Демостен: Филип Втори е еден никаков Македонец

Прочуениот антички оратор Демостен бил против хеленскиот карактер и на Македонците и на нивните кралеви. Тој на повеќе места во своите говори Македонците и нивниот крал Филип II ги нарекувал варвари.

Ќе го спомнеме Третиот говор против Филип, во кој, меѓу другото, ќе каже:

"...Тој не само што не е Хелен, ниту пак има нешто хеленско туку е варварин од земја за која не би можел ништо убаво да кажеш, еден никаков Македонец, од земја од која човек порано ни роб не би купил".

Покрај митолошките, постојат и други историски сведоштва, според кои древните Македонци биле посебен народ. Како што посочивме претходно, Херодот древните Македонци ги одвојува од Хелените (за разлика од кралскиот род). Во книга VIII во Херодотовата Историја, исто така, се посведочува разликата меѓу древните Македонци и Хелените. Таму стои: "Персискиот војсководец Мардониј го испратил Александар I кај Атињаните, кој во атинското Собрание предложил мир со Персијците". Наспроти ваквиот предлог на Александар, пратениците од Спарта, кои исто така по тој повод биле испратени во атинското Собрание, се залагале да не се прифати мировниот предлог. Атињаните во одговорот и на едната и на другата страна ја изразиле разликата меѓу Македонците и Хелените. Отфрлајќи го персискиот предлог за мир, на Александар, тие му одговориле "ние не сакаме да доживееш нешто немило од Атињаните, зашто си наш гостопримец и пријател". Во одговорот на спартанските пратеници стои дека Атињаните немало да го изневерат хеленскиот народ, "а најмногу заради хеленството - иста крв, ист јазик, заеднички божји светилишта и жртвувања, обичаи и начин на живеење".

Според тоа, Александар за Атињаните бил само "гостопримец и пријател", но не и истороден како Спартанците - со иста крв, ист јазик, заеднички божји светилишта и жртвувања, обичаи и начин на живеење. Македонците, значи, не биле сродни со Хелените, тие не биле сметани за Хелени, туку за варвари.

АЛЕКСАНДАР ПРВИ НЕ БИЛ ХЕЛЕН

За Александар I не се објаснува дека тој бил Хелен по потекло, ниту врз основа на јазикот, ниту врз основа на верата и обичаите, туку само преку истакнување на едно крајно сомнително родословие, според кое тој самиот се сметал за Аргеец, односно за Хераклид. Пред очите на тогашните Хелени, древните Македонци не се издвојувале со ништо друго, освен со "нехеленскиот карактер на македонскиот народ".

Тукидид, иако го презел известувањето на Херодот за хераклидското потекло на македонскиот кралски род, наспроти тоа, на повеќе места во "Историјата на Пелопонеската војна" тој ги одвојува Македонците како народ и ги смета за варвари. Ќе го спомнеме оној дел во кој се раскажува за спартанскиот војсководец Брасид, кој заедно со македонскиот крал Пердика по вторпат организирал поход против Арабеј, кралот на Линкестите. Таму стои: "Еден ја водел војската на Македонците, со кои владеел..., а другиот Пелопонесците... Вкупно хеленски оклопници биле околу три илјади, а го придружувале околу илјада коњаници Македонци со Халкидијци и други варвари".

Тукидид го наведува и говорот на Брасид што го одржал пред војската откако останале сами по бегството на македонската војска. И тука Македонците се одвојуваат од Хелените и се сметаат за варвари.

"...што се однесува до варварите од кои сега стравувате, можете да просудите и по тоа што се боревте со Македонци и според нив ќе се уверите дека варварите не ќе бидат страшни".

НЕГРЧКИОТ КАРАКТЕР НА МАКЕДОНЦИТЕ

Кај Тукидид Македонците се прикажани како варвари и во книга II: "на хеленската војска составена од Ампракијци, Левкадци, Анакторијци и Пелопонесци им се придружиле и илјада варвари Хаонци, Теспрокијци, Молошани, Атинтанци, Параврејци... и илјада Македонци кои Пердика ги испратил без знаење на Атињаните, кои стигнале предоцна".

Негрчкиот карактер на Македонците, уште поодредено се изразува кај Исократ. Исократ не ги вбројува Македонците меѓу варварите, но не ги сместува ни кај Хелените. Тој ги одделува Македонците од варварите, но не и кралевите, најверојатно да им угоди како на Македонците, така и на нивниот крал Филип II.

Прочуениот антички оратор Демостен бил против хеленскиот карактер и на Македонците и на нивните кралеви. Тој на повеќе места во своите говори Македонците и нивниот крал Филип II ги нарекувал варвари.

Ќе го спомнеме Третиот говор против Филип, во кој, меѓу другото, ќе каже:

"...Тој не само што не е Хелен, ниту пак има нешто хеленско туку е варварин од земја за која не би можел ништо убаво да кажеш, еден никаков Македонец, од земја од која човек порано ни роб не би купил".

МАКЕДОНЦИТЕ НАЈГОЛЕМИ НЕПРИЈАТЕЛИ

Демостен со револт зборувал против Македонците и нивниот крал Филип II и на други места во Филипиките. Дури во сите негови говори јасно била нагласена противречноста меѓу Македонците и Хелените. Во Олинтските говори вели дека македонските кралеви биле послушни на Атињаните како што е ред за барбарите да бидат послушни за Хелените. Сигурно во тоа време кај Атињаните не била општопризната хеленската припадност на Македонците и нивниот крал, штом Демостен можел постојано да повторува дека тие биле варвари. Инаку од неговите политички противници, доколку не ја зборувал вистината, лесно можел да биде соборен и обвинет пред атинските граѓани.

Демостеновото мислење дека Македонците биле варвари наполно го прифаќа и ораторот Есхин, еден од неговите најголеми политички противници. Спротивноста меѓу Македонците и Хелените, исто така, била силно изразена не само во Есхиновите говори, туку и во писмата што до нас стигнале под Есхиновото име.

Македонците биле варвари и според ораторот Динарх од Коринт, кој исто така бил еден од големите претставници на македонската партија во Атина. Тука ќе го спомнеме и ораторот Хиперид, кој јасно ги одвојувал Македонците од Хелените и ги сметал, како и Персијците, за варвари. Според тоа, мислењето на Демостен, за нехеленскиот карактер на Македонците не било исклучиво само негово лично, туку, напротив, тоа било поделено речиси од сите негови современици, атински оратори, без разлика на нивните политички убедувања. Трасимах од Халкедон (В век пред н.е.) кој се спомнува кај Клемент Александриски, изричито вели дека македонскиот крал Архелај бил варварин. Псеудо-Херод ги нарекува Македонците барбари и најголеми непријатели.

ПРОДОЛЖУВА: Македонците сакале да ги исфрлат и од Хелада

ПОДГОТВИЛ: Де.Т. (Извор: Вечер)

Книгата од Драги Арсов може да се набави во просториите на Макавеј, во Домот на градежниците (приземје) во Скопје или да ја порачате на телефон 075 209 446

No comments: