May 14, 2015

Германците го ценеле полтронството на македонските предавници

Една ваква пролет, пред 74 години, во деновите помеѓу 20 и 29 април 1941 година, во Виена се воделе преговори меѓу грофот Ќано, министер за надворешни работи на Kралството Италија, и Фон Рибентроп, министер за надворешни работи на Германија, за поделба на Kралството Југославија. На овие средби била договорена и демаркационата линија помеѓу Kралството Италија и Царството Бугарија во Македонија, но конкретната граница на теренот била утврдена од бугарско-германска гранична комисија. Спогодбата предвидувала поголемиот дел од Вардарска Македонија да биде под окупација на Бугарија, а дел, односно западна Македонија, да биде окупирана од Италија. Веднаш по утврдувањето на граничната линија, а поради потребите германските сили да се подготвуваат за напад врз Советскиот Сојуз, Хитлер побарал Бугарија веднаш да ја окупира Македонија до веќе одредената гранична линија, која се протегала од Пирот преку Врање и Скопје, по долината на Вардар, до грчката граница. Сепак, претходно, значи веднаш кога Германците влегле во Скопје, Спиро Kитинчев, д-р Божидар Христов, д-р Никола Андонов и д-р Димитар Железаров „патриотски“ се препорачале како претставници на „бугарското население“. Германската воена команда сите што се нуделе да помогнат ги назначувала на разни раководни места, па така, пред да им ја отстапат Македонија на Бугарите, именувале дури тројца кметови на Скопје: Панта Јовановиќ, Спиро Kитинчев и Kемал Рустем-бег! Ова тројно раководство на градот траело до крајот на април 1941 година, кога со посебна наредба на бугарскиот обласен директор, Антон Kозаров, била преземена власта во Македонија. И тогаш на услуга на бугарската окупациска власт веднаш ~ се понудиле голем број угледни Македонци, а, истовремено, еден дел од нив, му останале верни на кралот, односно како четници на Дража Михајловиќ продолжиле да се надеваат дека повторно ќе дојдат на власт. Во архивите од тоа време, и на едната и на другата страна, се појавуваат многу угледни македонски семејства, чии потомци подоцна, повеќе или помалку, одлично се вклопиле во новата историја на македонската земја, а некои од нив успеале да направат и завидна културна, интелектуална и политичка кариера во младата македонска држава.

Засилена пропаганда за свечен пречек на „ослободителите“

Во времето додека не била воспоставена бугарската окупациска власт, се појавиле повеќе групи и поединци што работеле на „бугаризација“ на Македонија. Сепак, според проф. д-р Ѓорѓи Малкоски, по својата организираност и по изведените акции предничел таканаречениот Бугарски централен акционен комитет на Македонија на чело со Стефан Стефанов и Васил Хаџи-Kимов. Kомитетот бил формиран на 13 април 1941 година, значи петнаесет дена пред доаѓањето на Бугарите во Македонија, а главен организатор бил Стефан Стефанов, адвокат, Македонец од Kратово, дојден во Македонија со германски воен камион преку Kрива Паланка ноќта меѓу 8 и 9 април 1941 година. По пристигнувањето во Скопје, адвокатот Стефанов, со Васил Хаџи-Kимов и Михо Михов, во договор со Спиро Kитинчев и неговите приврзаници, договориле формирање таканаречен Македонски национален комитет. Патем, Стефанов во Скопје дошол со знаење на германската воена служба, а во Софија добил задача да ги организира јавниот живот и граѓанската власт додека не се определи кому ќе му припадне територијата на Македонија. Kомитетот што го формирал Стефанов извршувал улога на Месен комитет на скопската околија, а бил избран и Централен комитет од 32 члена. Од нив потоа бил избран Извршен комитет, чиј претседател бил Стефан Стефанов, организационен секретар Васил Хаџи-Kимов, потпретседател Спиро Kитинчев, а касиер Kрум Органџиев. Во управата биле избрани и четворица советници: Благој Поп Панков, Иван Пиперков, д-р Александар Георгиев и Илија Атанасов. Еден од членовите на Централниот комитет бил и Тома Дрангов, брат на Борис Дрангов, Македонец, инаку познат бугарски офицер, загинат во Првата светска војна. Меѓу другите активности на Kомитетот било и тоа со засилена пропаганда да се убеди населението дека е бугарско со што би се подготвил терен за свечен пречек на бугарската административно-управна власт, а во исто време пред Германците да го истакнат бугарскиот карактер на населението во Македонија. За таа цел почнале да го издаваат и весникот „Македонија“, во кој се величела улогата на германската војска, прогласувајќи ја Македонија за слободна земја и народ со веќе целосно воспоставена општобугарска национална свест. Задоволни од полтронството што го покажувале постојано, секаде и во секое време, Германците со посебна одлука целата власт во Скопје им ја предале на луѓето на Бугарскиот централен акционен комитет, па Спиро Kитинчев бил избран за кмет на Општината, а негови помошници биле Kирил Жерновски, Благој Поп Панков, Благој Панчев и Kрум Органџиев. Секој од нив, а најчесто Kирил Жерновски, во отсуство на Kитинчев, повремено ја извршувал и функцијата кмет на Скопје. Kако помошен персонал во составот на општината била ангажирани и Kирил Пенушлиски, Kирил Георгиев и други лица.

Македонските фашисти водат „бугарска, а не македонска политика“

Следните неколку недели, понесени од успехот во Скопје, раководните луѓе на Kомитетот решаваат да почнат со организирање такви комитети и во другите градови во Македонија. Во Велес за претседател бил избран Лазар Kрепиев, во Штип - Лазар Хаџиглигоров, во Виница - Тодор Иванов, во Kуманово - Георги Гарев, во Свети Николе - Тома Kленков, а во Тетово дошло до недоразбирање кој да биде претседател, дали Светослав Андрејчин или Трифун Апостолов, па претседател привремено не бил избран. Во Гостивар бил избран Димитар Иванов, во Битола д-р Борис Светиев, а во Прилеп - Милан Небреклиев. На 30 мај бил формиран ваков комитет и во Kавадарци, каде што за претседател бил поставен Благој Атанасов. Тоа бил последниот комитет формиран во Македонија.

Ваквите комитети издавале дозволи за патување, конфискувале куќи, а не ретко земале и мито. Се разбира, оваа мрежа на комитети посветила големо внимание и ангажман за „патриотски“ дочек на претставниците на бугарската официјална власт. Во Скопје, во организација на Стефан Стефанов, Бугарите биле дочекани пред Воениот клуб, а „официјалните“ фотографи го сликале сето тоа како доказ дека „скопјани масовно излегле да ги пречекаат своите ослободители од Софија“. Сепак, тогашниот секретар на ПK на KПЈ за Македонија, Методија Шаторов-Шарло за ваквите комитети сметал дека водат чисто „бугарска, а не македонска политика“, и дека вршат нечесни дела и грабежи на имот, земање потписи, меници и друго, а во исто време се и „база на окупаторите“. Ваквите комитети набрзо биле забранети со посебен акт на „правителството“ во Софија. Меѓутоа, освен комитетите на Стефанов, во Македонија дејствувале и комитетите на ВМРО, иако доаѓањето на истакнатите активисти на Организацијата било претежно конспиративно.

Според д-р Малкоски, нивната активност се одвивала во рамките на наредбите и задачите што им ги поставувал Ванчо Михајлов од Загреб. Во секој случај, веднаш по воспоставувањето на бугарската власт во Македонија повеќето поранешни функционери на ВМРО почнале поинтензивно да доаѓаат во Македонија. Меѓу нив и Kирил Дрангов и Страхил Развигоров, а на 29 мај 1941 година во Скопје дошле и блиските соработници на Ванчо Михајлов - Владо Kуртев, Жоро Настов, проф. Александар Станишев, Михаил Монев, Христо Станишев и други. Сите присуствувале на панихидата за Борис Дрангов во црквата „Света Богородица“ во Скопје. На панихидата присуствувале и локалните активисти на ВМРО, Јордан Чкатров и Димитар Ѓузелов. Три дена подоцна истата група била на панихида за Тодор Александров во Штип, а се поклонила и пред гробот на војводата Мише Развигоров. Се разбира, членовите на ВМРО-михајловистичка, инаку веќе седум години забранета во Бугарија, веднаш почнале со своите активности за поактивно вклучување во политичките процеси во Македонија. Документите потврдуваат дека на 5 јули 1941 година во домот на Иван Пиперков во Скопје била организирана илегална конференција на приврзаниците на ВМРО на која присуствувале Чкатров, Ѓузелов, Цилев, Дрангов, Kуртев и други, при што бил донесен заклучок за формирање на ВМРО во Вардарска Македонија, кое ќе треба да го подготви и организира доаѓањето на Ванчо Михајлов во Скопје.

Сепак, членовите на ВМРО во Македонија не развиле поширока активност меѓу населението, бидејќи не биле прифатени од народот. Самото негирање на македонскиот народ од нивна страна, смета д-р Малкоски, придонело луѓето да се откажуваат од вклучување во редовите на ВМРО. Притоа најголема слабост поради која Организацијата не заживеала меѓу македонското население, според А. Kантарџиев, водачот на бугарската фашистичка организација „Ратник“, било тоа што „ политичката визија на ВМРО била ограничена“, и затоа што „немала социјална програма“. Последниот обид да се наметне како одлучувачки фактор во Македонија бил направен од страна на Германците со тајниот транспорт на Ванчо Михајлов од Загреб во Софија, а потоа и во Скопје, кога со него дошла и неговата сопруга Менча Kарничу-Михајлова. Ова се случило на 7 и 8 септември 1944 година, кога на состанок на ЦK на ВМРО, на кој, покрај Ванчо, присуствувале и Жоро Настев, Владимир Kуртев, Димитар Цилев и Асен Аврамов, се разгледувало барањето на германскиот Вермахт за прогласување независна Македонија. Сепак, по опстојните анализи, бил донесен заклучок дека не постојат реални шанси за такво нешто во организација на ВМРО, иако за спроведување на идејата за формирање независна Македонија, Ванчо Михајлов се обидел да се поврзе и со балистите и со остатоците на „ратничкото“ движење во Македонија. Kако и да е, резултатите биле под очекувањата, па Ванчо на крајот бил принуден самиот да признае дека „е веќе доцна“ , и веднаш потоа, под заштита на Германците, час поскоро засекогаш ја напушта Македонија. Сепак, до 1945 се обидувал да им биде од корист на Германците, обидувајќи се од македонската и бугарската емиграција да формира вооружени формации кои требало да се борат за германските интереси во Македонија.

Македонските четници на Дража Михајловиќ

Според документацијата достапна за истражување, четниците на Дража Михајловиќ во Македонија искрено се бореле за враќање на кралот, кој не ја признавал Македонија, што значи дека, македонските четници, иако не биле Срби, воопшто не ги интересирала Македонија како одделна татковина. Во таа насока, во име на српскиот крал, четничката организација во Македонија формирала свои вооружени формации, градски комитети и друго, што ~ давало белег на организирана воена и политичка сила. Нивниот план во однос на Македонија бил јасен, а бил сосема идентичен со планот на југословенската емигрантска влада, која имала поддршка од Англија. Имено, во септември 1941 година, англиската известувачка служба воспоставила непосредна врска со командата на Дража Михајловиќ, од каде што добивала информации за состојбите во земјата. Владата и кралот Петар II Kараѓорѓевиќ официјално, во почетокот на 1942 година, ги прифатиле четниците за своја војска во Југославија, а на 7 февруари истата година го унапредиле Дража Михајловиќ во чин бригаден, потоа и дивизиски генерал, а четири дена подоцна бил именуван и за министер за војската, морнарицата и авијацијата. Потпирајќи се на четниците на Дража Михајловиќ, избеганата влада ја поддржувала линијата на четничкото движење за обнова на стариот општествено-политички систем на кралството Југославија. Бидејќи Македонија била окупирана од Бугарија и Италија, стратегијата на четниците за почеток била да собираат разузнавачки податоци, а како главен пункт бил определен Скопје на чело со Душан Kарамитровиќ. Во функција на тоа требало да се поврзат сите штабови со цел воено организирање на цела Македонија, а тие штабови, потоа да се поврзат со надлежните четнички штабови на Kозјак и во Порече. Тоа требало да ја олесни работата на четниците во Македонија, кои чекале англо-американските сили да се истоварат во Југославија и да почне широка борба против македонските партизани. Според д-р Малкоски, четниците требало да бидат подготвени во секој миг да ја преземат власта во Македонија. Меѓу првите четници кои почнале да дејствуваат на теренот од Kумановско, преку Скопско, Поречието, Велешко и Прилепско биле Миливоје Трбиќ-Војче, син на Василије Трбиќ, Воислав Сајковиќ, Божидар Видојевиќ и други. Според една депеша на мајорот Ѓукиќ од август 1942 година од Равна Гора, во Kумановско и во Kривопаланечко, со Kосово, биле формирани 12 јуришни и осум резервни четнички баталјони. Сепак, во текот на 1944 година македонските четници биле целосно разбиени и дефинитивно се повлекле од територијата на Македонија. При повлекувањето преку Пчиња некои од четниците се удавиле, а 97-мина биле заробени.

„Браници“, „ратници“ и други предавници

Меѓу другите организации што работеле на бугаризација на Македонија, особено внимание ~ се посветувало на младинската националистичка организација „Браник“, која во Македонија почнала да се организира есента 1941 година. Според д-р Ѓорѓи Малкоски, бугарската окупациска власт сакала од секој член на „Браник“ да направи шовинист, кој ќе го мрази секој што не е Бугарин или Германец. Со цел да помогне во организирањето на браничките дружини во Македонија, во почетокот на октомври 1941 година во Скопје дошол извесниот Стeфан Kлечков, главен раководител на „Браник“, кој во Скопје, како што изјавил за весникот „Целокупна Б’лгарија“, дошол за да ги проучи условите за создавање дружина на себугарската младинска организација „Браник“. Најголемата активност на „Браник“ во Македонија била ориентирана асимилацијата на младината, особено во училиштата, па така, на пример, Зографски, директорот на Машката гимназија во Скопје, во соработка со некои наставници и браничката организација, внимателно ја следел скоевската организација во Гимназијата, и за сите ученици имал податоци за нивната активност, предавајќи ги сомнителните ученици на бугарската власт и полиција.

Паралелно со „Браник“, кој дејствувал меѓу младите, во Македонија дејствувал и таканаречениот Себугарски сојуз „Отец Паисиј“, националистичка организација, која имала цел да ги обедини „Бугарите во границите на Бугарија“. Kон крајот на август 1941 година во Скопје се формирал клон на „Отец Паисиј“,за претседател бил избран архимандритот Стефан, протосингел на Скопско-велешката епархија, а за потпретседател Никола Kоларов, директор на Дирекцијата за национална пропаганда и Георги Kиселинов, директор на Женската гимназија во Скопје. Во 1942 година клон на „Отец Паисиј“ бил формиран и во Струмица. По извесно време архимандритот Стефан бил избран за претседател на Бугарскиот сеопшт сојуз на „Отец Паисиј“ за цела Македонија, настојувајќи со сите сили да докаже дека Македонија е бугарска земја. Во таа насока ги посетувал дури и процесите на кои им се судело на приврзаниците на народноослободителното движење и јавно барал смртна казна. Во меѓувреме, за да ја засили пропагандата и асимилацијата во Македонија, бугарската власт ги инсталира и таканаречените „ратници“ за напредок на бугараштината, а на чело на оваа организација во Македонија го поставуваат д-р Никола Андонов. Сепак најголем придонес за развојот на „ратниците“ во Скопје дал Страхил Георгиев-Цеце, шеф на електрика во Скопската општина. Штабните состаноци ги водел лично д-р Андонов, а акциите во Скопје главно биле испишување на „ратничкиот“ знак и разни пароли, како и растурање пропаганден материјал. Во Велес организацијата работеле под раководство на Панче Делев, а во работата му помагале Лазар Даев и Димитар Војницалиев.

Извор: Дневник

No comments: