August 18, 2014

Националното угнетување на македонскиот народ 1913-1940

Егејскиот дел на Македонија (1913-1989) Стојан Киселиновски

ГЛАВА TPETA

НАЦИOНАЛНОТО УГНЕТУВАЊЕ И ОТПОРОТ HA МАКЕДОНСКИОТ НАРОД ОД ЕГЕЈСКИОТ ДЕЛ HA МАКЕДОНИЈА (1913-1940)

1. НАЦИОНАЛНОТО УГНЕТУВАЊЕ HA МАКЕДОНСКИОТ НАРОД (1913-1940)

Co анектирањето на егејскиот дел на Македонија грчката држава почнала да спроведува една политика на дезнационализација и асимилација на македонското население. Македонското име било забрането и Македонците биле наименувани за Бугари, Срби или едноставно ендопии (доморотци). Истовремено сите Македонци биле должни и принудени да ги изменат имињата и преземињата и секое македонско презиме требало задолжително да завршува на наставките: -ос, -ес или -пулос (82).

Co непризнавањето на македонската нација, грчката држава не го признавала ниту постоењето на македонскиот јазик. Македонскиот јазик бил забранет, омаложуван, сметан за варварски (примитивен) јазик, недостоен за еден културен и цивилизиран граѓанин. Тој се забранувал во меѓусебната човечка комуникација, меѓу родителите и децата, меѓу селаните, на свадби, седенки или погребни ритуали. Co еден збор, македонскиот јазик и македонскиот збор се забранувале преку усмената и писмената нарација, преку песната, орото, хуморот итн. Прекршувањето на ова забрана повлекувала казна од морално и психичко малтретирање, плукање в уста, свирепо тепање или дупење на јазикот со игла за секој македонски збор (83).

Ако сродноста на јазикот сепак придонесувала во Бугарија и Југославија да не зема средновековни размери, во Грција прогонувањето на македонскиот јазик зело такви размери што се без преседан во современата историска пракса. Co самото анектирање на егејскиот дел на Македонија во 1913 година грчката држава го забранувала и строго казнувала секое јавно манифестирање на македонското национално чувство и неговото надворешно изразување преку јазикот, традициите и обичаите. Секаква писмена или усмена македонска традиција, сметала грчката држава, треба по секоја цена да се отстрани и ликвидира Затоа, веднаш по 1913 година, грчката држава почнала еден вистински поход против словенската писменост во егејскиот дел на Македонија Македонската словенска писменост била отстранувана од спомениците, гробовите и од црквите (84). Сите цркви биле педантно прегледани и крстени со грчки имиња, словенското писмо и сите словенски црковни натписи биле отстранети, а пронајдените црковни или лаични словенски книги биле уништени како во периодот на фанариотското средновековие. Упорноста во тој однос била толку голема што случајно заборавените словенски црковни натписи биле отстранети и по 20 или 30 години (85).

Паралелно со остранувањето на секаква трага од македонската историска писменост, жилаво се прогонувал и живиот македонски збор. Разни националистички банди ги крстосувале македонските села, го малтретирале и „убедувале“ македонското население да зборува само грчки до колку сака да го види утрешниот ден. Грчката националистичка организација „Елинико - македоники пигми“ (Грчко - македонска тупаница) во своите прогласи од 1926 година ги предупредувала Македонците дека строго им се забранува да го користат својот мајчин јазик и дека се должни да зборуваат само грчки (86).

Најсуровиот напад врз македонскиот јазик го реализирал генералот Јоанис Метаксас. На 4 август 1936 година, два часа пред почнувањето на сè грчкиот генерален штрајк, генералот Метаксас го суспендирал Уставот и вовел лична диктатура.

Co забрана на Антигона од Софокле, генералот Метаксас го започнал диктаторското владеење. „Третата грчка цивилизација“ (по античката и византиската), генералот Метаксас ја започнал со палењето на делата на античките великани и со строга забрана на македонскиот јазик. Co намера да го отстрани основниот елемент што ја карактеризирал македонската нација, и да му го одземе на македонскиот јазик статусот на мајчин (семеен јазик), диктаторот Метаксас го забранил користењето на македонскиот јазик не само во секојдневниот живот, на пазарот, во обичната и природната човекова комуникација, на погребни ритуали, туку и во рамките на семејството (87). За секој македонски збор, изустен јавно или во тесниот круг на семејството, следувале парични казни, триење на јазикот со лута пиперка, принудно јадење солена риба, принудно пиење рицинус, кубење на мустаци, тепање итн. Суровоста во тој однос била толку голема што се посегаше и на физичкиот интегритет на личноста (88). Истовремено возрасните Македонци, без оглед на длабоката старост, биле принудени да ги посетуваат таканаречените вечерни училишта и да го научат „милозвучниот и културен грчки јазик“. Поради кршењето на забраната за користење на македонскиот јазик во селото или во тесниот круг на семејството, речиси 5.000 Македонци биле осудени и пратени на суровите грчки острови или во метаксасовите затвори (89).

Притисокот на меѓународната демократска јавност и на Друштвото на народите, придонел грчката држава во периодот меѓу двете светски војни да превземе некои формални мерки за да ја убеди Европа и Друштвото на народите дека Грција, како европска земја, ги почитува одредбите за заштита на малцинствата што произлегувале од Париските мировни договори, за да може спокојно потоа да го решава на свои начин македонското национално прашање (90). Така, на пример, грчкото министерство за просвета задолжи една комисија составена од Папазахариу, Сајачкис и Лазару, да изработи буквар наменет за македонските деца. Овој буквар, наречен ABECEDAR, бил готов во почетокот на септември 1925 година и бил напечатен со латинска азбука на македонски јазик (Лериско-битолски дијалект). И покрај фактот дека „Абецедарот“ никогаш не стигна во рацете на македонските деца, сепак неговото публикување било едно официјално признавање на народот и на јазикот што толку упорно ги прогонуваа (91).

Паралелно со теророт врз македонскиот јазик, истовремено се одвивал и процесот на асимилација и денационализација на македонскиот народ. Целокупната грчка политичко-културна надградба била ставена во служба на официјалната грчка политика за побрза асимилација на македонскиот народ. Наставата играла посебна улога во тој однос. Македонците биле опфатени во процесот на образованието каде што за прв пат се среќавале со грчкиот јазик. Наставата се одвивала исклучиво на грчки јазик и основната цел и била „... да ги искорни од душата на младите негрчките чувства“ (92). Ако блискоста на јазикот сепак придонесувала наставниот процес колку толку да се одвива нормално во пиринскиот и вардарскиот дел на Македонија, големата разлика меѓу македонскиот и грчкиот јазик придонесувал наставата во почетокот да се одвива некомплетно. Редовно се предаваа два часа (грчки јазик и грчка историја), а сите други предмети се предавале преку „... песни и играње“, и тоа како најдобро, најнесвесно и најсигурно пробивање на грчкиот јазик и грчката свест (93).

Еден друг начин за побрзо инфилтрирање на грчкиот јазик и за побрзо создавање кај Македонците на „грчка традиција и гордост“ (94) биле историските екскурзии што се организирале за Македонците во Термопиле, Саламина, Маратон, Месолонги, каде што Македончињата имаа прилика да слушнат за херојските подвизи на „нивните прадедовци Леонидас, Колокотронис, Дијакос, Папавлесас, Мјаулис, Карајскакис и други“ (95).

Културно-музичките друштва, покрај просветата, заиграле голема улога во правецот на асимилација на македонскиот народ и во ширењето на грчкиот јазик меѓу македонското население. Репертоарот на културно-музичките друштва бил составен главно од славното историско минато на грчкиот народ и по повод на разни национални и верски празници, членовите на овие друштва настапувале пред населението со патриотски грчки песни.

Спортските друштва, исто така, имале улога во навлегувањето на грчкиот јазик кај младите. Во овие друштва, покрај спортот, се негувало, огледувало и патриотското чувство кај младите и било место каде што секојдневно, преку конверзација, се учел грчкиот јазик. Во процесот на асимилација и на ширење на грчкиот јазик меѓу македонското население голема улога одиграл и грчкиот печат кој секогаш стоел на „цврсти и здрави национални позиции“ кога станувало збор за македонското национално прашање (96).

Политичко-културната надградба (просветата, црквата, војската итн.) секако придонесле за асимилација на македонскиот народ и за ширењето на грчкиот јазик меѓу македонското население. Но колонизирањето на христијанскиот елемент, кој исто така бил зафатен со изучувањето на грчкиот јазик, бил субјектот кој во поголема мера го проширил грчкиот јазик во редовите на македонското население. Животот, т.е. новата објективна немакедонска етничка реалност, во секојдневното присуство на колонистот, го принудил Македонецот, поради економски потреби, да научи еден јазик кој му бил туѓ и намразен. Во тој однос само еден пример ќе биде доволен за да се докаже во какви тешки и неприродни услови македонскиот јазик требало да се бори за својот опстанок. Во близината на македонското село Лескоец, Леринско, пред 1923 година, имало две турски села (Вртолом и Плешевица). Дотогаш македонскиот јазик бил употребуван како средство за разговор и комуникација меѓу селаните на пазарот и на чаршијата Во тие услови македонскиот јазик имал улога на „официјален јазик“. По иселвањето на Турците од селата Вртолом и Плешевица, на нивно место дошле христијани Грци и негрци (Туркофони) и селата добиле и нова топономија Агиос Вартоломеос (Вртолом) и Колокити (Плешевица). Co доаѓањето на колонистите, грчкиот јазик почнал да добива улога како што имал македонскиот јазик пред 1923 година. Еден сличен феномен се случил и во селото Медово, Леринско, кое исто така беше близу две турски села - Шаовци и Бостанџиовци. Колонизираното грчко и негрчко население го добило имотот на овие две турски села, но неколку бегалски фамилии биле коло-низирани и во македонското село Медово. Имотот на овие колонисти од селото Медово ги делел од имотот на македонските селани само обичен селски плот. Ако дотогаш грчкиот јазик во селото Медово бил присутен само во наставата и црквата, со доаѓањето на колонистите тој можел да се чуе и во селото, по нивите и полето (97). Co тоа, нормално, како потреба на самиот живот, колонизаторскиот елемент го ширел попрородно, побезболно грчкиот јазик.

82 Така Георги Волчсв требало да се наименува на Георгиос Волцис (покасно Волцидис), Стојан Попов беше прекрстен во Јанис Пападопулос, Љуба Попова во Олимпија Папас итн.
83 Во селото Кономлади, Костурско, сурово било казнето елно Македонче кое играјќи си ја заборави државната забрана и изустило неколку македонски реченици. Грчкиот учител со сечиво му направил длабока рана на главата и подоцна детето полудело (Veritas, Македонија под иго 1919-1929, Документи и свидетелства. Софија, 1931).
84 Co посебно задоволство грчките власти ги уривале илинденските надгробни спомениии. Исто така откриените македонски археолошки наоди што потсетувале за историското и културното постосње на Македонците во егејскиот дел на Македонија биле уништени или исчезнале без трага.
85 Еден таков настан се случил во селото Бмбоки, Костурско, каде неколку заборавени македонски зборови во куполата на црквата биле отстранети по 20 години.
86 Veritas, op. cit
87 Да ги принуди Македонците да не го користат македонскиот јазик во рамките на семејството, полицијата била должна ноќе да прислушнува под прозориите да слушне на каков јазик зборуваат Македонците. Доколку зборувале македонски веднаш биле повикувани на суд.
88 Во тој однос диктаторот Метаксас ја надминал суровоста на своите учители (италијански фашисти), кога за еден словенечки или хрватски збор се плукало в уста или на разни начини се омаловажувало националното или јазичното достоинство на Хрватите или Словенците под италијанска окупација.
89 Македонците главно биле пратени во Крф, Пилос, Акронавплија, Гаврос, Икарија и други места. Поради тешката репресивна политика на грчката држава Македонците ја сметале грчката буржоазија за „втори Турци полоши од првите“.
90 Според Нејскиот мировен договор, Грција била обврзана да ги почитува правата на малцинствата. Грција, исто така, не го почитува ни протоколот „Калфов-Политис" (1924).
91 Веднаш по публикувањето, букварот бил запленет од страна на грчките власти и уништен.
92 Viviadu Lazaru, i Prespa ke i omorfes lis, Athina, 1940, p. 69.
93 Една од задолжителните песни била следната: „Јас сум Грк, потеклото си го знам, мојата грчка душа. секогаш слободно живее...“
94 Makedoniko imerologio, Thesaloniki, 1939, p. 41.
95 Секое дете наизуст требаше да ги знае претсмртните зборови на Дјакос („Грк се родив, Грк ќе умирам“).
96 Во егејскиот дел на Македонија излегувале 26 весници со великогрчки карактер („Дитики Македонија", „Касторија", „Македоники", „Фони ту лау" итн).
97 Изјава на П. М. од село Медово, жител на град Скопје.

No comments: