February 2, 2015

Надворешно политичката активност на ТМОРО за време на Илинденското востание

Надворешнополитичката активност на ТМОРО за време на Востанието претставува битен момент, не само поради пропагандниот ефект и запознавањето на јавноста на Европа со ситуацијата во Македонија, туку и поради тоа што го поставува прашањето за меѓународното признавање на Организацијата и нејзината борба, а преку тоа и за меѓународно-правно субјективизирање на нејзината борба.

Од друга страна, надворешнополитичката комуникација на ТМОРО, пред се, документите што се упатени до големите сили, претставува и негација на "настојувањето на бугарскиот двор да му придаде на ослободителното движење во Македонија пробугарски карактер. Наедно, со овие интервенции, бугарската дипломатија е исклучена од воспоставувањето односи меѓу Македонија и европските држави, т.е. таа се исклучува од тогашните и идните евентуални преговори во врска со промената на статусот на државно-правната положба на Македонија."

Преку активноста на ТМОРО на меѓународен план, се поставува барањето за признавање на статусот на завојувана страна на востаниците. На тој начин, "македонските востаници со ова ја истакнаа наедно и потребата дека само нивните претставници можат непосредно да стапуваат во меѓународни односи по повод и во врска со решавањето на македонското прашање, независно од тоа што во овој период Македонија не е конституирана како посебна држава." Во барањето да им се признае статусот на завојувана страна, востаниците "својот субјективитет го изведуваат врз основа на тоа што тие го отфрлиле суверенитетот на султановата врвна власт во овој дел на Турција, прогласувајќи востаничка држава, односно, формирајќи нова држава." Турција одби да ги признае вооружените востанички формации како завојувана страна, а Организацијата остана и без очекуваната поддршка од големите сили. Тоа повлекува, практично, одврзани раце на Турција своите "внатрешни" проблеми да ги решава на свој начин, што подразбира невидени крвави репресалии и ѕверства.

Извор: Македонско братство

No comments: