Народна федеративна партија

По Рилскиот конгрес, се повеќе се продлабочувал јазот меѓу двете групи во ВМОРО - македонската (наречена уште и лево крило, левица) и врховистичката (наречена десно крило или десница). Левото крило на ВМОРО, предводено од Ѓорче Петров, Јане Сандански, Пере Тошев, Петар Поп Арсов и Димо Хаџи Димов, ја застапувало тезата "за постоење одделна македонска народносна единица што се бори за извојување на самостоен државно-правен развиток. Внатрешната македонска револуционерна организација требало да работи како за ослободување така и за национално-политичко будење и афирмација на народните маси." Целта на македонското револуционерно-ослободително движење е извојувањето "државна самостојност на Македонија. Македонија би се оформила како посебна држава, при што се допуштала можноста за нејзино вклучување во евентуалната балканска федерација, но само како нејзин одделен и рамноправен федерален член." Како резултат на ваквите делби, Серската, Солунската и Струмичката организација, се одделиле во Македонско-одринската револуционерна организација, препуштајќи го називот ВМОРО на врховистичкото крило раководено од Христо Матов. Подоцна, ова крило ќе го узурпира светлото име на македонската Организација, преку бугарската ВМРО на Ванчо Михајлов.

Народната федеративна партија, практично, е продолжување на Македонско-одринската револуционерна организација. Во развитокот на Партијата се регистрираат четири периоди. Првиот од нив е "фаза на напори за зајакнување и организационо проширување на МОРО под раководство на Јане Сандански, а за водење на националноослободителните борби во новонастанатите услови (јули - декември 1908 година)". Вториот период е "период на организирани подготовки за создавање НФП, кога таа била партија во проект (јануари - август 1909 година)". Третиот период е времето на "постепено опаѓање на НФП (август 1909 -јануари 1910 година", а последната фаза е "периодот на кризи во редовите на НФП (јануари - јули 1910 година)." Ориентацијата и политичката програма и на МОРО и на НФП се идентични, со единствената забелешка дека Народната федеративна партија "се ориентирала кон исклучива употреба на легални парламентарни методи и средства во политичките борби", за разлика од МОРО која "не ги исклучувала и вооружените акции". Освен тоа, како легален експонент на МОРО, Партијата "претставувала континуирано продолжение на Организацијата од времето на Илинденското востание" Токму затоа, државно-правната концепција на МОРО и НФП, како и идејата за федерализмот на Јане Сандански, се материјал кој треба да се проучува како една целина.

Со Народната федеративна партија е поврзана идејата за создавање на Источна федерација. Оснивачкиот конгрес на НФП "смета дека не може да се постигне остварување на самоопределувањето на македонскиот народ преку создавање на самостојна држава во балканската федерација. Младотурската револуција дава основи да се прошири идејата - од Балканска федерација на Блискоисточна федерација." Ќе се задржиме малку поопстојно на државно-правниот концепт на оваа федерација и на статусот на Македонија во неа, тргнувајќи од документите на МОРО, НФП, како и од гледиштата на Јане Сандански, како еден од творците на оваа програма:

Програмата на МОРО предвидува дека Македонија и Одринско се неразделен дел на Отоманската империја. Корекцијата на ставот за автономна Македонија, како засебна држава, во правец на гледиштето за македонска држава во рамките на Источната федерација, е наметнато од два значајни надворешнополитички услова. Во прв ред, на конституирањето на Македонија како самостојна држава, "му се спротивставиле не само владите на балканските држави кои биле заинтересирани за поделба на Македонија, туку и големите сили кои се противеле на секоја посериозна промена на територијалното статус кво." Освен тоа, "опасноста од поделбата на Македонија се повеќе се покажуваше како реалност, та затоа, само по себе се наметнуваше барањето нови патишта во остварувањето на националната слобода."

Во Програмата од 1908 година МОРО "како први барања на својата активност ги поставува: 1. борбата против секакво политичко ропство и против секаква економска експлоатација 2. стекнување неопходни услови за политички напредок на народот." Натаму, во Програмата, МОРО бара демократизирање на Отоманската империја, како и уништување на остатоците од апсолутизмот, што подразбира "воведување уставен и парламентарен систем, народно претставништво преку едно собрание што ќе има апсолутна власт, министерства што ќе бидат одговорни за своите дела."

Кога станува збор за внатрешните односи во Империјата, Програмата предвидува "автономија на провинциите во однос на Империјата, автономија на окрузите во однос на провинциите и автономија на општините во однос на окрузите во регулирањето на нивните внатрешни прашања и на нивните интереси." Во однос на централизацијата, односно, на децентрализацијата на федерацијата, МОРО смета дека "секоја вештачка централизација што ја парализира иницијативата на народот во областа на неговите месни и обласни интереси, може само да го сопира општиот економски и културен развиток и да биде извор на политичко угнетување. Секоја прекумерна децентрализација, со индивидуализирање и изолирање на одделни области, го остава нивниот развиток на нивните сопствени сили, ги оградува од заемна културна дејност и на тој начин го оневозможува ползувањето на колективните сили на Империјата за побрз и поинтензивен развиток на оние нејзини делови, чии месни сили не се доволни за тоа." Според тоа, Организацијата предлага: "Општите интереси и дела на Империјата, како што се надворешната политика, армијата, финансиите, царините, поштите и телеграфите, железниците, да бидат во рацете на централната власт на Отоманската империја, организирана врз уставна основа. Локалните и провинциските влади ќе се занимаваат со сите други функции на државата". Меѓутоа, секој народ го задржува правото "да се организира слободно и одвоено".

Во однос на граѓанските права, според Програмата, се гарантира "слободата на вероисповедта, зборот, печатот, собирите и здруженијата", како и "неповредливоста на личноста, куќата и кореспонденцијата." Особено битен момент за македонскиот народ е барањето за "укинување на сите национални и класни привилегии и полна еднаквост на сите националности и сите верски групи."

Натаму, во Програмата се бара "воведување на општо, задолжително и бесплатно образование", кое ќе се изведува на мајчин јазик.

МОРО бара војската да биде заменета со народна милиција, оградувајќи се дека "сегашните услови на Империјата не изгледаат, се уште, доволно зрели за ваква организација на вооружените сили. Поради тоа, МОРО е во овој момент за постојана војска, задолжителна воена обврска за сите граѓани, без оглед на националност и религија, за намалување на воената обврска на две години и за територијално служење на војската."

Во Декларацијата на МОРО, објавена заедно со Програмата, се дефинира и изборниот систем. Според Декларацијата, треба да се свика Општ парламент на Империјата, "кој ќе се базира на општото, рамноправно, непосредно и тајно право на глас под овие услови: а) на 50.000 жители, без оглед на пол и возраст, треба да биде избран еден пратеник б) сите оние што наполниле 21 година можат да бидат избрани, без никаков цензус...".

Концептот за Источна федерација, според д-р Александар Христов, содржи неколку битни елементи. Во прв ред, "во концепцијата за федерација се наоѓаат општествено-политички и економски основи за решавање на македонското национално прашање. Во таа смисла, од особено значење се барањата да се создадат низа политички услови заради остварување на принципот на широка децентрализација и самоопределување на македонскиот народ, со право да се конституира во своја федеративна држава." Натаму, се одделува стремежот "да се создаде една реална, рационална и прифатлива заедница, во која ќе можат да егзистираат сите националности, со интеграција на заедничките интереси, но и со полна гаранција за национална независност и развиток на секоја национална индивидуалност." Освен тоа, за македонскиот народ е мошне битно и "остварувањето неутрализација на надворешните влијанија, кои им пречеа на остварувањето на националната слобода на угнетените народи, а особено на остварувањето на националната слобода на македонскиот народ." На крајот, "во формирањето на Источната федерацијја, МОРО го истакнува барањето дека федерацијата може да се формира, зацврстува и развива, спогодбено со организираните револуционерни сили на македонскиот народ и легитимните претставници, избрани од него. Според тоа, федерацијата треба да биде акт на сите народи, донесен од нивните легитимни претставници и со нивна слободна волја".

Идејата за Источна федерација е варијанта во развитокот на македонската државна идеја. Таа се појави во време, чии услови наметнуваа нов пристап кон македонското прашање и кон борбата на македонскиот народ за своја слобода и за своја држава. Според тоа, таа ги има сите белези, поточно, сите слабости и доблести на своето време, но, сепак, останува неодминлив факт во развитокот на македонската државно-правна идеја.

Извор: Македонско братство

No comments: