August 28, 2014

Оти бил Македонец, на Александар Први не му дозволувале да се трка

Херодот во книга В, зборува за обидот на Александар I да учествува на Олимписките игри: "Имено, кога Александар сакал да се натпреварува и кога слегол таму, оние Хелени кои требало да се натпреваруваат во трчање не му допуштиле да земе учество, велејќи дека натпреварот не е за натпреварувачи варвари, туку за Хелени". Ова покажува дека на Александар I не му дозволувале да учествува во трката, бидејќи како претставник на Македонците бил сметан за варварин (во очите на Хелените, значи, Македонците биле варвари, т.е. не Хелени)


Во Историја на Херодот стои: "Пердика, прадедото на тој Александар во седмото колено, ја воспоставил власта над Македонија на следниот начин. Од Арг избегале кај Илирите тројца браќа, кои биле потомци на Темен, а тоа биле Гаван, Аероп и Пердика. Откај Илирите, преминувајќи ги планините стасале во Горна Македонија, во градот Лебаја. Таму се главиле кај месниот крал... Подоцна, откако биле избркани тие дошле во друг дел на Македонија и се населиле близу до таканаречените Градини на Мида, синот на Гордиј... напаѓајќи оттаму, тие ги покориле и другите делови на Македонија".

"Од тој Пердика", стои кај Херодот, "Александар води потекло вака:

Александар бил син на Аминта, а Аминта син на Алкет, на Алкет му бил татко Аероп, кој бил син на Филип, а на Филип му бил татко Аргај, а на Аргај татко - Пердика, тој што ја освоил кралската власт."

Така, Херодот во првиот дел на ова родословие ја воспоставил врската меѓу македонскиот кралски род и Теменидите, односно Хераклидите така како што некој му раскажал додека престојувал на македонскиот двор во времето на владеењето на Александар I Филхелен. На овој начин Херодот го дели потеклото на династијата, од потеклото на народот. Но и со ваквата поделба не се негира дека пред тројцата браќа (Гаван, Аероп и Пердика), како што наведува и самиот Херодот, веќе постоела Македонија, а тоа значи дека постоеле и древните Македонци како народ, пред да се појават оние кралеви со наводно хераклидско потекло.

Кога го спомнува Арг, Херодот го имал предвид пелопонескиот Арг, а потоа македонските кралеви ги претставил како потомци на Темен. И според други автори, Темен бил ставен во родословието за да се поврзат македонските кралеви со Хераклидите, од една, и со пелопонескиот Арг, од друга страна.

Подоцна ова предание на Херодот го презел и Тукидид, кај кого исто така стои дека предци на македонскиот кралски род биле Теменидите кои воделе потекло од Арг.

Од друга страна, самата приказна на Херодот за потеклото на македонските кралеви само потврдува дека древните Македонци биле народ различен од Хелените. Херодот во книга V, зборува за обидот на Александар I да учествува на Олимписките игри: "Имено, кога Александар сакал да се натпреварува и кога слегол таму, оние Хелени кои требало да се натпреваруваат во трчање не му допуштиле да земе учество, велејќи дека натпреварот не е за натпреварувачи варвари, туку за Хелени". Ова покажува дека на Александар I не му дозволувале да учествува во трката, бидејќи како претставник на Македонците бил сметан за варварин (во очите на Хелените, значи, Македонците биле варвари, т.е. не Хелени). Наедно, оваа случка и инцидент на Олимписките игри потврдува дека дотогаш Хелените сметале дека и македонските кралеви имаат варварско потекло. Тој тоа право го остварил дури откако докажувал за себе лично, а не и за народот, дека по потекло, наводно, бил Хелен.

Врз основа на вакви лични кажувања, Херодот се обидува да покаже дека македонската кралска династија, како потомци на Пердика, од минатото влечеле некакво хеленско потекло. Потребата пак на Александар I да истакнува дека има хеленско потекло само покажува дека Македонците во тоа време не биле сметани за Хелени.

МАКЕДОНСКИ ОЛИМПИСКИ ИГРИ

Постојат повеќе историчари кои не го прифаќаат ваквото Херодотово тврдење и начин на толкување. Според нив, ако Александар I бил Хелен, тогаш немало потреба да докажува дека е Хелен. Човек кој по потекло е Хелен, не би требало да има таков епитет - "филхелен", каков што го имал Александар I, бидејќи во тој случај би бил љубител на самиот себе. И за Е. Н. Борза навистина е чудно еден Грк да нарекуваш дека е "љубител на Грците", и таа титула нормално е да биде резервирана само за не Грци. Тој го поставува и прашањето: "Зошто ниту еден Спартанец, Атињанин или Аргивец не бил принуден да докажува на другите дека тој или неговото семејство се Хелени?"

Според други автори, името на Александар I го нема во списоците на победниците - Олимпиките, ниту, пак, постојат други сведоштва за учеството на Македонци на овие игри се до Филип II.

Наспроти Херодот, постојат податоци според кои во Македонија, во градот Дион кој бил религиски центар на древните Македонци, биле организирани македонски олимписки игри, не заради друго, туку и заради тоа што Македонците како различен народ од Хелените не учествувале на хеленските Олимписки игри во Елида, Пелопонез.

Проф. В. Бешевлиев, исто така, не го прифаќа хеленското потекло на Александар I. Според него, предците на македонските кралеви не дошле од пелопонескиот Аргос и таквата хеленизација "побргу треба да изумре, отколку да постои."

Тврдењето на Херодот го отфрлаат и други историчари, кои се занимавале со потеклото на македонските кралеви. П. Грин ќе напомене дека:

"Всушност, се она што Херодот го говори е дека Александар лично демонстрирал негово аргеадско потекло (во едно многу сомнително генеалошко тврдење), и така бил признат за Хелен наспроти лутите противници".

Всушност и самиот Херодот говори за Тесалците како први Хелени кои биле потчинети од Персијците, што покажува дека древните Македонците не ги сметал за Хелени.

И според Е. Н. Борза "Херодотовата приказна е исполнета со многу нејаснотии, за да има некаква смисла. Тој, исто така, е категоричен дека Теменидите треба да исчезнат од македонската историја.

По сето ова, сепак како единствен валиден историски факт останува дека македонското кралско семејство потекнувало од македонскиот Арг во Орестија.

МАКЕДОНСКИОТ КРАЛ КАРАН

На сличен начин, подоцна (кон крајот на V век пред н.е.) како предок на македонскиот кралски род се појавил некојси Каран, кој според Теопомп, исто така се поврзува со Темен, односно со Хераклидите и со градот Арг на Пелопонез.

Преданието за Каран не се среќава ни кај Херодот, ни кај Тукидид. За него дознаваме од други антички автори. Основањето на градот Ајга од Каран, преку кој се поврзува македонскиот кралски род со Хераклидите, го раскажал и Помпеј Трог, според Јустин:

"Каран заедно со голем број Грци, по заповед на Оракулот, трагајќи по место за населување во Македонија, дошол во Ематија и го зазел градот Едеса, без да го забележат жителите поради поројните дождови и големата магла. Тој минал зад стадо кози, кои заради дождот бегале во градот. Откако се сетил на Оракулот, кој му претскажал да се зацари таму кадешто ќе го одведат козите и да ја воспостави во тој град престолнината на своето царство... Во спомен на укажаната помош од козите, градот Едеса го нарекол Ајга (коза)".

Ќе го спомнеме и преданието за Каран, забележано од Павзаниј:

"Македонците раскажуваат дека македонскиот крал Каран во војна го победил Кисеј, кој владеел во соседната земја. Каран тогаш во чест на победата подигнал споменик (трофеј). Но еден лав, раскажуваат, дошол од Олимп и го превртел трофејот и потоа исчезнал. Каран, тврдат тие, тогаш сфатил дека не била добра одлуката да биде изложен на непомирлива омраза кај соседните барбари. Оттогаш се воспоставило правилото, ни Каран, ни македонските кралеви по него, да не подигаат трофеи, доколку сакаат некаде
да ја постигнат наклонетоста на соседните народи".

ПРОДОЛЖУВА: Македонците и пред нашата ера имале свој јазик

ПОДГОТВИЛ: Де.Т. (Извор: Вечер)

Книгата од Драги Арсов може да се набави во просториите на Макавеј, во Домот на градежниците (приземје) во Скопје или да ја порачате на телефон 075 209 446.

No comments: