January 28, 2015

Заборавената емиграција се враќа дома

Нови идеи за интеграција на македонската емиграција во Бугарија во рамките на македонскиот национален корпус

пишува: Виктор Цветаноски (извор: Глобус)

фото: Андреj Гиновски

Историчарите бараат соработка со македонската емиграција во Бугарија спрема која се правеле многу грешки во минатото. Таа е најголема македонска емиграција во светот, со огромен интелектуален потенцијал и големо културно наследство. Со исклучок на т.н. меден месец на соработка, кој траеше само четири години, од 1944 до 1948 година, кога Софија ја призна реалноста за постоење на македонската нација, кога беше создадена културна автономија во Пиринска Македонија и кога беа пренесени моштите на Гоце Делчев во Скопје, со неа не постоела никаква соработка, а македонската држава спрема неа се однесувала доктринирано и идеолошки.

За оваа мошне чувствителна табу-тема првпат отворено се проговори на симпозиумот што го организираа Македонската академија на науките и уметностите, Институтот за национална историја и Институтот за историја на Филозофскиот факултет. Општа оцена беше дека треба да се прави се' за да се урнат ѕидовите создавани од политичарите и во судбоносните времиња и Македонците од двете страни на границата да не се гледаат како непријатели. Без разлика што тие имале различни национални чувства поради историските околности и различните средини во кои живееле, и едните и другите се бореле и ја сакале Македонија.

БЕГАЛЦИ Реката македонски бегалци и емигранти тргнала кон Бугарија уште во 1878 година по нејзиното ослободување и непрекинато продолжила да тече по секое крвопролевање на македонските простори, најмногу по поразот на Илинденското востание и по Балканските и Првата светска војна. Колкав е бројот на тие што ги напуштиле родните огништа во Македонија и на нивните потомци точно никој не знае, но сигурно е огромен.

„Денес во нашата држава се говори за соработка со македонската дијаспора секаде во светот, само не за таа во Бугарија. Научна потреба е да се отвори оваа страница од нашето минато... Минатото е такво какво што е. Тоа не може да се менува, а идните истражувачи на оваа материја треба да се ослободуваат од страстите на минатото“, порачува академик Иван Катарџиев. Според него, односите на раководството на македонската држава и емиграцијата во Бугарија биле противречни и во нив имало многу идеологија, недоразбирања и само во еден кус период, неколку години по војната - соработувале. Во свеста на двете страни постоел неоспорен македонски патриотизам, а разликите се јавувале кога ќе се поставело прашањето околу решавањето на македонскиот проблем во постојните историски околности. „Во однесувањето на двете страни било присутно влијанието на средината во која живееле, ги оформувале своето знаење, демократската култура и менталитетот. Противречностите особено се експонирале околу прашањето за обликување на културниот и државниот идентитет на македонската држава“, подвлекува познатиот историчар.

Академик Катарџиев смета дека денес е цивилизациска потреба да се открие и да се приопштува во пантеонот на македонската култура, културното богатство што го создала и го остави во наследство македонската емиграција во Бугарија. „Ослободена од политичка функционализација, тоа може и треба да биде значаен фактор во градењето на соработката меѓу македонскиот и бугарскиот народ и создавање амбиент што ќе овозможи да се обноват контактите со македонската дијаспора во Бугарија“, нагласува академик Катарџиев.

ТРАГИКА Д-р Виолета Ачкоска подвлекува дека голем број Македонци прогонети од беспатиците на војните и балканските погроми во Бугарија нашле парче земја за да пуштат нови корени и со своите интелектуални стопански и други потенцијали оставиле неизбришливи траги во развојот на бугарската политика и култура. „Македонската историографија конечно треба да навлезе посуптилно и подлабоко во трагиката на емигрантскиот живот и во психологијата на еден емигрант кој немал своја татковина и држава“, подвлекува професорката Ачкоска.

Таа истакнува дека македонската емиграција во Бугарија по септемврискиот преврат во Бугарија во 1944 година и' дала силна поддршка на антифашистичката борба на македонскиот народ. Таа организирано испраќала доброволци во македонската војска и собирала материјални средства. „Со децении наназад тие беа луѓе без своја држава, без своја матица, препуштени на брановите на асимилација, однародувањето, економската зависност или социјалниот безизлез, немањето каде да се вратат, каде да се зберат. Асномска Македонија им отвораше нови перспективи како припадници на македонската нација, но и како луѓе кои се надеваа на воспоставување поинакви балкански односи, според мерата на луѓето, а не според мерата на високата политика“, оценува Ачкоска.

Во годините по војната се водела дискусија дури за враќање на емиграцијата во Македонија. Во анализата што ја подготвиле познатите македонски интелектуалци во Софија Михаил Сматракалев и Асен Чаракчиев истакнале дека тоа практично не било изводливо, зашто поголемиот дел од тие луѓе кои биле без своја национална држава судбински и егзистенцијално се врзале за Бугарија, оформиле свои семејства, начин на живеење, го промениле менталитетот, им биле всадувани други вредности и не можеле повторно да го прифатат ризикот на миграцијата која оставила длабоки траги во нивната свест. Сматракалев и Чаракчиев истовремено оцениле дека на младата македонска држава и' се потребни искусни кадри кои стојат на македонските позиции. Тогаш, во тукушто ослободената Македонија, дошле Павел Шатев, Димитар Влахов, Алексо Мартулков, Шакир војвода, Васил Ивановски. „За жал, повеќето од нив, по воспоставувањето на југословенскиот централизам и расчистување со наводниот „автономизам и сепаратизам“ во КПМ, или за време на расчистување со Информбирото, како што запишал Д. Аџимитревски, брзо станаа жртви на нарцисоидната бирократска власт на спроводниците на југословенскиот централизам на чело со Лазар Колишевски, лица кои со голема недоверба гледале кон сите оние кои доаѓаа од емиграција, особено од Бугарија“, вели професорката Ачкоска.

АМБАСАДОРИ Д-р Новица Велјановски, кој имаше можност да ги погледне тајните документи и преписки на југословенските дипломати во Софија, истакнува дека првите години по војната се настојувало за амбасадори во соседните држави да се испратат проверени кадри, пред се' Срби или воени кадри на Црна Гора. Таков бил случајот и со Бугарија, каде што првите амбасадори потекнувале од Црна Гора. Според него, југословенската дипломатија во Бугарија во текот на 1947 година битно не ја зголемила својата активност меѓу македонската емиграција ниту, пак, изразила загриженост за укинување на тамошните македонски организации. Таа била фокусирана главно на други проблеми во Бугарија, но не и на македонскиот.

„Може да се заклучи дека југословенската дипломатија, поради едни или други причини, не го покажала потребното ниво на дејствување меѓу македонската емиграција. Таа недоволно ја проценила важноста на македонскиот емигрантски фактор за градење на реалните политички односи и на односот кон македонското прашање. Поминало доста време за да пристапи поорганизирано да се занимава со него. Поради поставеноста на југословенската дипломатија воопшто, како и поради положбата на НР Македонија во југословенската федерација, во тој период не било постигнато потребното ниво на соработка меѓу НР Македонија и македонската емиграција во Бугарија, кое резултирало со извесно разочарување кај неа“, подвлекува д-р Велјановски.

НЕИСКРЕНОСТ Д-р Стефан Влахов Мицов смета дека бугарските комунисти не биле докрај искрени кон македонското национално прашање, иако се согласиле да биде прогласена културна автономија во Пиринска Македонија. Дури и познатите македонски функционери на БРП (к), како што биле Тодор Павлов, Владимир Поптомов и Антон Југов, во повоените пописи не се декларирале како Македонци. Бугарските комунисти вистинското лице го покажале по Резолуцијата на Информбирото кога ја укинале автономијата и постепено го менувале односот спрема Македонците и македонската држава.

Осумдесет и петгодишниот Христо Матов, потомок на струшко семејство кое емигрирало во Софија (тој е син на војводата Милан Матов и внук на познатиот револуционер Христо Матов), своевремено ни изјави дека се чувствува и како Македонец и како Бугарин. „Јас сум роден во Софија, тука сум школуван и воспитуван, цело време живеам во оваа средина и не можам да се чувствувам поинаку“, ја кажа сета вистина за Македонците кои засолниште нашле во Бугарија, на кои Македонија им била најголема љубов, но и болка и пред која, како што вели, се крстеле како пред икона.

Осуммина Македонци министри во бугарска влада

Андреј Љапчев

Андреј Љапчев беше еден од осумтемина министри Македонци. Тој подоцна стана премиер на бугарската влада

Стефан Влахов Мицов истакнува дека во минатото, а и денес, многумина бугарски граѓани со македонски корен заземале високи функции во политиката и се познати имиња во културниот и општествениот живот на Бугарија. Тој цитира податоци од 1917 година, кога во Бугарија имало осуммина министри Македонци, 13 дипломати, 12 митрополити, 12 професори на Софискиот универзитет, 84 научници, писатели и публицисти, 32 уметници, скулптори и глумци, 70 лекари, 166 високи административни службеници, градоначалници, судии, адвокати, 266 активни и 453 резервни офицери. Истовремено, тој го цитира Тодор Живков, кој за време на расправиите што ги имал со Крсте Црвенковски во 1967 година за македонското малцинство истакнал дека околу 50 отсто од членовите на тогашниот Централен комитет на БКП и 30 отсто од членовите на СВП биле Македонци со бугарска свест.

Роднокрајски братства за зачувување на традициите

Македонците во Бугарија се организирале врз роднокрајска основа во братства, кои ги носеле имиња на местата од каде што доаѓале бегалците. Друштвата настојувале да ги зачуваат македонските обичаи и традиции и ги помагале сиромашните семејства. Меѓутоа, тие не ретко биле злоупотребувани и за политички и други цели од бугарската држава и од ванчомихајловистичката ВМРО. Христо Матов како дете се сеќава на средбите што ги одржувало Струшкото братство во Софија. „Сите стружани се собираа на Књажево, место во близина на Софија, 200-300 души, и со себе не' водеа и нас децата. Си носеа јадење, кој што ќе имаше. Ќе седнеа и ќе разговараа за Македонија, ќе пееја и играа, а ние трчавме околу нив. Нивната основна задача беше да не се заборави родниот крај. Немаше жена која не чуваше дома носија од Македонија. Ако на некого му требаше помош, му помагаа колку што можеа. Кога со закон ја забранија ВМРО, братствата продолжија со својата благотворна, културна, социјална и секаква друга дејност. Тие имаа и свои кооперации и банка. Градеа и сиропиталишта. Во Софија е познато сиропиталиштето ’Битола‘, во чија зграда денес е сместена банка на четири ката“, вели Матов.

Тој тврди дека тогаш во Бугарија имало 700 братства, но во документите на Националниот комитет на македонската емиграција се споменува дека нивниот број во 1930 година изнесувал околу 200. Денес во Бугарија постојат компактни населби формирани од македонската емиграција. Во Софија се познати Гевгелиска и населбата Јучбунар, а во Пловдив населбата Ќучук Париз.

Македонија е голема тема и голема болка

Здравка Итева, потомок на бегалци од Скрижево и Бапчор, кои со Конвенцијата за размена на население меѓу Грција и Бугарија биле доселени во Пиринска Македонија, вели: „Им припаѓам и на минатото и на сегашноста. Моето минато е поврзано со тие луѓе, кои се Македонци, кои биле Македонци, а и јас самата сум Македонка. Истовремено и' припаѓам на оваа држава, зашто тука сум добила образование, средно, високо, специјализација... Се омажив за Бугарин. Кога се зедовме, не гледав дали е Македонец или Бугарин, Американец или нешто трето. Ниту, пак, тој гледаше на тоа дека мене во пасошот ми пишува народност Македонка“.

Таа вели дека не може да прекине ниту со минатото ниту со сегашноста. „Од една страна на крстот се преживеаните спомени, сето она што се наталожило од минатото ме влече во еден правец. Но, овде во Бугарија јас имам син кој се чувствува Бугарин, а тоа е реалноста. Меѓу македонскиот и бугарскиот народ не треба да има не само физичка туку и духовна граница. Треба да се направи се' што е возможно тие два народа на Балканот кои се најблиски да имаат соодветни и најкомпактни заемни односи - културни и економски. Како наследство носам цел комплекс од тешкотии од тие крвопролевања што ги преживеал мојот род во срцето на Македонија. Не сакам да се повтори тоа. Сакам меѓу тие народи да има такви заемни односи, при што ниту една политика ниту една држава да не може да ги исправи едни спроти други за да се убиваат. Не сакам повеќе да има крв и палежи по тие места. Сакам да има културен, цивилизиран и срдечен однос. И никогаш да не бидат непријатели еден спрема друг. Зар мојот син и синовите на моите братучеди во Скопје со оружје в рака да тргнат еден спроти друг. Тоа не го посакувам никогаш“, заклучува Здравка Итева, нагласувајќи дека Македонија е голема тема и голема болка.

Во Бугарија емигрирале 100.000 Македонци

Точно не се знае колкав е бројот на македонската емиграција во Бугарија. Според академик Катарџиев, од создавањето на бугарската држава во 1878 година до почетокот на Втората светска војна од Македонија во Бугарија, поради разни причини, емигрирале или пребегале околу 100.000 души. До Балканските војни македонската емиграција во Бугарија доаѓала од територијата на цела Македонија, а по Првата светска војна најмногу од Егејскиот дел на Македонија. По Конвенцијата за размена на население меѓу Бугарија и Грција во 1924 година, Егејска Македонија морале да ја напуштат околу 31.000 Македонци. Многу семејства се населиле во Пиринска Македонија. Денес цели села се формирани од македонските бегалци, каков што е случајот со Мосомиште и други места во Гоцеделчевско.

Според бугарски извори, само од 1912 до 1926 година, во Јужна Бугарија и во Пиринскиот дел на Македонија официјално биле регистрирани 12.778 бегалски македонски семејства. Од нив во Петрич и во неговата околина се населиле 6.597 семејства, во Пловдив и Пловдивско 4.235, во Софија и околината 1.470 семејства, во Ќустендил и селата 350. Меѓутоа, имало голем број семејства што не биле регистрирани.

No comments: