Македонска црква

Не е познато дали на Првиот васеленски собор (Никеја, 325 година) присуствувале и претставници на црквата од Македонија. Меѓутоа, на Вториот собор (Сердика, 343 година), учествувал и Паригориј, првиот скопски митрополит и неговиот суфраган, епископот на Улпијана (денешен Липљан). Тие застанале на страната на православието. Присуството на Паригориј покажува дека уште во првите децении на четвртиот век во Македонија имало организирани епископии на чело со митрополити и епископи. Веќе во 5. век црквата во Македонија била добро организирана. Од двете митрополии, Солунската и Скопската, особено влијание имала Солунската, со оглед на тоа дека неа ја основал апостолот Павле.

Населувањето на Словените на Балканот, особено по нивното покрстување, а, над се, по појавата на писменоста и служењето на литургијата на словенски јазик, внесе сосема нов квалитет во развојот на црквата во Македонија. Кнезот Борис, по формирањето на Бугарската држава, под која потпаднал и еден дел од Македонија, од политички причини, го хиротонисал Климента за епископ на Дремвица и Велика (893), со седиште во Охрид, што значи дека големиот и славен маж станал прв македоно-словенски епископ. Службата божја во неговата епископија, се разбира, се служела на јазикот на Македонските Словени. На тој начин Охрид израснал не само во крупен просветен, книжевен, туку и во голем црковен центар. Формирањето на Самоиловата држава потребата од самостојна македонска црква ја наметна како императив. До Самоила црквата во македонија била под јурисдикција на Бугарската патријаршија, основана од бугарскиот цар Симеон, без согласност на Васеленскиот патријарх од Цариград. Во тоа време се споменуваат епархии во македонските градови Воден, Меглен, Серез, Охрид, Скопје. Успехот на востанието на комитопулите, како и ослободувањето на Македонија од византиското владеење (во меѓувреме е ликвидирано Бугарското царство), бараше, согласно со установената практика, каде што е седиштето на световната власт, таму да се пресели и седиштето на духовната. Тоа значи дека седиштето на црквата требаше да се префрли во Преспа, поточно: на островот Аил, каде што Самоил во меѓувреме изгради прекрасна црква, во која беа пренесени моштите на св. Ахил од Лариса, откако тој во 985 година го освои овој град, по мошне тешка борба и опсада.

Нема конкретен податок кога Самоил црквата во Македонија, значи, во неговата нова држава, ја подигнал на ниво на архиепископија. Треба да се претпостави дека тоа го направил веднаш по своето прогласување за цар, што значи во последните години на 10. век. Пренесувајќи ја својата престолнина од Преспа во Охрид, таму го пренел и седиштето на Архиепископијата, која во историјата е позната како Охридска архиепископија.

Рускиот научник Дурново, во студијата "Имаат ли Бугарите историски права на Македонска Тракија и стара Србија?" (Москва, 1895), пишува дека во секој случај треба да се признае оти Охрид бил престолнина на Словено-македонско царство, кое се именувало како бугарско, но кое немало ништо заедничко со бившото Прибалканско и Заднодунавско царство. Македонското царство се појавило... по истерувањето на Бугарите од Македонија и тоа имало сосема посебна династија и свои епископи.

Како што се ширело царството на Самоил, така се ширела и јурисдикцијата на неговата црква. Прв епископ на Охридската епископија станал Филип, кој останал на оваа должност од нејзиното основање па се до 1015 година, значи до убиството на Гаврил Радомир. Откако престолот го презел Иван Владислав, Филип бил сменет.

Самоиловата црква не се разликувала од другите источни цркви - таа ги уживала сите феудални привилегии: располагала со црковни имоти, со парици што ја обработувале нејзината земја; освен тоа имала и друг имот, била ослободена од разноразни давачки. Самоил го фаворизирал високиот клер, дури и повеќе и понагласено отколку световните феудалци. "Самостојната Македонска православна црква во Самоиловата македонска држава го водела севкупниот духовен и просветен живот, ги регулирала правните и семејните односи и го обединувала народот под знакот на своето име, во духот на средновековното општо-прифатено државно-правно начело за единство на црквата и државата, согласно со апостолското учење според кое нема власт што не е дадена од Бога".

Управата, судот и законодавството биле трите основни функции што ги имала државата, меѓутоа, ги имала и црквата, исто така, бидејќи била организирана како самостојна општествена заедница, како и Самоиловата држава, впрочем.

Во процесот на создавањето на македонскиот народ и македонската држава, Самоиловата држава и Охридската архиепископија одиграа и една друга, историска улога:

Самоил македоно-славјанскиот јазик го вовел во државната администрација, а црквата токму тој јазик го потврдила како свој, што не беше, воопшто, чудно, зашто тоа беше јазикот на светите браќа Кирил и Методиј и нивните ученици Климент и Наум. Издигнувањето на македонскиот јазик на ниво на официјален државен и црковен јазик влијаеше на обединувањето на дијалектните форми на јазикот, што, пак, од друга страна, беше главен предуслов Македонските Словени да се формираат во самостоен и автохтон народ - македонски. Треба да се нагласи и ова: колку што повеќе Самоиловата држава се стеснувала, епархиите од областите што останувале надвор од неа ги прекинувале врските со Охридската архиепископија. На тој начин, таа, кон крајот на Царството на Самоил, имала власт само во неговите природни граници, значи, во Македонија, во која и свештенството и народот припаѓале на еден ист етнос - македонскиот. Формирањето на Македонските Словени во народ било забрзано и поради неодминливите факти дека основното јадро на Самоиловата држава била Македонија, а конститутивен државоносен елемент Македонските Словени. Затоа, во право е Архиепископот Охридски и Скопски и Митрополит Македонски, г. Доситеј, кој своевремено рече: "Треба ли посебно да се истакнува оти Охридската архиепископија, и потоа споменот за неа, беше единствениот источник на македонската национална свест".

Значајно е дека Василиј Втори, по уништувањето на царството на Самоил, Самоиловата црква ја оставил автокефална. Тој ја оделил Охридската архиепископија од власта на Бугарите, меѓутоа, не ја потчинил на Цариградската патријаршија.

Од византиски извори се гледа дека на тој начин е создаден инструмент на културно и идеолошко влијание врз мнозинството од словенското население во покорените подрачја, при што царот одбегнал да ја зголеми и така големата моќ на Цариградската патријаршија.

На ова мислење е блиско и мислењето на Бранко Панов, кој, проучувајќи го животот на Теофилакт, архиепископот охридски, најстрасниот меѓу страсните проповедници на грцизмот на македонскиот простор, доаѓа до историски прифатлива вистина за улогата на Охридската архиепископија под византиска власт, значи до 1485 година, кога Византиското царство се распадна. Имено, Панов ќе констатира: "Суштината на автокефалноста на Охридската архиепископија била во тоа што охридскиот архиепископ го имал правото сам да ги управува потчинетите епархии (за време на Самоил нивниот број изнесувал 32, а потоа 25, со тенденција оваа бројка постојано да се намалува -з.н.), кога притоа ја спроведувал византиската црковна и државна политика. Сето ова значи дека охридскиот архиепископ бил самостоен во однос на управувањето на потчинетите цркви на Охридската архиепископија, но не и спрема византиската државна и црковна власт".

Ова мислење на Панов е само дел од една доста широка и прифатена теза дека, не само Теофилакт, туку и многу негови претходници и наследници, Грци, самостојноста на Охридската архиепископија ја врзувале со самостојноста на архиепископијата Јустинијана Прима, формирана во 535 година. Овие архиепископи Грци ја бранеле автокефалноста на Охридската архиепископија, не за да ја сочуваат неа како народно-словенска црква, туку да имаат одврзани раце во широко зацртаната програма за погрчување на паствата, во огромно мнозинство, словенска.

Под јурисдикција на новата архиепископија влегол и северниот дел на Македонија Втора со градот Вилазар (денешен Велес), дел од Панонија Прва со Сирмиум (Сремска Митровица) и Таурунум (денешен Земун). Веќе во 545 година Јустинијан Први Јустинијана Прима му ја потчинил на римскиот папа и оттогаш нејзините архиепископи биле луѓе на Рим.

Извор: Македонско братство

1 comment:

Macedonian Macedonia said...

Ова не ме бендиса !
Населувањето на Словените на Балканот, особено по нивното покрстување, а, над се, по појавата на писменоста и служењето на литургијата на словенски јазик, внесе сосема нов квалитет во развојот на црквата во Македонија.
Македонците никогаш НЕ СЕ НАСЕЛИЛЕна балканот .Тие постоеле , СЛОВОТО излезе од нив ,затоа се словени .Прочитај те нешто од Маргарита Китан .