February 10, 2015

Рилскиот конгрес на ТМОРО

По Илинденското востание, а особено по самораспуштањето на Централниот комитет на ТМОРО во април 1904 година, Организацијата се најде во тешка положба, која уште повеќе се влоши со оглед на се поголемото хетерогенизирање на ТМОРО. Со сета жестина се наметна потребата од консолидирање на редовите на Организацијата. За таа цел, се одржале конгреси во сите окрузи, кои требале да помогнат да се структурира новата платформа на Организацијата, платформа која требаше да биде донесена на еден општ конгрес и која требаше дејствувањето на ТМОРО да го постави на нови основи, основи што ќе координираат со времето и условите и кои ќе придонесат ситуацијата во Внатрешната организација да се консолидира. По одржувањето на окружните конгреси, делегатите на окрузите се собрале, кон крајот на септември 1905 година, во Софија, на советување на кое, меѓу другото, требало да се одреди и местото на одржување на Општиот конгрес на Организацијата. Се прифатил предлогот на Ѓорче Петров Конгресот да се одржи во Рилскиот манастир.

Така, во манастирот, во почетокот на октомври 1905 година, се собрале 22 делегата од сите окрузи: Даме Груев, Мишо Развигоров, д-р П. Кушев, Пере Тошев, Ѓорче Петров, Борис Сарафов, Георги П. Христов, Павел Христов, Борис Манчев, Аргир Манасиев, Добри Даскалов, Христо Чернопеев, Стоју Хаџиев, Иван Илиев, Мануш, Јане Сандански, Лазар Томов, Илија Балтов, Лазар Маџаров, Стамо Икономов, Климент Шапкаров и П. Васков. На Конгресот се зборувало за изминатата активност, била разгледана актуелната состојба и се поставило прашањето за натамошното дејствување. Исто така, станало збор и за организациската поставеност на ТМОРО, прашање кое предизвикало најмногу несогласувања. На крајот, дискусиите резултирале со нов Правилник и Устав на Организацијата, а биле избрани и нови тела. Во Централниот комитет влегле Даме Груев, Пере Тошев и Т. П. Антов, во Задграничното претставништво биле назначени Ѓорче Петров, Димитар Стефанов и Петар Поп Арсов, додека за уредник на "Револуционерен лист", официјалното гласило на Организацијата, бил назначен Димо Хаџи Димов. Натаму, Конгресот расправал и за туѓите пропаганди во Македонија, како и за бугарскиот државен национализам и врховистите, за што издал посебни документи.

На Конгресот во Рилскиот манастир станало збор и за Илинденското востание, поточно, за избрзувањето во неговото подигање. Било решено да се води "сенародна борба против турската власт", со востание што би било продолжување на "перманентното востание" што Ѓорче Петров го заговарал уште во 1903 година. Битен е ставот на Конгресот против оружените акции под надворешни влијанија, со што уште еднаш Организацијата се наметнала како единствен легитимен претставник на македонскиот народ, со суверена и самостојна политика.

На Рилскиот конгрес била претресувана активноста на Борис Сарафов и Иван Гарванов, кои биле осудени на смрт. Казната, во 1907 година, ја реализирал војводата Тодор Паница.

Несомнено дека меѓу најважните документи на Рилскиот конгрес спаѓаат Уставот и Правилникот на Организацијата, кои "не се само програма на една политичка и револуционерна организација, туку и декрет за натамошното устројство на идната македонска државност."

Во првиот член на Уставот на Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација (Конгресот, меѓу другото, го сменил и името на Организацијата) се вели дека целта на ВМОРО е "да ги сплоти во една целина сите назадоволни елементи во Македонија и Одринско, без разлика на народност, за извојување политичка автономија на тие две области." Веднаш по прокламирањето на основната цел на Организацијата, ВМОРО се декларира, во вториот член на Уставот, дека е против "стремежите за делба и завладување на тие области од која и да е држава." Според коментарот на проф. д-р Александар Христов, кој се потпира на материјалите објавени во "Револуционерен лист" од 2 јуни 1905 година, ВМОРО под "политичка автономија" подразбира "создавање одделна македонска држава во рамките на идната балканска федерација." Тргнувајќи од овие основни определби на целите на ВМОРО, Конгресот "го прогласува суверенитетот на Внатрешната организација врз територијата на Македонија. Таа е исклучив и единствен претставник на интересите на македонскиот народ." Во таа насока, во веќе спомнатите документи од Рилскиот конгрес во кои се зборува за странските пропаганди, стои: "Имајќи ја за основа револуционерната подготовка на народните маси за вооружена борба против турскиот режим, Организацијата му ја запазува на секој еден човек во Македонија и Одринско слободата на верата, убедувањето на националното самосознание. Но, таа се спротивставува на секаква легална пропаганда, која го отстранува населението од Организацијата и од нејзината револуционерна дејност." Тргнувајќи од стојалиштето дека суверенитетот на ВМОРО се протега на територијата на Македонија, Организацијата прокламира дека ќе води борба против туѓите пропаганди, потпирајќи се на тоа дека "а) тие се орудија на држави и влади кои го сакаат завладувањето на територијата на Организацијата, б) како такви, тие се и против автономијата на Македонија и Одринско, в) тие го дробат населението и со тоа му ја намалуваат неговата сила во борбата со Турчинот, тие убиваат невини луѓе за кои е должна Организацијата да се грижи и да ги чува и дека тие дејствуваат во согласност со турските власти." Во тој правец е и обраќањето до членовите на пробугарскиот Врховен комитет од Софија. Таму, меѓу другото, се вел дека "Организацијата не може понатаму на никаков начин да трпи на својата територија никакви други групи и корпорации со истата нејзина цел и задача, било тие да го имаат изворот внатре на нејзината територија, било пак надвор од неа. Таа ќе ги гони по секоја цена и со сите сили активните дејци на таквите групи и корпорации како опасни непријатели на ослободителното дело, а нивните водачи потпаѓаат под сите строгости на Уставот и Правилникот, предвидени за пакосниците на ослободителното револуционерно дело и злосторниците на татковината, каде и да се наоѓаат тие, биле членови или не на Организацијата." Натаму, Организацијата активноста на Врховниот комитет ја оценува како "сепаратистичка" и ги повикува неговите членови "во интерес на делото, доброволно да ја растурат нивната група."

Организацијата средствата во борбата за остварување на целта што ја поставила пред себе ги гледа во "отстранување на шовинистичките пропаганди и национални расправии, кои го цепат и омаломоштуваат населението во неговата борба", како и во дејствувањето "за внесување револуционерен дух и сознание во населението". Освен тоа, Организацијата "се грижи за вооружувањето и за културното и економското издигање на народот", (чл. 3).

Една од основните придобивки на Рилскиот конгрес на ВМОРО е натамошната демократизација на Организацијата, која својот законодавен израз го добива во чл. 5 на Уставот. Во него се вели дека "член на ВМОРО може да биде секој што живее во Европска Турција, без разлика на пол, вера, народност и убедување."

Во Уставот на ВМОРО донесен на Рилскиот конгрес се дефинира и устројството на Организацијата. Според него, Внатрешната организација "се состои од месни револуционерни организации", кои, од своја страна, се делат на "групи со по еден десетар." Месната организација е раководена од месен комитет, додека хиерархијата на комитетите се движи од селски, преку градски, реонски, општински, окружни, се до еден централен. Надворешното претставување на Организацијата го врши претставничко тело. Со овој Устав се воведува изборност на функциите, како и судски и финансиско-контролни институти.

Што се однесува до вооружените формации, во одлуките на Конгресот се утврдува "тесната надлежност на четите, нивната улога е ограничена на помошни органи на легалните тела на Внатрешната организација, т.е. на месните (селски, градски, околиски и окружни) револуционерни комитети. На тој начин, револуционерните комитети на ВМОРО се поставени како единствени и исклучиви носители на револуционерната власт и дејност во Македонија."

Решенијата на Рилскиот конгрес, иако набрзо блокирани од десното крило на ВМОРО, сепак, претставуваат етапа во развојот на борбата на македонскиот народ за своја национална слобода и државност. Конгресот уште еднаш го потврдил стремежот на Организацијата за сопствена самобитност и суверенитет на Организацијата на целата територија на Македонија, како и демократизирањето на ВМОРО

Извор: Македонско братство

No comments: