ОЧИТЕ НА СИТЕ ВО ЕВРОПА СЕ СВРТЕНИ КОН БАЛКАНОТ

Погледите на премиерот Балфур оспорени—Опасност од вклучувањето на Бугарија во македонското востание—Непопоуларноста на принц Фердинанд—Аспирациите на Русија—Завршување на парламентарната сесија—Казнувањето на Арнолд Вајт поради непочитување на судот.

Специјална телеграма до Њујорк тајмс (1903 г.)

ЛОНДОН, 15 август—Парламентарната сесија заврши вчера, и остатокот од членовите што останаа присутни до крајот сега се распрснаа среќни како група ученици на летен распуст. Иако она врз што работеа оваа недела беше помалку возбудливо од обично, откако фискалната контроверза почна да ги бранува страстите и заради која се водеа жестоки дискусии, некои мошне важни работи беа разгледани. 

Убиството на рускиот конзул во Битола, заедно со крвавите судрувања помеѓу Турците и востаничките чети, го сконцентрира вниманието на цела Европа кон Балканот, за кое што премиерот Балфур на прашање од г-дин Брајс призна дека ситуацијата е таква што го оправдува стравот на сите што сакаат одржување на мирот во југо-источна Европа. Г-дин Балфур за виновни околу нарушувањето на мирот ги посочи оние што востанале против турската власт, но луѓето што имаат лично познавање на локалните услови го оспоруваат ваквиот негов став. 

Јас вчера разговарав со еден стар пријател којшто тукушто се врати од Македонија и Бугарија, каде што лично ја истражувал ситуацијата. Тој ме увери дека одговорноста за неодминливата револуција не лежи кај востаниците, туку кај турската власт, при што емпатично изјави: „Нема да има мир сè додека Турчинот останува во Европа“.

ПРОПАСТ НА ПЛАНИРАНИТЕ РЕФОРМИ

Дури и г-дин Балфур признава дека ветувањата на Русија и Австрија за остварување на предложените реформи се покажаа како илузорни. Турското лошо владеење навистина се чини неспособно за реформи, затоа потиснатите од Султанот христијани прават очајни напори да го отфрлат јаремот на Исламот. Сомнително е дали Бугарија може да се спречи да се вклучи во македонското востание. Во секој случај би било невозможно таа да се задржи при можен масакр на христијаните од страна на Турците во Македонија. Бугарската влада на ситуацијата гледа со најголема загриженост, додека принцот Фердинанд, за којшто честа не зависи од опасностите, го следи развојот од соодветна далечина. Тој придонесе да биде објавено дека неговото отсуство од Бугарија е заради неговиот страв да не биде на никој начин вмешан со македонските нереди, и дека денеска ќе се врати во Софија, но сите се скептични околу неговото враќање, и луѓето претпочитаат да почекаат додека навистина се врати во главниот град пред да му веруваат на неговите уверувања.

Нема сомнеж дека нај непопуларниот човек во Бугарија е принцот Фердинанд, којшто е исто така, и генерлно нај презрен меѓу сите други европски владетели. Луѓето ги немаат заборавено околностите во кои Фердинанд беше откриен. Тие се сеќаваат како се случи тоа кога три бугарски пратеници со намера да најдат принц за Бугарија беа испратени да ги интервјуираат помладите синови на кралските куќи, при што на еден од пратениците, г-динот Калчев пиел пиво во кафетеријата на циркузот Ронанчер во Виена му пришол некој странец и му рекол: „Разбрав дека барате принц. Јас имам еден токму за вас.“ Тоа бил еден од емисарите на Фердинанд, и веќе следниот ден Калчев му бил претставен на Фердинанд, на којшто не му требало многу притисок за да го прифати принцувањето.

„КАФАНСКИ“ ПРИНЦ

Генералот Буланжер имал дуел со противник којшто го нарекол „кафански Сент-Арно“, но овде, ако воопшто постоел некој таков, имаме кафански принц, чијашто гордост и самопочит беа недоволни да го одвратат среде кафана да се граба за трон. Неговата вмешаност во одвратното убиство на Стамболов и прекршувањето на неговите заклетви во врска со религијата во која треба да се воспитува неговиот син Борис на неговото име закачија неизбришлива стигма. Сепак до сега тој умешно ја игра својата улога. Се гордее дека е роден глумец, и сега се пренесува дека една од неговите омилени реченици откако ќе заврши средбата со некој е „Си отиде уште еден што го зафркнав“.

По отстранувањето на Бизмарк, Фердинанд побарал средба со големиот човек и побарал од него совет каква политика треба да води. Бизмарк му одговорил: „Покажа дека можеш да пловиш: не се обидувај да пливаш наспроти струјата. Твоите најсилни сојузници се времето и навиката. Ако не ги предизвикуваш твоите непријатели тие не можат многу да ти наштетат. По некое време луѓето ќе се навикнат да те гледаат на тронот.“

По средбата Фердинанд и се извинил на принцезата Бизмарк за нарушување на приватноста на нејзиниот сопруг, но објаснил дека бил нестрплив да се посоветува со таков славен државник затоа што „Јас многу сакам да владеам“. Во моментов тој го става во пракса советот на Бизмарк со тоа што не плива наспроти потокот. Ако би се спротивставил на големото револуционерно движење во Бугарија против Турција, под претпоставка да избие такво, тој несомнено би бил тргнат настрана. Но ако, од друга страна, таквото револуционерно движење би било благонаклоно гледано од страна на Русија, а тој би го поддржал, така би можел да си го задржи тронот.

Во меѓувреме политичките игри никогаш не престануваат и Русија неуморно бара да се здобие со предност од турските срамови. Руската примарна цел е Константинопол, кадешто таа сака да биде доминантна, за да го претвори Црното море во руско езеро. За нејзината цел би било доволно кога Султанот би и дозволил да изгради тврдина на Дарданелите под Константинопол, за коешто Бизмарк сметал дека Султанот може да го одобри ако би се здобил со исполнување на задоволувачки услови. Германија не би протестирала, и Австрија би се согласила, под претпоставка дека меѓу другите предности таа би се здобила со упориште во Солун. Ваквите размисли се секогаш присутни во умовите на тие што ја диктираат политиката во Русија и Австрија, за кои народите на Балканските држави се обични пиони на дипломатската шаховска табла.

Г-дин Балфур вчера пред распуштањето на долниот дом на парламентот ги повтори неговите платонски желби за олеснување на положбата на Македонците, и неговите чувства најдоа ехо во говорот на кралот по повод крајот на парламентарната сесија, којшто за чудо не беше прочитан пред парламентарците од долниот дом. Вообичаена практика е говорот на неговото Величество да се прочита од тронот, но овој пат копија од говорот не му беше предадена на претседателот, којшто зарди тоа ги замоли пратениците да го сметаат како прочитан. Тогаш пратениците поздравувајќи се со претседателот го напуштија парламентот. Така заврши оваа историска сесија.

ОСУДЕНИОТ ГОСПОДИН БАЛФУР

Успешните обиди на премиерот Балфур да ја спречи дискусијата околу фискалната политика на Велика Британија во долниот дом на парламентот повторно предизвика лути протести оваа недела, лордот Хју Сесил, страсно побелен, ја осуди постапката на премиерот, додека Винстон Черчил, со разгорени образи, го обвини г-дин Балфур за „замолчување“ на парламентот.

Еден опозициски орган го опишува однесувањето на г-дин Балфур како „непочитување на парламентот“, алудирајќи на непочитување на судот за што Арнолд Вајт беше осуден оваа недела во врска со судската постапка против Витакер Рајт. Г-дин Вајт, којшто е неуморен во неговите напори да осигури криминална постапка против Витакер Рајт, објави статија силно протестирајќи против неговото ослободување со кауција кога беше обвинет пред судот во Гилдхол пред некој ден. Во врска со оваа статија г-дин Вајт беше повикан да се појави пред врховниот судија и му беше наложено да плати казна од 100 фунти или за непочитувањето на судот да отслужи затвор. Тој избра затворање, и веднаш беше одведен во затворот Брикстон, во кој беше ставен во истата ќелија во која претходно беше затворен Рајт. Беше ослободен вчера, Дејли хроникл отвори фонд за исплата на казната како награда за неговите јавни услуги во врска со постапката против Витакер Рајт.

Г-дин Вајт од принцип одби сам да ја плати казната или да им дозволи на неговите пријатели да го направат тоа за него. Неговите принципи исто така му забранија да прима храна од надвор, коешто е дозволено во случаи на затворени луѓе за непочитување. Изразувајќи го своето мислење во статии посветени на поморските работи во кои напиша дека затворската казна е подобра отколку служењето во сина морнарска униформа тој на ваков начин си ја искористи можноста неговото мислење да го тестира преку практично искуство.

Судската постапка во случајот на Рајт ќе продолжи овој месец, но судењето нема да се одржи до завршувањето на подолгиот судски одмор, којшто започна оваа недела и трае до октомври.

ДА СЕ ПРОГОНУВА РАЈТ

Јас бев присутен на последната седница на судот за жалби, кога се донесоа две важни одлуки што им зададоа дополнителни удари на трговските синдикати. Еден од вмешаните адвокати, Руфус Ајзакс, К.Ц., којшто седеше директно пред мене, ќе ја води постапката за гонење на Рајт. Г-дин Ајзакс е еден од најбрилијантните англиски адвокати, и мошне брзо постигна слава. Неговата сила лежи во трговските постапки, тешко дека постои некој прво-класен случај во којшто тој не е вклучен. Иако е млад за адвокат, бидејќи тој сеуште нема 45 годишна возраст, тој е веќе на врвот на својата професија.

Ретко се појавува сведок којшто може да ги издржи испитувањата на г-дин Ајзакс. Еден од ретките случаи кога тој се сретна со посилен противник беше кога пред извесно време се соочи со Артур, братот на г-дин Чемберлен. Артур Чемберлен е замешан во трговски зделки во Бирмингем, кадешто тој е многу успешен. Тој покрена судска постапка за клевета против весник и г-дин Ајзакс беше бранителот, но и покрај сета негова способност тој не можеше да го победи Артур Чемберлен, којшто триумфираше во овој дуел. Артур Чемберлен меѓу луѓето што ги познаваат двајцата се смета за уште поталентиран од неговиот попознат брат, на чијашто политика за преференцијални тарифи патем тој силно и се спротивставува. Така и во фамилијата на Чемберлен има разлики по ова горливо прашање. 

Г-дин Ајзакс бара да биде избран за претставник на Либералите во Рединг, кадешто има одлични шанси за успех. Тој ќе биде мошне значаен дел од долниот дом на парламентот, каде што веќе има голем број на славни адвокати.


СУДОВИТЕ ЗА ПРАВДА ЗАТВОРЕНИ 

Кралските судови за правда се сега затворени. Судиите, како и членовите на парламентот се далеку од Лондон, и вообичаено вревливите адвокатски места се сега напуштени. Храмот кој што во поголемиот дел од годината е полн со адвокати, „господата со долгите руби“ како што сакаше да ги нарекува Дизраели, наликува на градот на мртвите. Во неговите лавиринти од судници и сокаци човек сретнува по некој полицаец, чие што чекорење одекнува низ празните простори, или неколку американски туристи, чиишто литературни асоцијации ги привлекуваат кон манастирската осаменост на овој дел од стариот Лондон. 

Но за оние што го сакаат Храмот секогаш е преполн со шарм. Неговата фонтана сè уште истура вода под освежувачката сенка на зелените дрвја, и стиховите на латински на стариот сончев часовник сè уште го опоменуваат патникот-намерник за тоа дека „Часовите истекуваат и се редат на нашата сметка“.

Њујорк тајмс

Објавено на 16 август, 1903 г.

Превод: Гоце Панговски

No comments: