Спомени - Мирчо Кикиритков, 3

 Спомени - Мирчо Кикиритков

I

Роден сум 1904 г. во Ново Село. гр. Штип. од родители: Пане Арсов Кикиритков и Фимка Тинчева, од кои го помнам само татко ми, бидејќи мајка ми умре кога уште не бев навршил 6 години. Влачар, со многубројно семејство, татко ми криво-лево ја истеруваше издршката на сите и дури, либерален во многу односи, ме даде и во училиште, а бидејќи со бујна нарав, таму во почетокот никако не ми се допаѓаше редот, но наскоро свикнав благодарение на другарите со кои во игра го поминував поголемиот дел од своето време, не обрнувајќи им многу внимание на книгите. Игрите не беа многу интересни. Слушавме од нашите татковци дома и чувствувавме дека султанската империја се тресе под притисокот на Македонскиот револуционерен комитет, речиси сите ние, гледајќи го угнетувачкиот црвен фес, не скривајќи ја тајната омраза спрема него и една силна желба, порано или подоцна, со оружје в рака, со нашите поголеми браќа, крстосувајќи ги планините и цветните рамнини, да ѝ го дадеме својот долг на поробената Татковина. Уште тогаш нашите игри имаа карактер на борби помеѓу аскерот и комитските чети, во кои често пати за малку не си ги кршевме главите.

Си спомнувам, еден ден откако се разделивме на две групи и ја завршивме борбата, кога јас со неколцина од моите другари пак паднав во рацете на другите што ги претставуваа Турцнте. По наредба на нивниот началник, ние одвај не бевме тепани, корнети за уши и најпосле со јажиња качени на дрвјата во крајречната градина. Сакаа да обесат. За да нè спаси, сфаќајќи го лошиот крај на играта, втрча еден возрасен сограѓанин и ги натера да нè симнат и да нè одврзат, за да не се случи некаква несреќа. Ништо не е за чудење. Мојот чичко Славејко Арсов, како ресенски војвода, учесник во Илиндснското востанис и убиен 1904 г. во борба со редовната турска војска, неговиот бурен живот што од приказните на татко ми постојано воскреснуваше пред моите очи, не можеше, а да не ни повлијае во тој правец.

А потоа, кога веќе потпораснав, стапив во в второто, третото и четвртото одделсние и сам почнав да разбирам и да се досетувам за онаа мрежа на ВМРО, која беше распослана низ целата македонска земја на која не ѝ беше туѓ ни мојот татко. Подоцна веќе дознав дека тој бил десетар, а брат му Мише Кикиритков - член на Раководното тело. Старите значи работеа. За да не останеме и ние подолу, немоќни и мали, не можејќи да бидеме како нив, го истуравме својот гнев врз незаштитените турски бостани. Во сезоната иа нивното зреење, се собиравме во групи и доближувајќи се скришум до нив, се предававме на безмилосно сечење. Дињите беа Турчинките, а лубениците Турците. Тиквите, пак, околу бостаните - пашите и големците. Воопшто, нанесувајќи им штета на таков начин, ние ги изразувавме своите „симпатии“ кон нашите поробувачи и така ги задоволувавме нашите неостварени желби поради возраста да станеме комити и да се бориме за ослобдувањето на својот народ.

Необичен настан за моето детство беа и атентатите од 1911 г. по градот, сред чаршијата - кај шадрванот. Исценирани од ВМРО, тие предизвикаа големо негодување од страна на Турците. Нивниот бес се изрази со најтажни последици врз населението, повидните граѓани, од сите сомнителни лица од самиот град и околината, беа фрлени во затворите, тепани и измачувани. Претчувството за нешто што рееше над сите нас, ме тераше да живеам со трепет и со едно возбудено очекување дека најпосле од тој хаос ќе се роди денот на македонската слобода.

Балканската војна во 1912 г. дојде да ја потврди надежта, но таа радост не траеше долго за сите нас. Во тринаесеттата година изникнаа недоразбирањата меѓу сојузниците и наместо црвеннотфес пред очите ни се појави шајкачата. Со неа татковците почнаа да нè плашат. Под притисок на властите, по завршувањето на основното бугарско училиште, требаше понатаму да продолжам во српска гимназпја. Немав жслба ни ногата да ми стапне таму, но го заплашија татко ми со голема казна. Што ти не требаше да слушам на неразбирлив јазик за мене, со кој често се подигрувавме на еден или друг начин. Тие години ништо значајно не содржеа за да го растресат секојдневниот тек на мојот развој и суштествување. И кога 1915 г. над Хисарот се разнесе громогласното бугарско „ура“, јас дури не се ни зачудив. Знаев што трбаше тоа да биде. Но сепак, и тоа време не помина без страшни моменти. При објавување на европската војна 1914 г., зет ми Коце Андонов, убавиот Коце, беше повикан во војска. Татко ми го скри а јас, 10-годишно детиште, знаев дека со помош на четите подоцна ќе биде префрлен во Струмица. Така и се случи. Озлобени, Србите направија претрес дома и толку лошо се однесоа со татко ми и маќеа ми, а особено со сестра ми, што во мене остави неизбришливи впечатоци за нивната нечесност. Напуштајќи го во тоа време училиштето, јас требаше да му помагам на татко ми. Тој имаше желба да ме направи трговец и ме водеше по пазарите. Но никако не ме тераше срцето натаму. Сакав и јас да одам во војна. Би ме зеле ли како доброволец? Та јас уште немав ни 12 години.

1918 г. ме затече уште момче со врзани раце. Несреќниот крај на војната не ме порази. Нешто обично, си мислев. Нема да биде за долго и пашите пак ќе дојдат. Србите, како и Турците, нема да се осудат да ги газат нашите светости и потполно да забранат да ја исповедаме својата вера и бугарштината. Се излажав. Татко ми беше замешал во аферата со избеганите затвореници во... година (Веројатно тука станува збор за Констаитин Ципушев[4] н неговите другари). Го затворија, но на крај го ослободија. Таков беше српскиот систем: виновен или не, секој да помине низ затвор, и на тој начин да се заплаши народот и да стане послушен, да им поверува во своите „ослободители“, „брача“.[5]

Станав глава на семејството - нешто многу тешко за мене. Со татко ми се гледав често, благодарение на жолтиците со кои ги подмачкував клучевите на темничарот во затворот и на полицискиот началник. Животот ми стана неподнослив. И затоа, по пуштањето на татко ми од затвор, со неколцина другари решивме да избегаме во Бугарија и таму да се ставиме во услуга на ВМРО. Таа, во тоа време, почна да развива засилена дејност. Не минуваше ден а да не слушнеме за судири меѓу четите и српската или грчката жандармерија или редовната војска. Успехот, пак, на Брло војвода[6] (штипски) кај селото Судик, каде што паднаа неколку души од страна на Србите, на чело со полицискиот капетан Елиќ, сосема нè поулави. Чекавме само подобар момент за да го реализираме замисленото: првиот пат, доверувајќи му се на мојот пријател Нанчо Витларов[7], којшто го извести татко ми за сè без зла намера, бегството ми излезе јалово. Но подоцна, околу 19 души, заедно со спомеантиот Нанчо, еден петочен ден тргнавме од разни патишта кон селото Чардаклија. Колку и да ги криевме намерите, не можевме да не им го откриеме на нашите блиски. Татко ми немаше што повеќе да се опира. Ме благослови и ми пушти во раката 500 динари. Мајка ми исто. Не нè заборавија ни љубените, кои долго време мавтаа со своитс марамчиња од Камениот мост и го извикуваа своето проштално „збогум“. Еден Србин дури ни дофрли: „Во Бугарија ли заминувата? Ве знам јас, знам!“

Во селото Чардаклија влеговме во врска со Брловите луѓе, уште повеќе што некои од моите другари како Ипокрит Развигоров[8], Пане Цицонков - брат на Јордан Цицонков[9], Алабакот - Блажо Георгиев, Илија Лилинков[10], одамна ги познавав. За тоа бегство беа уапсени првите луѓе на ВМРО во Штип. Од Чардаклија ме спроведе еден селанец во с. Крупишта, а оттаму, преку чифликот и Облешево, се упативме преку планината над Кочани кон Султан Тепе од каде што ја минавме границата.

Таква беше желбата на Тодор Алсксандров[11]. Нанчо Витларов и Трајчо Тошанов, пред бегството од Штип, му беа испратиле писмо со молба да ги прими како четници. Нè префрлија куририте. Со ниедна од дејствувачките чети не се сретнавме. Најпрвин застанавме во Саџеник. Потоа во с. Богослов, од кадс ШТО едем жандарм нè поведе пеш кон Ќустендил. Нè ставија во участокот (1922 г.). Дојдоа Славе Иванов[12], Ване Арсов, Дане Црнолишки и Нако Трогерски. Нè прашаа за Тодор Александров и за начинот на којшто сме ја минале границата. Тогаш ВМРО преживуваше „земјоделска“ криза. Таа беше нејзин противник. Научени уште однатре што да одговориме на слични прашања, ние ги заблудивме. Тогаш се ни обрти Славе Иванов: „Да ви ги јаде лајната тој што ве научил така да говорите“.

Од Ќустендил ме доведоа право во Софија, каде што нè пуштија. Првпат видов голем град. Минувајќи преку Шарениот мост[13], не можев да им се нарадувам на лавовите. Ги гледав. Речиси уплашен од тротоарот ги гледав трамваите што летаа. Во полицијата нè испитаа и нè пуштија со предупредување дека не смееме да стапиме во Петричкиот и во Ќустендилскиот округ. Отидов кај чичко ми Лазо Арсов Кикиритков - часовничар.

-     Добра вечер. чичко!
-     Добра вечер, момче, што сакаш?
-     Јас сум син на брат ви.
-     Ама на кого си? Не слушнав добро.
-     На Пане сум син - Мирчо.
-     А од кога си тука?
-     Сега дојдов.
-     Зошто си избегал? Што ќе правиш тука? И тука е криза, а пак таму сте добро. Војник ли те бараа или што?
-     Не, не сакам кај Србите да живеам и затоа побегнав.
-     Седни!
Ми посочи еден стол. Порача една лимонада со две чаши.
-     Ајде на здравје! Седи тука додека се вратам.

Зеде една мрежа и појде во магазините. Потоа ме покани дома, но се однесуваше кон мене како кон туѓинец. Не ме претстави дури ни на своите деца - моите братучеди.

Ми најде работа: да носам тули во една постројка. Разгеле, ги сретнав другарите. Дадов оглас во весниците. Јас и Лилинков станавме служители во хотел. Но не издржавме. Избегавме во Петрич. Таму ме пречека многу добро тетин ми, Коле Пиперевски. Се фатив на занаетот - леблеџилакот. Тој ми даде капитал. Но од мојата намера да станам комита не се откажав. Бев 18-годишен. Никој не ми обрнуваше внимание. Најпосле, преку Атанас Попето, ме прифати околискиот војвода Георги Хаџи Димитров Гевгелиски.[14] Тој нè прими мене и Лилинков. Па српската граница кај селото Габрене се собравме три чети: Гевгелиската со Георги, Ениџевардарската со Атанас Чанев и Воденската со нејзиниот секретар Борис Изворски[15] - м. август 1922 г.

Одев со четата околу два месеца. Имавме само два кратки судира, не можев да се служам со оружјето. Еден од постарите четници ме научи. Кога исправен и треперејќи грмнав, не разбирајќи дали куршумите паѓаат во целта, тој ме клоцна и јас се испружив на земја до еден окоп останат од војната. Добив уште еден удар со кундакот од неговата пушка: „Пази со нозете, момче, штом ќе ги изгубиш, што ќе правиш со главата?“

[4] Константин Ципушев, роден во Радовиш, пунктов началник на ВМРО во Струмица. Организатор на нападот на Удово и Валандово на 1-2 април 1915 година. Во 1919 година бил уапсен од српските власти и осуден на смрт. Подоцна бил помилуван и одлежал 19 години во затворите на Кралството Југославија.
[5] Така стои во ракописот, на српски
[6] Иван Јанев - Брло, роден во село Горни Балван, Штипско, штипски војвода, во 1925 година од ЦК на ВМРО бил осуден на смрт и ликвидиран.
[7] Нанчо Витларов, роден во Штип, припадник на михајловистичката струја на ВМРО и еден од атентаторите на генералот и член на ЦК на ВМРО, Александар Протогеров. Подоцна и самиот ќе биде убиен од припадниците на протогеровистичката струја на ВМРО.
[8] Ипокрит Развигоров, роден во Штип, еден од атентаторите (заедно со Илија Лилинков и Благој Кралев) над генералот Михајло Ковачевиќ во октомври 1927 година во Штип. При обидот да бидат фатени од српската потера, заедно со Илија Лилинков избршиле самоубиство.
[9] Јордан Цицонков, роден во Штип, по наредба на ЦК на ВМРО во 1923 година во Прага го убил Рајко Даскалов, еден од водачите на Бугарскиот земјоделски народен сојуз (БЗНС). Бил осуден на 20 години затрвор, во 1926 година се обесил во затворот во Кароузи.
[10] Илија Лилинков, роден во Штип, еден од атентаторите на генералот Михајло Коваќевиќ.
[11] Тодор Александров, роден во Ново Село. Штипско, член на ЦК на ВМРО и лидер на автономистичката ВМРО, организатор на четничкото движење во вардарскиот дел на Македонија.
[12] Славе Иванов, роден но Штип, штипски војвода. Во 1921 година се отцепил од ВМРО и се приклучил кон Македонската федеративна револуционерна организација (МРФО), а подоцна кон ВМРО (Обединета). Бил во служба српската Разузнавачка служба, а во 1941 година и на ГЕСТАПО, за што во 1948 година бил осуден од југословенските власти.
[13] Се мисли на Лавов мост.
[14] Георги Гевгелиски, роден во Гевгелија, гевгелиски војвода, припадник на протогеровистичката струја на ВМРО.
[15] Борис Изворски, роден во с. Извор, Ениџевардарско, ениџевардарски војвода, убиен 1928 година.

[Конвертирање: Macedonian Documents; скен: Македонска Библиотека]  

No comments: