Македонија под тројна окупација

ЕГЕЈСКА МАКЕДОНИЈА: За да обезбеди поефикасна контрола над населението, грчката влада ја подели Егејска Македонија на три административни единици со седишта во Солун, Кавала и Кожани. Основна задача на Атина беше: без избирање средства и начини, етничкиот состав на населнието во Егејска Македонија мора да се измени! Покрај најбруталниот терор, од кој населението, главно, Македонци и Турци, се спасуваше на начин "кој како може", на рака на грчката геноцидна политика одеше и договорот меѓу Грција и Бугарија од 27 ноември 1919 година и договорот меѓу Грција и Турција од 17 јануари 1923 година за размена на население. Голем број Македонци и Турци беа на најбрутален начин иселени од своите домови во Бугарија, односно Турција, токму во името на тие договори. На местото на иселеното население во Егејска Македонија беа доселени 640.000 Грци или луѓе со прогрчка национална свест од Турција и од грчките острови. Резултатот на овие преселби беше - населението во Егејска Македонија порасна на 1.418.000 луѓе, главно: Грци!

Со договорот од 29 септември 1924 година Атина македонското население официјално го призна како "бугарско национално малцинство во Грција". Грчкиот парламент не го прифати овој договор од кој најголема корист извлече бугарската страна: официјално, македонското население во Егејска Македонија сега стана "бугарско"! Бидејќи Грција беше потписничка на договорот од 10 август 1920 година за заштита на негрчките народности во Грција, склучен во градот Севр, таа беше должна да ги почитува правата, културата и јазикот на Македонците. Под притисок на меѓународната јавност, која, патем, и не беше којзнае колку загрижена за тоа што се случува со малцинствата во Грција и за нив се интересираше одвреме навреме, грчката влада, сепак, најави нешто ново во областа на просветата: беше напечатен "Абецедар" (Буквар) во септември 1925 година на леринско-битолски дијалект за македонските деца. Букварот беше во големо количество однесен во Женева за да се докаже пред светот дека се почитуваат правата на малцинствата во Грција, меѓутоа, тој во земјата беше веднаш запленет, а македонски училишта никогаш не беа отворени.

Драмата на Македонците во Егејска Македонија продолжуваше: на 17 август 1926 година диктаторот Пангалос со југословенската влада склучи договор според кој владата во Атина Македонците во Грција ги призна како - српско малцинство!

Тоа што Македонците во Егејска Македонија станаа "Срби", практично, ништо не значеше: по посетата на диктаторот Пангалос на Његуш, Воден, Лерин и Костур, во таа 1926 година, констатирана беше потребата погрчувањето на овие краишта да се забрза, па во таа насока, под итно, беа доведени 1.500 малоазиски бегалци во овој југозападен дел на Македонија. Според потврдени информации, во 1926 година грчката влада одобрила 14 милиони драхми за отворање грчки училишта во Македонија. Само во Лерин било предвидено да се отворат 80 нови училишта, во кои, се разбира, наставата би се одржувала исклучително на грчки јазик. Југословенскиот конзул во Солун, во тоа време, во еден свој извештај ја известил владата во Белград дека "целиот овој план ја покажува јасната намера на грчката влада оти сака по секоја цена и што поскоро да го избрише прашањето за словенското малцинство од десната страна на Вардар, како што тоа успеа да го направи во цела Тракија"

Сите средства беа користени за да заврши започнатиот геноцид на негрчкото население во Егејска Македонија, на македонското, особено. Терористичката и големогрчка организација "Грчко-македонска тупаница", на пример, на 27 јануари 1926 година, во името на "верата и татковината, во името на домот и огништето", издаде наредба според која се забранува да се зборува бугарски на сите јавни места. Во кафеаните, на забавите, на собирите, на ручеците, за време на свадбите и слично, мора да се зборува само на грчки јазик, административните и воените власти информации можат да даваат и да примаат само на грчки; доколку ги поддржуваат "злосторствата", т.е. зборувањето на македонски јазик на малолетните, ќе бидат сметани за одговорни нивните родители, старателите и свештениците.

Пешадискиот поручник, некојси Дим Конбурас, во јануари 1932 година во еден свој доверлив извештај, меѓу другото, ќе запише дека во селото Арменско (Арменохори), поповите зборувале "бугарски", претседателот на селото, исто така, зборувал "бугарски", притоа тврдејќи дека тој јазик е македонски, во Општинскиот совет за време на разни заседанија се зборувало само "бугарски", со еден збор "кај домородците во селата владее до крајност противгрчки дух, луѓето мразат се што е грчко и не пропуштаат случај оваа омраза да ја изразат".

Органот на КПГ "Ризоспастис" на 6 јуни 1934 година го донел извештајот од Воден, во кој стои и ова: "Овде, во Воден и во нашата околија, во срцето на Македонија, овде каде што ние Македонците не знаеме друг јазик освен нашиот, македонски, разните органи не принудуваат да зборуваме грчки..., ни се закануваат дека ќе не испратат во Бугарија, на многумина им ги одземаат нивјето што од многу години ги натопуваме со наша пот за суво парче леб. Освен тоа, не лишуваат од слободата што ја добиле нашите татковци по долгогодишна борба, гинејќи за ослободувањето на Македонија... Во основните училишта секојдневно ги тепаат малите деца, кои го зборуваат својот јазик..."

Треба да се забележи дска македонското население во Егејска Македонија во политичкиот живот, главно, се определи за левите партии, за Комунистичката партија на Грција, исто така. На изборите од 7 ноември 1926 година лево ориентираните партии добија 16 мандати. Патем, на својот Трет вонреден конгрес (1924), тргнувајќи од правото на самоопределување на народите, кое во себе го содржи и правото на отцепување и формирање своја држава, КПГ ја прифати идејата за "единствена и независна Македонија". Таа дозволи во Егејска Македонија да се формира ВМРО (Обединета), што и се направи во март 1934 година во Воден, кога за секретар на Организацијата бил избран прекалениот револуционер Андреја Чипов. Создавањето на ВМРО (Обединета) најави широко демократско движење во Егејска Македонија. Развојот на ова движење дојде до оној степен кога отворено Организацијата го постави прашањето за слободна употреба на мајчиниот јазик, отворање македонски училишта и други права што произлегуваат од една културна автономија. Во грчкиот парламент комунистот Склавеност на 25 април 1936 година рече: "Уште едно прашање што го игнорира владата во своите декларации, е прашањето за давање полна рамноправност како на месното население, така и на националните малцинства што живеат во Грција. Тоа, главно, се однесува на македонската нација..."

Во август 1936 година власта ја презеде Метаксас, воведувајќи воена диктатура во Грција. ВМРО (Об) беше забранета, а нејзините раководители, меѓу кои Андреја Чипов, Лазо Трповски, Фоти Урумов, Ристо Галабов, Коста Думов, Алеко Тенекеџиев, Трифун Хаџијанов, беа уапсени и интернирани.

Во меѓувреме, и ставот на КПГ за "независна и обединета Македонија" полека се трансформираше за да добие на Шестиот конгрес на КПГ во декември 1935 година сосема нова формулација: "полна рамноправност на малцинството", со објаснение дека "во грчка Македонија е извршена промена на националниот состав на населението".

Доаѓањето на генералот Метаксас на власт значеше прогласување воена состојба во земјата и распуштање на парламентот. Почнаа масовни апсења на лево ориентираните политички и национални дејци. Десницата особено се нафрли на Македонците, сметајќи ги за "опасни за безбедноста на Грција". Македонското население од пограничните области беше масовно интернирано, околу 5.000 луѓе беа малтретирани само затоа што зборуваа македонски, а прислушкувањето во домовите за да се чуе кој зборува на мајчиниот јазик, клеветењето и кодошењето достигнаа врв - за употреба на сопствениот јазик, во овој случај македонскиот, луѓето се протеруваа дури на пустите грчки острови. Македонците во Грција станаа луѓе од втор ред. Геноцидот веќе беше превосходна државна политика. А кога во 1938 година со специјален закон беше забранет македонскиот јазик, дури и осумдесетгодишни старци беа повикувани на сослушување и малтретирани само затоа што не зборуваат грчки. Грчко-италијанската војна (започна на 29 октомври 1940 година) донесе нови несреќи за Македонците: стотици и стотици Македонци беа интернирани на островите и во внатрешноста на Грција, зашто не им влеваа доверба на властите, иако од 300.000 војници, колку што броеше грчката армија, најмалку 80.000 беа од Егејска Македонија, иако од 12.000 загинати војници во оваа војна две третини беа Македонци и Западнотракијци.

ПИРИНСКА МАКЕДОНИЈА: На Париската мировна конференција делот од Македонија што остана во рамките на бугарските граници беше помал за една околија - Струмичката, која му беше доделена на Кралството на СХС. На тој начин вкупната територија што Бугарија ја заграби од Македонија изнесуваше 6.798 квадратни километри со 156.458 жители во 1920-1921 година, односно со 186.167 души седум години потоа.

Бегалци од другите делови на Македонија, особено од Егејскиот дел ја преплавија Пиринска Македонија, посебно, и Бугарија во целина. Во Петричкиот округ до 1922 година се доселија 4.196 семејства со 18.637 луѓе. По посетата на Петричко, каде што разговарал со една група од околу 900 македонски бегалци, претставникот на Црвениот крст од Париз, во својот извештај нагласил дека таму нашол "голема мизерија", дека во "темни и мали соби живееле по 10-12 души" и дека имало "бројни семејства, кои немале куќи и со малите деца спиеле на отворено". Дописникот на лондонски "Тајмс" на 24 ноември 1926 година јавил, пишувајќи за македонските бегалци, дека "долго време не можел да заборави еден куп од колиби и нивните неисхранети маларични жители". Во една дискусија во Бугарското народно собрание било речено дека бегалците "без земја, без имот, може да се каже, умираат по улиците и мегданите гладни и жедни" и дека "тие се третираат полошо од животни".

Во 1927 година Народното собрание на Бугарија донело закон, според кој средствата добиени од меѓународниот заем (т.н. "бегалски заем"), можат да ги користат само оние бегалци што "засекогаш ќе го примат бугарското државјанство" и ќе се изјаснат дека се "бугарски државјани". Тоа беше само една (од мерките за брзото претопување на македонските бегалци од кои огромен дел за првпат, воопшто, стапнале на бугарско тло) во бугарски поданици.

Прекинатата животворна врска меѓу богатото Серско поле и пасивнииот пирински дел на Македонија, населението го доведе во тешка материјална положба. Со поделбата на Македонија беше раздробена, всушност, не само економската врска меѓу Македонците, туку и нивната духовна и културна соединетост. Затоа, набргу по окупацијата во Пиринска Македонија, оние стари револуционери од Серскиот округ што останаа живи, повторно го кренаа гласот против бугарскиот врховизам. Тие кон крајот на 1918 година во публикуваната Декларација изјавија дека на местото на балканскиот шовинизам, што беше и причина за разгромување на Балканот, го издигаат знамето на македонската автономија, но во смисла на државно-политичка самостојност. Македонскиот трибун, Димо Хаџи Димов, во брошурата "Назад кон автономија" (1919) ќе рече: "Со притисок и заплашување, бугарската официјална политика се мачи да го парализира во македонскиот народ неговиот инстинкт за самозапазување, да го задуши и умртви никулецот на оние идеи што би го спасиле од непријателската поделба, да ја убие онаа моќна жива формула, која сама по себе се зародува во неговата свест и во неговата душа - формулата за запазувањето на неговата целост како самостојна државна единица на Балканот. Тоа чувство, таа свест, таа решеност, заедничка за целиот македонски народ, е во целосна противречност со бугарската политика и, ако таа успее да ја задржи во заблуда бугарската општествена совест, ќе изврши еден нов и тежок злостор кон македонскиот и кон бугарскиот народ... Автономната идеја ја зафаќа цела Македонија, зашто таква е желбата на нејзиниот народ. Ако народите имаат право самите да ја определат својата судбина, македонскиот народ, исто така, го има тоа право, и за определување на својата судбина нема зошто да ја праша Бугарија, Србија и Грција, туку себе си и само себе си...".

Лозунгот "Назад кон автономија" значи истакнување на државно-политичкиот идеал на македонскиот народ, кој "токму во тоа име водел продолжителни војни". Брошурата "Назад кон автономија" на Димо Хаџи Димов ја истакна желбата на Македонците за повторно обединување. Таа нова, борбена психоза кај македонскиот народ го услови и формирањето на Привременото претставителство на поранешната Внатрешна македонска револуционерна организација, во која влегоа нејзини истакнати раководители како, на пример, Ѓорче Петров, Петар Поп Арсов, Димо Хаџи Димов, Туше Делииванов, Ризо Ризов, Михаил Герџиков, Христо Јанков и други. Нивната идеја, идејата за самостојна Македонија ја поддржуваа и серските војводи Александар Бујнов, Таската Серски, Горѓи Скрижевски, Чудомир Кантарџиев и Стајо Хаџиев. "Така се изгради едно раководно борбено јадро", нагласено е во "Историјата на македонскиот народ", "што зад себе имаше голем револуционерно-морален кредит и докажана доверба кај масите од сите делови на Македонија". Привременото претставителство во мај 1919 година испрати апел до сите Македонци во Бугарија во кој јавно изјави дека ги прима сите ставови од Декларацијата на серските раководители и дека "сета своја дејност ќе ја насочи кон извојување на целосна и слободна Македонија како суштествен предуслов за создавање идна балканска федерација". Македонските бегалци масовно го поддржаа Привременото претставителство. Софија на неговото формирање реагираше брзо: беше формиран Исполнителен комитет на македонските братства во Бугарија, во кој влегоа испробани великобугарски експоненти. Задачата на овој Комитет беше пред Мировната конференција во Париз и пред светската јавност да го докаже бугарскиот карактер на Македонија. Во сите меморандуми и апели испраќани од овој Комитет, секаде беше потенциран "фактот" дека во Македонија живеат "македонски Бугари", дека Бугарија треба да направи се да не дојде "до погрчување или посрбување на бугарските краишта", при што се мислеше на Егејска и Вардарска Македонија. Увидувајќи дека со политиката диктирана од бугарскиот двор не ќе ги врзат за себе македонските маси, раководителите на Исполнителниот комитет, Тодор Александров и Александар Протогеров, се свртија кон лонзугот "Автономија на Македонија", откако констатираа дека нема никакви шанси Македонија да влезе во рамките на бугарските граници. Сам Т. Александров ќе рече: "Го издигаме овој принцип, зашто инаку народот не би не следел. Лично, меѓутоа, ќе бидам многу задоволен ако успеам да присвојам макар и една педа од македонската земја под српска или под грчка власт кон заедничката татковина Бугарија. Инаку, како автономна единица Македонија не ме интересира, ако сака оган нека ја изгори"!

Бугарската комунистичка партија, кон која се сврте добар дел од македонското население во Бугарија, сакаше да го искористи револуционерно-нациналното расположение на Македонците за свои тесни партиски цели, обидувајќи се, за жал, преку Димо Хаџи Димов да го претвори Привременото претставителство на бившата ВМРО во неофицијална секција на БКП, која беспоговорно ќе ги следи директивите на бугарската партија. Дојде до разијдување меѓу Ѓорче Петров и Димо Хаџи Димов, со што беше нарушено единството меѓу македонските дејци, кои дејствуваа на планот на македонското национал-револуционерно движење. Македониците се најдоа обезглавени и лишени од гаранцијата што им обезбедуваше "широка поткрепа на компактноста". Во 1920 година БКП формира Емигрантски комунистички сојуз на чело со Димо Хаџи Димов. Во Сојузот влегоа и тракијци и добруџанци, кои ги внесоа во него своите посебни, бугарски национални интереси, што, практично, ја ослабена борбата на македонскиот дел во Сојузот за автономија на Македонија и, воопшто, борбата за македонските интереси. Во август 1923 година самиот Д. Џ. Димов предложи да се расформира Сојузот со што уште еднаш покажа дека тој, како национален трибун, не можеше во себе да го заборави македонското национално-револуционерно чувство. Се врати во друштвото на македонските национални револуционери.

Доаѓањето на власт на Земјоделскиот сојуз на Александар Стамболиски го загрози престолот на Борис Кобуршки, кој се обиде да најде потпора за себе и за својот престол во каков и да е реакционерен блок. Тодор Александров и Александар Протогеров, кои во 1910 година се наоѓаа во ЦК на веќе врховизираната ВМРО, беа проверена двојка што можеше да се искористи. Тие во 1919 година во Пиринска Македонија формираа терористичка организација на која и го дадоа големото име на македонското револуционерно движење - Внатрешна македонска револуционерна организација. Заедно со Петар Чаулев Петар тие се прогласија за членови на нејзиниот ЦК. Не случајно Александров и Протогеров го присвоија името на Организацијата - така беше најлесно да се убедат македонските маси дека тие се борат за Гоцевите идеи и дека се негови директни наследници. Александров и Протогеров отидоа толку далеку во демагошките и лажни додворувања на Македонците што изјавија дека социјалната револуција не ја исклучува националната, па според тоа, ВМРО не ја смета за непријателска Комунистичката партија на Бугарија. По примерот на старата ВМРО требаше да се формираат вооружени чети и да се обноват некогашните револуционерни окрузи. Овие демагошки потези на врховистичката ВМРО вродија со плод: некои стари револуционерни кадри во отсуство на веќе непостојното Привремено претставителство и недефинираниот Емигрантски комунистички сојуз, се определија за организација што го носеше славното име. На оваа крајно десно ориентирана организација со име што привлекуваше, с се придружија некои нови, млади луѓе, кои гореа за акција. Санданистите и други лево ориентирани личности набрзо увидоа дека се работи за "индивидуално застранување на една личност, за едно консеквентно врховистичко служење на Александров". Во поделбата што неминовно уследи санданистите и левичарите успеаја на своја страна да го привлечат Чаулев и многу други поранешни истакнати револуционери и лево определени личности.

Навлегувањето на вооружените чети во Вардарска Македонија, а потоа и во Егејска, требаше да го оформи впечатокот дека ВМРО е сестрана револуционерна сила, а Александров нејзин предводник. Кон оваа организација владата на Стамболиски имаше мошне негативен став. Напротив, за Македонците, Стамболиски секогаш имаше разбирање. Тој до Париската конференција дури поднесе и меморандум во кој предлагаше создавање на независна македонска држава.

Во 1920 година во Софија беше основана Федеративна организација во која влегоа Павел Шатев, Тодор Паница, Крсто Ландев, Никола Киров Мајски, Крум Зографов, Никола Јуруков, д-р Христо Далкалачев, Славчо Ковачев, Климент Размов и други. Ставот на федералистите беше: слободна и обединета Македонија! Тоа е првиот и основен предуслов за федеративно обединување на балканските народи. Истовремено, со оваа организација се појави и Илинденската организација, во која се вклучија старите револуционери. Живите учесници на Илинден се потесно се поврзуваа со левите сили на врховистичката ВМРО, со што го стеснуваа полето на влијание и на дејствување на Тодор Александров.

На 9 јуни 1923 година беше соборена, насилно, владата на Стамболиски. Него го уби скопскиот војвода Величко Велјанов - Чичото. Серијата убиства што започнаа со убиството на Ѓорче Петров (1921 година), сега продолжија со сета своја жестокост. Кон крајот на септември истата 1923 година, се крена востание во Бугарија, кое во некои краишта поприми масовен карактер. Подвижник на овој востанички бран беше БКП. Во Пиринска Македонија востанието беше прифатено на ограничен начин. Востанието беше задушено, БКП и Земјоделскиот сојуз беа забранети, а Илинденската и Федералната партија ставени под силен режимски притисок. Наспроти се, Илинденската организација, сепак, до владата на Цанков испрати Меморандум во кој протестираше против непостоењето на минимални услови за појава на каква и да е македонска патриотска активност. Меморандумот, всушност, беше напишан за да се побара целосно разграничување на бугарските државни тенденции од националните стремежи на македонскиот народ. Во Меморандумот се нагласуваше: "Нашиот народ, како самостоен народ, не можеме да го поднесуваме како жртва на Вашите државни тенденции и треба еднаш засекогаш да бидеме третирани не како дел од бугарската држава, туку како независен политички елемент". На тој начин старите илинденци го потврдија континуитетот на барањето патишта преку кои ќе се потврди целоста и самостојноста на македонскиот народ и, понатаму, на пронаоѓањето нови облици на државно-правен концепт што би ги задоволил народните стремежи.

Уште Привременото претставителство, неколку години пред илинденците, во својот Мемоар до бугарската влада и до политичките партии во Бугарија, побара создавање самостојна Македонија (подвлечено во оригиналот - з.н.) во нејзините природни и географски граници, со рамноправност на сите народности. Во Мемоарот Привременото претставителство на ВМРО подвлече дека идејата за независна Македонија го пробива патот, зашто таа носи "согласување и мир меѓу народите на Балканот".

И Декларацијата на Серскиот револуционерен округ на ВМРО го актуелизира прашањето за македонска држава. Во овој документ се поаѓа од посебните интереси на македонскиот народ во конституирањето на македонската самостојна држава, па се истакнува дека "македонското прашање не е прашање на бугарската, грчката или српска-та државна политика, зашто како народ (македонски - з.н.) има право сам да се грижи за својата судбина и својата земја..."! Во Декларацијата се инсистира на тоа дека со борбата за политичка демократија на Балканот "треба да започне и широка народна борба за автономија на Македонија, како одделна, на широки демократски начела, самоуправна балканска единица".

Прашањето за македонската држава го актуелизира и Апелот до македонскиот народ и до емиграцијата во Бугарија . Во четири точки во него е обработена концепцијата на идната македонска држава: "Македонското население, се вели во Апелот, без разлика на народност и вера, по се што преживеа има цврста и свесна желба неговата земја да се запази цела и неразделена како самостојна политичка единица на Балканот во нејзините природни балкански граници врз оваа основа: Солун како општ центар, Вардарската долина, Скопје и Битола со нивната стопанска и економска заднина". Во овој Апел се бара на вака создадената држава да и се даде самоуправа со "полна рамноправност и еднакви права на сите народи, без разлика на бројноста и без секакви духовни или политички установи, кои би дале предност на кој и да е од нив или би побудиле сомневање или страв од зародување на сепаратистички стремежи и аспирации". Во Апелот, исто така, се бара Македонија да добие "солидни меѓународни гаранции за својата постојана неутралност".

Есента, 1919 година, група македонски револуционери, приврзаници на првобитната ВМРО, меѓу кои Ѓорче Петров, Павел Христов, Петар Чаулев и уште некои други, го истакнаа барањето државно-правниот статус Македонија да го реши во рамките на Југославија. Носителите на оваа идеја му припаѓаа на левото крило на ВМРО и беа приврзаници за автономна Македонија и за целосна независност на национално-ослободителното движење.

Илинденската организација и нејзиното гласило "Илинден" и истакнатиот публицист и главен уредник на гласилото, Арсениј Јовков, и повторно младешки активираниот Крсте П. Мисирков, во 1923 година го актуелизираа прашањето на вклучување на Македонија во една нова балканска државна заедница, југословенска федерација, која би била прв и крупен чекор кон создавање една општа балканска конфедерација. Во оваа етапа, според Мисирков, на пример, Македонија би можела да претставува "јадро околу кое ќе се групираат останатите делови на Македонија во Грција и Бугарија". "Србите и Бугарите," пишуваше Мисирков во статијата "Раздори или разбирателство", во 1924 година, "треба да знаат дека ние Македонците најмногу сме страдале и страдаме уште денеска од српско-бугарската несогласност и затоа би можеле најмногу да спомогнеме за едно трајно српско-бугарско примирување и за благостојба на целото јужно словенство, ако ни се даде поголема слобода во ковењето на општото јужнословенско блаженство". Поради тоа Мисирков пак апелира: "Дајте ни го правото и слободата да се зачитаме себе си, својотјазик, своето минато, како што ве зачитаме вас, вашата сегашност и минато, и ние ќе изградиме траен мост меѓу Југославија и Бугарија". Мисирков ќе се обрати кон Бугарите: "Дајте ни слободно да се наречуваме и да се чувствуваме како Македонци, без додатокот Бугари". Тој ќе се обрати и кон Србите: "Ако сакате да ја сакаме Југославија толку колку што ја сакаме Бугарија, дајте ни право и слобода да се викаме просто Македонци без да го прикачуваме кон тоа името Срби". А во статијата "Нашата вера" тој речиси ќе крикне: "Ние Македонците сме навикнати да поднесуваме најтирански режим, да ја поднесуваме рамнодушноста на Европа кон нашата судбина и да имаме работа со итри и жестоки поробувачи, но при сето тоа ни за момент не сме се сомневале дека еден ден ќе се здобиеме со слободата. Оваа вера не не остава ни сега, кога, информирани за македонските работи, англиски журналисти и политичари не уверуваат дека Европа не била расположена да ја придодава и слободна Македонија кон сега постојните новосоздадени држави по војната. Ние веруваме во исполнувањето на нашиот идеал, зашто само во независна Македонија Европа ќе најде средство да се спречат нови војни од светски карактер, како последнава". Според Мисирков, македонското национално чувство - "тоа е историскиот позив на Македонецот што може да го исполни само како слободен и рамноправен граѓанин на Југославија, на кого што му е дозволено да мисли, да чувствува, да зборува и да дејствува како Македонец".

Идејата за создвање балканска јужнословенска, односно југословенска федерација со Македонија како федерална единица, не е нова точка. Неа своевремено ја разви најистакнатиот претставник на Македонското научно-литературно дружество во Петроград, Димитрија Чуповски. Тој ќе ја афирмира идејата дека "Бугарија нема поголемо право над Македонија од Србија и Грција, кои со неа владееја, исто како и Бугарија, во својство на завојувачи на нашата Татковина". Во Резолуцијата на македонските емигранти, донесена на 8 јуни 1915 година, се бара воспоставување "статус на обединета, целокупна независна Македонија". Според гледиштето на Македонската колонија во Петроград, каде што се оформи Дружеството и каде што Димитрија Чуповски разви особено жива патриотска активност, македонската држава би била федерална единица во балканската федерација, при што поблиску е разработен концептот на идната федерација.

Димитрија Чуповски во списанието "Славјанин", како што соопштува Блаже Ристовски во "Нова Македонија" од 26 ноември 1970 година, ќе го изнесе мислењето оти една федеративна држава на Балканот, во чиј состав би влегле сите балкански држави, ќе може "да обезбеди коегзистенција и прогрес". Во оваа федерација што би ја сочинувале: Бугарија, Србија, Црна Гора, Грција, Македонија и Албанија или: Бугарија, Србија, Македонија и Црна Гора, Македонија би влегла врз основа на еднакви права. Можната федерација би имала заедничка царинска и железничка тарифа, монетарен систем и вооружени сили.

Во 1929 година поголема група македонски интелектуалци во Бугарија, наречени македонски федералисти, се конституира како Привремена комисија. Овие интелектуалци, противници на бугарските аспирации кон Македонија, објавија Декларација во која ги изнесуваат ставовите за државно-правниот статус на Македонија во југословенската федерација. Декларацијата поаѓа од потребата "обединувањето на Србите, Хрватите и Словенците да се прошири и со Бугарите и Македонците". Македонските федералисти сметаа дека е потребно свеќе создадената Југославија да се дополнува во смисла на обединување со бугарскиот и со обединетиот македонски народ. Тоа би го спречило "дефинитивното економско пропаѓање на македонскиот народ со оглед дека скоро цела Македонија е изложена на општо пропаѓање, бидејќи ги нема излезните пунктови - Солун и Кавала, кои се во туѓи, несловенски раце". Заклучувајќи дека "ние сме Македонци и такви ќе си останеме", македонските федералисти во Бугарија констатираа дека искуството од минатите борби Македонците ги направило да бидат реалисти и дека тие обединувањето "во заедничко семејство на Јужните Словени" ќе го бараат преку откривање нови патишта.

Во меѓувреме, на политички план, се случија крупни промени: преговорите меѓу ЦК на врховистичката ВМРО и претставниците на македонската левица во странство и Коминтерната, завршија со објавувањето на Мајскиот манифест на ВМРО. Манифестот го потпишаа и Александров, Протогеров и Чаулев и тој на 6 мај 1924 година беше објавен во Виена. Во овој документ посебно беше нагласено дека крајната цел на борбата што ја води ВМРО е ослободување и обединување на Македонија во наполно независна и самостојна државно-политичка единица во нејзините природни географски граници". (Види го Манифестот во Документи..., стр. 88.) За да се постигне таа крајна цел, Македонците од трите делови на Македонија треба поупорно да се борат за остварување на нивното малцинско право врз целосно рамноправна основа со другите народносни и етнички групации во земјите кон кои привремено припаѓаат трите дела на Македонија. (Историја на македонскиот народ, стр. 202.) "Вековните борби на македонското население," се вели во Манифестот, "против господството на неговата територија од страна на едно племе и тиранијата спроведувана спрема другите племиња што ја населуваат Македонија, отпорот што го покажа тоа кон денационализаторската политика на државите што ја владееја Македонија или граничеа со неа, учеството на македонското население во сите востанија и револуционерни движења, содејството што непрекинато, во сите војни на Балканот, им го даваше на земјите што се јавуваа да се борат во името на ослободувањето и самоопределувањето на балканските народи - тоа е најочигледниот доказ за правото и свеста на македонскиот народ да биде самостојна политичка единица на Балканот". Манифестот донесе нешто ново: за првпат се изгради единствен македонски револуционерен фронт. Меѓутоа, Мајскиот манифест беше тежок и ненадеен удар за великобугарската и крајно реакционерна политика на Дворот и владата. Според нив, Александров и Протогеров "премногу и сосема неочекувано се истрчале во своите махинации и лавирања, па се покажале и како нивни непослушници". На 1 август 1924 година Александров и Протогеров изјавија дека "не потпишале никаков манифст и дека објавениот Манифест е мистификација на егзалтирани комунисти". Веќе беше доцна: владата на Цанков повеќе немаше доверба во нив. На 31 август терористи на ВМРО го убија Александров на Пирин Планина во непосредно присуство на Протогеров. Се покажа дека мртвиот Александров може да биде "поупотреблив" отколку живиот: за одмазда, ширум Бугарија и надвор од неа почнаа масовни ликвидирања на истакнати македонски прогресивни дејци: Александар Бујнов, Стојо Хаџиев, Алеко Василев, Ѓорѓи Пенков, Методија Алексиев, Ѓорѓи Ковачев, Христо Медликаров, Димитар Икономов, Арсениј Јовков, Димо Хаџи Димов, Славчо Ковачев, Ангел Поп Василев, Чудомир Кантарџиев, Ѓорѓи Стрижевски, Петар Чаулев, Тодор Паница, Петко Д. Петков и многу други. Иван (Ванчо) Михајлов, кој го наследи својот сограѓанин Александров, секогаш дејствувајќи од заднина, врховистичката македонска организација ја претвори во терористичка организација која ликвидираше се што покажува каков и да било прогресивен знак. Се до 1934 година, кога оваа наголемо фашизирана организација беше со закон забранета, таа времето од десет години го претвори во еден од најцрните периоди, ако не и најцрн, во историјата на Македонија. За да се зацврсти и да го "заслужи" епитетот на "водач на македонскиот народ", Михајлов го организира и убиството на Протогеров (7 јули 1928 година), како и на неговите приврзаници Горѓи Баждаров, Наум Томалевски и Васил Пундев.

Група "македонски народни студенти", всушност македонски федералисти, потпишувајќи се со лажни имиња за да ги избегнат репресалиите, згрозени од масовните убиства, испратија апел до сите, во кој со жалење констатираат дека "дојде часот даја спасуваме Македонија од Македонците, да ја спасуваме од побрканите сметки на бугарските влади". Студентите во Апелот констатираат дека од 1918 па "до денес" (Апелот е објавен во декември 1930 година во Софија), "повеќе од 4.000 млади и стари македонски војводи, четници и терористи и општественици... паднаа далеку од полето на вистинската македонска борба". Студентите ќе речат дека "тоа не се ниту компири, ниту пиперки за да ги засееме и за едно лето пак да изникнат. Тоа се човечки глави, што ги сакале мајки и татковци - со потно чело и раце испукани од труд ги одгледале. За да се родат пак, потребни се столетија". И ќе извикаат: "Доста крв, доста братоубиства!". На 15 септември 1929 година весникот "Свобода или смрт" ја објави информацијата за теророт во Пиринска Македонија, при што констатира дека "населението на петричкиот крај постојано е изложено на неспокојство и терор од страна на лажните револуционери, кои позираат како комити пред незаштитените селани и пред објективите на фотографските апарати ... Целата таа средновековна контрола и тиранизирањето на граѓанските слободи на населението се врши незаконски и пред носот на бугарската административна власт, која или не гледа или го одобрува она што го работат оние што прават 'револуционерен' карневал", се вели меѓу другото во оваа информација.

На 29 април 1924 година членовите на ЦК на ВМРО Александров, Чаулев и Протогеров, ја потпишаа Декларацијата на ЦК на ВМРО за обединување на силите на македонското национално ослободително движење, во која е потенцирано дека ВМРО, "во својство на вистинска револуционерна сила, се бори за ослободувањето и обединувањето на раскинатите делови на Македонија во една наполно самостојна (независна) политичка единица, во нејзините природни етнографски и географски граници. Таа (ВМРО - з. н.) смета дека политичкото постоење на Македонија може да биде гарантирано само во сојузот на самостојно определените балкански народи во форма на една балканска федерација, која единствено ќе може да ги парализира анексионистичките стремежи на постојните балкански држави, да го осигура правилното разрешување на сите национални спорови, да го гарантира културниот развиток на сите етнографски малцинства". Во Декларацијата, исто така, се нагласува: "Во својата борба за ослободување на Македонија и за образување Балканска федерација, ВМРО смета, пред се, на обединетите сили на целото македонско население во соработка со револуционерните движења на другите балкански народи", па додава: "ВМРО наоѓа дека за образувањето на единствен македонски револуционерен фронт од суштествено значење е групирањето на сите револуционерни елементи на македонското движење во единствен македонски револуционерен фронт".

Веќе утредента, тројцата членови на ЦК го потпишаа протоколот за обединување на Македонското револуционерно движење во кој, што е и разбирливо, бидејќи дојде само 24 часа по потпишувањето на Декларацијата, уште еднаш се повторуваат нејзините основни ставови, при што уште еднаш е нагласена првата и најнепосредна задача на македонската ослободителна борба - "обединувањето на сите револуционерни сили во Македонија во единствен македонски револуционерен фронт, како основа за образување на единствениот балкански револуционерен фронт кој ќе поведе најрешителна борба против анексионистичките и империјалистичките планови на сите балкански и европски држави". Затоа ќе треба "да се обедини целото македонско револуционерно движење во една организација и под едно идејно знаме, да се почека додека созреат условите, да престанат сите меѓусебни непријателски акции, да се укинат смртните пресуди, како и да се формира комисија, која "ќе работи на откривањето на сите конфликти". Манифестот, објавен шест дена потоа во Виена, подвлекува дека ВМРО ќе се бори "за ослободување и обединување на раскинатите делови на Македонија во една наполно независна и самостојна политичка единица, во нејзините природни географски и етнографски граници", па затоа ги повикува сите "свесни борци за слободата", да ги сплотат своите сили во формирањето "на еден единствен македонски револуционерен фронт".

Нешто подоцна (ноември 1924 година), значи еден месец пред да биде убиен, Петар Чаулев го објави својот "Позив", во кој му го негира на Протогеров правото да зборува во името на ЦК, па сега тој, како единствен негов член, бара одржување конгрес на Организацијата и, повикувајќи се на Мајските спогодби, ги повикува на обединување сите прогресивни македонски револуционерни сили. Во истиот тој број на "Балканска федерација", во кој Чаулев го објави својот "Позив", д-р Филип Атанасов ја објави статијата "Обединувањето на Македонското револуционерно ослободително движење", во која го изразува убедувањето дека "обединетото Македонско револуционерно движење, поткрепено од македонскиот народ... ќе води борба, и тоа безмилосно, како со непријателите и поробувачите на Македонија, така и со сите оние што ќе му се испречат на патот. Тоа е убедено дека скоро, многу скоро, ќе го постигне својот идеал: слободна, независна и обединета Македонија!" Иван Катарџиев смета дека идејата за обединување на Македонското револуционерно движење ја прифатиле сите струи во македонското движење воопшто. Димитар Влахов, кој беше еден од главните составувачи на Манифестот тие месеци, преку "Балканска федерација" и "Македонско дело", разви особена публицистичка активност, преку која ги разобличи убијците на Чаулев и Паница и нивната цел да го забават и одложат процесот на обединување на македонските револуционери и нивната актив-ност. Така, тој во две продолженија во весникот "Македонско дело" од септември 1925 година, пишува дека "Македонија ќе се ослободи и обедини во едно политичко цело, ќе стане самостојна држава" и дека сето тоа ќе може да се случи кога борбата на македонскиот народ ќе добие "масовен карактер".

Кога се одржала Основачката конференција на ВМРО (обединета) не се знае. Според Димитар Влахов, тоа било, најверојатно, во октомври 1925 година, во Виена. Исто така, според Влахов, на Конференцијата учествувале Ризо Ризов, Павел Шатев, Ѓеорги Занков, Христо Јанков, Владимир Поп Томов и тој, Димитар Влахов, макар што треба да се претпостави дека имало уште учесници на овој значаен состанок. Бидејќи на состанокот не присуствувал претставник на федедралистите на д-р Атанасов, очигледно дошло до некои недоразбирања при формирањето на единствениот национален фронт. Во Виена не присуствувал и претставник на Серската револуционерна група, макар што нејзиниот претставник, Димитар Арнаудов, дополнително се вклучил во новоформираниот ЦК во кој влегле уште и Панко Брашнаров, Христо Јанков и Димитар Влахов. За кандидати и членови на ЦК биле избрани Владимир Поп Томов, Ризо Ризов и Павел Шатев.

Една година подоцна, во септември 1926 година, во "Балканска федерација" беше објавена втората резолуција за внатрешната и меѓународната положба на Македонија донесена на Основачката конференција на Обединетата. Таа беше нешто како програма на ВМРО (обединета) и требаше да даде "единствена слика за решавањето на македонската и, воопшто, на балканската проблематика". Во неа се истакнува дека соседните балкански влади се интересираат за Македонија само доколку "можат да ги искористат маките на македонскиот народ" и притоа да извлечат политичка корист од сето тоа. Тие влади, исто така, се противници на идејните стремежи на македонскиот народ за негово ослободување и обединување.

Со појавата на ВМРО (о6.) настанаа нови правци во развојот на македонското национално ослободително движење. Се внесоа нови погледи и нови насоки во борбата за остварување на националната слобода на македонскиот народ и изградувањето на неговата државност. Појавата на една ваква здружена политичка организација, во времето кога трите дела на поделена Македонија се потешко ја поднесуваа окупацијата, претпоставуваше и откривање нови можности за ослободителното движење, кое, во нови услови, побара нови патишта и начини за остварување на правото на македонскиот народ на самоопределување, како, на пример, неговото обединување во една политичка целина, која би била рамноправен член на идната балканска федерација.

Од сето она што е погоре речено, очигледно е дека ВМРО (о6.) се појави како политичка сила, чија цел беше обединување на распарчената Македонија во една единствена целина во рамките на нејзините историски, географски, природни и етнички граници. Тоа, пак, значеше, соседните земји, кои од неа заграбија која повеќе која помалку, да се согласат заграбеното да го вратат. Во игрите на големата политика, овој основен идеал на ВМРО (об.) беше неприемлив. Обвиена со многу тајни, одлуката на Комунистичката интернационала беше, таму некаде кон средината на 30-тите години, донесена: ВМРО (о6.) требаше "безболно, бавно и непринудено да биде укината во трите дела на Македонија и да и се одземат нејзините функции од класното движење". Крајот на дејствувањето на ВМРО (о6.) треба да се бара меѓу 1935 и 1937 година.

И кога веќе е спомената Комунистичката интернационала, добро е да се проследи, накратко, нејзиниот однос кон македонското прашање:

На Петтиот конгрес на Коминтерната (17 јуни - 8 јули 1924 година) беше широко елаборирано прашањето за правото на народите на самоопределување се до отцепување. Во контекст на ставовите што по ова прашање ги зазеде Коминтерната, беше афирмирано и правото на македонскиот народ на самоопределување. Притоа, Комунистичката интернационала тргнуваше од "основната историска претпоставка дека македонската нација е формирана и дека е во процес на своето консолидирање... Настојувањето на македонскиот народ да создаде своја независност и на своето движење да му обезбеди самостојност за да извојува сопствена држава, исто така, претставува основа за остварување на неговото право на самоопределување до отцепување и создавање самостојна држава".

Коминтерната ја сметаше Југославија за вештачка творба, па оттука и нејзиниот став дека не само Словенија и Хрватска, туку и Македонија, можат да се издвојат од оваа заедница и да формираат независни републики.

Во февруари 1934 година Извршниот комитет на Коминтерната го заокружи и го утврди својот став по таканареченото "македонско прашање", признавајќи го ентитетот на македонскиот народ. Резолуцијата со која се признава македонскиот народ како нација беше подготвена во Балканскиот секретаријат на Коминтерната во Москва, а потоа прифатен од Извршниот комитет. Димитар Влахов во своите "Мемоари" ќе се потсети: "Меѓутоа, ќе го одбележам тука и тоа дека некои од присутните направија забелешка дека, ако ние ја примиме констатацијата за постоењето на македонската нација, и почнеме да работиме во тој правец, многу македонски дејатели ќе се откинат од нас, и ќе претпочитаат да отидат кај македонските фашисти, иванмихајловци, или кон другото фашистичко крило, следбениците на Протогеров... Такви случаи да не се прима постоењето на македонската нација и да не се сака да се изработи литературен македонски јазик, имавме ние среде македонската емиграција во Бугарија... Споменав порано, дека самата КИ сакаше да биде разгледан македонскиот проблем на едно од советувањата на нејзиниот Извршен комитет. И еден ден јас бев известен дека такво советување ќе се одржи. И тоа се одржа. Пред да се одржи ова советување, тесното раководство на овој Комитет беше веќе установило свое становиште и беше го натоварило Балканскиот секретаријат да изработи соодветна резолуција. Валецки, кој уште продолжуваше да го раководи Балканскиот секретаријат, натовари еден од своите соработници, негов пријател, исто така Полјак, кој, може да се каже, немаше ни поим од македонскиот проблем, да изработи соодветна резолуција. Јас бев тој што поодблизу го запознав со македонскиот проблем и му помогнав да ја исполни поставената задача. Тој напиша проект резолуција, која требаше да биде разгледана на заседанието на Извршниот комитет на КИ, за кое зборував погоре. Во таа резолуција, која ние ја објавивме во "Македонско дело" во 1934 година, се констатира дека постои македонска нација. Во неа се зборува за задачите што претстојат пред комунистичките партии на Балканот да го потпомогнат револуционерното движење на Македонија, а исто така во неа се поставуваат задачи кои претстојат да ги исполнат македонските револуционери и специјално ВМРО (ос6.).

Во резолуцијата стои: "Буржоазиите на владејачките нации во трите империјалистички држави, меѓу кои е поделена Македонија, се обидуваат да го прикријат националното потисништво, одречувајќи му ги националните особености на македонскиот народ и постоењето на македонскиот народ.

Определувајќи ја улогата на ВМРО (о6.), Извршниот комитет на Коминтерната ќе ја задолжи оваа политичка организација да се бори "за правото на македонскиот народ за самоопределување, вклучително и правото да се оддели од државите поробителки и да ја извојува обединетата и независна република на македонските трудбенички маси". На овој начин Комунистичката интернационала го запази во континуитет својот став кон правото на македонскиот народ да се самоопредели, зашто уште во 1924 година, на својот Петти конгрес, самоопределувањето на македонскиот народ го гледаше во "неговиот тоталитет" , како "право на македонскиот народ да изгради своја независна и единствена држава од сите делови на поделена Македонија", спротивставувајќи се на установувањето автономии на македонските територии во рамките на соседните земји.

Безразлично колку позицијата од која поаѓаше Коминтерната, признавајќи го македонскиот народ како оформена нација, беше идеолошки обоена, нејзината одлука, сепак, одигра посебна улога во зацврстувањето на свеста кај Македонците за припадност на посебен народ и, особено, на неговата борба за негово дефинитивно ослободување.

Во декември 1934 година се појави статијата на Бистришки (псевдоним на публицистот Васил Ивановски, подоцна прв главен и одговорен уредник на "Нова Македонија"). "Зошто ние Македонците сме одделна нација" , во која авторот подвлекува оти "... за да ги разобличиме тие маневри на поробувачите и да покажеме дека тие немаат никакво право над Македонија, да ја попречиме нивната асимилаторска политика и да водиме доследна борба за издвојување од бугарската, српската и грчката империјалистичка држава и обединување во самостојна независна република на работниот македонски народ, ние Македонците треба громко да изјавиме дека не сме ниту Срби, ниту Грци, ниту Бугари, туку сме одделена македонска нација, која се бори за своето национално ослобоудвање и одделување на своја македонска држава. Се разбира, тоа не треба да го правиме само од политички причини. Доколку македонската нација не би постоела, не би можеле да говориме за таква. Меѓутоа, таа е на лице и нејзиното постоење треба да им се предочи на сите. На таков начин до голем степен тоа ќе ја олесни нашата националноослободителна борба".

Во весникот "Македонски вести" од 12 август 1936 година беше објавена статијата "Пројавувањето на макед(онската) свест" во која е подвлечено: "Ние се чудиме на смелоста и вештината на некои софиски журналисти криво да ги објавуваат соопштенијата на своите колеги од Атина, да менуваат цели зборови и фрази. Така: зборот Македонословени се заменува со зборот бугарогласни или просто Бугари, а тревожниот повик на грчките шовинисти за македонскословенска опасност дел од овдешниот печат го предаде како "бугарска опасност" во грчка Македонија. Се знае целта на овие софиски пишувачи - да се прави бугарска политика по македонското прашање. Меѓутоа, тие не сакаат да сфатат колку голема штета му прават не само на македонскиот народ, кој се бори за својата слобода и независност, туку и на самиот бугарски народ... Меѓутоа, со приведените факти не се исцрпуваат пројавите на македонската национална свест. Такви во Македонија имаме уште многу други. Често наши емигранти одовде одат на гости кај своите роднини во Македонија под грчка и српска власт, одат таму и бугарски официјални лица. Констатацијата на сите е една и иста: таму македонскословенското население се чувствува такво какво што е - македонско и живее со свеста дека тоа претставува одделна нација, различна од грчката и српската, различна и од бугарската, иако со последнава по јазикот и културата се наоѓа во една сличност приближно таква каква што е помеѓу Хрватите и Србите. Нашите сонародници од другата страна на Места и Вардар отворено себе се нарекуваат Македонословени или просто Македонци, изјавувајќи во исто време дека не се ниту Грци, ниту Срби, ниту пак Бугари. Истата работа ние ја слушавме и овде од устата на наши сограѓани дојдени во Софија како соколи, само за да се видат со своите блиски роднини". Во 1936 година се појави и првата книга стихови од македонски автор, "Бура над родината" од Ангел Жаров (Михаил Сматракалев) на бугарски. Ангел Динев нешто подоцна ја објави книгата "Македонските Славјани" (1938 година), која одигра посебна улога со својот "јасен позитивен однос спрема историската обусловеност на македонскиот национален развиток" . За книгата на Коста Веселинов "Преродбата на Македонците и Илинденското востание" (1939 година) Димитар Митрев ќе рече дека претставува "прв сериозен обид од страна на Македонец од Пиринска Македонија да се постави прашањето за македонската преродба, како чин на изразита самобитност и документарно да се отфрлат фалсификаторските присвојувања на највидните македонски преродбеници" , Појавата на првите книги на Венко Марковски "Народни бигори" и "Огинот" (1938 година) на македонски јазик во Софија, како и појавата на една таква поетско-револуционерна натура, како што беше личноста на Никола Вапцаров, беа во најнепосредна врска со широко утврденото сознание за постоењето на македонската нација и борбата на Македонецот за политичка, национална и социјална слобода на неговиот народ. Создавањето на Македонскиот литературен кружок во Софија (1938 година), во кој членуваа повеќе од 12 млади македонски литерати и публицисти, меѓу кои Вапцаров, Жаров, Антон Попов, Ѓорѓи Абаџиев, Иван Терзиев и други, само уште повеќе го прошири чувството на припадност на еден древен и самобитен народ, македонскиот, во прецизно утврдени историски, природни и етнички граници, со своја историја, со свој јазик и своја културна традиција.

Непосредно по Резолуцијата на Коминтерната за македонското прашање, Георги Димитров им се обрати на Македонците во Америка (13 ноември 1934 година) со писмо во кое подвлече дека "бугарскиот пролетаријат е животно заинтересиран за националното ослободување на Македонија" и дека "националното ропство на македонскиот народ е извор за засилување на угнетувањето на работниците и селаните во Бугарија, во Југославија и во Грција". "Поделена и ограбена Македонија е јаболко на раздорот меѓу балканските империјалисти и извор на чести опасности од големи конфликти и претумбации на Балканот".

Националното осознавање на Македонците се продлабочуваше како појава, напоредно со се пошироката борба за целосно ослободување и обединување на Македонија.

ВАРДАРСКА МАКЕДОНИЈА: По Мировната конференција во Париз, Вардарска Македонија со своите 25.713 квадратни километри и 728.286 жители беше приклучена кон границите на штотуку формираното Кралство на СХС. Седум години (од 1912 до 1918) македонскиот простор беше средиште на воени дејствија и походи: опустоши земјата, голем број луѓе изгинаа или изумреа од глад или неисхранетост. По Војната во Вардарска Македонија веднаш беше обновен антидемократскиот режим воведен уште во 1913 година. Тоа беше режим на казни, репресии, судски пресуди, претепувања. Со Уредбата, на пример, се предвидуваше 20 години робија за формирање антивладини организации, а две години затвор за поттикнување на штрајк. Повеќе од тоа: македонскиот народ во Вардарска Македонија беше прогласен за непостоен, македонскиот јазик и името Македонец беа забранети. "Радничке новине" од март 1920 година пишуваа дека "во Прилеп се побуниле затворениците, кои, како политички виновници, во затворот лежеле 10 - 12 месеци. Тие барале да бидат изведени пред суд. Дошло до тепање со жандармите по што сите затвореници биле оковани." Како и великогрчката и великобугарската, така и великосрпската политика во основа применуваше еднакви методи и средства при обидот национално да ги обезличат Македонците и економски да ги дискредитираат Со Уредбата, пак, за населување на "јужните, нови краишта", од 24 септември 1920 година, чифлишката и државната земја, главно, беше доделувана на колонистите од другите краишта на Југославија, чие доселување во Македонија, пред се и над се, имаше за цел да ја разбие компактноста на македонското население во неговата родна земја. Според некои податоци, заклучно со 1928 година, бројот на населените семејства во Македонија изнесувал 6.377. Ним им биле доделени 63.939 хектари земји.

Во "Привредни гласник" од февруари 1921 година беше соопштено: "Убиства и разбојништва вријат на сите страни. Едно од најважните прашања, аграрната реформа, почна да се спроведува на чуден начин. Се тргна по еден пат, се застана, се скршнуваше од патот, и се враќаше наназад. Неколку противречни уредби и безброј различни толкувања и министерски расписи внесоа вистински хаос. Сосема природно, над сето тоа се издигна пустото самоволие на аграрните шефови - делии, кои фактички станаа вистински господари во регулирањето на конкретните случаи. И ние гледаме како од земја се лишуваат вистинските земјоделци, а бесмислено таа им се дава на разни шпекуланти кои никогаш во својот живот немале ништо општо со земјоделството". Затоа и не беше изненадување што на општинските избори, летото 1920 година, добар дел од населението се определи за левите партии, особено за комунистите, кои ја освоија општинската управа во Велес, Куманово, Кавадарци и Скопје, а на изборите за Уставотворното собрание (ноември 1920 год.), од можните 105.000 гласови од Македонија, тие освоија 40.200, добивајќи на тој начин 15 мандати, главно, Македонци, за конституантата. По повод оваа изборна победа командантот на Третата армија ги повика околиските началници во Вардарска Македонија да ги преземат следниве мерки: "... да се изолираат извесни села, 2. да се следат полските овчари, 3. да се определат места за премин на Вардар на кои поминувањето на реката ќе се врши само од изгревањето до заоѓањето на сонцето, 4. да се раселат селата Градец, Коњско, Петрово и Серминин, 5. да се засилат гарнизоните во Кавадарци и Валандово со по еден баталјон пешадија и со по едно митралеско одделение, со два баталјона пешадија во Струмица итн., 6. чиновниците комунисти да се отстранат од округот бидејќи први почнале да ги шират комунистичките идеи не знаејќи на кого му служат, 7. да се зголемат наградите за шпионажа, 8. да се засилат жандармериските станици од старите граници на Србија, 9. откако ќе се засилат гарнизоните, да се пристапи кон прибирање на данокот, повикување во војска или на вежба, бидејќи комунистичката агитација е насочена против војската и данокот, 10. ниту едно лице од една општина да не смее да отиде во друга општина без легитимација, 11. тукашните свештеници да се заменат со свештеници од старите граници, итн.". Определување на народот во Македонија, и не само во Македонија, за левите политички сили, го услови донесувањето на Обзнаната (29 и 30 декември 1920 година), со која надвор од законот беа ставени КП и синдикатите. Со тоа осиромаши политичкиот живот во Македонија и беше загубено цврстото тло на кое се потпираа националните македонски движења, зашто другите политички партии ја застапуваа големосрпската идеја за српскиот карактер на овој дел од Македонија.

По убиството на Ѓорче Петров и распаѓањето на Привременото претставителство, како и по објавувањето на Обзнаната, се зачести испраќањето на врховистички вооружени чети, тројки и поединечни саботери од Бугарија во Вардарска Македонија. Нивното испраќање се оправдуваше со божемната потреба за создавање "терен" за формирање автономистичко движење во Вардарска Македонија, па затоа беа проследени и со пароли да се "разгорува" борбата на македонскиот народ против државното уредување и за отцепување од Југославија. Инаку, целта беше одамна јасна: приклучување на Вардарска Македонија кон Бугарија! Во периодот од 1922 до 1930 година во Вардарска Македонија биле извршени 63 атентати.

Одговорот на новата власт на ваквите активности на врховистите, и воопшто, на каков и да е пројавен отпор против неа, се сведуваше на масовни апсења (по убиството на генерал Ковачевиќ, на пример, во Штипско беа уапсени повеќе од 400 души), судења, отпуштања од работа, претепувања, сето тоа познато во историјата како "бел терор".

Како одмазда за убиството на колонистите во Кадрифаково и војниците во Гарван, беа фатени и стрелани, без каква и да е судска пресуда, сите возрасни мажи од село Гарван. За одржување "ред и мир" во Вардарска Македонија, сега веќе Вардарска бановина, беа ангажирани 35.000 души, што војници, што жандарми, што граничари и четници.

Од есента 1927 година почна една нова, пожестока офанзива на великосрпскиот режим, чија цел беше дефинитивно да се реши "македонското прашање" во Бановината во српска полза. Се добива впечаток дека тоа беше најавено со воведувањето на Шестојануарската диктатура. Во писмото (декември 1927 година) на жупаните и командантите на жандармеријата и полицијата во Вардарска Македонија до премиерот и министерот за внатрешни работи, под форма на борба против уфрлените комити, беа предложени цела дузина мерки, чија цел беше денационализација и целосно полициско покритие на овој дел од Југославија.

Состојбата во Вардарска Македонија стануваше очајна. Во еден извештај на Министерството за внатрешни работи од 22 ноември 1926 година стои оти "по градовите и, особено, по селата народот се храни многу лошо... храната на село, главно, се состои од ’ржен леб, кромид, оцет, салата и маштеница. Солта многу слабо се уоптребува зашто, како што велат селаните, е мошне скапа. Многу ретко се случува да се вари јадење и да се употребува маст или масло, народот многу пости. Пресметав дека во една година има 260 дена пост... Поради лошата храна и подмладокот е многу лош. Има општини чии регрути е жално да се гледаат, каде што процентот на способноста е рамен на нула"...

Во Апелот од македонски граѓани од 1 февруари 1928 година драматично се предупредува на вистината: "Македонија страда. Тоа што во неа сега се случува повеќе не може да се поднесе. Дојде такво време, што ние овде не знаеме дали ќе не осамне ако не стемнило, ниту дали ќе не стемни доколку не осамнало. Овде народот се наоѓа во очајна состојба. Од една страна, Протогеров ги испраќа своите чети за да прават атентати од кои речиси секогаш страдаат и невини Македонци. Од друга страна, денешниот режим секој таков обид за атентат, без оглед дали успеал или не, "го користи за да воведува овде се посилен терор што само води кон зло. И така, преку нашата кожа се води спор чија е Македонија, а од тоа пресметување само Македонците страдаат, иако не соучествуваат во тоа и ја осудуваат и едната и другата страна".

Вклучувањето на вардарскиот дел од Македонија во Кралството на СХС на учителите и свештениците кои порано не работеле во српската просвета и црква им донесе отказни решенија. Голем број дотогашни егзархиски училишта беа укинати. Во учебната 1922/23 година, на пример, во Вардарската област не работеле 130 училишта. Беше применета формулата на "дозирана просвета", преку која ќе се реализира денационализацијата и ќе се "фабрикуваат најдобри Срби". "Преку училиштата и другите установи и режимски организации се настојуваше да се задуши секаква македонска национална свест и традиција, да се искорени употребата на мајчиниот јазик, да се изопачи историјата, етнографијата итн. При спроведувањето на насилната денационализација и асимилација беа применувани навистина чудовишни мерки, најстрашни прогони и масовен терор, како кон македонскиот народ така и кон албанската и турската народност. Мнозина непокорени Македонци, Албанци и Турци, во одбраната на своите основни човечки и национални права, ги загубија животите, така што само до 1926 година, без иследување и суд, беа истепани над 1.600 души, а во затворите лежеа илјадници маченици".

Напоредно со денационализаторската политика на новата власт, течеше и националното прашање на Македонците, главно, во рамките на активноста на Комунистичката партија на Југославија. Иван Катарџиев ќе нагласи оти "определувањето на политиката на КПЈ кон македонското национално прашање... и покрај извесните лутања од првите години на животот на Кралството на СХС, прво, не може да се третира изолирано од комплексот на националното прашање на југословенските народи во рамките на новата државна формација", второ: од односот на македонските кадри во редовите на КПЈ и трето: од програмските ставови на Вуковарскиот конгрес (1920) дека "КПЈ и натаму ќе остане да ја брани идејата на национално единство и рамноправност на сите нации во земјата". "Ако се допушти на изборите да добијат крупнокапиталистичките и шовинистичките партии," извика на предизборниот митинг во Прилеп комунистичкиот кандидат Рајко Јовановиќ, - "македонската нација никогаш нема да биде призната. Чија е оваа земја на која живеете? Ваша, другари, ваша - македонска!".

Тоа не значи дека ставот на српските комунисти во наредните неколку години ќе оди праволиниски. Напротив. Така, на пример, Сима Марковиќ, развивајќи ја тезата дека националното прашање во кралска Југославија е уставно прашање, прашањето на признавањето на националноста на Македонците го поставува како балканско, гледање што го постави уште на Првата земска конференција тој самиот. Неговата теза се состоеше во тоа дека Македонија е населена од повеќеродно население, чии матици се наоѓаат во соседните држави, па, според тоа, националното прашање во Македонија нема никогаш да се реши ако се набљудува од гледиштето на интересите на само еден балкански народ: "Тоа ќе може да се реши само тогаш кога ќе се посматра од аспект на интересите на сите балкански народи...", ќе заклучи Марковиќ. Сима Миљуш, пак, во таа 1923 година, ќе биде покатегоричен: "Борбата меѓу Србите и Бугарите во Македонија му се смачила на домашното население. Тоа бара мир и спокојство, тоа знае што сакаат Србите и Бугарите и затоа тоа би сакало да се ослободи и од едните и од другите и да биде самостојно". Коста Новаковиќ, по налог на ЦК, во 1924 година ја издаде брошурата "Македонија на Македонците, земјата на селаните!", поради која и појде на суд. Во неа тој македонското национално прашање го третираше како дел од борбата на сите поробени и потиснати народи за ослободување.

Како и да е, очигледно, српските комунисти тогаш не ја сфаќаа националната содржина на македонското прашање. Резултатот на тоа беше и забраната на КПЈ да се формира Комунистичка партија на Македонија во рамките на КПЈ. Односот кон македонското национално прашање се измени, во позитивна смисла, по признавањето на македонската нација од страна на Коминтерната. Веќе во декември 1934 година, беше донесена одлука да се формираат КП на Словенија и Хрватска, а во "блиска иднина" и КП на Македонија.

Во сараевскиот весник "Вечерења пошта", на 20 јули 1923 година се појави информација дека "во Јужна Србија се формира нова организација на младината 'Македонска група'". Според нецелосните податоци, во формирањето на групата зеле учество неколку демократски пратеници од Македонија на чие чело беше Глигор Анастасов од Кавадарци, потоа Трајко Арсов од Штип, ДимитриеЧичевиќ од Прилеп и уште неколкумина. Целта на идејата да се формира една македонска партија била преку неа да се "групираат силите на народните пратеници за да можат, како народна пратеничка целина, вистински да придонесат за подобрување на незавидната положба на Јужна Србија". Во писмата до Парламентарниот клуб на Демократската партија, еден од носителите на идејата за "македонска партија", Глигор Анастасов, оваа иницијатива ја објаснува и со фактот дека "поголемо распаѓање, поголем хаос, поголеми неправди човек не може да си замисли... Македонија во секој поглед е запоставена...". Во интервјуто за "Слободна трибуна", Анастасов ќе изјави: "Македонија која скоро најредовно ги извршува своите должности кон државата, во секој поглед е запоставена. Прашањето на јавната сигурност, аграрното прашање, патниот и железничкиот сообраќај, прашањето на обновувањето на стопанството, емигрантското прашање, и многу други прашања од витално значење за новата покраина, никако не можат да дојдат на ред за сериозно проучување и решавање, а сето тоа само и единствено поради тоа што Македонија во Парламентот не е застапена со свои претставници, кои како целина со поголем авторитет и помалку партиски страсти ќе можат важноста на овие прашања да им ја предочат на надлежените фактори".

Многу работи околу формирањето на оваа партија остануваат нејасни, меѓу другото и нејзината политичка платформа, особено ако се знае дека Глигор Анастасов по распаѓањето на кралска Југославија се придружи (ако и пред тоа не бил) на ванчомихајловистичката група, која бугарската окупација на Македонија во 1941 година ја поздрави како "историски чин".

Интересно е појавувањето на Македонскиот народен покрет (МАНАПО) во 1936 година. Него го формираа група македонски студенти, антифашисти, симпатизери на комунистичкото движење, при што донесоа и "политичка декларација", која, за жал, не е пронајдена. Меѓутоа, зачувани се главните начела на ова национално движење, чија цел беше да се бори за "признавање на Македонија за една историска јединица и Македонците за посебен народ", како и за тоа Македонија "да биде посебна единица у федеративно уредена Југославија".

Јосип Броз Тито во своето "Писмо за Србија" од 2 ноември 1936 година ќе подвлече: "... Во платформата (на Народниот фронт, з.н.) мора јасно и недвосмислено да дојде до израз решеноста дека правото на самоопределување на сите народи ќе се почитува, т.е. не само правото на Србите, Хрватите и Словенците, туку и на Македонците и на Црногорците, а исто така и правото на народот во Војводина, Босна и Херцеговина, да реши за тоа дали да ја зачува својата регионална самостојност во федеративната држава".

Признавањето на македонската нација од страна на Коминтерната дефинитивно го определи ставот на КПЈ кон борбата на македонскиот народ за свое признавање. Безразлично што КПМ не беше создадена во рамките на КПЈ, сепак, пролетта 1939 година, ЦК на КПЈ го објави документот за својот однос кон македонското национално прашање, при што беше констатирано дека "надвор од секое сомневање е дека Македонците се посебна нација на Балканот (ни Грци, ни Бугари, ни Срби)".

Во меѓувреме, македонскиот јазик го освојуваше просторот. Во некои гласила, лево ориентирани, како "Наш весник" што излегуваше во Загреб, потоа "Луч", "Наша стварност" и "Наша реч" (сите излегуваа во Скопје) беа печатени литературни творби и статии на македонски јазик, а во Скопскиот театар беа одиграни повеќе претстави на чист македонски јазик или на некој од неговите дијалекти, како, на пример, "Бегалка" и "Чорбаџи Теодос" од Васил Иљовски, "Парите се отепувачка", "Антица" и "Милион маченици" од Ристо Крле, "Печалбари" од Антон Панов и уште некои. Појавата на "Бели мугри" на Коста Солев Рацин пополни "една историска нужност" - "во времето кога е објавена, оваа збирка песни ја означуваше кулминацијата на стремежот кон дефинитивно утврдување на македонскиот јазик и, воопшто.кон афирмација на македонската национална култура". Едноставно речено: "Бели мугри" се весник "на будењето на еден народ, кој во борбата за подобар живот дозрева за создавање на своја национална култура".

Во ова време, Андре Вајан, голем француски славист, пишуваше: "... Поимот на 'словенскиот македонски' е нејасен само за оној што тоа го сака. Словенскиот македонски претставува реалност во таква мера што во 19 век суштествувал еден македонски литературен јазик, јазик на сосем мала учена литература, но на обилна народна литература, и не се работи само за документи и фолклор какви што можат да се соберат секаде: лирската македонска песна, многу ценета во Србија и во Бугарија, претставува еден автентичен литературен жанр, со реална вредност. Овој литературен јазик, базиран врз говори што природно се разликуваат малку меѓу себе, немаше време да се уницифира. Меѓутоа, негови центри беа Скопје, Тетово, Охрид, Битола (Манастир), Воден, итн.". Нешто слично, во таа 1938 година тврдеше и полскиот славист Мјачеслав Малецки: "... Но, треба да се додаде дека, покрај македонските особености што одат било по развојната линија на бугарскиот јазик било на српскохрватскиот, има исто и наполно индивидуални црти кои во токму таков вид не се јавуваат во ниеден од тие јазици. Затоа на прашањето дали се македонските говори српски или бугарски, би одговорил дека не се ни исклучителен српски ни бугарски, ами повеќето од нив претставуваат индивидуален дијалектен тип (кој може да се нарече и македонски јазик), поврзан со силни јазли на сродство со двата спомнати јазика. Македонскиот е премин меѓу српскиот и бугарскиот, и неговото приклучување само кон еден од тие јазици од лингвистичка гледна точка е неосновано".

Безралично што не е признаено, националното осознавање на македонскиот народ е веќе утврдено. Жестината на дијалогот на групата млади интелектуалци со српскиот професор Никола Вулиќ (1940), кој јавно кажа дека не постои Македонија, ниту пак македонски народ и македонски јазик, како и реакцијата што тоа негово пишување ја предизвика, јасно покажа дека само политичките и меѓународните обусловености пречат македонскиот народ да го потврди својот ентитет. Многубројните летоци, повици и прогласи на Покраинскиот комитет на КПМ и други левоориентирани организации и движења, говорат за тоа дека повеќе нема никакви дилеми, барем кај Македонците, дека нивното прецизно утврдено чувство е оти тие "не се ни Бугари, ни Срби, нити Грци, туку сет само Македонци" Во Резолуцијата на ПК на КПЈ за Македонија (септември 1940) се подвлекува дека "само слободна и независна Македонија можи да гарантира слобода на сите потиснати и поробени во Македониа" Во Резолуцијата на Петтата земска конференција на КПЈ (одржана од 19 до 23 октомври 1940 година), меѓу другото, стои: "... Борба за рамноправност и самоопределување на македонскиот народ против угнетувањето од страна на српската буржоазија, но истовремено и упорно разобличување на италијанските и бугарските империјалисти и нивните агенти, кои, исто така, по пат на демагошки ветувања, сакаат да го потиснат македонскиот народ". Кон почетокот на декември 1940 година, во статијата "Балкански воени провокатори", Јосип Броз пишуваше: "И кога денес, во разгорот на уривањето на целиот версајски систем, бугарската и српската реакција военољубиво и провокаторски се натпреваруваат дали Македонија треба да биде украс на бугарската или на југословенската кралска круна, мораме посилно одошто кога и да било да им довикнеме на тие воени подбуцнувачи дека Македонија не е ни српска ни бугарска. Македонија, таа угнетувана земја, во која под српската национална хегемонија со години пати слободољубивиот македонски народ, изложен на најсуров терор, глад, однародување и експлоатација, таа со крв натопена земја не е тука за тоа да служи како украс на кралската круна на некого, ниту да биде мираз на српската или на бугарската буржоазија, туку да биде слободна од секое национално угнетување. Македонскиот народ се бори за своето национално ослободување и во таа борба даде досега тешки и крвави жртви. Нему, како ни на сите други угнетени народи, не може никаква реакција да му ја задуши волјата за слобода, ниту да го уништи неговото право на самоопределување, правото самиот да ја управува својата судбина. На Македонија нема никакви права на бугарската ни српската буржоазија".

Македонскиот народ, со висока свест за сопствената самобитност и правото сам да ја извојува независноста и слободата на својата земја, ги пречека драматичните историски настани на Балканот што започнаа со нападот на Италија на Грција и со воениот пожар предизвикан од нападот на Германија на Југославија.

Извор: Македонски братство

No comments: