Словените на Балканот

Словените на Балканот навлегувале масовно и долготрајно.

Првите податоци за нив, под името Венети (или Венеди) се среќаваат кај римските историчари Гај Плиниј Постариот и Тацит. Како Склавини прв ги споменува во петиот век од н.е. Псевдо - Цезариј. Тој вели дека тие живеат во "близината на Дунав" и додава: "Тие се диви, слободни и без поглавари, бидејќи своите водачи и старешини постојано ги убиваат било на гозба, било на пат, и се хранат со лисици, дивичи мачки и меѓусебно се довикуваат како волци кога завиваат". Ни Прокопиј Кесариски нема високо мислење за протагонистите на новата северна опасност за Византија: "Живеат во бедни колиби, надалеку распрснати едни од други, сите пооделно менувајќи го живеалиштето. Кога влегуват во борба, повеќето како пешадија, напаѓаат на непријателот носејќи во рацете мали штитови и копја. Некои немаат ни кошула, ни наметка, ами, откако ги опашуваат бечвите до препоните, така влегуваат во борба. И едните и другите (станува збор за Словените и Антите - з.н.) имаат ист јазик целосно варварски... сите се високи и телесно јаки. Живеат сурово и во крајна запуштеност, како Хуните, и секогаш како нив се полни со нечистотија, а воопшто не се нечесни или злосторници..." .

Според Прокопиј, Словените поради својата физичка конституција лесно ја поднесувале секоја временска ситуација. Се хранеле со полски плодови, со риба, со дивеч, со месо, со овошје, а пиеле млеко, медовина и варено пиво од јачмен. Правеле и сирење. Овој историчар ја фали нивната нарав и простосрдечност, како и нивната претерана гостољубивост. Словените ја сакале и музиката, ја познавале тамбурата, а нивните жени биле познати по својата верност на мажите. Наспроти овие убави особини, тие не стоеле на зборот, не биле сложни меѓусебе, живееле во караница и нетрпеливост.

Псевдо - Маврикиј вели дека Словените не се разликувале по начинот на живеење и по обичаите.

Словените и Антите го почитувале култот на мртвите. Нив тие ги гореле. И Антите и Словените имале заеднички бог, чие име не е познато. Тој бил единствениот господар на светот и господар на молњата. Кај Јужните Словени овој бог се викал Перун. Како врховно божество нему Јужните Словени му принесувале жртви - животни. Словените имале и други помалку важни или повеќе важни божества, на кои им принесувале жртви, а потоа, врз основа на нивните делови или остатоци, на нив гатале. Словените, ќе забележи проф. С. Антолјак, воопшто не верувале во судбината како старите Грци . Кај нив постоело еден вид политеистичко боготворение на природните сили на чело со богот на громот. Пантеонот на природните сили и појави во кои верувале бил разновиден и богат: верувале во самовили, во реки, во езера, во пештери, во земјотреси, во планини, во сонце, во месечина, во ѕвезди, во огнот и т.н.

Преттатковината на оваа голема индоевропска група народи, сродни по јазик, се претпоставува дека била меѓу реките Висла, Дњепар, Десна, Западна Дрина и Карпатите. Најновите проучувања говорат дека тие како народност се формирале зад Карпатите од каде што почнале да се движат на север, исток и југ, формирајќи на тој начин три големи етнички групи: Источни Словени (Руси, Белоруси и Украинци), Западни Словени (Чеси, Словаци, Полјаци, Полапски Словени, Канантански Словени, Градишчански Хрвати, Прибалтички Словени и Лужички Срби) и Јужни Словени (Срби, Хрвати, Словенци, Македонци, Црногорци и Бугари).

Мошне брзо, за околу четириесетина години, најјужно, по текот на Бистрица, западно од Солун, се населиле Драговитите. Нивни соседи станале Велегезите, северно од нив, меѓу Охрид, Битола и Велес, се населиле Берзитите (Брсјаците). Блиску до Солун, своја нова татковина нашле Сагудатите, а на Исток од Солун кон реката Струма и кон Халкидик - Ринхините. По долините на реките Струма и Струмешница се населило племето што го добило името Струмјани, а источно од Места својата нова татковина ја нашле Смолјаните. Еден дел од Драговитите се населил во Полог.

Населувањето на Словените на Балканскиот Полуостров, и се разбира, во Македонија, го подвлекува Јован Ефески, летописецот од Сирија: "Во третата година по смртта на императорот Јустин (527 година - з.н.)...изврши напад проклетиот народ на Словените. Тие секавично ја поминаа цела Елада, областа на Тесалоники и цела Тракија и потчинија многу градови и тврдини. Тие ги опустошија и изгореа, зедоа заробеници и станаа господари на земјата. Тие заседнаа на неа како на своја, без страв. И, ете, во тек на четири години се раширија на неа сега. Тие вршат пустошења и пожари и земаат заробеници, така што...ги фатија сите императорски стада, многу илјади глави и друг разен добиток....Се збогатија - имаат злато и сребро, стада од коњи и многу оружје и се научија да војуваат подобро и од Ромеите . Тие груби луѓе што не смееја да се појават надвор од густите шуми и не знаеја за оружјето, освен за кусите копја за фрлање".

Во 636 година Исидор пишува дека Словените за времето на царот Ираклиј ја завојувале "цела Грција", која, како што пишува тој, ја сочинувале Далмација, Епир, Елада, Тракија, Македонија, Ахаја, Крит и Кикладските Острови.

Во втората половина на VII век (поточно: во 675 година), формирајќи го Вториот голем племенски сојуз на чело со ринхинскиот кнез Пребонд, Македонските Словени биле на најдобар пат да формираат своја држава. Ова е време кога тие исцело ја пословенизирале Македонија. Ова е време кога на територијата на Македонија се појавуваат повеќе склавинии, организирани родовско - племенски единици. Тие биле седиште на македонските словенски племиња. Ѓорѓи Острогорски тврди дека во нив Византија "немала никаква власт". Со склавиниите, сосема независно, управувале македонски словенски кнезови. Еден од нив бил кнезот Пребонд. По формирањето на племенскиот сојуз на чие чело стоел тој, исплашена, Византија интервенирала брзо. Сојузот бил разбиен. Во "Чудата на Св. Димитрија Солунски", втора книга, опширно е опишан обидот на Византија да го фати и ликвидира кнезот Пребонд. А кога бил фатен: "...тој изјави дека ако би се вратил на своето место, не би водел повеќе сметка за мирот. Напротив, би ги собрал сите нему околни племиња и не би оставил незасегнато место од војна, ниту по копно, ниту по море, туку непрекинато ќе војува и не ќе го остави жив кој и да било христијанин (читај: Византиец - з.н.). И така со божја помош беше разоткриена неговата намера и, како што е речено, самиот си ја навлече смртта". Тој ја доживеал судбината на својот претходник, кнезот Хацон, кој во 616 година, исто така, ги обединил во прв голем сојуз Драговитите, Сагудатите, Велигизите, Берзитите и уште некои.

Анастасиј Библиотекар, во своето дело "Хронологија трипартита", како впрочем, и другите негови современици, областа населена со Словени ја наречува Склавинија. Тој соопштува дека во годината 658 година, императорот Констанс Втори "ја кренал војската против Склавинија, одвлекол многу заробеници и ја покорил". За годините 688-689 известува дека царот Јустинијан Втори, откако го нарушил мирот со Бугарите, "заповедал коњицата да премине во Тракија, зашто сакал да ги ограбува како Бугарите, така и Склавините". И уште: "Јустијан Втори кренал со војска против Склавинија и Бугарија. Тој ги потиснал Бугарите, кои во моментот му се спротивставувале, а многубројните Словени, потиснувајќи ги дури до Солун, дел ги добил преку војна, а дел, бидејќи му се приклучиле, ги населил во македонските области".

Бибилиотекарот, кој живееше во 9. век, навраќајќи се во својата хронологија на минатото, за првпат ќе го спомне името Македонија поврзано со Македонските Словени, при што ќе го запази неговото географско-историско значење. Притоа, тој јасно ќе ги разликува Словените од Бугарите, како и византиската административна единица, темата Македонија, од класичниот поим на Македонија. Тој ќе запише: "...Во осумнаесеттата година од своето владеење, Константин Петти (741-775), ги заробил Склавините во Македонија, а останатите ги покорил".

Околу употреба на поимот Македонија во почетокот на 9. век, интересно е писмото што византискиот император Михаил Втори (820-829) го упатил до Лудовик Благочестив (10 април 824 година), во кое зборува за востанието на Тома Словенот (821-824): "Тома, со тоа што ги собра нашите кораби и драмони, имаше можност да дојде во (некои) делови на Тракија и Македонија. Доаѓајќи така бргу тој го опседна нашиот град (Цариград - з.н.) и го опколи со флотата во месец декември 15 индикт (декември 821 - з.н.)". Понатаму, во писмото византискиот император му пишува на императорот на Светата Римска Империја дека Тома во редовите на побунетите има луѓе од "краиштата на Азија, Европа, Тракија, Македонија, Тесалија и од склавиниите што беа наоколу". Очигледно, Михаил Втори кога прв пат овде ја споменува Македонија мисли на темата Македонија, а кога тоа го право по втор пат, тогаш мисли на Македонија како географско-историска целост. А под она "склавините што беа наоколу", мисли на Словените, пред сe на македонските Словени.

Авторот на делото "За преземањето на градот Солун" (од Арабите 904 година - з.н.), Коменијат, дава голем број податоци за Македонските Словени, споменувајќи ги Драговитите, Сагудатите, Струмјаните и други, кои, како компактно словенско население, живееле околу Солун. Коменијат пишува: "Нам, пријателе, татковина ни е Солун и јас прво ќе те запознам со тој град со големиот и прв град на Македонците..."

Се чини главна цел на продорот на словенските племиња на југ бил Солун. Долготрајни биле борбите за овој стратешки и богат град. Првиот забележан напад, според летописите, се одиграл на 26 октомври 584 година, додека Солун го празнувал својот празник Митровден. На 25 јули 877 година напаѓачите го извршиле решавачкиот јуриш: три дена јуришале на градските ѕидини, меѓутоа, не успеале да ги освојат. Словенскиот народ бил тој што живеел во близината на Солун, како што велат византиските извори. Во средината на 9. век веќе "сите солунчани говореле чисто словенски", пак да ги цитираме истите извори.

Македонските Словени во борбата со непријателот се истакнувале со смелост и бестрашност, особено кога ја бранеле својата племенска независност и слобода.

Населувајќи ја Македонија Словените извршиле длабока промена во општествено-економските односи и во самиот живот на Византија. Урнувајќи ги градовите, укинувајќи ги парите како платежно средство, вршејќи корени измени во аграрот, формирајќи независни племенски единици, тие, фактички, ги уништувале последните остатоци на робовладетелството, создавајќи услови за инаугурирање на сосема нови општествени односи, феудални. Новите доселеници, покрај другото, од кореното население го наследиле христијанството, кое во Македонија длабоко се вгнездило уште во 4. век. Христијанството го разурна и забрза и распаѓањето на родовско - општествениот поредок, кнезовите сè повеќе во свои раце преземале елементи на државната власт, сè повеќе се зголемувал бројот на вооружените луѓе во нивните склавинии, под нивно управување, се разбира. Осмиот век во Македонија е век кога се забрзал процесот на формирање на македонскиот народ, а името на Македонија и Македонците станувало сè подоминантно и сè поприсутно, кога станувало збор за прецизно одредена територија и за посебен народ.

Бранко Панов ќе констатира дека од 6. до 11. век македонските склавинии ќе останат надвор од Византиската империја и повеќето од нив ќе бидат независни кнежевства со свои кнезови, кои самостојно управувале со нив. Од 8. век македонските склавинии, како што потврдуваат повеќе извори, веќе се, всушност, полудржавни формации, кои имале добро обучена и за тоа време добро вооружена војска, особено тешко вооружена пешадија. Склавиниите можеле успешно да се спротивстават на византиските напади, а нивните управители со војската да ги држат во потчинетост луѓето што ги населувале овие родовско-племенски заедници. Сите овие склавинии сочинувале една општа етничка територија, во која словенскиот јазик бил заеднички, што јасно говори дека на територијата на некогашната древна македонска држава постоеле сите елемен-ти потребни Македонските Словени да се конституираат во народ. Свеста за етничка и државна посебност била толку силна што и по паѓањето на Македонија под бугарска и византиска власт, таа, свеста, живеела кај Македонците и се манифестирала низ повеќе форми: тие не дозволиле да се ликвидира нивната самоуправа, продолжиле и понатаму да избираат свои кнезови, да го употребуваат својот словенски јазик, да ги применуваат своите обичаи.

Извор: Македонско братство

No comments: