Што пишуваше „New York Times“ за Македонија во 1895 година?

„Македонија, земјата на три реки, Вардар, Струма и Бистрица, е обрабена со возвишени планини, од кои најпознати или највисоки се Олимп, Шар Планина и Родопите – високи меѓу 8.000 и 9.000 стапки над нивото на морето. Таа е меѓу најживописните земји од Европа…“ – вели авторот на текстот „Непозната Македонија“ објавен на 3 ноември 1895 година во весникот „The New York Times“.


Во статијата „Непозната Македонија“, опишувајќи ја земјата како една од најживописните земји на Европа и се уште неоформена како држава, авторот релативно прецизно ги дава географските граници на земјата, сместувајќи ја територијата на Македонија меѓу планините Олимп, Шара и Родопите.

Иако авторот е збунет од т.н. „Кинеска загатка“, која пропагандите кои делуваат во тоа време ја наметнуваат во однос на припадноста на населението на територијата на Македонија, од текстот е видливо, дека според тогашните географски карти тој му дава предност на славјанскиот народ (македонскиот народ), доколку го издвоиме турскиот како носител на власта, а дури потоа на грчкиот и арабанашкиот етникум, чии имиња повремено се појавуваат на тогашните карти во зависност од тоа кој ги изработил, пишува блогот кој се занимава со македонски мистерии.

Со поетски речник, авторот ја прикажува Македонија како неодоливо привлечна, но дива и опасна земја, земја на авантури, во која во одредени делови, Европејците немаат стапнато скоро еден милениум. Во текстот „Непозната Македонија“, кој го објавува „The New York Times“ во 1895 година, авторот меѓу другото ќе напише дека:

„Македонија e практично непознатa за пошироката јавност како голема неоформена територија во која некогаш живееле трите сестри Граи кои му помогнале на Персеј да ја избегне смртта. Дури и добро информиран политичар кој може да си избере пат низ Централна Африка е често неспособен да ја каже разликата помеѓу Помаците и Цинцарите (Власите н.з.), помеѓу Јуруците и Арнаутите, или да каже дали тие се овошје, алатка или луѓе.

Не само што географијата на земјата е многу комплицирана и недоволно проучена, гледаме дека речиси секој округ, река, езеро и град се познати по најмалку две целосно различни имиња, едно турско и друго славјанско, грчко или албанско – од кои две повремено се исфрлени од некои мапи кои ние ги поседуваме, тука етнографијата е повеќе збунувачка од Кинеска загатка, и не постои маж или жена кои можат да понудат решение на проблемот на начин кој ќе ги задоволи народите од Источна Европа.

И покрај железничката мрежа од околу 600 милји, комуникацијата со внатрешноста не е само примитивна и тешка, туку многу опасна. Практично е невозможно да посетите било кој од оддалечените и многу од главните области без придружба на турски заптии, а понекогаш дури и на неколку Арнаути убијци, како мерка на претпазливост. Постојат места во Македонија – особено помеѓу реката Вардар, од една страна, и Дрина и Морава од друга страна – кои не биле посетени од Европејците уште од деновите кога воинствениот Самоил бил цар, околу 900-тите година.

Македонија, земјата на три реки, Вардар, Струма и Бистрица, е обрабена со возвишени планини, од кои најпознати или највисоки се Олимп, Шар Планина и Родопите – високи меѓу 8.000 и 9.000 стапки над нивото на морето. Таа е меѓу најживописните земји од Европа, богата со прекрасни шуми кои се искачуваат по ридовите, декорирани со реки и скриени острови; дивите планински сцени, прекрасните водопади и мирните езерски површини – соодветен амбиент за скапоцените камења од смарагдните островчиња, длабоките клисури, вртоглавите планински патеки, насмеаните рамнини и напуштени предели, кои треба да докажат една неодолива привлечност за патникот, кому опасноста и авантурата му претставуваат вистинско задоволство“.

„Современиот Преглед“ на Македонија од XIX век претставува вистински туристички водич кој ги претставува убавините на земјата, но истовремено ни ги прикажува не само границите на земјата, туку посредно и на сите контраверзи кои се појавуваат како последица на бугарската, српската и грчката пропаганда во тој период.

Извор: Калимеро

No comments: