May 21, 2015

Македонските епископи биле на првиот собор во Никеја и на осветувањето на црквата во Ерусалим!

Блаже Миневски

Во мај се навршуваат 1690 години од Првиот вселенски собор во Никеја, а Македонската православна црква, иако била присутна со тројца архијереи на овој историски чин, очигледно с` уште не е на списокот цркви што ќе го слават овој значаен настан од црковната историја на христијанството. Првата европска земја која ја посетил апостол Павле и првата европска земја каде што се проширило Христовото учење формално с` уште не е дел од христијанска Европа, а парадоксот да биде уште поголем с` уште нема ни своја призната црква, иако е прва европска земја во која се проширило христијанството! Станува збор за истата оваа Македонија, односно истата оваа Европа, која не само што не ги почитува двата основни факти на својата христијанизација туку бара земјата од која го примила христијанството да се прекрсти, всушност самата да изврши распнување на крстот што доброволно ќе си го однесе на својата Голгота. Врз основа на расположливите изворни податоци, а тука пред се влегуваат текстовите од Новиот завет, житијата на христијанските маченици во и од Македонија, како и црковните документи од IV - VII век, но и оние кои се датирани подоцна, може да се заклучи дека ширењето на христијанството на територијата на Македонија почнало многу рано, уште во средината на I век и истото е тесно поврзано со мисионерската дејност на апостолот Павле. Според д-р Драган Зајкоски од Институтот за национална историја во Скопје, новозаветните библиски текстови соопштуваат дека апостолот Павле бил првиот христијански мисионер што ја посетил Македонија проповедајќи го Христовото учење. Со цел да го проповеда и шири христијанството, не само меѓу Хебреите туку и меѓу паганите, апостол Павле презел три мисионерски патувања, посетувајќи повеќе градови во денешна Мала Азија, Македонија и Хелада.

Првата посета на апостолот Павле

Својата прва посета на Македонија апостол Павле ја остварил за време на неговото второ мисионерско патување. Упатувајќи се во внатрешноста на Мала Азија, по патот посетувајќи ги христијанските општини основани за време на неговото прво патување, апостолот пристигнал во градот Александрија во Троада, дваесетина километри јужно од Троја, каде што се запознал со идниот евангелист Лука. Според новозаветниот текст под наслов ,,Делата на светите апостоли“, а чиј автор е токму Лука, токму овде, во Александрија, Павле добил откровение дека треба да оди и да проповеда во Македонија. Ако ги изземеме митските елементи карактеристични за библиските текстови, оваа епизода упатува на претпоставката дека апостолот Павле имал можност поконкретно да се запознае со податокот дека во неколку македонски града има поголеми хебрејски заедници, финансиски моќни и политички влијателни, меѓу кои можеби има и извесен број христијани конвертити. Токму затоа решил од Мала Азија да се упати на европска почва, во Македонија, претпоставувајќи дека ќе има успех во проповедањето на Христовото учење среде хебрејските заедници во македонските градови. Веднаш по наведеното провидение, апостолот Павле со своите соработници Сила, Тимотеј и Лука, се упатил во Македонија, пристигнувајќи најпрво во Kавала а потоа заминувајќи во македонскиот град Филипи. Според д-р Зајкоски, поаѓајќи од овој податок, со полно право се смета дека Македонија е првата европска земја што ја посетил апостол Павле и воедно првата европска земја во која се проширило Христовото учење. Притоа, првиот посериозен успех во проповедањето на христијанството на македонска почва, апостолот Павле го имал токму во Филипи. Во првите денови од неговото доаѓање во градот со своите проповеди успеал да преобрати во Христовата вера повеќе жители на Филипи. Библиската традиција вели дека прва која го прифатила христијанството била Лидија, продавачка на црвени ткаенини, која, заедно со целото свое семејство, ја прифатила христијанската вера, но им понудила и сместување на апостолот и неговите придружници. Новозаветните текстови соопштуваат дека христијанската вера за релативно кус период била прифатена од значителен број Македонци, граѓани на Филипи. На тој начин, во македонскиот град Филипи била формирана првата христијанска општина во Европа основана лично од апостолот Павле. Веднаш потоа, по престојот и проповедањето во Филипи, апостолот Павле, заедно со Сила и Тимотеј заминуваат за Солун каде што имало голема хебрејска заедница, и каде повторно со успех го проповедаат христијанското учење. На патот за Солун ги посетиле градовите Амфипол и Аполонија. Иако нема изворни податоци сепак може да се претпостави дека Павле и во овие градови одржал проповеди, покрстувајќи засега непознат број верници.

По пристигнувањето во Солун, Павле најпрво ги почнал своите проповеди меѓу локалните Хебреи, силна заедница во градот. Тој во прво време проповедите ги држел во хебрејската синагога ширејќи го Христовото учење. Меѓутоа, не се ограничил само на проповед во локалната хебрејска заедница туку, напротив, според својата добро востановена практика, тој во христијанството преобратил и голем број друго нехебрејско македонско население, жители на Солун и околината. Според д-р Зајкоски, апостол Павле, запознавајќи се со состојбите во хебрејската заедница во Солун, сфатил дека Хебреите нема лесно да го прифатат христијанското учење па затоа својата мисионерска дејност ја насочил кон автохтоното македонско население, придобивајќи за кратко време во христијанските редови многубројни солунски Македонци, поставувајќи ги на тој начин основите на солунската христијанска општина. За македонскиот карактер на христијанската општина во Солун говори и фактот што за еден од првите нејзини епископи бил избран Аристарх, кој, според етничкото потекло, бил Македонец.

Маченичката смрт на трите солунски сестри Агапија, Хионија и Ирена

Само неколку години подоцна, или поточно во периодот од 56 - 58 година, апостол Павле повторно двапати ќе ја посети Македонија. Мотивот за неговиот втор престој во Македонија треба да се бара во неговата желба да ги посети од порано формираните христијански општини во Македонија за лично да се увери како функционираат но да им даде и упатства и совет на тамошните христијански верници како да продолжат понатаму да се справуваат со секојдневните проблеми. Во таа насока треба да се разберат и неговите две посланија упатени до христијанската општина во Солун и посланието упатено до христијаните во Филипи.

- Со самото тоа што апостолот Павле почувствувал потреба да им напише писма на христијаните во Солун и Филипи со голема веројатност може да се претпостави дека христијанските општини во овие македонски градови за релативно кратко време прераснале во големи и моќни христијански заедници, со углед надалеку познат не само во Македонија туку и пошироко. А постоењето на силни христијански црковни општини во Солун, Филипи и Бер претставувало основа за брзо ширење на христијанството и во другите делови на Македонија, смета д-р Зајкоски,

Според историски извори, но и библиски извори, со голема сигурност може да се претпостави дека христијанството продолжило да егзистира во македонските градови и за време на големите прогони против христијанската црква. Тоа е период кога христијанската црква се нашла пред можеби еден од своите најголеми предизвици. Имено, почнувајќи од времето на императорот Нерон, кој владее од 54 до 68 година по Христа, римската власт започнала со масовниот прогон против христијаните и христијанската црква, а со единствена цел да го искорени христијанството како религија. Прогоните против црквата, повеќе или помалку, ги засегнале христијанските црковни општини на целата територија на Империјата. Се разбира дека не била исклучок ниту Македонија, каде уште од првиот век почнало да се шири христијанството и да се формираат силни црковни општини. Па оттука, разбирливо е што римската власт во Македонија започнала со жесток и континуиран прогон против членовите на христијанските заедници кои егзистирале во македонските градови. Kако резултат на овие прогони животот го загубиле голем број христијански верници чиишто имиња во најголем дел се уште остануваат непознати. Сепак, д-р Зајкоски наведува дека во науката постојат конкретни податоци за извесен број христијански маченици во Македонија, чии имиња и биографии останале посведочени благодарение на нивните сочувани житија, како и на сочуваните судски записници.

Врз основа на досегашните изворни податоци за прв христијански маченик од Македонија се смета великомаченичката Ирена, која живеела кон крајот на I век. Kако што соопштува анонимниот автор на нејзиното житие, Ирена се родила и до примањето на христијанството живеела во градот Мигдонија во Македонија, кој за жал с` уште не е лоциран на теренот. Според црковната традиција, Ирена се упокоила во градот Ефес, кон крајот на првиот или можеби почетокот на вториот век. Великомаченичката Ирена од градот Мигдонија била првиот христијански маченик кој потекнувал од Македонија, но за прв маченик кој пострадал во Македонија се смета Матрона Солунска. За нејзиниот живот, дело и маченичка смрт има многу оскудни податоци. Единствено што се знае е дека таа живеела во Солун, работела како робинка во куќата на солунскиот управник и била слугинка на неговата жена, хебрејката Павтила. Матрона Солунска се смета за прв посведочен во изворите христијански маченик пострадан на територијата на Македонија во вториот век. Жестоките прогони против христијаните продолжуваат и во следниот век. Во овој период посведочени се имињата на неколку маченици, кои, или потекнувале, или пострадале во Македонија. Меѓу нив е и името на Еликонида која била родена во Солун, но пострадала во Kоринт, како и маченичката смрт на една поголема група христијани кои пострадале во градот Аполонија во Македонија. Последниот голем прогон против христијаните датира во времето на Диоклецијан од крајот на третиот век, и неговиот совладетел и подоцна император Галериј од почетокот на четвртиот век. Масовните прогони против христијанската црква од овој период, со сета своја суровост, се почувствувале и во Македонија – центар на христијанството на Балканот уште од првиот век. Од овој период на прогонот против Црквата постојат изворни податоци за повеќе христијански маченици кои живееле и пострадале во Македонија, како, на пример, Домнин Солунски и свештеномаченикот Мокиј, потоа Таврион, Авкт и Тесалоникија од Амфипол, како и Александар, Анисија, Агатопод, Теодул и Теодосија од Солун. Во овој период е и маченичката смрт на трите солунски сестри Агапија, Хионија и Ирена. За нив постои нешто поопширна литература иако некои епизоди од нивниот живот се уште се контрадикторни и предизвикуваат различни мислења и толкувања во науката. Едно од прашањата за кое во науката с` уште се води полемика е поврзано со нивното место на раѓање. Според едни автори сестрите биле родени во Италија во регионот на градот Аквилеја, а според други тие биле родум од Солун. Меѓу најпознатите христијански маченици кои потекнувале или пострадале на територијата на Македонија се вбројуваат и епископот од Антиохија – Еразмо, но и солунскиот великомаченик – Димитриј. Kултовите на овие двајца маченици ги поминале локалните граници на Македонија и се прошириле не само во другите места на Балканот, туку и пошироко, во Европа. Затоа, со право се сметаат меѓу најпочитуваните христијански маченици во историјата на христијанската црква.

Црковна мрежа на целата македонска територија

По признавањето на христијанството за рамноправна религија со Миланскиот едикт од 313 година биле отстранети сите правни пречки за нејзино слободно исповедање, а со тоа биле создадени сите неопходни услови за брз развој на црквата. Во новите услови за мошне кусо време дошло до консолидирање на постојните христијански општини во македонските градови и создавање цврста и добро организирана црковна мрежа на епископии на целата територија на Македонија. Притоа христијанската општина во Солун послужила како центар за организирање на Македонија како посебна црковна област. Освен солунската, на територијата на Македонија во четвртиот век посведочени епископии имало и во Бер, Дион, Аполонија, Партикопол, Амфипол, Kасандреја, Сер, Аргос, Хераклеја Линкестис, Стоби, Баргала, Запара, Добер, Лихнидос, Скупи и други поголеми македонски градови. Притоа, еден од најважните настани, по признавањето на христијанството за рамноправна религија во Римската Империја, било одржувањето на Првиот вселенски собор, кој почнал со работа на 20 мај 325 година во свечената сала во царскиот двор во Никеја, а во присуство лично на императорот Kонстантин Велики.

Меѓу учесниците на овој собор најмалку тројца епископи биле од Македонија: Александар од Солун, Будиос од Стоби и Дакус од Скупи. Нивните имиња се наоѓаат меѓу потписниците на актите кои биле донесени на Соборот. Учеството на македонски епископи на Првиот вселенски собор е факт кој сам по себе укажува на значителниот степен на развој на црковната организација во Македонија. Епископи од Македонија присуствувале на сите поважни црковни настани организирани во наредниот период, а предводени од Александар, епископот од Солун, учествувале и во осветувањето на црквата во Ерусалим во 335 година. Само осум години подоцна, на Соборот во Сердика, присуствувале деветмина македонски епископи: Евгариј од Хераклеја Линкестис, Зосим од Лихнидос, Аециј од Солун, Басус од Диоклетијанопол, Порфириј од Филипи, Јонас од Партикопол, Паладиј од Дион, Геронциј од Бероја, како и Парегориј од Скупи.

На Вториот Вселенски Собор во Kонстантинопол во 381 година со сигурност е посведочено присуството на епископот Ахолиј од Солун. Тој уште се спомнува како примател на две писма од римскиот папа Дамас I датирани во 381 година, а учествувал и на Синодот во Рим во 382 година. Солунскиот епископ Ахолиј уживал полн углед пред императорот и сред останатиот христијански свет ширум Империјата. Во времето на овој епископ, Солун, и понатаму, продолжил да претставува едно од најугледните епископски седишта во христијанскиот свет. И сега, овде, се поставува прашањето – каква христијанска Европа е оваа Европа која не ја признава државата, народот и црквата на првата европска земја каде што се проширило Христовото учење? Следниот месец се навршуваат 1690 години од Првиот вселенски свет собор одржан во Никеја Витиниска, собир на 318 божествени архиереи одржан од 20 мај до 30 јуни 325 година во присуство на императорот Kонстантин Велики, а на кој учествувале и тројца македонски епископи Александар од Солун, Будиос од Стоби и Дакус од Скупи, а нивните имиња се наоѓаат меѓу потписниците на актите кои биле донесени на Соборот.

Ако аспостол Павле ја посетил Македонија како прва европска земја, ако македонските епископи учествувале во работата на Првиот вселенски собор и осветувањето на црквата во Ерусалим, кој е сега тој „вселенски силеџија“ што не дозволува еден народ да се нарекува така како што се нарекувал со милениуми, а неговата црква, што е во темелот на христијанската историја, неправедно да биде тргната настрана само затоа што така мислат некои извесни персони, па дури и педофили скриени зад своите демонски мантии и таканаречени канони?

Извор: Дневник

No comments: