Македонија во својство на Александар и Филип Македонски. Треба да споменеме дека помеѓу главните протагонисти на Македонското студентско друштво и на списанието „Лоза“ среќаваме дури тројца од основачите на МРО, а тоа се Петар Поп-Арсов, Дамјан Груев и Иван Хаџи-Николов.

Сепак, за подобро да се бори против конкуренцијата од соседните идеи, поддржани и спроведени од државите, и на македонската идеја ѝ била потребна една институционализација?
- Клучниот момент е кога до израз дошле младите генерации, кои зрееле токму во овој постберлински период. Тие ги согледале противречностите во Македонија, зашто и самите произлегувале од поделени семејства и села, а згора на тоа имале можност да го почувствуваат вкусот на предметните пропаганди не само во Македонија туку и во Белград и во Софија. Тие ја сфатиле политиката на големите сили, но и претензиите на соседните држави кон Македонија, од која не можеле да се откажат како нивна татковина. Затоа излезот е побаран преку основање една револуционерна организација, која е создадена во 1893 година. Основна цел на Македонската револуционерна организација била „политичка автономија“ на Македонија во рамките на Османлиската Империја. Притоа до автономијата требало да се стигне преку изведување едно општо востание. На тој начин сметале дека ќе предизвикаат интервенција на големите сили во прилог на македонското прашање. Основачите на МРО, иако биле млади, многу добро ги согледале и ги разбрале условите на времето. Оттука, формирањето на оваа организација е голем крстопат во македонската историја, бидејќи првпат се создава еден сериозен и автохтон фактор што доаѓа одвнатре, а не е инсталиран од некоја соседна држава. Одделни толкувања околу сфаќањето на автономијата, како етапа за присоединување кон Бугарија, воопшто не кореспондираат со реалноста. Напротив, автономијата како стратегиска политичка цел на организацијата, всушност претставува етапа кон создавање независна македонска држава. Во таа смисла во „Револуционерен лист“, кој е официјален весник на организацијата, меѓу другото пишува: „Автономна Македонија од организацијата се сфаќа како самостојна држава“. Не случајно оваа организација од страна на проегзархиските средини во Македонија, но и други фактори во Бугарија, е квалификувана како сепаратистичка. Низ многу документи и писма на поединци може да се види дека нивната цел е политичка автономија на Македонија и дека секој што ќе биде против тоа ќе го сметаат за непријател. Сосема друго е прашањето што некои сакале да стават рака врз неа и дали и колку успеале во тоа.

Но бидејќи многу страни се бореле за да го придобијат населението, зошто само една, бугарската, се обидувала да продре во организацијата?
- Мораме да имаме предвид дека најголемиот дел од луѓето што ја прифатија идејата за македонска револуционерна организација доаѓа од егзархиските средини, како и дека во тоа време во Бугарија има огромен број македонски емигранти, а некои од нив дури биле влијателни луѓе во бугарската политика. Навистина е факт дека Бугарија најмногу се интересирала да оствари влијание врз организацијата, но, од друга страна, ќе видиме дека МРО не потклекнала под таквите обиди. Во таа смисла доволно е да се види епилогот од преговорите на бугарскиот премиер Константин Стоилов. Откако виде дека не може да ги стави под своја контрола и во функција на својата политика, раководителите на МРО, тој ги прогласи за разбојници и почна да им се заканува со затвор, но и тие не останаа кратки, истакнувајќи дека Бугарија ќе ја сметаат за непријател како и другите земји. Инаку, обиди за воспоставување влијание имале и Србите. Во 1902 година нивните служби и институции ја анализираат состојбата во Македонија и се обидуваат да стапат во контакт со луѓето од организацијата. Во 1903 година, за време на востанието, биле пријателски настроени, па ветувале секаква морална и материјална поддршка. Се разбира, и тие имале своја математика. Грција, пак, е земја што не можеше да ја смисли МРО и затоа ја третирала како орудие на бугарската политика, иако самите биле свесни дека не е така. Грција имала моќен инструмент во Македонија, Цариградската патријаршија, и немала интерес да оствари влијание врз самата организација, туку настојувала да ја попречи нејзината дејност.

Но некој ќе рече дека сето ова е само толкување, може да има и други теории и толкувања за случувањата.
- Во историјата има толкувања и теории, но има и факти. Врз нив се базираат толкувањата. Ако ги погледнеме документите, архивите на организацијата, ќе видиме дека таа се борела за Македонија на Македонците и никако поинаку. Оттука, во Уставот од 1905 година е вградена одредба во која се вели дека ВМОРО ќе се спротивстави на сите обиди за поделба на Македонија, независно од каде и да доаѓаат тие. Мошне иронично ќе изгледа ако нагласам дека МРО на своевиден начин се јавува како своевиден заштитник на интегритетот на Османлиската Империја, или барем на еден дел од нејзината територија. Меѓутоа, МРО за свој главен непријател ја сметаше токму Османлиската Империја, која, пак, цело време настојуваше да ја ликвидира организацијата. Очигледно не сакале или не можеле да го препознаат заедничкиот интерес.

Автор: Гоце Трпковски/goce.t@novamakedonija.com.mk

Преземено од Нова Македонија

No comments: