Смилевскиот конгрес

Следејќи ги одлуките на Солунскиот конгрес на ТМОРО од јануари 1903 година, за одржување конгреси на револуционерните окрузи на кои би се донела дефинитивната одлука за востание во Македонија, во Смилево, од 2 до 7 мај 1903 година бил одржан Конгресот на Битолскиот револуционерен округ, кој, според одлуките што ги донел, претставува една од значајните етапи во подготовките на Илинденското востание.

Од првиот ден на Конгресот присуствувале Даме Груев, кој бил претставник на Централниот комитет од Солун, Анастас Лозанчев, Георги Поп Христов, Георги Пешков, како претставници на Битолскиот окружен комитет, Ѓорѓи Сугаре, Парашкев Цветков, Никола Петров Русински, како делегати од битолскиот реон, Васил Чакаларов и Пандо Кљашев, како делегати од костурскиот реон, Г. Папанчев, Михаил Чеков, од леринскиот реон, Славејко Арсов , Никола Кокарев, Велјан Илиев, Александар Панајотов, како делегати од ресенскиот реон, како и Борис Сарафов и Димитар Дечев, за кои некои учесници и автори тврдат дека "Борис Сарафов учествувал како ревизор на четите, а Димитар Дечев како делегат по воени работи". Во текот на Конгресот во Смилево пристигале и Тале Христов и Јордан Тренков, Петар Ацев, Никола Карев, Ванчо Мицков, Ордан Пиперката, Димитар Матлиев, Христо Узунов, Тасе Христов, Деан Димитров, Аргир Маринов, Тома Николов, Арсо Мицков, Димитар Спространов и Васил Пацков.

Смилевскиот конгрес, како конгрес на Битолскиот округ, според решенијата донесени во Солун, требало дефинитивно да ја потврди одлуката за кревање востание. Во таа насока се развила остра дискусија, во која се јавила струја која сметала дека условите за сенароден бунт, се уште, не се созреани. Несогласувањата ги прекинал Даме Груев, кој како еден од основачите на ТМОРО и претставник на неговиот Централен комитет, уживал огромен авторитет. Според сеќавањата на Пандо Кљашев, тој рекол: "А бре луѓе, не губете си го времето да го решавате прашањето - ќе, има ли востание или не, зашто тоа е решено - битти даваси! Говорете сега за востание, како да го направиме и кога, но не по ден и по време." Оваа интервенција на Груев ги прекинала споровите.

Во записникот од Смилево стои дека на Првото заседание на Конгресот се разговарало за

1. распределбата на војничките и моралните сили;

2. подготвувањето до и за време на востанието;

3. должностите и правата на началничкиот персонал до и за време на востанието;

4. што да се прави со невооружените и неспособни луѓе - старците, жените и децата за време на востанието;

5. кој е стопан на оружјето;

6. рамномерното распоредување на оружјето;

7. определување на времето за востание."

Највисок носител на востаничката власт во округот бил Главниот штаб, во кој биле избрани Даме Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев. Реонските началства определувале војводи и ги распределувале востаниците. Натаму било решено да се "формираат специјални подготовителни курсеви во неколку пункта, каде што ќе можат за кратко време да се научат на воена вештина идните војводи -учесници во востанието."

Во реоните се предвидувало формирање чети од 30 до 50 души, како и тајно увежбување на востаниците. Што се однесува до обезбедувањето храна, таа требало да се собира "доколку дозволуваат месните услови". Начинот на нејзиното собирање пред почетокот на востанието бил "доброволен, со убедување, а за време на востанието со принуда, со тоа што ќе му се издаде на стопанот за земеното од него расписка, потпечатена со окружниот печат и потпишана најмалку од еден од раководителите началници." Првиот ден било решено "по однос на правата и должностите на началничкиот персонал да се изработи специјален востанички дисциплински устав."

Вториот ден било дискутирано за прашањето околу сопственоста на оружјето, за неговата распределба и набавување. Исто така, бил прифатен и дел од Уставот.

Третиот ден се расправало за составот на реонските раководни тела, како и за "начинот на водењето на востанието и што да се прави со невооружените и неспособни за востание." Што се однесува до раководните тела, тие имале три до пет члена, и биле "конституирани со општа согласност".

Во однос на стратегијата и начинот на водење на Востанието, било решено тоа да биде општо, односно да се кренат сите окрузи, а да се води на партизански начин, "со оглед на тоа дека само еден дел од населението е вооружен". Освен тоа, било решено "на денот на Востанието да се кренат сите вооружени сили по реоните како чети", а четите требале да ги прекинуваат патните, телеграфските и поштенските врски, да го разоружуваат турското население, да ги напаѓаат државните згради, да напаѓаат (според можностите) секоја турска вооружена единица, да ги бранат христијаните, вклучувајќи ги и туѓите поданици од турски напади. Било забрането да се напаѓа мирното население и да се посега по турски жени, деца и старци. Било предвидено четите да дејствуваат поединечно, а во случај на потреба да се здружуваат две до три чети и, по извршената акција, да се растураат. Последниот ден бил прифатен Уставот и било решено Главниот штаб да го определи денот на Востанието.

Покрај тоа, на Конгресот бил критикуван и Анастас Лозанчев, претставник на Битолскиот револуционерен округ на Солунскиот конгрес, "кој самоволно и неосновано го претставувал округот на Конгресот во Солун, земајќи обврски во името на округот без да ги консултира реоните."

Востаничкиот дисциплински устав е еден од оние документи кои се инкорпорирани во континуираниот развиток на идејата за македонска државност. Токму затоа, поопширно ќе се задржиме на него, како документ кој претставува етапа во развојот и структурирањето на македонската државно-правна идеја.

Дисциплинскиот устав го определувал Главниот (Генерален) штаб како врховно раководно тело на Востанието, односно, како врховен заповедник на сите вооружени сили, но и "највисок орган на власта на востаничката територија. Тој е орган што раководи со востанието и сите вооружени единици стојат под негово заповедништво." Меѓународната активност на востаниците, исто така, се одвивала преку Главниот штаб - тој бил единствено овластен да води преговори со надворешни сили, како и со непријателот. Генералниот штаб за својата работа одговарал пред Конгресот, што произлегува од "принципот на одговорност на сите органи на ТМОРО и ја наоѓа својата основа во Уставот на ТМОРО од 1896 година, според кој сите органи подлежат на контрола од страна на највисоките претставнички тела на Организацијата, т. е. од страна на конгресите, кои можат да бидат општи, околиски или окружни."

Уставот го регулира судството, односно, постапката при изречување казни. "Во одделни одредби го наоѓаме принципот на материјалната вистина и на двостепеност при донесувањето на пресудата", при што обвинетиот треба да биде ислушан, да се изведат доказите и "дури по сестраното утврдување на сите околности на случајот и на делото може да се изрече казната."

Востаничкиот дисциплински устав не ги санкционира сите "одредби за идното устројство на македонската држава. Тој тоа не го ни истакнува, оти тој е дело на делегатите од окружен конгрес на ТМОРО, а не на општиот конгрес, кој единствено е овластен да ги разгледува и да решава по прашањата што се од значење за целата територија на Организацијата на која се протега нејзиниот суверенитет. Оттука, Востаничкиот устав ги дава само основите на новата организација на револуционерната власт на еден дел од територијата, т.е. територијата на Битолскиот револуционерен округ."

Извор: Македонско братство

No comments: