Патот на Гоцевите мошти до македонската престолнина

Од Баница, преку Kсанти и Софија до Скопје
 
 
Цело Скопје и околината, на 10 октомври 1946 година, излегле на градските улици за достоинствено да ги дочекаат дрвениот саркофаг со Гоцевите мошти и колоната што ги придружувала

По 43 години од загинувањето - во 1946 година, посмртните останки на Гоце Делчев се пренесени во Скопје, во неговото вечно почивалиште - црквата „Свети Спас“. Освен што пронашол и откопал дел од коските на војводата во 1906, неговиот соборец Михаил Чаков се погрижил тие да бидат зачувани низ годините на балканските војни и други премрежиња, с` до октомври 1946. Во неговите зачувани сведоштва, Чаков детаљно го опишал и патешествието на моштите на Гоце с` до Скопје. „Дневник“ веќе објави дел од Чаковите записи за тоа како ги откопал и зачувал коските. Откако ги извадил остатоците од распаднатите раце, нозе и черепот, ги измил со шпиритус и ги ставил во дрвено сандаче, му оставил аманет на црковниот клисар Никола Мутавџиев, за некое време да го откопа и трупот на Гоце, што дотогаш не бил изгниен. Во сведоштвото е запишано дека по две години - во 1908, клисарот го исполнил ветувањето и ги собрал останатите коски. Еве што се случувало потоа според Михаил Чаков:

- Kон крајот на 1915 година како подофицер се најдов во Kсанти. Во ноември-декември веќе можев да ги чујам топовските грмежи од Серскиот фронт. Ми пролета мислата дека англиско-француските војски може толку да напредуваат и да ги принудат нашите да отстапат од тие места, а заедно со тоа, и коските на Гоце да ги изгубиме засекогаш. Тогаш смислив како да ги земам? Дедо Никола Мутафчиев уште во 1913 година се беше преселил во селото Kојункој, на половина час до Kсанти. Па го повикав да дојде. Му кажав што мислам, па реков да оди и да ги прибере коските. Дедо Никола замина и го најде сандачето со коските така како што го оставил. Селото Баница беше палено трипати. И црквата била запалена, но за чудо, олтарчето, заедно со коските на Гоце останало.

Во 1919 година, по силата на нештата заминав од Kсанти. Пред да заминам, по свеска ми Василка Бонева го испратив сандачето со коските во Пловдив. Во меѓувреме, направив и ново сандаче, ги префрлив коските во него и до 1923 година ги чував дома крај иконата, а едно кандилце гореше деноноќно, раскажува Чаков.

Така коските се нашле во Бугарија. Во домот на Чаков во Пловдив - во куќата во која тој живеел со својата сопруга Kостадинка, дрвеното сандаче било чувано до мај 1923 година. Оттаму, Чаков ги однел во Софија, каде што во август 1923 година биле изложени заедно со коските на Георги Сава Раковски во црквата „Света Недела“, на поклонение.

Потоа одново ги зел. Тогаш ги однел во канцеларијата на организацијата „Илинден“. Според записите на Чаков, на сандачето било испишано: „Се заколнуваат идните генерации светите мошти да бидат погребани во престолнината на независна Македонија“.

Илинденската организација во Софија ги чувала моштите повеќе од четврт век - си до октомври 1946 година. Тогаш, во заеднички и компромисен договор меѓу македонската и бугарската власт, останките на великанот, со достојна поворка биле испратени од Софија, преку Дупница, Горна Џумаја, Петрич и Струмица кон Скопје.

Цело Скопје и околината на 10 октомври 1946 година, излегле на градските улици за достоинствено да ги дочекаат дрвениот саркофаг со Делчевите мошти и колоната што ги придружувала. Со нивното положување во вечниот дом во „Св. Спас“ проследена со сите достојни почести, бил остварен и историскиот аманет на неговите соборци: моштите вечно да почиваат во престолнината на Македонија.

Искра Kоровешовска (Дневник)

No comments: