Лозарите

Во Виена во 1894 година, под псевдонимот Вардарски, Петар Поп Арсов ја издаде брошурата "Станболовштината во Македонија и нејзините претставници". Тоа беше единствена книга во тоа време, која толку јасно и недвосмислено ја отслика и разобличи непријателската улога на Бугарската егзархија и нејзиниот училиштен оддел кон Македонија.

Петар Поп Арсов мошне јасно ја сфатил улогата на Егзархијата и нејзините училишта ширум Македонија како "тројански коњ" за да "создадат во Македонија Бугари", како што тој самиот во брошурата ќе напише. Поп Арсов и припаѓаше на онаа голема група од околу 40 македонски ученици и студенти, кои, истерани од егзархиските училишта во Македонија, преминаа во Белград, па таму, откако не се согласија со великосрпската политика, кон 90-тите години на минатиот век, се преселија во Софија, каде што ја формираа Младата македонска книжевна дружина и каде што почнаа да го издаваат списанието "Лоза". Во таа група беа, покрај другите, Петар Поп Арсов, Даме Груев, Крсте П. Мисирков, Григор Хаџиташковиќ, Димитар Мирчев, Ѓорѓи Белев, Тома Карајовов, Христо Матов, Андреј Љапчев, Ѓорѓи Балашчев, Климент Караџулов и Христо Поп Коцев.

Крсте П. Мисирков ќе напише во "За македонцките работи": "Мислата за национално обединување на Македонија, иако под маската бугарска, се зафати во 1890 година. Кон крајот на 1890 година во Бугарија се префрлија 30-40 ученици и студенти Македонци од Белград. Тие ученици се душата на сите собитија во Македонија од тогаш до сега. Тие ги запознаа Србија и Бугарија со нивните култури и цели во Македонија. Тие и ја осознаа опасноста за поделбата на Македонија меѓу тие две држави, доколку Македонците сами не се вооружат, за да ја извојуваат сами, со сопствени сили и средства, слободата и со тоа да ја предупредат поделбата на Македонија... По нивна иницијатива, се формира, кон почетокот на 90-тите години, еднонационално сепаратистичко движење со цел да се одделат интересите на Македонците од бугарските со подигање на едно од македонските наречја на степен на литературен јазик за сите Македонци. Орган на тоа сепаратистичко движење на Македонците во Бугарија беше списанието ‘Лоза’."

Дружината, полуилегално, беше формирана во втората половина на 1891 година и во неа влегоа највидните претставници на тогашната млада македонска интелигенција. Се претпоставува дека соработници на Движењето биле и Гоце Делчев, Даме Груев и Ѓорче Петров. Во јануари 1892 година излезе првиот број на "Лоза". Во него беше објавен и Уставот на Дружината, кој во три точки ја определуваше нејзината цел: да издава свое списание, да ги постави основите на читалиште во Софија и да прави "други благодејанија", како, на пример, поддржување ученици и слично, ако за тоа има средства.

Како што се гледа од Уставот, нема ништо пошироко на национален план. Меѓутоа, воведниот збор, практично, беше платформата зад која стоеше младата Македонска книжевна дружина. Наместо наслов тој ја имаше мислата на Софокле: "Ништожник е оној што има подобар пријател од татковината". Во воведниот текст се нагласува стремежот на "штогоде чувствителниот Македонец, каде и да се наоѓа тој", треба да е ист - засилен отпор на Македонците против "грабливите посегнувања" кон Родината! А за да се засили тој отпор, потребно е да се обединат раздробените, разнишани сили во една општа, моќна сила - народна сила, ако се сака да се зачува иднината на својата татковина, Македонија!

Во истиот тој, прв број на "Лоза", се појави и статијата на охриѓанецот Горѓи Балашчев под псевдонимот "Езерски", озаглавена "Неколку белешки". Балашчев, кој две години пред тоа ја издаде брошурата "Неколку кратки летописни белешки за состојбата на западните Македонци", на македонски јазик, во статијата, прави преглед на објавуваните патеписи за Македонија, сакајќи на тој начин "да ги потсети претендентите на историското минато на Македо-нија", како и да го "обележи самостојниот развиток на македонскиот народ".

Наспроти тоа што еден дел од материјалите во "Лоза", како во првиот така и во неколкуте наредни броја, барем оние што се однесуваа на "македонското прашање", беа пишувани деликатно, сепак, реакцијата беше жестока. "Појавата на ‘Лозарите’ беше примена како природно продолжение на движењето што го водеше скопскиот митрополит Теодосиј".

Органот на бугарската влада, весникот "Свобода", пишуваше: "Кога усилбите на целата интелигенција, на целиот бугарски народ, засега се насочени кон глува, бесшумна борба за бугарското национално единство, кога се арчат и пари и сили и народна енергија и кога, во таа борба со Србите и Грците не се штеди ништо за да победи идејата за тоа дека Бугаринот од Македонија, Тракија и Мизија е син на една и иста мајка-Бугарија, дека тој има еднакви обичаи, нарави, јазик, политички стремежи и идеали и при сето тоа... во бугарската престолнина, во срцето на Бугарија, излегуваат луѓе што се силат да ги расипат плодовите на толкугодишните усилби, да докажат дека Македонските Бугари се одделна нација, со посебен јазик, со посебни историски задачи!".

Она што "Лоза" не го кажуваше јавно, "оние" од другата страна гласно го потенцираа: "Од статијата ‘Неколку белешки’ се гледа дека Дружината припаѓа кон ‘денешниот преовладувачки словенски елемент’, дека името на тој елемент му е ‘Македонци’, дека Македонија е нивната татковина и дека таа е ‘одделно словенско’(!?) господарство, чие минато е покриено со блесок, особено од времето на Филипа и Александар Велики...", пишуваше "Свобода".

Всушност, "Свобода" точно ја прецизира националната програма на "лозарите": нивната татковина е Македонија, таа е населена со одделно словенско племе наречено Македонци, преку нејзиниот простор беснеат пропагандите на Бугарија, Грција и Србија, чија цел се сведува на едно те исто - посегање по македонската територија, и дека е потребно да се оформи македонски литературен јазик, што ќе се потпира на охридското поднаречје.

Фронталниот напад на софискиот печат врз "Лоза" и "македонските сепаратисти" значеше само едно: Софија нема да дозволи раѓање на какво и да е "сепаратистичко" движење против "усилбите на бугарскиот народ за бесшумна борба за бугарското национално единство". "Лоза"се појави уште двапати и тоа бројот 2 и двобројот 3-4 и кон почетокот на летото 1892 година престана да излегува. Во меѓувреме Младата македонска книжевна дружина беше растурена.

Десетина години подоцна, Крсте П. Мисирков напиша: "Тоа духовно движење на Македонците не и се бендиса на бугарската стамболовска влада, која забрани да се издава ‘Лоза’ и фати да ги гони македонските сепаратисти". Коста Шахов, еден од оние духовни двигатели на македонското национално чувство во последните децении на минатиот век и претседател на ММКД, во 1894 година пишуваше како се однесе официјалната власт кон ММКД: "Ако ја земе човек предвид силата на таа гнасна ‘Свобода’ во она време ќе ја разбереме положбата на оние бујни младинци дури и без да кажуваме дека еден нејзин член власта го интернира, ќе ја разбереме положбата на Дружината...".

Разбивањето на Дружината не значеше, ниту пак можеше да значи и разбивање на нејзината основна идеја -веќе идната година во Солун беше, на иницијатива на нејзини членови, формиран "Комитет за добивање политичките права на Македонците дадени од Берлинскиот конгрес", од кого потоа, според сведочењето на Петар Поп Арсов, се разви Тајната македонско-одринска револуционерна организација. Во "Стамболовштината...", Петар Поп Арсов ќе подвлече дека овој Комитет, всушност, е модифицирано продолжение на "лозарската" идеологија. Фактички, ставовите застапени во "Стамболовштината..." на Поп Арсов претставуваат "доградување на ‘лозарството’ и како Движење". Интересно, бугарската влада формира своја ММКД и се обиде повторно да го издава списанието "Лоза" (излегоа само два броја на бугарски јазик, со нагласена бугарска националистичка идеологија), меѓутоа, без некој поконкретен резултат. Остана вистината дека ММКД и "Лоза" во последната деценија на XIX век, со прашањата што ги актуелизираа и со директната провокација на националното чувство на Македонија, станаа "меѓник во македонската историја", меѓу две драматични и преломни етапи од развојот на македонската национална самосвест.

Извор: Македонско братство

No comments: