Македонската преродба

Во "Утринската песна на македонската преродба", Гане Тодоровски, зборувајќи за "случајот" на Димитрија Миладинов, ќе запише: "Можеби треба во случајот да се употреби изразот: разбуден и жив интерес кон народното, словенското, своето! Зашто будењето на Македонски Словен кај Димитар Миладинов е посложен процес. Тоа е комплекс од повеќе фактори... Тоа е првата половина на Македонија во 19 век, години на нејзини најнејасни децении, години на најмрачна безнадежност и најцрн мрак на непросветеност, кога ќе почнат првите заискрувања на разни автодидакти и полуписмени кирилпејчиновци јоакимкрчовци, даскалкамчевци и други. Знаени или незнаени жеднувачи за голтка светлина. Ќе почнат да доаѓаат веќе во оваа тера инкогнита учени луѓе од Русија, од Србија, од Германија, ќе почнат контакти, откривања на писмени паметници од средните векови, ќе почнат пропаганди, врски, ќе почне процесот на едно колективно присеќавање на подзаборавеното минато. Ќе се родат и конкретни акции, смислени и систематски. Преродба!". Почетокот на 19 век го карактеризира формирањето на покомпактна македонска граѓанска средина, која стекна извесна економска моќ и чие присуство во животот на чаршијата беше се повидно. Освен на економски план, нејзиното интересирање се прошири и во областа на црквата, просветата и културата. На нејзина иницијатива почнаа да се обновуваат цркви и манастири, да се градат нови, да се отвораат училишта, како и да се помагаат првите, на народен јазик, литературни обиди.

Македонската преродба не е конечно дефинирана, не е извршена нејзината периодизација , па, сепак, таа започна со црковно-народносниот судир со грчката Цариградска патријаршија, и со стремежот да се создаде самостојна црква, преку обновувањето на Охридската архиепископија. Ако се знае дека во 1806 и во 1819 година грчките митрополити во Македонија добиле директива од цариградскиот патријарх Григориј V засилено да го шират грчкиот јазик во училиштата, тогаш разбирливо е настојувањето на населението, и на македонското и на бугарското, многу често заедно, да се организираат против таквиот начин на погрчување. Од тоа настојување, од таа борба на еснафите, произлегоа црковно-просветните општини или настојателства, органи што ја зедоа врз себе грижата за црквите и училштата. Меѓу првите училишта во Македонија се оние во Скопје (1835), во Велес (1837), во Банско (1838), во Штип и Неврокоп (1840), во Прилеп (1843), во Куманово и Тетово (по 1852 година) и други. Во првите училишта учениците не се подготвувале само за свештеници, туку, пред се, за просветени граѓани што ќе знаат да го применат наученото во трговијата и занаетчиството. Првите учебници во овие училишта биле часословот, псалтирот и октоихот. Некои книги печатени во печатницата на Теодосиј Синаитски во Солун, како "Начелно учение", "Книга за научение трих јазиков", "Таблица перваја" на Џинот, секако дека наоѓале место во првите училишта, како и книгите печатени на словенски јазик во Цариград и Белград. Првата библиотека се споменува во Велес во 1832 година.

Македонските свештеници и калуѓери низ целиот турски период биле единствени чувари и заштитници на славјанската писменост од Турците, и, особено од грчките напади . За разлика од високото свештенство, кое било од грчко потекло, свештениците и калуѓерите произлегувале од народот, биле крвно врзани со него, и често за неговите потреби преведувале од грчки јазик поучни слова на црковно-словенски јазик, во кого внесувале и силни знаци на народниот говор.

Јоаким Крчовски во 1814 година ја отпечатил во Будим својата прва книга "Повест ради...", а две години по него Кирил Пејчиновиќ , исто така во Будим, ја напечати книгата "Огледало". "Несомнено од далеку поголемо значење, отколку она што може како некаква вредност да се издели во тековите на првите македонски писатели, се јавува самиот факт дека тие пишувале на јазик во основата народен. Учеството на црковно-словенскиот елемент во тие текстови е уште силно. Професорот Конески ќе нагласи дека "се работи, всушност, за своевиден контакт на црквено-словенскиот јазик, како јазик на повисока култура, со народниот македонскиот јазик што допрва се оспособува за литературна употреба". Таквиот контакт претставува неопходен и многу значаен фактор во формирањето на еден нов литературен јазик.

Крчовски и Пејчиновиќ се современици на Димитар Миладинов. Меѓутоа, разликата во однос на нивните гледања на нациоалното будење, на пример, е огромна, чиниш, ги разделуваат векови. Во периодот меѓу 1836 и 1856 година, немаме многу податоци за Миладинов. А тоа е токму оној период кога тој од грчки ученик и воспитаник созрева во Македонски Словен.

Од 1856 до 1862 година, Димитар Миладинов изодува шест големи години на "најверен син на напатената татковина", ќе потцрта Гане Тодоровски. Фанариотите, на кои Миладинов се заколнал, за време на своето службување како писар на фанариотскиот владика во Мостар, дека нема за каков и да е надомест да им служи повеќе, во 1862 година, со фалсификувани документи, го обвиниле кај турските власти дека е руски шпион, и на тој начин се ослободиле од - најопасниот! Зашто, како што вели Жинзифов: "Миладинов смета за неопходно да се воведат словенските наречја и во грчките училишта, а наместо црковено-словенскиот јазик да се воведе живиот народен јазик и српскиот". Тој тоа и го работи во Прилеп, каде што по 1856 година учителствувал заедно со Жинзифов, кој му бил помошник, и каде што во грчкото училиште го вовеле македонскиот збор. Истото тоа ќе го направи и во Кукуш, идната година, каде што станал учител. Пред да дојде во Кукуш, од Струга, каде што бил на краток одмор, Димитар Миладинов им напишал на кукушани: "Криво погледнуваат на вас Грците. Имате гради, и гради словенски покажувајте! Го укоруваат нашиот словено-пелазгиски јазик, еден од најстарите и најбогати јазици и го наречуваат варварски... Грците ќе не погрчат?! Тоа е стара песна, тие веќе не можат да апат... Во темницата пробија сончеви лачи!...".

Не помалку значајна за националното осознавање на Димитар Миладинов е неговата средба со рускиот учен Виктор И. Григорович меѓу 8 и 5 мај 1845 година во Охрид, каде што во тоа време најстариот син на струшкиот грнчар, Ристе Миладин, и на неговата сопруга, Султана, учителствуваше. В. И. Григорович кај браќата Димитрија и Константин Миладинови, го всадил интересирањето за македонската народна песна и историското минато, како и љубовта кон народниот јазик. Притоа, гостинот од Казан ќе ги убеди своите домаќини дека не се Грци, туку - Бугари, а песните што ги запишал од нивната мајка - бугарски! Оттогаш па натаму и двајцата браќа ќе се свртат кон народното творештво. Жинзифов ќе се потсети, неколку години по смртта на Браќата: "Тој, (Д. Миладинов - з.н.) не оставаше ниту една минута без работа: по уроците одеше при старите баби и при момите да запишува од нив песни, пословици, поговорки. Брзал да најде во гостилниците луѓе што ги знаат месностите и кои со голема мака ги терал да кажуваат по кои патишта поминале, кои села се бугарски, кои турски, по колку куќи има во нив, какви се називите на планините, на реките итн. Сите тие известија тој ги запишувал и така составил верно описание на Македонија, кое го испратил во Москва... за составуење словенски географски атлас...".

Константин Миладинов во културната историја на Македонија влегува како исклучителна поетска натура, како основоположник на новата македонска поезија. Гане Тодоровски ќе рече: "Тој е првата буква на нашиот културен новозбор" , додавајќи притоа: "Константин Миладинов ни завешта мал поетски опус од едвај 15-тина песни... мал опус, но голем и чист формат!". Кочо Рацин, пак, во статијата од 1940 година "Развитокот и значењето на една нова наша книжевност", за браќата Миладиновци, за Пејчиновиќ и Жинзифов, ќе рече дека се народни писатели на овој "храбар и напатен народ". Блаже Конески до името на Константин Миладинов ќе го запише епитетот "прв претходник на создателите на современата наша поезија", бидејќи "тргаше од јазикот на народната поезија" и бидејќи песните ги напиша "на чист народен јазик од струшкиот крај". Поетското творештво на К. Миладинов е дел од процесите во Македонија за "вклучување на народниот јазик во литературата, кои траат од 16. па се до втората половина на 19. век, во кои тој се јавува како кулминативна точка, пред се, со својот поетски опус и, посебно, со издавањето на големиот Зборник на народни песни .

Издавањето на Зборникот, како и неговите подготовки, траеја повеќе години. Димитар Миладинов песните ги собираше низ Македонија и ги испраќаше до помладиот брат во Русија, а овој ги редактираше и ги подготвуваше за печат. На 8 јануари 1859 година Константин му пишуваше на бугарскиот поет и револуционер Раковски: "Ние Македончињата, недавно овде дојдени... неожидано получих Вашето писмо полно со искрена и горешча љубов кун отечеството ми". И додава покрај другото: "И ја имам много македонски песни, кои сакам да ги издадам малко подоцкна, зашчо сега не ми позвољават опстојателствата".

Не гледајќи можност да го издаде Зборникот во Москва, кога за тоа "опстојателствата позволија", К. Миладинов тргна за Виена кај бискупот Јосип Јурај Штросмаер, кој му ветил дека ќе му помогне во издавањето. Беше тоа во 1860 година. Средбата завршила успешно: бискупот се согласил да го финансира печатењето на Зборникот, притоа сугерирајќи му на Константин книгата да биде напечатена на словенска (македонска) кирилица, вклучувајќи ја на тој начин книгата против елинистичкото влијание во Македонија. Патем, Зборникот бил напишан со грчки алфавит. За да ја изврши дефинитивната редакција, К. Миладинов отпатувал во Ѓаково, каде што за три месеци ја свршил сета работа. На 24 јуни 1861 година Зборникот излезе од печат. Наспроти тоа што самиот Константин Миладинов во веќе цитираното писмо до Раковски песните ги нарече "македонски", наспроти тоа што Рајко Жинзивоф, кој, исто така, студираше во Москва заедно со нешто постариот од него Константин, каде што беше уредник на "Братски труд" во кој Константин напечати еден мал избор од Зборникот, во биографијата на Миладиновци има категорично речено:

"Со овој, во многу односи прекрасен Зборник од македонски песни, двајцата Миладиновци си издигнале најубав паметник", наспроти тврдењето на рускиот учен Ал. В. Рачински, на чие имање кај Одеса Константин ја помина првата година од својот престој во Русија, учејќи го рускиот јазик, во својата некролог - биографија за Миладиновци, објавена во весникот "Ден", број 21 од 3 март 1862 година, дека станува збор за "Зборник од македонски песни, навистина одлични", значи, наспроти сето тоа, Зборникот беше озаглавен "Блгарски народни песни", иако од 660-те песни објавени во него само 76 беа бугарски!

Именувањето на песните во Зборникот како "бугарски" е типичен пример на состојбата во која се наоѓаше македонскиот јазик кон средината на минатиот век, низ своето оформување во литературен јазик И основен поттикнувач на националната самосвест кај Македонците.

Како дојде до оваа мистификација, која подоцна ќе биде злоупотребувана еднаш и многупати потоа?

Во Москва Константин песните ги наречуваше македонски. Проф. Харалампие Поленаковиќ, врз основа на децениските истражувања и проучувања на делото на Браќата Миладиновци, дојде до следниот заклучок: во Загреб и во светот, воопшто, под Македонци се подразбирале Македонците на Филип и на Александар Македонски. За да се разграничат овие Македонци од словенските, а тоа беше мошне значајно во времето на илирското движење, кое стоеше зад идејата за обединување на Јужните Словени, се претпоставува дека или од околината на Штросмаер, или можеби и лично од него, било сугерирано песните да бидат наречени "бугарски", уште повеќе што во тоа време во Загреб престојуваше Васил Чолаков, пријател на Браќата и страсен пропагатор на унијатството на Македонија со Бугарија. Од едно писмо на Чолаков до Фрањо Рачки, десната рака на Штросмаер, се гледа како дошло до тоа македонските песни да бидат наречени "бугарски": додека ја вршел последната редакција на Зборникот, Константин Миладинов за време на средбата со Чолаков во Загреб, му побарал "сто песни од источните страни на Бугарија," за да може да ја нарече својата збирка "Бугарски народни песни", при што се договориле Константин да му плати на Чолаков по една форинта за песна.

Што се однесува, пак, до Константин Миладинов и неговата самосвест за сопствената народносна припадност, без каква и да е резерва таа е подвлечена не само во неговите писма, туку и во неговата поезија, особено во чудесната песна "Т'га за југ": Струга, Охрид, Кукуш! И плус Прилеп и Велес - тоа се местата каде што Браќата ги собираа песните, значи онаа "дијалектна зона во Македонија што подоцна ќе ја претпостави книжевната норма кај Македонците", што би рекол Гане Тодоровски.

Со своето богатство и разновидност Зборникот на Браќата Миладиновци ја пробуди гордоста на македонскиот човек и сознанието за поетското богатство што го поседувале македонскиот селанец и граѓанин. Македонскиот гениј почна да се открива пред светот.

Во македонската преродба свој забележителен прилог дадоа и Рајко Жинзифов, Јордан Хаџи Константинов - Џинот, браќата Константин и Андреа Петковиќ, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков. Меѓутоа, прилогот што во оваа борба против туѓите влијанија и за народносно осознавање го дадоа Ѓорѓија Пулевски и Григор Прличев е посебен и недвојбен.

Блаже Конески во "Белешки за Пулевски" ќе нагласи дека "Пулевски обележува една етапа во себесознавањето на Македонците" . Овој галички ѕидар "македонски комита, ревиолуционер, војвода, поет, учебникар, лексикограф, граматичар, фолклорист, историчар и меѓнички идеолог на македонското национално будење" со своите граматики, песнарки, прирачници, речници и слични творби, "ја истакнува македонската самобитност, потребата од создавање на македонски литературен јазик и улогата на Македонија во словенскиот развиток во епохата на Кирил и Методиј"

Откако ја пропатувал Западна Македонија, во едно писмо од 1872 година, додека го подготвувал својот прв речник на пет јазици, Пулевски вели: "Јас, откако ја разгледав состојбата на работите и размислив како тие луге да се свртатс кон својот мајчин јазик, да се запознаат себеси и својата народност, ја напишав оваа книга од повеќе јазици". А две години подоцна, кон крајот на 1874 година, во едно друго писмо ќе извлече заклучок "...дека Бугарите лажат и на тој начин го воведуваат нивниот бугарски говор до каде што можат да стигнат", па затоа тој измислил "начин како може да се предупреди бугарското умилкување... за да не се цепка и побугарчува народот со помош на бугарски владици". Според Пулевски, тоа е печатењето училишни книги на "говор како што се зборува... од овдешна Јагодина, па се до Егејското Море" . Следејќи ја својата размисла како да се спротивстави на туѓите јазични влијанија, тој во 1873 година го печати Речникот на пет јазици (македонско-српско-албанско-турско-грчки), а во 1875 и Тријазичниот речник (словеномакедонско-албанско-турски). Тие месеци тој го предлага за печатење и ракописот на својата македонска граматика и ја почнува работата на "Славјано-македонската општа историја", што ќе ја заврши дури во 1890 година и која ќе има повеќе од 1.800 страници.

Во Речникот од три јазици Ѓ. Пулевски пишува: "Славјано-македонскио јазик има пет разлики... Тије се руски, хрватски, бошњачки, бугарски и македонски ... македонскиот јазик е најсроден со црковно-славјанските книги и тои је старославјански... народ се вељид људи који се од еден род и који зборувајед еднаков збор... Тие људите ји викајед народ, а место во које живувал народ се велид отечество од тои народ. Така и Македонците се народ и местово нивно је Македонија".

Григор Прличев , најталентираниот, најобразованиот и најблескавиот ум меѓу македонските интелектуалци во средината на минатиот век, целиот свој живот го поминал во заблуди: бидејќи, како што вели самиот, тогаш, во неговите младини, "само името на Атина и Јанина звучеше во нас", тој се беше страсно врзал за елинизмот. Дури, во името на "светата земја (Грција - з. н.), што не раѓа плод, зашто е натопена со многу крв и солзи", во весникот "Атина" од 29 ноември 1858 година, преку една стихотворба, ќе го нападне руското "варварство" и руското "фарисејство". Подоцна, кога "првата нужна задача на времето", како што ќе рече Конески, мислејќи притоа на црковната борба во Македонија, изгонувањето на грчките владици од неа, како и извојувањето на своја црковно-просветна управа, ќе се претвори во широко народно движење, Прличев жестоко ќе се вклучи во неа. Овојпат овој исклучителен поет и страстен борец против фанариотството, не можеше да ја избегне мамката на времето и условите во кои се јавија првите јасни знаци на национално будење. Имено, црковната борба во тогашна Турција стана општо движење кај Словените, што значи, кај Бугарите и Македонците, кое "создаде основа и за извесни заемности во нивниот национален развој - што тогаш се изрази во ориентацијата на дел од нашето граѓанство кон бугарштината". Темпераментен и не секогаш во состојба да ги контролира чувствата, Прличев се определи за бугарштината, иако дотогаш ниту беше во Бугарија, ниту пак го знаеше бугарскиот јазик. Тоа катастрофално се одрази на неговиот личен живот, доведувајќи го во состојба сам, со болка и резигнираност, да ја открие оваа заблуда и да заклучи дека е "убит Блгарами". Воопшто, не само Прличев, туку и македонскиот народ "скапо ја плати оваа илузија, на која ќе с подлегнат сите македонски преродбеници". Зашто, "напуштајќи една заблуда, тие лесно ќе станат плен на нова, па, речиси се до крајот на векот, се до појавата на Крсте Мисирков и неговите гледишта за македонското национално прашање, македонските интелектуалци ќе им робуваат на новоприфатените заблуди за сопствената национална припадност", ќе констатира Г. Тодоровски. И ќе додаде дека Прличев "ќе ја прегрне бугарштината како поим на словенската алтернатива во жестокиот елинистичко-словенски ривалитет што се одвива на тлото на Македонија кон средината на 19. век, под знакот на она судбоносно ‘или-или’ (да се биде или да не се биде), при што ниту време, ниту пак простор за тој излез нема, т.е. го нема факторот што треба да го понуди единствениот излез - патот до себеси". Уште во 1861 година Прличев, заедно со Јаким Сапунџиев, во Охрид ќе ја почне борбата против грцизмот. Три години подоцна, охриѓани ќе побараат бугарски владика за пастир на Охридската архиепископија, која требаше да се обнови со помош на Високата порта. Грците ја применија старата тактика, што ги фрли в пранги и браќата Миладиновци, и Цинот, и Мачуковски, и многу други: го обвинија Прличев пред турските власти дека е руски шпион! Во 1868 година тој веќе беше в затвор.

Во меѓувреме, во Охрид, за владика доаѓа Македонецот од Скопска Црна Гора Натанаил, поголем Бугарин од самите Бугари. Кратко траела радоста кај Прличев и охриѓани зашто увиделе: разлика меѓу грчките владици и овој, бугарскиот - немало! Повторно нови борби, нови проповеди, горливи настојувања да се има свое училиште. Натанаил го истерал Григора од неговиот роден град!

По враќањето од Бугарија, каде што престојувал неполни две години, и каде што "родољубците што ме канеа, станаа невидливи", како што ќе рече тој во својата автобиографија, кај Прличев се јавуваат знаци на ослободување од новата заблуда. Тој во Бугарија заминал да го учи бугарскиот јазик, но утврдил дека не може да го "усвои месното наречје", па ќе запише: "Солун е срцето, а ние вените на Македонија!". На групата бугарски професори во Бугарската гимназија во Солун, на прославата на празникот на браќата Кирил и Методиј, тој ќе им се обрати: "Благодарение Вам, мили мои колеги, што оставихте татковината си и дојдохте да послужите на нашата татковина!". Во 1883 година во една проповед ќе извика: "...Учителите ... дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги породила светите Кирил и Методиј. Нели сте уверени, господа, оти нашата Македонија денеска е најдолна од сите земји во светот!?...". И пак ќе се наврати на темата Македонија: "Мајка Македонија многу е ослабната. Откако го породи великого Александра, откако ги породи светите Кирил и Методиј, оттога мајка Македонија лежи на своето легло ужасно изнеможена, совршено примрена... Македонија е плодородна и неисцрпно благочедна. Колку се убави цвеќињата нејзини, колку се убави дрвјата нејзини, толку се убави и чедата нејзини и убави, и пргави, и остроумни!...".

Во последните години од својот живот тој ќе ја одбие поканата на софискиот неделник "Балкан" за соработка. Во тестаменталното писмо до редакцијата на неделникот тој ќе наведе повеќе причини за овој свој чекор, кои ќе го поттикнат Г. Тодоровски да констатира дека Прличевото одбивање да соработува во ова бугарско гласило е дефинитивно решение на поетот да престане со компромисите и самоизмамите. Тој с се враќа на татковината. Поведен од своите последни јавни настапи, пред професорите и учениците во Солунската гимназија, ќе рече: "...Македонија има да произведе ѕвездоподобни младинци. Вие ќе бидете повивачи на младинците на Македонија... за новородените младинци на Македонија вашата радост ќе биде радоста на мајката што ги родила, зашто повивавте, о вие, уважени и свети земјоделци на плодовитата македонска земја!... Солунската бугарска гимназија има да произведе уште многу Кириловци и Методиевци, што ќе бидат столпници на верата и ќе го прославуваат македонското име!".

Прличев го почувствувал доаѓањето на новите генерации, ослободени од историските заблуди, генерациите на "Лозарите", на Петар Поп Арсов, Ѓорче Петров, Крсте Мисирков, Димитрја Чуповски...

Извор: Македонска ризница

No comments: