Егејска Македонија 1913-28 (8)

Егејскиот дел на Македонија (1913-1989) Стојан Киселиновски

в) ПОЛИТИЧКИТЕ ПОСЛЕДИЦИ

Политичките последици што настапија по големите миграциони движења се од голема важност. Co колонизација на христијанското население, политичката реалност во егејскиот дел на Македонија и во самата Грција добиле нови аспекти, многу поразлични од претходните и со тоа суштински се влијаело и врз македонското национално прашање. Заменувањето на етничкиот состав на населението во егејскиот дел на Македонија придонесло со себе една нова политичка поларизација и го изменило односот на политичките партии внатре во Грција, како и надвор од неа.

Кризата што ја почуствува грчката држава по поразот во грчко-турската војна била од национална, економска и политичка природа. Слични кризи поминале Германија, Унгарија, Австрија и Бугарија, т.е. скоро сите земји што биле поразени пo Првата светска војна и понижени со Версајскиот, Сен-Жерманскиот, Тријанонскиот и Нејскиот мировен договор. Националната катастрофа, жртвите што беа дадени во периодот на Првата светска војна без соодветна територијална придобивка, предизвикале, скоро во сите поразени земји, да се случат силни политички тектонски движења (69).

Грција, по Лозанскиот мировен договор, ги изгубила „историските територии“ од Мала Азија и настанала една ситуација на длабока национална криза. Сепак, тука не се забележувала една лево-ориентирана револуција како во Германија, Унгарија, кој би го поставила под прашање системот кој што беше виновен за една таква „национална катастрофа“. По поразот во Сакарија, и покрај привидната нестабилна политичка ситуација што се доближувала до нивото на политички хаос, објективни историски фактори делувале кон се побрза политичко-економска стабилизација на земјата.

Националната фрустрација ја почувствувале Германија, Унгарија и Бугарија. Грција не ја почувствувала толку вертикално и покрај надворешните манифестации на големата историска катастрофа. И покрај поразот во Сакарија Грците сепак имале чувство на победници и биле добитници пo „Големата војна“ со територијалното проширување во егејскиот дел на Македонија и Западна Тракија. Грција никогаш во нејзината историја како држава, толку територијално не се проширила и тој факт делувал стабилизаторски во свеста на грчкиот народ.

Голема политичка стабилизаторска улога заиграло и новодојеното население. Протерано од своите огништа и по своја вина (70), новодојденото население веднаш по пристигнувањето во Грција било живо заинтересирано за стабилна политичка ситуација во Грција за да се стабилизира економски колку што може побрзо. Еднаш колонизирано, тоа станувало сериозен стабилизаторски фактор. Co стабилизирањето на внатрешната политичка ситуација се засилувале и грчките политички граѓански партии, особено Либералната партија која правела сè за побрзата колонизација на бегалското население (71). Ако центро-десницата се засилувала, КПГ слабела поради својата нереална догматска политичка ориентација, ориентација која што била надвор од просторот и времето.

69 Станува збор за револуционерните движења во Германија, Унгарија, Бугарија ити.
70 Грчкото население од Мала Азија, во периодот на грчко-турската војна, заиграло улога на петта колона за турската држава.

No comments: