February 6, 2015

Спомени - Мирчо Кикиритков, 7

Спомени - Мирчо Кикиритков

IV

ЗА АТЕНТАТОТ НА СЛАВЧО КОВАЧЕВ. Една вечер, околу 12 часот, во хотелот дојде Тодор Георгиев-Гуштерот (Штип) и нѐ зеде со еден автомобил. На прашањето: „Каде?“, одговори: „Ќе дознаете!“ Не одведе во куќата на еден од богатите Македонци. Нѐ воведоа во една широка соба, полна со наши другари четници. Соседната врата до неа се подотвори и се покажа Иван Михајлов. Нѐ поздрави и возбудено си повторуваше самиот на себеси: „Не плашете се! Македонија е слободна“. При секое влегување тој одвојуваше еден по еден од другарите, кои не се враќаа. Разбравме дека нешто се случило и дека претстои работа за вршење. Телефонот од другата соба непрекинато ѕвонкаше во неговата рака. Самиот тој двапати истата ноќ одлета со автомобилот. Но каде? Тоа нас не нѐ интересираше. Најпосле, кон осум часот изутрината, дојде и мојот ред.
- Ќе го смааш ли (по штипски) Славчо Ковачев?[29]
- Каков е?
- Предавник! Согласен ли си?
- Согласен.
- Бакнете се тогаш со Страхил Развигоров[30], тој ќе ти го покаже.

Се бакнавме и се договоривме за планот на дејството. Ковачев живееше на улицата Цар Борис, спроти Романската црква. Беше петок, 13 септември 1924 година, и ние се сместивме крај масата во една кафеана, на истата улица, од каде што набљудувавме и ја чекавме нашата жртва. Околу 12 часот (чекавме 4 часа), Страхил ненадејно стана и посочи еден човек. „Ете го!“ Потоа излезе и сврте по улицата Пиринска.

Јас останав во недумица. Еден човек врвеше по тротоарот кон куќата каде што живееше Ковачев. И тука ми дојде на помош една друга околност. На вратата излегоа неговите деца. Едно од нив викна: „Тате!“ Човекот, на кого се однесуваше повикот, се сврте и насмеан, кимнувајќи со главата, зачекори побрзо кон нив. Тоа и го издаде. Застанав зад неговиот грб и стрелав трипати. Падна како сноп уште при првиот смртоносен куршум. Но јас не го оставив. Се приближив до него и стрелав уште трипати. Се насобра народ и јас се стрчав по улицата Егзарх Јосиф. Но тука ме пресретна началникот на Првиот полицоски участок и немаше како - требаше да се предадам.

Вечерта, истиот ден по атентатот на Света Недела[31], во 12 часот, избегав заедно со Владо Димитров - Черноземски (кој на 13 септември истата година го уби Димо Хаџи Димов) и со Стевчо Караклашев (од селото Богданци, кој го уби П. Д. Петков - земјоделски претставник). Ипокрпт Развигоров, пак, го уби Харалампи Стојанов. Бегството беше организирано од Организацијата.

Јас не знаев во што се состоеше внната на од мене убиениот Ковачев. Наполно верував во справедливоста на решенијата издадени од Организацијата и сметав дека е мој долг беспоговорно да ги извршам. До моето затворање не знаев дека Тодор Александров е убиен[32]. Инаку, тогаш ќе ги убиев и неговите деца.

29 Владислав (Славчо) Ковачев, роден во Штип, штипски околиски војвода, идеолог на Македонската емигрантска федералистичка организација (МЕФО), судија, адвокат, новинар и публицист 
30 Страхил Развигоров, роден во Штип, син на македонскиот револуционер Мише Развигоров, член на ЦК на ВМРО (1928), по Втората светска војна бил уапсен и убиен без судење од бугарската комунистичка власт
31 Атентатот во софиската катедрална црква Света Недела е извршен на 16 април 1925 година, а во него загинале околу 150 бугарски високи офицери и тој беше искористен од страна на бугарските власти за засилување на теророт против комунистите и лево ориентираните бугарски и македонски дејци.
32 Тодор Александров е убиен на 31 август 1924 година, а неговото убиство е објавено на 12 септември истата година

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]

No comments: